Пишува: Проф. д-р Билјана Ванковска, претседателски кандидат на политичката партија Левица
Како да им ја раскажеш големината на приказната за Париската комуна, чиј 150-годишен јубилеј (не) беше одбележан (пред неколку дена, на 18 март), на луѓе што живеат во ужас, стравови, депресија, скандали, бизарности? Како воопшто и да ги заинтересираш? Ја споменав Комуната на социјалните мрежи, а некој ми рече: ама социјализмот пропадна, не успеа! Јас, неверник, се крстам и си велам: а капитализмов пак што цвета, немам зборови! Какво слепило е ова пред сцени на човечки очај и несреќа што не одминува никого, освен богатите! Стотици милиони долари за тенкови, а болниците се како некој круг од пеколот на Данте! На пациентите им се препорачува да си бараат спас во приватните болници, а тие не можат крај со крај да врзат! Овде дури и сцени на најбрутално насилство (претепување човек среде бел ден, во центар на град како Струмица) не згрозува никого посебно или подолго. Веста за детенце загинато во пожар што живеело врзано со синџир седум години е само бизарна вест што за миг оттргнува од индиферентноста – и пак се запаѓа во летаргија.
Моите студенти едвај и да знаат што навистина се случуваше пред 10, 20 или 30 години во Македонија, настани што ги паметат нивните родители. Какво, пак, е значењето на црвената Комуна од 1871 година? Наједноставно би го објаснила тоа со значењето и симболизмот на нашата Крушевска Република, со таа разлика што македонските востаници се бореле и за национално ослободување, покрај социјалното. Француските работници се дигаат против сопствената власт, против буржоазијата, монархистите, државната војска.
Својата „република“ ја одржуваат 72 дена, изложени на оган и глад, и доживуваат целосен масакр – и стануваат маченици и симболи на инспирација на сите желни за правда. Бројот на загинати е (според разни процени) меѓу 20-30 илјади луѓе, меѓу кои и многу жени и деца. Преживеаните се затвораат, изложуваат на тортура или се прогонети во прекуокеанските француски колонии. Знаете кој бил нивниот Гоце Делчев? Карл Маркс! Чувствувајќи ги превирањата во француското општество и акумулацијата на револуционерниот набој, неколку месеци претходно тој ги опоменува париските работници дека условите не се создадени и дека обидот да се турне власта би бил само глупост на очајот. Но кога Комуната го подигнува високо црвеното знаме на барикадите, тој изразува восхит пред нивната храброст. Дури и кога завршува во крв, Маркс виде историско и практично искуство од огромна важност, чекор напред кон светска пролетерска револуција. Комуната, според него, станува позначајна од сите програми и идеи. Токму затоа, единствената „исправка“ во однос на „Комунистичкиот манифест“ беше направена врз основа на револуционерното искуство на париските комунари. Така, во последниот предговор кон германското издание на „Манифестот“ од јуни 1872 година, Маркс и Енгелс велат дека програмата на „Комунистички манифест“ е „сега наместа застарена“, особено Комуната докажа дека „работничката класа не може просто да ја преземе готовата државна машина и да ја пушти во движење за своите сопствени цели“. Подоцна, кога на Херберт Маркузе ќе му предочат дека класиците не оставиле план за идното (комунистичко) општество, во едно предавање од 1967 година тој ќе каже: „Ако сакате да изградите станбена зграда на местото на еден затвор, тогаш затворот треба да се урне затоа што ја попречува изградбата на други згради. Не е нужно да имате конкретен план за станбената зграда за да почнете со уривањето на затворот – доколку за тоа постои волја и сила… Деталите ќе се договорат подоцна“.
