Кога излезе на улица и во воздухот го чу шумот на гласови од луѓе, немирен и полн со очекување, кога секаде на прозорците од куќите и крај портите виде групи луѓе кои со љубопитни погледи ги испраќаа нејзиниот син и Андреј, — во очите и се појави маглеста дамка која се заниша менувајќи ги боите, де проѕирно зелена, де матно сива.
Со нив се здравуваа и во поздравите имаше нешто особено. Слухот ѝ фаќаше испрекинати, тивки забелешки:
— Еве ги водачите …
— Не знаеме ние кој е водач …
— Та, јас ништо лошо не велам! …
На друто место во дворот некој налутено подвикнуваше:
— Ќе ги испофаќа полицијата — и ќе пропаднат!…
— Фаќаше!
Пискав женски глас уплашено долета на улица од еден прозорец:
— Земи се на ум! Што си ти — ерген, што ли?
Кога минуваа покрај куќата на безногиот Зосимов, кој поради својата сакатост добиваше месечна помош од фабриката, тој подавајќи ја главата низ прозорецот, се развика:
— Пашка! Ќе ти ја откинат главата, подлецу, за твоите дела, чекај само.
Мајката затрепере, застана. Тој вресок во неа предизвика остро чувство на омраза. Погледна во надуеното, дебело лице на сакатиот, тој ја тргна главата пцуејќи. Тогаш побрза, го стигна синот и трудејќи се да не изостанува, тргна по него.
Павел и Андреј како да не забележуваа ништо, како да не ги слушаа повиците што ги следеа. Одеа мирно, не брзајќи. Ги запре Миронов, постар и скромен човек, од сите уважуван поради својот трезвен, чист живот.
— Ни вие не работите, Данило Иванович? — праша Павел.
— Жена ми е на породување. А и денот е таков, немирен! — објасни Миронов внимателно посматрајќи ги другарите и полека праша:
— Велат, момци, дека ќе му приредите скандал на директорот, ќе му ги кршите прозорците?
— Зарем пијани сме? — извика Павел.
— Просто ќе минеме по улиците со знамиња и ќе пееме песни! — рече Хохолот. — Па слушајте ги нашите песни — во нив е нашата вера!
— Ја знам вашата вера! — замислено рече Миронов. — Оние летци ги читав. Ба! Ниловна! — извика тој смешкајќи ѝ се на мајката со умните очи. — И ти си тргнала да се бунтуваш?
— Барем пред смртта треба да се прошетам рамо до рамо со вистината.
— Види ја ти неа! — рече Миронов. — Тогаш со право зборуваат дека ти си ги внесувала во фабриката забранетите книшки!
— Кој зборувал? — праша Павел.
— Па, така, — зборуваа! Е, па збогум, држете се јуначки! …
Мајката тивко се смееше, ѝ беше пријатно што за неа така се зборува. Павел, насмевнувајќи се, ѝ рече:
— Ти, мамо, ќе одиш в затвор!
Сонцето се креваше сè повисоко, леејќи ја својата топлина во ведрата свежина на пролетниот ден. Облаците побавно пловеа, нивните сенки стануваа потанки, попроѕирни. Благо се лизгаа по улиците и по покривите, ги наметнуваа луѓето и како да го чистеа предградието симнувајќи ја калта и правот од ѕидовите и од покривите, чмаењето од лицата. Стануваше повесело, гласовите ѕвонеа појасно заглушувајќи го далечното тропање на машините.
Повторно во ушите на мајката од сите страни, од прозорците, од дворовите долетуваа вознемирени и лути зборови, загрижени и весели. Но, таа сега имаше желба да одговара, да заблагодарува, да објаснува, сакаше да се замеша во необичното шаренило на животот од тој ден.
Зад аголот на улицата, во тесната споредна уличка, се собрал куп луѓе, околу стотина души, и во нивната средина се разнесуваше гласот на Вјесовшчиков.
— Од нас цедат крв, како сок од малина! — паѓаа на главите на луѓето неговите недоделкани зборови.
— Точно! — одговорија гласно неколку гласови истовремено.
