Разговараме со Боби Илиевски, модератор на ЛО Тетово при политичката партија Левица како и кандидат за пратеник во ИЕ 6 од политичката партија Левица, на теми соживот помеѓу македонците и албанците, проблемите на тетовчани како и што би направил доколку ја добие довербата на граѓаните и стане народен пратеник
На кое ниво е соживотот помеѓу македонците и албанците и како истиот може да се подобри?
Б.И: Во денешни услови соживотот во Тетово е на многу ниско ниво и се разликува од периодот на братство-единство и соживотот кој се прокламираше во периодот и постпериодот на СФРЈ. Помеѓу младите генерации оваа идеја и соживот е на стаклени нозе. Приблем се системските партиски вработувања во државните институции и длабоко-навлезената меѓуетничка нетрпеливост, која ја воскресна градиначалникот Касами преку водењето на лошата политика.
Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат тетовчани? Може ли да ни споделиш дел од програмата која ја промовирате за нивно решавање?
Б.И: Тетово, како град со мултиетничко население има и повеќе проблеми, кои за жал станаа децениски и само усни и празни ветувања од локалната власт.
Проблем кој претставува високо-ризичен е незгрижувањето на кучињата-бездомници, кои нема каде да се згрижат и претставуваат страв во нашиот град. Но, со програмата на Левица, ќе се направат обиди и решенија за изградба на стационари за бездомни животни.
-Повеќедецениски проблем претставува и аерозагадувањето, кое по последниве години драстично се влоши (иако за тоа беше посочен како виновник Југохром), денес тетовци се трујат буквално и преку лето од ПМ честици. Дополнителен загадувач е немањето на зелени површини и јавен уред парк по светски стандарди и незадоволителното одржување на јавна хигиена.
-Голем недостаток во град Тетово е непостоењето на дневни центри за лицата со попреченост и туѓа нега.
Дали, според вас македонските партии кои имаат свои советници во советот на општина Тетово, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ добро ги застапуваат интересите на македонскот население?
Б.И: Македонските советници кои ги застапуваат своите партии во Советот на општина Тетово, не ги застапуваат еднакво за сите граѓани на општината. Спротивно, делуваат и се залагаат исклучиво за своите интереси и матичните партии. Како дел од власта го поддржуваат секој предлог и мислење наметнато од необалистичкиот градоначалник Касами, кој исклучиво работи против македонското население и кауза. На седниците креваат рака по шаблон и наредба, по кои се реализираат само интересите и проектите на Беса, кои се спротивни на македонските, што резултира со асфалтирање на улици со доминантно албанско население и пред трговски објекти, како и осветлување и зелени уредени површини.
Што е првата работа која ќе ја предложите доколку станете пратеник за подобрување на соживотот помеѓу етничките заедници во Македонија?
Б.И: Една од првите работи за која ќе се залагам ако станам пратеник ќе биде спроведување на механизми за превенција и спречување на меѓуврсничко насилство со посебни програми и задолжителна училишна соработка со институциите. Како втора моја заложба ќе биде донесување и на нов Закон за територијална реорганизација во општините, кој нема да биде зависен од етно-трибалистичка и религиска структура.
Која е вашата главна мотивација за влегување во политика и како ја замислувате вашата улога во Собранието, доколку гласачите ве изберат?
Б.И: Како главна мотивација за мое членство и активизам во Левица е чистата македонска идеологија која ја нуди партијата. Левица ја чувствувам за мое семејство, бидејќи сум дел од сивиот период на транзицијата. Улогата на народен пратеник ќе ја носам достојно, неподмитливо и ќе се залагам за народните интереси и ќе водам битка против вкоренетиот необализам и неофашизам.