Пишува: Проф. д-р Билјана Ванковска
Неодамна лидерот на британската опозиција, Џереми Корбин, го кажа следното: „Слободниот печат е од есенцијално значење за нашата демократија. Но најголемиот дел од нашиот печат всушност воопшто не е слободен. Само три компании контролираат дури 71 отсто од весниците на национално ниво, а пет компании контролираат дури 81 отсто од локалните весници. Ова нездраво движење на неколку корпорации и милионери ги обликува и извртува приоритетите и погледот на светот… Британскиот печат е со најниска доверба во Европа, вклучувајќи ги и земјите што не се членки на ЕУ, како Северна Македонија и Србија… Сопствениците и уредниците на најголемиот број весници во нашата земја ги симнаа толку ниско стандардите, па дури и нивните највредни новинари не уживаат доверба кај јавноста. Тоа е травестија!“
Кажа тој и многу други паметни работи, но споменувањето на Северна Македонија како да е божем факт, покажува со сета иронија дека дури и луѓе од негов ков веќе потпаднале под пропагандата на медиумите. Зошто во момент кога и самите си имаме огромни проблеми со (не)слободните медиуми и пропагандата, би се грижела за британските? Тоа се должи на конкретен случај што ја засега (Северна) Македонија, односно на начинот на кој лондонски „Гардијан“ учествува во „креирањето на погледот на светот“.
Имено, на еден месец по потпишувањето на Преспанскиот договор (20 јули) беше објавено писмо на 45 странски професори (меѓу нив и грчки, но не и македонски – вториве претпочитаа да дејствуваат како логистика од сенка без храброст да се потпишат самите) со индикативен наслов: „Историскиот договор за споделениот македонски идентитет мора да се испочитува“. Листата беше импресивна, ако се суди по афилијациите на потписниците, но не нужно и познавање на спорот и договорот. Не е страшно што договорот беше опишан во суперлативи. Страшното беше што сите критичари беа однапред етикетирани како националисти и екстремисти. За дволичноста на некои што лично се антинатовци, ама во писмото сесрдно се заложија дека без НАТО нема живот за (Северна) Македонија, нема да зборувам.
Тие си знаат. За договорот треба да се спори (иако македонските граѓани се доведени пред свршен чин), но во академските кругови не е примерено неистомислениците да се етикетираат без да се слушнат нивните аргументи. Зборот мора (да се испочитува) повеќе прилега на диктат на политичари или портпароли на центрите на моќ, отколку на врвни интелектуалци. Тоа беше провокација да се направи обид, како што е ред, на овие наводи да се одговори со писмо до истиот медиум, со изнесување контрааргументи и предупредување дека договорот не само што не носи прогрес и помирување туку и ги дестабилизира и Македонија и регионот. Така тргна (да ја наречам) „нашата“ иницијатива од неколку колеги што соработуваме со години и го познаваме спорот.
На секој од потенцијалните поддржувачи му беа доставени писмото од „Гардијан“, Преспанскиот договор и нацрт на одговор, со доволно време за рефлексија. Резултатот беше кратко писмо (250 збора, како што бара „Гардијан“), поткрепено со 75 потписи. Но „Гардијан“ одби да го објави, без никакво образложение. Се обидовме уште во неколку западни медиуми – без успех. Така, „Вашингтон пост“ објавува апологетски текст на докторанд со македонско потекло, но нема интерес за „еретички“ текст што ја урива дипломатската бајка за Заев и Ципрас. Конечно, одлучивме да го објавиме на американскиот портал „Балкан инсајдер“, а потоа и на страниците на овој весник и многу други македонски портали (во меинстрим-медиумите нема да најдете ни збор – сите учат од „Гардијан“ и компанија).
Да биде иронијата поголема, додека пишувам до мене стигнува вест дека новинари на „Гардијан“ (и на „Њујорк тајмс“) направиле интервју со контроверзен лидер на мала партија. (Тоа е оној што непопречено од полицијата вееше руско знаме качен на полициско оклопно возило онаа вечер кога на нас, мирните демонстранти, се фрлаа шок-бомби и солзавец.) Така, за да си го потврдат веќе скроениот наратив за националистите и екстремистите, а особено за руското влијание, западните новинари се позаинтересирани за ликови што ќе послужат како „крунски доказ“ отколку што ќе сакаат да обелоденат што мислат Милан Кундера или Венко Андоновски?