— Се труди момчето! — рече Хохолот. — Е па, одам да му помогнам!…
Тој се свитка и пред Павел да успее да го задржи, се истурка низ купот како сврдел низ затка, онака долг и со виткаво тело. Се зачу неговиот мелодичен глас:
— Другари! Велат дека на земјата живеат разни народи! Евреи и Германци, Англичани и Татари, а јас во тоа не верувам! Има само два народа, две непомирливи племиња — богати и сиромаси! Луѓето различно се облекуваат и различно зборуваат, а погледнете како богатите Французи, Германци, Англичани постапуваат со работниот народ и ќе видите дека сите тие за работниците се — вистински башибозуци, ѓавол да ги земе!
Во купот некој се расмеа.
— А да погледаме од друга страна — пак ќе видиме дека и Французинот работник, и Татаринот, и Турчинот — живеат со исто таков кучешки живот како и ние, рускиот работен народ!
Од улицата сè повеќе надојдуваше народ и еден по друг луѓето молчешкум, тегнејќи ги вратовите, кревајќи се на прсти, се тискаа во уличката.
Андреј го крена гласот посилно.
— Во странство работниците веќе ја разбраа таа проста вистина и сега, на светлиот ден Први мај …
— Полиција! — викна некој.
Од улицата јаваа кон уличката право на луѓето, размавнувајќи со камшиците, четворица полицајци на коњи и викаа:
— Разијдувај се!
Луѓето се мрштеа безволно правејќи им пат на коњите. Некои се качуваа на оградите.
— Ставиле свињи на коњи и тие грофтаат — и ние сме војводи! — викаше нечиј ѕвонлив, задирлив глас.
Хохолот остана сам на средината на уличката, клатејќи ги главите кон него настапуваа два коња. Тој се тргна настрана и во исто време мајката го фати за рака и го повлече кон себе мрморејќи:
— Вети дека ќе одиш заедно со Паша, а самиот се навираш на ражен!
— Крив сум! — рече Хохолот насмевнувајќи се.
Ниловна ја опфати немирен, премалувачки умор, тој се надаваше одвнатре и ѝ предизвикуваше вртоглавица, чудно заплискувајќи и го срцето де со тага де со радост. Сакаше што поскоро да засвири сирената за ручек.
Излегоа на плоштадот околу црквата. Околу неа, во портата, збиено стоеше и седеше народ, тука имаше околу петстотини весели младичи и дечиња. Народот се буричкаше, луѓето немирно ги креваа главите и се загледуваа во далечината, на сите страни, нестрпливо очекувајќи. Се чувствуваше нешто напнато, некои гледаа изгубено, други сакаа да се покажат храбри. Тихо ѕвонеа придушените гласови на жени, мажите со лутина ги вртеа главите од нив, одвреме-навреме по некој ќе процедеше пцоста. Глувата врева на налутеното препирање ја опфаќаше шарената маса.
— Митенка! — тивко трепереше женски глас. — Смилувај се над себе!…
— Мавни се! — се одзва одговор.
А сталожениот глас на Сизов зборуваше мирно, убедливо:
— Не, не треба да ја отфрлиме младината! Таа стана поразумна од нас, таа живее посмело! Кој ја отфрли копејката за мочуриштето? Тие! Тоа треба да се памети. Нив затоа ги влечкаа по затворите — а од тоа добија сите!…
Зарика сирената проголтувајќи го со својот црн звук зборувањето на луѓето. Купот затрепере, тие што седеа станаа, за момент се замре, секој ги начулил ушите, многу лица побледнаа.
— Другари! — се разнесе гласот на Павела, ѕвонлив и силен. Сува, огнена магла и ги опали на мајката очите и таа со едно движење на телото кое изненадно се почувствува силно, застана до синот. Сите се свртеа кон Павела, го окружија како зрна железо на парче магнет.
Мајката го гледаше в лице и му ги виде само очите, горди и смели, огнени …
— Другари! Решивме отворено да изјавиме кои сме, денеска го креваме своето знаме, знамето на разумот, на вистината, на слободата!
Дрвото, бело и долго вивна во воздухот, се наведна, го пресече купот, се скри во него и за миг над кренатите лица на луѓето се развеа како црвена птица широкото платно на знамето на работниот народ.
Павел ја крена раката — дрвото се заниша, тогаш десетина раце го фатија белото мазно дрво, а меѓу нив беше и раката на неговата мајка.
— Да живее работниот народ! — извика тој.
Стотини гласови му се одзваа со ѕвонлив извик.
— Да живее социјал-демократската работничка партија, нашата партија, другари, нашата духовна татковина!
