Колумна на Андреј Куцуловски – Борец за социјална правда

Последната анализа на Независниот Академски Синдикат покажа дека државната програма за стипендирање македонски студенти во странство, донесена од тогашниот премиер Никола Груевски, не дава резултати. Напротив, создава поголема штета на државата одклолку бенефит.

Стипендирањето на студенти во странство значи дека доколку се запише студент на еден од топ 100 факултети во светот, ќе може да поднесе барање за нивните трошоци да бидат покриени од  државата поточно даночните обврзници. Еден од заклучоците на оваа анализа е дека голем број од студентите кои ја примаат оваа финансиска помош остануваат надвор иако е предвидено студентите да се вратат во Македонија. Тоа е затоа што Министерството за Образование никогаш ја нема активирано меницата која е гаранција за враќање на студентите во државата.
Како резултат на оваа политика, многу од македонските студенти кои што студираат во најдобрите факултети и ја имаат добиено оваа финансиска помош не се враќаат. Што значи дека, прво, државата не може да го искористи нивното знаење за подобрување на домашните политики, услови за живеење и слично. Второ, се создава пат преку кој најперспективните македонски студенти можат да си одат од државата со тоа придонесувајки на Brain Drain процесот и иселувањето на Македонија. Се тоа е овозможено од државна институција!

Но, тоа не е едниствениот пример за погубни политики спрема студентите во Македонија. Државата има проблем со иселување на работници и студенти со децении.  Во текот на изминатите 30 години сите предтходни влади не преземаат никакви мерки за да се спречи ова масовно иселување. Напротив, тие имаат и најмногу придонесено. Само бројките на пописот треба да важат како мерило за неуспешното владеење на овие политички партии и нивните коалициони партнери.

За неуспехот да биде уште поголем, владата во заминување на СДС и ДУИ склучуваат договори со други земји за дополнително продавање на македонскиот работник, и тоа што малку остана. Македонски институции креираат политика за вработување на македонските работници и студенти во странство. Сами си пукаме во нога за да почитуваме некакви билатерални договори. Македонија ги губи најдобрите и најперспективните затоа што моменталната владеачка гарнитура (и мината) работи спрема нивно исселување. Не е повеќе во прашање негрижа или неспособност. Оваа политика активно работи спрема тоа да си одат младите од Македонија. Можат да се забележат секакви реклами за вработување во странство, на социјалните медиуми, билборди, весници и слично.

Пример за вакви политики се последните саеми за вработување на Република Словенија како и саемот за студирање во Словенија кој што треба да се одржи на почеток на Март. Замислете, Словенија ќе ги вработува македонските граѓани и школува македонските студенти. Што е следно, саем за средни школи?

Не смее решението за македонскиот работник и студент да лежи надвор од државата. Мора државата да се одбрани од соптсвените штетни политики кои што директно ги селат работниците и студентите надвор од Македонија. Воедно, мора државата да се спротивстави на опортунистичките политики на западните земји. Во спротивно, демографските промени, загубата на работници и студенти ќе донесе последици за кои што нема да бидеме спремни, како ние така и регионот. Цели индустрии би страдале, цели региони во државата ќе останат без млади и во некои случаи без луѓе, нема да има кој да се грижи за пензионерите, последици ќе има и на воено-одбранбените капацитети на државата.

Очигледно дека на ДПМНЕ, СДС и ДУИ не им е приоритет да ги задржат квалитетните работници и младите во државата. Работните позиции се пополнуваат со партиски послушници а квалитетните кадри заминуваат. Студентите разбираат што се случува и тие сакаат да заминат. Македонија е мала земја со лимитирани ресурси, наместо да се чуваат и користат квалитетните кадри и студенти, државата им го спонзорира нивното иселување.

Извори
  1. https://360stepeni.mk/video-drugi-drzhavi-vrbuvaat-kadar-niz-zemjava-so-amin-na-nashata-agentsija-za-vrabotuvane/
  2. https://naks.org.mk/publikacii/analizi-na-naks-za-isplatlivosta-od-stipendiranjeto-studenti-na-prv-vtor-i-tret-ciklus-studii-na-eden-od-prvite-100-univerziteti-od-shangajskata-lista/