Половина час по објавувањето на нашето писмо, колешка-професорка што сесрдно го поддржува договорот побрза да каже дека „нејзините“ потписници биле покул од „нашите“ (вредел само Кундера). Тоа ја покажува сета инфантилност на јавниот дискурс (макар и на социјалните мрежи) во најдраматичните моменти за земјата. Идејата на отворените писма, особено на врвни академски и уметнички авторитети, е отворање дијалог за аргументите. Разбирливо, во 250 збора можете само да ги зацртате почетните позиции, ама медиумите, но и академските институции треба понатаму да го отворат просторот за попродлабочени дискусии – ако се демократски! „Гардијан“ покажа колку е Корбин во право, дека е пристрасен и непрофесионален, а колешката ја демонстрира површноста со која си ги „мерат“ поддржувачите во тинејџерски манир (кул-покул).
Да се разбереме, критичарите на договорот, особено оние од интелектуалните кругови се маргинализирани аутсајдери кога се во прашање меинстрим (корпоративните) медиуми (нашиве се финансирани од западни фондови). Сте го виделе ли Чомски во некој од нив? Сега, по одбивањето да се објави одговорот на првото писмо, не останува ни трошка сомнеж дека првичната идеја дошла од политички центри на моќ и со финансиска потпора на (како вели Корбин) сопствениците и уредниците? Која е целта на ваквите писма? Зошто научници му даваат поддршка на (гео)политички проект на национален инженеринг без преседан? Јас го разбрав како уште еден вид јавен притисок врз мислечките граѓани во Македонија, кои и онака се дресирани повеќе да им веруваат на странските авторитети отколку на својот здрав разум (common sense), но и како закана за сите што не мислат како нив.
Пораката е: ние знаеме, а не вие; битката е завршена, отпорот е залуден (resistance is futile би рекле Борговите во „Ѕвездените патеки“); договорот е одличен и нема што да размислувате кога ние, со нашите научни титули, потврдуваме дека е тој must (императив).
Нашата идеја беше да ја доведеме во прашање наводната академска и морална супериорност, да внесеме дух на скепса и размисла и за негативните последици (патот кон пеколот и добрите намери сѐ уште актуелни), ама и да покажеме дека освен странски колеги што се одлични познавачи на материјата, постои и значителна академска елита од македонско потекло во најреномирани универзитети. Сакавме да покажеме дека не сме „небањати“ ако не мислиме како нив – или небањати се сите оние седумдесетина. Во ситуација кога некој те убедува дека не знаеш ништо и дека црното е бело, паметен муабет со објективни и неинволвирани колеги што ќе ти кажат ако грешиш, но и ќе ти потврдат ако си во право, е многу корисен.
Мислите ли дека случајно на „нашето“ писмо се потпишани Ричард Фалк (врвен професор по меѓународно право и специјален известувач на ООН за човековите права во Газа), Лидија Баста Флајнер – врвен конституционалист, Јохан Галтунг и Јан Оберг (основоположници на истражувањата на мирот и конфликтите), Џејмс Петифер и Нада Бошковска, врвни историчари на Балканот од Оксфорд и Цирих, Стефано Бианкини од Болоња – човек што знае повеќе за регионот од мнозина овдешни, Жарко Пуховски – најголемиот дисидент и борец против национализмот на територијата на бивша Југославија… Да не набројувам – никој од нив не би потпишал нешто што се коси со неговото знаење и принципи. Најважно е што сите до еден најпрво го прочитаа договорот (и се фатија за глава). За секого имам писмен доказ за согласноста.
Ги добив симпатиите, но не и согласноста од Чомски, Чосидовски и Бојл; размената со нив е важна заради тоа што значеше потврда околу „ѓаволот во деталите“ и резервата кон геополитички договор, која ја нема во фокус благосостојбата на Македонците и Грците, туку интересите на шаховската табла. Одлуката за договорот е само наша. Се надевам дека граѓаните се позрели од неговите интелектуални фаусти, замолчани или тинејџерски расположени интелектуалци. Дијалогот со колегите, од македонско и немакедонско потекло, и веројатно со грчките колеги, ни е важен за да не заталкаме, да се преиспитаме и да си потврдиме дека не сме ни глупави ни екстремисти кога се спротивставуваме на нешта што се косат со здравиот разум, демократските принципи, меѓународното право и човековите права.
Колумната прв пат објавена 2018 година во Нова Македонија: https://novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/%d0%bd%d0%b0-%d0%b7%d0%b0%d0%bf%d0%b0%d0%b4-%d0%bd%d0%b8%d1%88%d1%82%d0%be-%d0%bd%d0%be%d0%b2%d0%be/