Пишува: Мики Крстев, активист на Црвена Младина

Во античка Грција, колевката на демократијата, уште пред повеќе од 2500 години Аристотел дошол до заклучок дека човекот по природа е политичко суштество (Homo Polliticus) и согласно истата дефиниција човекот е слободно битие кое се грижи за општото (заедничкото) добро на начин што учествува во носењето на одлуките поврзани со истото т.е. преку политичкото дејствување. А секој оној кој не се занимава со политика или е ѕвер или бог т.е. идиот (Idiot)!

Од денешна перспектива во „цутот“ на светската демократија можеме само афирмативно да климнеме со глава и да се сложиме колку е само точна оваа констатација која и пркоси на времето. И тоа не од историска перспектива дека навистина сите луѓе во античко време биле вклучени во процесот на носење одлуки во тоа време бидејќи жените, странците и робовите биле исклучени од политиката (а тие биле во доста голем број споредено со „слободните граѓани“) туку поради фактот дека и ден – денес, и покрај лажната слика на „суверениот граѓанин“ кој преку својот глас легитимитет го дава на одредена личност „во негово име“ да носи одлуки, речиси секогаш властодршците ги спроведуваат интересите на мала група на „елити“ и нив ги штити законот како што ги штител и на античките грци.

Зошто?

Република Македонија од своето осамостојување до денес прокламирана како демократска држава во најголемиот дел е сė само не демократска ако гледаме од перспектива на ефикасно работење за целта на општото добро од страна на политичарите. Истата постојано е водена од еден ист мал број на политички елити кои очигледно погрешно си ја сфаќаат својата задача – работење за општото добро! Македонските политичари својата општествена положба никогаш не ја гледале ниту пак ја гледаат како работници ангажирани од народот, бидејќи тоа и се по својата природа! Напротив нашите политичари денес се елита која ги згрозува и самата помисла на работникот (!) а истиот им е важен и потребен само пред избори – за глас, и за време на мандат – при плаќање разни сметки и даноци! Македонските политичари – (не)народните работници се посебен феномен, посебна врста на луѓе кои и пркосат на општествената еволуција и двојат од обичниот народ затоа што наталната карта на македонскиот политичар му предвидува светла судбина на инстантна акумулација на богатство и привилегии, уште пред да заврши било какво формално образование или самостоен развој, доколку има некој близок во политиката! Македонските политичари се најпаметни, најспособни, благородни, грижливи, емпатични, солидарни, семоќни божества, нашите сјајни ѕвезди водилки кои од толку многу грижи за својот народ не спијат, не јадат (на своја сметка), не застануваат (шетаат со своите фамилии по светот на државна сметка) се додека не ги задоволат нашите потреби за подобар живот (преживување). Дури и на боговите им треба одмор! Но,не! Нашите божества не одмараат, тие во ретките мигови кога не ги гледаме пред очи, излезени по медиуми сечејќи ленти, крпење дупки на локални улички итн., во тие моменти најчесто се наоѓаат некаде на „баци-рака“ и наведнуваат глава пред нивните господари (нели наведната глава сабја не ја сече!), е богами тогаш подобро им е да не одмараат (!) бидејќи тоа е моментот кога на свечен козилиум се делат колачите од тортата наречена буџет – народни пари! И сето ова се случува во еден херметички затворен круг одново и одново изминативе триесеттина години а никој не превзема или пак не може да превземе нешто(?)! Додека пак за почитувањето на народната волја сувишно е и да зборуваме. Таа претставува само празни зборови и ефтини приказни продадени преку широкиот спректар на манипулативни средства кои ги има власта. Пожртвуваните политичари од народни работници, набрзо по стекнувањето на таа функција се трансформираат во приватни бизнисмени, а се што им е заедничко со работниците е тоа што обичните работници работат за нив и им ги овозможуваат привилегиите кои ги имаат како „народни (не)работници“. Во секоја смисла! А како награда за тоа пак повторно покажуваат благородности и одвреме навреме знаат да излезат и да се „солидаризираат“ со обичниот народ преку „донации“ од народни пари добиени преку енормно покачени плати, неправедно наплатени патни трошоци, деловни патувања итн. или пак како што кажавме ни овозможуваат „бесплатни“ јавни услуги и на крај заминуваат дома со најлуксузни автомобили придружени од елегантно облечени телохранители, додека обичниот народ чека автобус, оди пеш до дома каде го чекаат сметките, давачките и гладните усти кои треба да ги прехрани.

