Денеска разговараме со најгласната советничка во Советот на Град Скопје, Катерина Јовановска која доаѓа од редовите на политичката партија Левица за актуелните теми поврзани со проблемите во ЈСП.
Помина една година откако во советот на град Скопје не беше поддржана одлуката за набавка на нови еко автобуси кои би биле во сопственост на ЈСП Скопје. Со оглед на тоа дека ваквата одлука доаѓа токму во услови кога Скопје руши рекорди во загаден воздух, дали има поместување од мртва точка по ова прашање?
К.Ј: Точно, помина повеќе од една година и оттогаш оваа точка се ставаше на дневен ред неколку пати. Последен пат беше на седницата пред две недели, но повторно не го доби потребното мнозинство од советниците. Советниците на СДС не гласаат за набавка на нови еко автобуси затоа што упорно си го форсираат проектот “БАС Рапид Транзит” на Шилегов, додека советниците на ДПМНЕ не гласаат за нови автобуси кои му се насушно потребни на ЈСП под изговор дека менаџментот на претпријатието не работел добро и дека има индиции за криминал.
Во суштина градот е без нови еко автобуси затоа што и СДС и ДПМНЕ штитат приватни интереси во јавниот превоз, односно ги штитат приватните превозници, кои би станале непотребни доколку се набават нови автобуси во сопственост на ЈСП. Така што, поместување од мртва точка по однос на ова прашање нема.
Во текот на цел ваш досегашен мандат како советничка, сведок сте на рекапитуларни штрајкови од страна на вработените на ЈСП кои, речиси без исклучок, негодуваат за заостанатите плати. Дали субвенцијата од 110 милиони денари ќе го реши проблемот?
К.Ј: Да бидам искрена, иако сум родена и цел живот живеам во Скопје, не паметам друг пат да имало штрајк во ЈСП, а Скопје да остане без градски превоз. Дали навистина е толку алармантна состојбата во ЈСП или пак и ова е некаква политичка инсинуација, најдобро би можел да одговори некој кој што е внатре во претпријатието. Како и да е, работниците никако не смеат да зависат од внатрепартиските интереси на советничките групи во Советот и нивните политички интриги и интерни конфликти со Градоначалникот, каков што е сега случајот со ДПМНЕ и нивниот однос кон својот кандидат за градоначалник Арсовска, ниту пак да бидат заложници на (не) работењето на раководните органи на претпријатието.
Изминативе месеци во некололку наврати се гласаа субвенции за ЈСП за најразлични основи, со што се добива впечаток дека ЈСП е “бунар без дно”, но кога станува збор за правата на работниците, ние како работничка партија секогаш стоиме позади нив. Затоа токму ние советниците од Левица и ја инициравме новата вонредна седница каде што беа изгласани субвенциите за плати на вработените во ЈСП, кои според директорот на претпријатието ќе бидат доволни за плати за поголемиот дел од годината. Останува да видиме дали навистина ќе биде така, во спротивно ќе бараме одговорност за работењето на истото. Во оваа насока, би сакала да споменам и тоа дека ДРЗ во својот годишен план има предвидено ревизија на финансиското работење на ЈСП, и да се надеваме дека резултатите од оваа ревизија ќе стигнат до крајот на годината како би можеле да видиме за евентуални нерпавилности во тој дел од работата на претпријатието.
Дали сметате дека во ЈСП се кршат работничките права?
К.Ј: Во аздисан капитализам каков што владее во Македонија, тешко е да се каже дека некаде воопшто нема на некаков начин кршење на правата на работниците. Така и ЈСП не е надвор од оваа генерална пракса во нашата држава. Се разбира дека правото на плата е едно од основните работнички права и доколку таа не се исплати навреме, станува збор за прекршување на правата на работниците.
Дали ЈСП не може да функционира само од продажба на билети? Каде завршуваат парите од продажбата на билетите?
К.Ј: Не само што ЈСП не може да функционира само од продажбата на билети туку и не треба! Имено, јавните услуги не треба да се водат од профит, туку од достапност и оптимален квалитет на услугата, затоа ЈСП е ЈАВНО (а не приватно) претпријатие. Парите од продажбата на билети се многу мал дел од приходот на ЈСП, грубо кажано околу 10% од целокупниот негов буџет. Е сега, проблемот е што во минатото бесплатниот превоз го субвенционирала и централната власт, додека сега тој целосно е на терет на градот. За жал, централната власт не си ги подмирува своите обврски кон ЈСП, односно МОН не си го плаќа делот за бесплатниот превоз на студентите и учениците, а МТСП за пензионерите и лицата со попреченост.
Според Вас, како советничка група, односно како партија, како би можел да се реши проблемот со градскиот превоз, кои се вашите заложби?
К.Ј: Пари во државата има, само треба да се трошат за вистински намени.
Доколку ги погледнете трошоците на Македонија кои ги има само за нејзиното членство во НАТО (2% од БДП, или вртоглави 300 милиони евра во пари!?) тогаш јасно е дека јавните пари Владата ги троши на неприоритетни, а во некои сучаи и контра продуктивни, да не кажам штетни, заложби! Вакви трошоци од парите на граѓаните има многу, покрај трошоците за НАТО активностите еклатантен пример се и трошоците за т.н. Министерство за политички систем кое служи како неофицијален штаб на ДУИ. Така што, овие пари кои од јавниот буџет се трошат на „проекти“ и „екскурзии“ од кои народот нема никаков бенефит, има само штета, треба да се пренасочат во подигање на капацитетот и опфатот на јавните услуги, како што е јавниoт превоз во Градот.
Преземено од: Antropol.mk