Климатските промени на дело – Од ден на ден планетата е сѐ пожешка и пожешка

Трендот на секојдевно соборување температурни рекорди нема да трае долго, но 2023 сигурно ќе биде најтоплата година во историјата

Средата била најтоплиот ден на планетата откако се мерат температурите на воздух, исто како што беа и вторникот и понеделникот пред неа.

Просечната глобална температура завчера била 17,18 Целзиусови степени, исто колку што биле измерени и во вторникот. Уривањето на рекордите почна во понеделникот, кога првпат во историјата глобалната температура надминала 17 Целзиуси – за стоти дел од степенот. Овие температури се прецизирани со компјутерски симулации и анализи од мерни места на копното и од метеоролошки сателити.

Експертите предупредуваат дека трендот на секојдевно соборување температурни рекорди нема да трае долго, но и дека 2023 сигурно ќе биде најтоплата година во историјата. За кревањето на глобалната температура, покрај климатските промени предизвикани од луѓето, придонесува и почетокот на новиот циклус од цикличниот феномен Ел нињо – загревање на површината на океаните. Првото „разладување“ може да се очекува по неколку години, кога Ел нињо ќе го отстапи местото на спротивниот феномен Ла ниња – спуштање на температурата на океаните.

– Рекордно високите температури сѐ уште не се официјално потврдени од калкулациите на владините институции, но сведочат каде сме и каде се движиме – објаснива Сара Капник од американската Национална администрација за океани и атмосфера.

Капник додава дека глобалната температура прецизно се бележи и се следи од 1979 година, но експертите веруваат дека планетата не памети потопол ден со векови наназад. Се смета дека просечната температура во периодот од 1979 до 2000 година биле за 1 степен повисоки од просеците за 20. и за 19 век.

Рекордно висока е и температурата на северните води на Атлантикот, поради што Северна Америка е на удар на температури што се приближуваат до 40 Целзиусови степени. Сали за хокеј во Онтарио се пренаменети во центри за разладување откако температурите надминаа 38 степени. Во оваа недела неколку пати беа соборени температурните рекорди во канадската провинција Квебек, но и во Перу на екваторот.

И Азија трпи топлотен бран со неиздржливо високи температури. Владата вчера наложи да прекинат сите работни процеси на отворено во Пекинг поради очекувана температура над 40 Целзиусови степени. Прогласена е „црвена тревога“ и се воспоставуваат центри за разладување на граѓаните и за згрижување на повозрасните и болните. Максималната температура на воздухот во Пекинг повеќе од десет дена не е под 35 Целзиуси. Толку долготраен топлотен бран не се памети од 1961 година.

Други региони во Азија, во исто време, се загрозени од поројни дождови. Кинеските власти објавија поради можни поплави во автономниот регион Внатрешна Монголија и во провинциите Сичуан, Хенан, Хунан, Гуиџоу, Шансји и Јунан, а особено во регионот на Чонгчинг. Поради поплавите предизвикани од поројните дождови без дом останаа 14.000 луѓе, а во Сичуан превентивно биле евакуирани 85.000. До 5 јули како директна последица од поплавите починале пет луѓе, а уште четворица се исчезнати.

Превземено од: https://www.slobodenpecat.mk/od-den-na-den-planetata-e-sѐ-pozheshka-i-pozheshka/

Последно