Како воопшто, вака избрана група на луѓе на кои ѕвездите им го осветлуваат патот дури и ноќе кога нема месечина, иситите да се самоидентификуваат со обичниот граѓанин кој работи од утро до мрак да преживее(!?). Всушност кога да се најде време! Македонскиот политичар во својот „божествен мандат“ активно е „ангажиран“ на билдање на своето банкарско конто и се до наредни избори нема време да помисли на својот „работодавец“-народот.

Но, и да речеме еве работат и покрај нивната макотрпна работа ние тонеме! Како? Ако богатството на еден народ се мери во големината на: земјата, капиталот, трудот и науката, изминативе триесеттина години Македонија изгуби непроценливо богатство во однос на трудот и науката! Коруптивното општество доведе до масовен одлив на работноспособно население меѓу кои голем број од истото образовано и стручно потковано, што значи Македонија претрпе тешки загуби во 2 од 4-те основни критериуми за мерење на богатство на една нација, на тоа ако се додаде и намалениот наталитет и образованието кое се уништува од година во година, ние сме пред колапс! Додека капиталот (општествениот) – едноставно го украдоа! И сето тоа од причина што Македонија досега беше водена од одродени и сиромашни души (не се мисли на материјално)! Почнувајќи од уништеното образование и алчната човечка природа за материјалното, денес имаме „боси“ политичари кои во име на општото добро работат само за целите на одредена група, притоа тонејќи не нас обичниот народ во провалија наместо да не искачат кон тронот кој историски ни следува како следно еволутивно ниво, заборавајќи ја моќта и победничкиот менталитет на Македонија кој опстои во нашите гени! Еве и да кажеме дека политичарите треба да имаат привилегии– нели сепак ја претставуваат државата и народот пред светот. Еве, нека е така! Но, повторно постои но, што кога овие работници кои денес им овозможуваат комфорен живот, ќе завршат со работниот век? Кој ќе работи тогаш? Е овде нашите политичари не можат да ја одржат илузијата за нивната вонземска положба, кои впрочем се недопирливи за земскиот закон, не можат да го скријат фактот дека нивната грешна политика низ изминативе триесеттина години овозможи исселување на огромен број квалитетен кадар кој требаше да биде иднината на Македонија и кој требаше да ја гради својата а не туѓа држава! И како во таква ситуација да замижеме и кажеме: Да ова се нашите лидери – тие ни мислат добро и не почитуваат! Како(?) кога свесно и намерно со години и нанесуваат штета на цела нација! Благодарејќи на нив Македонија изгледа оневозможена да ја врати својата вредност пред очите на светот! „Народните (не)работници“ досега не ја завршија својата работна должност – не го заштитија а уште помалку унапредија општото добро во изминативе години, денешните политичари ја променија својата природна цел за дејствување а таквата промена постепено не води 30 години кон пропаст! Во овие години Македонија изгуби енормен број на свои чеда кои творат и ја надоградуваат вредноста на земјите кои денес со право не гледаат надмено! Со право бидејќи погрешивме а тие тоа го искористија!

Погрешивме зошто ние им дозволивме, а тие одродени и заслепени – „наши политичари“, заборавија за моќта на почитта и вреднувањето на своето историско минато и негувањето на своите историски белези притоа игнорирајќи го фактот дека доколку самите не се почитуваме тогаш вредноста во очите на останатите опаѓа. Но, и фактот дека колку и да не негираат, омаловажуваат и обесправуваат овде сме постоиме и тоа не може било која негаторска пропаганда да го побие, а со самото тоа и патот кој треба да го изодиме до целосно воздигање не е невозможен!

