Болшевичката револуција сега дефинитивно е дел од сеопштата револуција на рускиот народ. Максималистите, сè до пред два месеци, беа силата која беше нужна за настаните да не стагнираат, движењето кон иднината да не западне во ќорсокак и да дојде до конечна состојба – која нема да биде буржоаска состојба. Сега овие максималисти ја освоија власта и воспоставија своја диктатура и создаваат социјалистичка рамка во која револуцијата треба да се скроти за да продолжи да се развива хармонично, без фронтални конфронтации, на темелите на огромните придобивки што веќе се направени.
Болшевичката револуција повеќе е сочинета од идеологија отколку од настани (и затоа, во крајна линија, не мора ниту да знаеме повеќе од она што веќе го знаеме). Ова е револуција против „Капиталот“ на Карл Маркс. Во Русија, Mарксовиот „Капитал“ беше повеќе книга на буржоазијата отколку на пролетаријатот. Таа беше критички показател како настаните треба да се одвиваат во однапред утврден курс: како во Русија буржоазијата треба да се развие и капиталистичката ера да започне, и со воспоставување на цивилизација од западен тип, пред пролетаријатот дури и да помисли на сопствен револт, на сопствени класни барања, сопствена револуција. Но настаните ја надминаа идеологијата. Настаните ја разнесоа критичката шема која одредуваше како историјата на Русија треба да се одмотува според каноните на историскиот материјализам. Болшевиците го отфрлија Карл Маркс и нивните непосредни акции и успеси се сведоштво дека каноните на историскиот материјализам не се толку цврсти како можеби се мислело или се мислеше.
А сепак сè уште има и фаталност во овие настани, и ако болшевиците отфрлаат некои изјави од „Капиталот“, тие не ја отфрлаат неговата жива, суштинска мисла. Овие луѓе не се „марксисти“, тоа е сè; тие не ги користеа делата на Учителот да создадат збирка крути доктрини на догматски фрази кои не смеат да се доведат во прашање. Тие ја живеат марксистичката мисла – мислата која е вечна, која го претставува континуитетот на германскиот и италијанскиот идеализам и која во случајот на Маркс беше зафатена од позитивистички и натуралистички израстоци. Оваа мисла како доминантен фактор во историјата ги гледа, не голите економски факти, туку човекот, луѓето во заедниците, луѓето во односите едни со други, спогодувајќи се меѓусебно, развивајќи преку овие контакти (цивилизација) заедничка, општествена волја; луѓе кои почнуваат да ги разбираат економските факти, просудувајќи ги и прилагодувајќи ги на сопствената волја сè додека тие не станат движечка сила на економијата и не ја обликуваат објективната реалност, како жива и подвижна и сè додека таа не почне да наликува на потоци вулканска лава која е канализирана таму каде што и како што човековата волја ќе одреди.
Маркс го предвиде предвидливото. Не можеше да ја предвиди европската војна, или поточно не можеше да предвиди дека војната ќе трае толку долго колку што траеше и дека ќе ги има оние ефекти кои ги имаше. Не можеше да предвиди дека во период од три години неискажливи страдања и мизерии, оваа војна ќе ја предизвика во Русија колективната народна волја која што ја предизвика. Во нормални времиња потребен е долг период на постепена дифузија низ општеството за да се формира таква колективна волја; неопходен е широк спектар на класно искуство. Луѓето се инертни, тие треба да бидат организирани, најпрвин екстерно во корпорации и здруженија, потоа интерно, во нивните мисли и нивната волја. Тоа бара непрестаен континуитет и разноликост на надворешни стимулации. Токму затоа, во нормални услови, каноните на марксистичката историска критика ја разбираат реалноста, ја уловуваат и ја разјаснуваат. Во нормални услови двете класи на капиталистичкиот свет ја создаваат историја низ сè поинтензивна класна борба. Пролетаријатот е изразено свесен за својата сиромаштија и за своето сеприсутно незадоволство и ја притиска буржоазијата да го подобри животниот стандард. Тој влегува во борба и ја принудува буржоазијата да ги подобри техниките на производство и да ги прилагоди на неодложните потреби на пролетаријатот. Резултатот е постојан притисок за подобрување, забрзување на ритамот на производството и постојан пораст на добра корисни за општеството. И овој притисок многумина не го издржуваат, правејќи ги потребите на преостанатите уште поитни; масите постојано се во состојба на вриење и од овој хаос тие развиваат некаков ред во своите мисли и стануваат сè повеќе свесни за својот потенцијал, за сопствениот капацитет да ја понесат општествената одговорност и да станат господари на сопствената судбина.