Купот вриеше, низ него кон знамето се пробиваа оние што го сфатиле неговото значење, напоредно со Павела стоеја Мазин, Самојлов, Гусјеви, Николај, кој со наведната глава ги растуркуваше луѓето и уште некои на мајката непознати луѓе, млади, со огнени очи, ја притискаа…
— Да живеат работниците од сите земји! — извика Павел. И постојано зголемувајќи ја силата и радоста, му одговори илјадауст одек што ја потресува душата.
Мајката ја фати раката на Николај и уште нечија, се задиши од солзи но не плачеше, нозете ѝ се тресеа и со растреперени усни зборуваше:
— Милите…
По сипаничавото лице на Николај се разлеа широка насмевка, гледаше во знамето и нешто викаше подавајќи ја раката кон него, а потоа наеднаш со таа рака ја фати мајката за врат, ја бакна и се засмеа.
— Другари! — запеа Хохолот покривајќи го со својот мек глас шумот на купот. — Сега тргнавме на литија, во името на новиот бог, господ на светлоста и вистината, господ на разумот и доброто! Далеку е од нас нашата цел, трновите венци — се близу! Кој не верува во силата на вистината, во кого нема смелост до смрт да се бори за неа, кој не верува во себе и се плаши од мачење — нека се тргне од нас! Ние со нас ги викаме оние што веруваат во нашата победа; оние што не ја гледаат нашата цел — нека не одат со нас, таквите ги очекува само патило. Во редови, другари! Да живее празникот на слободните луѓе! Да живее Први мај!
Масата се тискаше уште погусто. Павел замавна со знамето, тоа се развеа во воздухот, заплови напред осветлено од сонцето, смеејќи се црвено и широко…
— Да се одречеме од стариот свет… — се зачу ѕвонливиот глас на Феѓа Мазин и десетини гласови како благ, силен бран, прифатија:
— Да го истресеме од нозете неговиот прав!…
Мајката со горешта насмевка на устата одеше зад Мазин и преку неговата глава го гледаше синот и знамето. Околу неа се тискаа радосни лица, разнобојни очи — пред сите одеа нејзиниот син и Андреј. Таа ги слушаше нивните гласови — мекиот и влажен глас се слеваше во еден звук со гласот на нејзиниот син, низок, басовит.
— Станете, презрени на светот,
— Станете во борба, луѓе гладни.
И народот трчаше во пресрет на црвеното знаме, нешто извикуваше, се слеваше со масата и се враќаше со неа, и извиците му гаснеа во звуците на песната — онаа песна којашто дома ја пееја потивко од другите— на улица таа течеше глатко, незапирно, со страшна сила. Во неа ѕвонеше челична храброст и повикувајќи ги луѓето на далечен пат кон иднината таа чесно зборуваше за тешкотиите на патот. Во нејзиниот голем, мирен пламен се топеше темната тиња на преживеаното, тешката грутка на навикнатите чувства и проклетиот страв од новото го изгоруваше во пепел…
Нечие лице, уплашено и радосно, се нишкаше напоредно со мајката и треперливиот глас липкајќи извикуваше:
— Митја! Каде ти?
Не задржувајќи се, мајката зборуваше:
— Нека оди — не плашете се! Јас исто така многу се плашев, мојот е пред сите. Тој што го носи знамето — тој е мојот син!
— Разбојници! Каде? Таму се војниците!
И одеднаш, фаќајќи ја мајката под рака со својата коскеста рака, жената, висока и мршава, извика:
— Мила моја! Како пеат! И Митја пее…
— Не плашете се! — мрмореше мајката. — Тоа е света работа … Треба да помислите — ни Христос не би бил ако заради него не гинеа луѓе!
Таа мисла одеднаш се разгоре во нејзината глава и ја порази со својата јасна и проста вистина. Таа погледна во лицето на жената која цврсто и ја држеше раката и зачудено, насмевнувајќи се, повтори:
— Не ќе беше Христос ако луѓето не гинеа за него, за господа!
Крај неа одеднаш се најде Сизов. Ја симна шапката, мавташе со неа по тактот на песната и зборуваше:
— Отворено тргнаа, мајко, а? Песна измислиле. Само каква песна, мајко, а?
— Царот војска зема за војници,
Подарувајте му ги синовите …
— Од ништо не треба да се плашат! — зборуваше Сизов. — А моето синче е в гроб …
Срцето мајчино почна да тупка премногу силно и таа почна да заостанува. Брзо ја истуркаа настрана, ја стиснаа во оградата и крај неа протече густа маса луѓе — беа многу и тоа ја радуваше.