Нашите „народни (не)работници“ до денес заборавија (или пак водејќи се по својата натална карта и благородна крв воопшто и не научиле) и свесно го погазуваа фактот дека сме нација со вековно минато, па лесно продаваат јазик, идентитет, се негираат самите и тргуваат за некоја нова европска вредност (!?) притоа правејќи несразмерна размена на историски постоечката вредност на нашето единство – за ново европско единство, чија вредност и цел сеуште не е докрај одредена. А во таква ситуација на намалена вредност и самопочит од страна на внатрешните непријатели на народот, станавме ефтин производ по поволна цена за купувачите однадвор, од кои: некои сакаат име, некои јазик, некои историја, едноставно кој што стигне а зошто па да не кога нешто така вредно е испод реалната цена(?). Но, тоа не е се! Истите тие купувачи проценувајќи ги можностите на нашата ниска самопочит и самовреднување редовно ни бараа дополнителен попуст! И замислете нашите политичари цели 30 години им велат ДА во право сте! – Овие работи не вредат толку, за колку сакате да ви ги продадеме(!?), или пак уште подиректно – Вие ќе ни дадете мал процент на нас а ние ќе ви намалиме за уште минимум 50% и ќе речеме подоцна дека тоа беше и онака старо и не вредеше а народот ќе не разбере и поверува!

Така да денес не е ништо чудно што имаме веќе променето име, историја на пат да се промени, народ кој сака да се инфилтрира во државните институции каде ќе го наметнува својот јазик, култура како наше – заедничко итн.

Но, да се навратиме на претходното. Рековме дека вредноста на нашиот народ ја одредуваат мал дел на изолирани случаи кои по сплет на околности го добиле легитимитетот да бидат таму каде што се! А во секоја демократија каде владее мнозинството, тоа се освестува, сфаќа што губи им го одзема легитимитетот! – Но не и кај нас! Зошто? – Затоа што Власта во моментот кога ја губи довербата од народот и понатаму по слово на законот – легално се уште е таа која одлучува за општото добро, а во моментот кога удобните фотељи почнат да се нишаат почнуваат да се вртат кон манипулацијата на јавната свест! Па тогаш на сцена стапуваат грижливите политичари – посебен подвид кој ни ги дава на тацна благодетите на државната машинерија, образование, здравство, социјална заштита итн. и тоа ни помалку ни повеќе БЕСПЛАТНО! Да задолжителна компонента во говорот на секој благороден политичар во Македонија, особено во кампања пред избори е зборот БЕСПЛАТНО! Бесплатни учебници, бесплатно здравство, бесплатно ова, бесплатно ова итн. Можеби навистина се божества штом нешто можат да го направат беспари!? Но, дали е навистина бесплатното – бесплатно? Не! Не е! Не е бесплатно а уште помалку е милостлив гест од страна на политичарите! Се што велите дека е бесплатно се е платено од народни пари од кои и вам ве плаќа народот да работите за народот! Дотолку не е бесплатно што власта нема право да рече дека нешто овозможила бесплатно и со тоа да се величи и да се става ниво погоре од своите противници! Во промоцијата на бесплатното редовно круцијална улога играат партиските ботови кои се со единствена мисија да се дестимулира револтираниот народ, добивајќи за возврат работни места без никакви квалификации и компетенции, нели партиите се попримат како биро за вработување а лидерите како старатели на невработените чеда на оваа земја која треба да ги згрижи и награди за својата пожртвуваност во остварувањето на општозацртаното добро од страна на партијата. И сето тоа со цел да се оттргне вниманието од големата слика на обезвреднетата држава, држава која предавниците ја продале по поволна цена незнаејќи да ја ценат и величат како што ја ценат оние кои парче по парче прават колекција од истата.

Народе доста е !

Не се трпи веќе понижување! Доста трпеше! Додека ти велиш – не ме интерисира политика, тие во твое име ти ги земаа другарите, пријателите и генерално животот, оневозможувајќи те да го исполниш својот потенцијал! Сети се на своето минато, сети се на своите корени, да ги тргнеме одродените! Да си ја вратиме честа и угледот пред очите на светот! Да си го вратиме животот! Доста градевме држави туѓи! И не, не е грев, ниту пак злочин да кажеме дека досега грешевме! Да! Погрешивме што дозволивме да не лажат, уценуваат и изиграат „нашите“. Погрешивме што им дадовме се а за возврат баравме храбро да не водат. Погрешивме што им дозволивме да не прават идиоти (Idiotes) да мислиме дека заедно со нив сме богови, – зошто ѕверови не сме! Чашата е прелиена, битката е изгубена но војната уште трае! Време е за промена! Време е за Борба! Борба да си го вратиме достоинството, гордоста, честа и местото под сонцето! Подобро утре е возможно! Време е да им порачаме: Доста ни е од вас, не сме идиоти (idiotes), идиоти!