Работничките синдикати денеска стапија во тридневен штрајк во Финска во знак на протест против измените на законите за пазарот на труд и кратењето на социјалното осигурување, предложени од Владата на премиерот Петери Орпо
Во рамки на тридневната акција затворени ќе бидат градинките и предучилишните установи, додека воздушниот сообраќај и поштенските услуги ќе бидат нарушени.
Покрај тоа, јавниот превоз нема да работи, а фабриките низ државата ќе бидат затворени. Националната авиокомпанија „Финер“ соопшти дека била принудена да откаже околу 550 летови.
Повеќето штрајкови се организирани од Централната организација на финските синдикати и Финската конфедерација на професионалци. Нивните членови велат дека мерките предложени од Владата на Орп ќе ја зголемат нееднаквоста во општеството, ќе ја ослабат позицијата на работниците и ќе им наштетат на тие со пониски примања и на невработените.
Синдикатите, меѓу другото, се против ограничувањето на правото на штрајк и кратењето на надоместоците за невработени. Финските медиуми јавуваат дека целта на синдикатот е да ја принуди Владата да започне разговори со работничките организации за предложените кратења на социјалното осигурување.
Преземено од: Kanal5.com.mk