Пишува: Претседателскиот кандидат на политичката партија Левица, Проф. д-р Билјана Ванковска

Цела нација е „изненадена и навредена“ од неколку (не)дипломатски настапи и „апла“ извештај на Европскиот парламент. Целите накострешени чека(в)ме што ќе ни порачаат Баросо и Филе од Охрид. Вистинска „вест“ е дека на Баросо случајно му се слизнал атрибутот „македонски“ (во контекст на внатрешниот политички дијалог). Ураа! Го фативме „жив“! Рече Macedonian. Чувство на мала победа и сатисфакција! Да не е трагично, би било смешно! Дури и јас за момент помислив дека е помудро да ги причекам сите извештаи од охридската средба пред да ја почнам колумната. Но, веднаш потоа си се потсмеав себе си… Па, до кога ќе се чувствуваме изненадени? Зарем уште нешто остана што може да не изненади од нашиве европски патрони? Затоа им го оставам изненадувањето и ужаснувањето на оние кои инаку ме сметаат за националист, кога во континуитет велам дека односот на ЕУ кон нас е непринципиелен и лицемерен. И не само тоа. Одговорно тврдам дека суштината на спорот со името никогаш не се однесувал само на името на државата, затоа што грчкиот национализам не може да прифати постоење на нација, култура и сопствено малцинство кое се самоопределува како македонско. Но, и покрај ова убедена сум дека ќе останат еврофундаменталисти кои ќе тврдат дека географската одредница нема да задира во идентитетот.

Ајде да видам колку им е бујна фантазијата! Мислат ли дека во Република Северна/Горна/Долна Македонија ќе не именуваат како Македонци а јазикот македонски? Она младо Бугарче не можеше да ја сокрие злорадоста дека тие не ни го признале јазикот (и нè чекаат зад ќоше). Можев да напишам експлозивна колумна (уште една во серијалот деновиве), да си олеснам на душата, но што од тоа?

Говорот на Претседателот беше очекуван: Иванов е истурен напред како официјален патриот, да спаси образ; никој во Брисел ионака не се потресува од неговите пораки, а другите се смешкаат и шепотат „друже Баросо ми ти се кунемо“. Опозицијата вреска дека се соочуваме со најголем пораз (заборавајќи како наивно изгледаа кога во 2004-та вееја пароли Goodbye FYROM; welcome Macedonia). Власта негодува, ама млако, и ветува дека е посветена на преговорите за името и на реформите. Не им верувам ни на едните ни на другите. Тие и родената мајка би ја продале ако добијат гаранција од Брисел за уште еден-два мандата. Власта се фасцинира само од власт, од оние кои се повисоко и кои се помоќни, а е сосема бесрамна кога се справува со своите граѓани, кога ги пребројува по етничка и партиска основа, кога ги дисциплинира и тренира строгост. Не верувам во патриотизам вкаменет во споменици, а за национално достоинство не ми треба Триумфална капија. Во целиов циркус најискрени и најдоследни се странците! Попусто ронење солзи, тие одамна, уште многу одамна ни кажаа под кои услови ќе можеме да се надеваме на членство. Само сега бараат и запечатување, „историски договор“ за намерата да се зачлениме – небаре до нашите несогласувања е проблемот! Кога ќе слушнам за историски договор, морници ми поминуваат. Ем сакаат самите да си го смениме името (за да немаат грижа на совест), ем прејудицираат и ни го одземаат граѓанското право да се изјасниме како што е ред во демократија.  

Од кожа ме вади кога ќе го слушнам она „вашата земја“. Новиот евроамбасадор вели дека тоа го правел од почит и обѕир кон нашите национални чувства. Нека не нè штеди веќе, ќе го почитуваме повеќе ако е искрен и ни го плеска в очи она бизарно „поранешна југословенска република Македонија“ (нека го кажуваат до бесвест, барем должината и апсурдноста на оваа фраза ќе ги заморува и секое споменување на покојната ни бивша држава ќе звучи како парастос; ќе ги фаќаме на кондиција). Образложението на Соренсен е само пластичен пример за тоа колку компромисите се лоша солуција за спорови/конфликти, но е и уште една манифестација на европската дипломатија која можеби сакајќи да направи добро чини само лошо. Таквиот третман прилега на ментално нестабилни пациенти, па за да не нè возбудуваат, нè тетошат и мазат со „вашата земја“! Излегува дека сме нездрави кога очекуваме минимум респект во сопствената држава.

Неодамна германски колега (истражувач на мирот и конфликтите и наводен познавач на Западниот Балкан?!) направи ист гест. Откако му реплицирав дека во неговиот научен труд изнел низа неиздржани тези и навредливи квалификативи (за „задоцента нација“, „нација без изграден идентитет“, Славо-Македонци, и дека земјата се соочува со опасност по опстанокот и територијалниот интегритет), тој пред камери вети дека отсега во комуникацијата со нас нема да ја користи таа терминологија. Човеков ме врати во времињата од пред 2001 година кога ни доаѓаа разни „познавачи“ за да ни кажат како да се спасиме сами од себе. Тажно!

Но, ме потсети и на еден стар виц од соседството. Видел Мујо еден странец како грижливо бележи нешто во тефтер. Го поздравил и го прашал колку време е во Босна. Овој одговорил дека стасал претходниот ден, а заминува наредниот. Мујо запрашал која е целта на кратката посета, а овој одговорил дека пишува книга за Босна. Зачудениот Мујо прашал за насловот на книгата, а странецот гордо одговорил: „Босна: вчера, денес и утре“. Странциве често продаваат лажен имиџ на „нивната Унија“ (таа наводно ги разрешила сите идентитетски проблеми, Северна Ирска воопшто нема врска со некакви идентитети, тоа што Роми се протеруваат од Франција нема врска со расизам, тоа што во Балтикот малцинства кои сочинуваат 40% од населението немаат ни елементарни малцински права).

Поважно е сепак она што се случува дома… Ако дигнете глас, ви следува етикета на националист, а мазохизмот станува национален спорт. Така ни треба, сами сме си виновни за третманот, нема врска што Европскиот парламент има уплав од атрибутот „македонски“ и што од нас се очекува брзо решение пред одлуката на Судот во Хаг!?! Во серијалот критики на страна на власта (што важи сепак и за минатите влади) се сложувам со посочувањето на дипломатијата како непрофесионална, слаба, невидлива, често и трагикомична. Но, и таа е немоќна, ако ѝ е вграден чип на послушништво. Внатрешните слабости и идиотизми ни се враќаат како бумеранг, им даваат „материјал“ на меѓународните претставници да нè критикуваат основано, и патем да испорачуваат рокови за промена на името (иако и сè да е идеално, името пак би било проблем). Да бевме држава, Баросо немаше да замине само со предавање на Претседателот.

Без референдум ги овластувам елитите да порачаат дека имаме консензус по однос на името: нема преговори за идентитетот. Атрибутот „македонски“ нема да биде а-ла Кофос верзија на „македонтцзки“ (без превод на англиски), нема промена на устав, а тоа дека во овде навистина живеат граѓани, не значи дека мнозинството не сочинува автентична Macedonian nation. Ова нема да го доживеам, ниту политичка опција која ќе заговара евроскептицизам, колку да го разбие едноумието. Вака, нашиот (не)официјален став е: „вашата Унија“ не може да нè навреди толку колку што ние можеме да издржиме.

Колумната прв пат објавена на 11 април 2011