Пишува: Јован Крајевски, член на Президиумот на политичката партија Левица

Да заборавиме за момент на криминалите на СДСМ. Да премолчиме на сите неисполнети ветувања. Да стиснеме заби за сите трагедии што се случија и што сè уште се случуваат. Да ги затвориме прозорите за да не нè потсети загадениот воздух на инциденцата на белодробни заболувања. Да се лажеме дека Ковачевски има легитимитет да биде премиер и дека ДУИ се заминати во аналите на историјата.

Во една таква хипотетичка ситуација би смееле да си дозволиме да бидеме еретици и да прашаме: за какво членство во ЕУ се залага Владата на СДСМ?

Нема друга алтернатива

Слоганот, кој оригинално беше употребуван од Тачер за одбрана на пазарната економија и неолибералните политики, денес се користи во одбрана на европските интеграции.

Но, прашањето кое овој слоган го покрева е: ако нема алтернатива, дали тогаш сите држави во светот се дел од ЕУ? Дали сите држави од Европа се дел од ЕУ?

ЕУ е сочинета од 27 земји членки во кои живеат 450 милиони жители. Тоа се 5.5% од светската популација и 60% од популацијата на Европа. Непостоењето на алтернатива треба ли да значи дека држави како Исланд, Лихтенштајн или Норвешка не знаат што прават? Непостоењето на алтернатива треба ли да не натера да погледнеме расистички на Србите или Белорусите, кои наводно се толку глупави да не разберат дека ЕУ им е единствената опција? А што да мислиме за Обединетото Кралство, кое излезе од ЕУ со референдум? И како најголемата држава во светот, Руската Федерација, со децении опстојува без да е членка на ЕУ?

Тезата за непостоење на алтернатива е длабоко втемелена и во самата ЕУ, но во насока на соработка со државите кои колективно се нарекуваат Запад. Токму таквата позиција предизвика граѓаните од ЕУ да бидат најголеми губитници во Руско-Украинскиот воен конфликт, после луѓето кои директно учествуваат и гинат на воените фронтови.

Ни треба „камшикар“

Оваа изјава на претходниот премиер од редовите на СДСМ е понуда доброволно да ја предадеме сувереноста на ЕУ. Своеволно да прифатиш „камшикар“ значи своеволно да прифатиш безусловно да ги спроведуваш политиките кои други држави ти ги наметнуваат под закана, без разлика што граѓаните мислат за истите тие политики.

Членувањето во ЕУ за Македонија би требало да значи дека наши избраници ќе седнат рамо до рамо со избраниците на другите земји членки и заедно ќе носат политики. Но доколку само сакаме да сме послушни и слепо да го спроведуваме она што ЕУ ќе ни го наложи, чуму се бориме за членство? Слободни сме да го правиме тоа и сега, а веќе и го правиме.

Комплексот на инфериорност кој со години се пропагира во Македонија, чие потекло лежи во расизмот на европејците кон словенските народи и е својствен само за колонии, а не и за суверени нации, е опасен и може да не стави во позиција доброволно да се потчиниме на автократија. 

Скептицизам или фундаментализам

Еврофундаментализмот е опиум за масите. Тој цели да го постигне на национално ниво тоа што ние се обидовме да го направиме на почетокот на оваа колумна – да ги затвориме очите пред криминалот на власта. Тој е мелем за раните што ги отвора корумпираноста и ни помага да истрпиме, бидејќи има светло на крајот на тунелот и најголемите верници ќе бидат наградени кога ќе ги поминеме портите на ЕУ.

Евроскептицизмот, од друга страна, е зло. Критичката мисла е ерес за новата религија, макар и да не е во анти-европска форма. Ти, кој си само еден обичен Македонец, не смееш да се дрзнеш ниту да помислиш дека си достоен да учествуваш во носењето одлуки заедно со боговите од ЕУ. Ти си само должен да слушаш и да не поставуаш многу прашања, бидејки ЕУ работи на мистериозни начини.

Прогресивноста лежи токму во намалувањето на доминацијата на ваквиот начин на резонирање. И дури тогаш ќе можеме колективно да се запрашаме: дали сме за членство во ЕУ и кои услови сме подготвени да ги прифатиме?

Колумната оригинално објавена за весникот Фокус