— Станете, презрени на светот!
Се чинеше во воздухот како да пее огромна, бакарна труба, пее и ги разбудува луѓето раѓајќи во градите на едни готовност за борба, во други нејасна радост, претчувство за нешто ново, горешто љубопитство. Таму — се раздвижува немирниот трепет на надежта, овде — му ја отвора изворот на зајадливиот поток со години собираната лутина. Сите гледаа напред каде шо се вееше и развеваше во воздухот црвеното знаме.
— Ајде, — викаше некој одушевен глас. — Славно, јунаци!
И очигледно, чувствувајќи нешто големо што не можел да го изрази со обични зборови, човекот опцу со силна пцоста. Но и лутината, темна, слепата лутина на робот, што избила низ налутените зборови, с’скаше како змија, вознемирена од светлоста што падна на неа.
— Еретици! — некој заплашуваше со тупаници и викаше од прозорецот со испрекинат глас.
И наметливо во ушите на мајката влезе нечиј остар вресок:
— Против господарот император, против неговото величество царот се буните?
Крај мајката минуваа вџашени лица, потскокнувајќи протрчуваа мажи, жени, течеше народ како темна лава, влечена од таа песна која со силата на звукот, чиниш кутка пред себе се, отвора пат. Гледајќи во црвеното знаме оддалеку таа — и не гледајќи — го гледаше лицето на синот, неговото бронзено чело и очите што му гореа со светлиот оган на верата.
Но таа еве веќе е на крајот од масата, среде луѓето кои одеа без брзање, рамнодушно, погледнувајќи напред, со студено љубопитство на посматрачи на кои однапред им е познат крајот на тоа што се случува. Одеа и зборуваа полека, самоуверено.
— Една чета стои кај училиштето, а друга кај фабриката.
— Губернаторот дојде …
— Вистина?
— Со свои очи видов! — Дојде!
Некој радосно опцу и рече:
— Најпосле почнаа да се плашат и од нас! … И војската, и губернаторот.
— Милите! — тупкаше во мајчините гради.
Но зборовите околу неа ѕвонеа мртво и студено. Го забрза чекорот за да одмине од тие луѓе и и беше лесно да го престигне нивното бавно, мрзеливо одење.
И наеднаш челото на масата народ како да удри во нешто, трупот не застанувајќи и се пови назад со немирна, глува врева. Песната исто така се поколеба, потоа повторно се разнесе побрзо, посилно. И пак густиот бран од звуци се снижи, се тргна. Гласовите од хорот испаѓаа еден по друг, се слушаа поединечни гласни извици кои се грижеа да ја кренат песната на поранешната височина, да ја турнат напред:
— Станете, презрени на светот!
Во бој сите што ги мори глад!…
Но во тој повик немаше општо, цврсто убедување и во него веќе трепереше вознемиреност.
Бидејќи не виде ништо, ниту знаеше што се случи во челото, мајката се туркаше низ народот брзо пробивајќи се напред, во пресрет и одминуваа луѓето, едни — со наведнати глави и намрштени веѓи, други — со збунет насмев, трети — со потсмешливо свиркање. Таа тажно им ги посматраше лицата, нејзините очи молчешкум прашаа, молеа, викаа …
— Другари! — се чу гласот на Павела. — Војниците се исто така луѓе како и ние. Тие нема да не’ тепаат. Зошто да не бијат? Затоа што ја носиме вистината што им е потребна на сите? Зарем оваа вистина не им е потребна и ним. Сега тие тоа не го сфаќаат, но веќе е близу времето кога и тие ќе застанат напоредно со нас, кога и тие ќе тргнат не под знамето на грабежот и убиствата, туку под нашето знаме на слободата. И затоа, за да ја сфатат што поскоро нашата вистина, мораме да одиме напред. Напред, другари! Секогаш — напред!
Гласот на Павела ѕвонеше цврсто, зборовите му одекнуваа во воздухот разбрано и јасно, но народот се растураше, луѓето еден по друг одеа в лево и в десно, по домовите, држејќи се крај оградите. Сега масата имаше облик на клин, шилото и беше кај Павела, а над главата црвено му пламтеше знамето на работниот народ. Масата личеше уште и на црна птица со широко раширени крила, целата во напнатост, готова да се крене и да одлета, а Павел ѝ беше клунот…
Преземено од: https://www.marxists.org/makedonski/gorki/1906/majka/del1/gl27.htm