Разбиена е криминална група којашто печалела пари од продавање дрога која потекнува од фирма којашто била регистрирана за одгледување канабис за медицински цели. На чело на групата е ексградоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев. Освен Стојчев, уапсени се и други 9 лица. Меѓу нив и Симе Франков, кој е син на поранешниот градоначалник на Гевгелија, Иван Франков. Тој е возачот кој смртно прегази пешак во Нов Дојран во декември лани, но за него гевгелискиот обвинител не побара притвор.
Денеска, полициските службеници од слобода лишиле 10 лица, од кои четири од Гевгелија, три од Струмица, две од Струга и едно лице од Демир Капија. Притоа, извршени се претреси на четири локации во Струмица, Струга, Гевгелија и Битола и обезбедени се материјални докази, односно пари и поголема количина на наркотична дрога која потекнува од правен субјект регистриран за извршување на дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија наменети за медицински цели“, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Уапсените лица ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка, а дрогата ќе биде дадена на вештачење.
Фирмата од која потекнува дрогата е „Еко енерџи космос“. Првично основана за производство на електрична енергија, но во 2020 година ја менува дејноста за одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија за употреба во фармацијата, практично кога доби лиценца од Министерството за здравство за огледување на канабис. А од почетокот на годината е во стечајна постапка.
Инаку, Боро Стојчев во 2017 година беше предложен за кандидат за градоначалник од СДСМ.