Тоа се случува во нормални услови. Кога настаните се повторуваат со извесна правилност. Кога историјата се развива низ етапи кои, иако сè покомплексни и побогати во значење и вредност, се сепак слични една на друга. Но во Русија војната ја галванизира народната волја. Како резултат на страдањето акумулирано во период од три години, нивната волја стана како една речиси преку ноќ. Оскудицата е неизбежна, како и гладта, смртта од гладот може да земе било кого, може да однесе десетици милиони луѓе со еден замав. Отпрвин механички, потоа активно и свесно после првата револуција, народната волја стана едно.
Социјалистичката пропаганда го запозна рускиот народ со искуствата на останатиот пролетаријат. Социјалистичката пропаганда можеше да ја оживее историјата на пролетаријатот во еден миг: неговата борба против капитализмот, постојаните напори потребни да се еманципира од синџирите на сервилноста која го унижува и која му овозможи да искова нова свест и да стане жив сведок на новиот свет во раѓање. Токму социјалистичката пропаганда ја искова волјата на рускиот народ. Зошто да чекаат историјата на Англија да се повтори во Русија, за буржоазијата да се крене, за класната борба да почне, за класната свест да може да се формира и за најпосле конечната катастрофа на капиталистичкиот свет да го погоди? Рускиот народ – или барем помал дел од рускиот народ – веќе помина низ тие искуства во своите мисли. Ги надмина. Сега ќе ги искористи за да застане цврсто токму како што ќе го искористи западното капиталистичко искуство за брзо да се развие на истото ниво на производство како и западниот свет. Во капиталистички рамки, Северна Америка е поразвиена од Англија, бидејќи Англо-саксонците во Северна Америка започнаа со развој директно од нивото до кое Англија се разви по долга еволуција. Сега рускиот пролетаријат, социјалистички образован, ќе ја почне својата историја – на највисокото ниво кое Англија го достигнала до денес. Бидејќи мора да тргне од почеток, ќе почне од она што е усовршено од други, и затоа ќе биде поттурнат да го достигне тоа ниво на економска зрелост кое Маркс го сметаше за неопходен предуслов за поопштествување. Самите револуционери ќе ги создадат условите потребни за целосно и комплетно остварување на нивниот идеал. И ќе ги создадат побрзо отколку што тоа ќе го направеше капитализмот. Критиките кои социјалистите ги упатуваат на буржоаскиот систем, за да го нагласат неговото несовршенство, неговата распределба на богатството, сега ќе им овозможат на револуционерите да постапат подобро, да го избегнат расфрлањето и да не станат жртви на несовршеностите. Отпрвин тоа ќе биде поопштествување на сиромаштијата и страдањето. Но и буржоаскиот режим ќе ги наследеше истите услови на сиромаштија и страдање. Капитализмот сега немаше да направеше ништо повеќе во Русија од колективизмот. Всушност денес ќе направеше далеку помалку, бидејќи ќе беше соочен со незадоволен и турбулентен пролетаријат, пролетаријат веќе неспособен да го издржи страдањето и сиромаштија што ќе следеше од економскиот потрес. Значи и во апсолутни, хумани рамки, социјализмот може да се оправда во Русија. Тешкотиите што ги очекуваат откако ќе биде склучен мирот ќе бидат подносливи само ако пролетаријатот чувствува како ја има контролата и знае дека со неговиот труд ќе ги надминат тие тешкотии во најкраток можен рок.
Може да се добие впечаток дека максималистите во овој момент се спонтан израз на биолошката нужност – тие мораа да ја земат власта за рускиот народ да не стане жртва на страшна трагедија; за рускиот народ, впуштајќи се во овој колосален потфат на сопствена регенерација, да го издржи загризот на прегладнетиот волк; за Русија да не стане огромна кланица каде безмилосни ѕверови се растргнуваат на парчиња.
Преземено од: https://www.marxists.org/makedonski/gramsci/1917/protiv_kapitalot.htm