„Зошто социјализам?“ е насловот на прекрасниот есеј на Алберт Ајнштајн од 1949 година (за првиот број на списанието Месечна ревија/Monthly Review). Меѓу другото, ќе напише: „Осакатувањето на поединците го сметам за најлошо зло на капитализмот. Целиот наш образовен систем страда од ова зло.“ Тоа е нашата сегашност, зарем не, под палката на разни (полуписмени) Заеви и Мили. Злата на капитализмот стануваат табу-тема, незамисливо е некој да посака социјализам – ќе го направат поголем злосторник од овие што од уста ни вадат за да платат тенкови и да добијат лични привилегии. Пропагандната машинерија успеа постепено да ја урне не само идејата за социјалистичко (или комунистичко) општество туку и да ја направи смешна, ама и опасна. ТИНА-принципот (There Is No Alternative, во превод – нема друга алтернатива, а се мисли на слободниот пазар, капиталистичката економија, либералниот политички поредок, НАТО, ЕУ – додајте што сакате од репертоарот што ви е познат) како да ни ја запечати не само судбината туку и имагинацијата. На периферијата, каде што се наоѓаме, е уште потешко. Најперфиден е обидот за идентификување на повредите на човековите права и авторитарноста на социјалистичките режими со злосторствата на фашизмот и нацизмот. Видете ги барањата на Бугарија кон Македонија и сè ќе ви стане јасно: едниве успешно заборавиле и дека со тенкови газеле среде Прага, а од нас бараат преобразба. Премиер им е телохранител на диктаторот Живков. Тука почнува и запира, барем така се чини, секоја дискусија.
Она што преостанува е ова што сега го живееме: турбокапитализам, капитализам на катастрофите, казино-капитализам… Но нештата се менуваат, на полошо, како што и предвиде Маркс. Она што тој не можете да го види е дека шпекулативниот/финансиски пазар/капитал се „разведе“ од реалната економија, исто како што капитализмот се разведе од демократијата за да преживее. Јанис Варуфакис веќе зборува за посткапитализам, за ера на технофеудализам, поради доминацијата на корпорациите (вклучувајќи ги и фармацевтските во време на хуманитарна катастрофа) врз државните лостови на власта. Тоа е феномен што еднакво води до божемно истакнување на националната држава, но истовремено ја користи како фасада за она што навистина се случува со моќта.
Ние сме можеби (како некаков чуден исклучок или национална девијација) подготвени не само да се откажеме од својата историја, вклучувајќи и од Крушевската Република и од АСНОМ, во име на една морално гнила и нефункционална Унија. Но искрата на Париската комуна не е згасната таму каде што се роди. Пред неколку години, на штрајкот на париските железничари, кои демонстрираа против владините реформи, беше истакната парола: „Не ни е грижа за мај 68-та, ние ја бараме 1871!“. Застрашувачката моќ на овој крик одоздола лежи во фактот што за разлика од романтизираната верзија на Француската револуција од 1789, револуцијата на францускиот пролетаријат од 1871 година никогаш не е целосно интегрирана во националниот наратив за славната нација. Сепак, Французите го одбележуваат јубилејот со серија настани под називот Nous La Commune (Ние, Комуната), кои ќе траат сè до мај (до моментот кога Комуната е задушена во крв од француската армија). Ова и денес буди отпор, а реториката е иста како онаа што своевремено ја демаскираше Светозар Марковиќ во записите за Комуната (чиј современик беше) и за триумфализмот над телата на убиените комунари – на сите европски центри на моќ, не само на Версај. Обидот да се озлогласи сè што е црвено, сè што е лево, всушност, кај нас е одамна завршена работа.
Ние учевме за Париската комуна, денес децата учат за претприемништво (бизнис). Оцрнувањето на Левица и сè друго лево што е за радикален раскин со еден гнил систем заснован на експлоатација, отсуство на солидарност и хуманост, милитаризација и полн со флоскули за демократијата, која можеби не била идеална, ама била најдоброто нешто што историјата го изнедрила, не е случајно. Од нив зборува стравот дека на сиромашните може да им пукне филмот и да заклучат дека немаат што да загубат освен синџирите на ропството. А приказната за демократијата од западен тип е зашеќерена лага, бидејќи „историјата“ не е ниту случаен ниту дарвинистички тек на настани; таа е резултат на водењето на оние што секогаш биле привилегирани и кои умееле доброто да ги прикажат како зло, и обратно. Томас Пикети брилијантно го објасни бракот меѓу нееднаквоста и нивната идеологија.
Имагинариумот на Париската комуна е жив, дури и ако е силно потиснат. Тој во себе ги содржи нештата со кои се китат сите денешни божемни демократи, ама само на зборови (за нашиве буржуи – лажни леви социјалдемократи и да не зборувам): власта во рацете на народот, а не на богатите, фабриките во рацете на работниците, укинување на детскиот труд, еднакви плати, женски права, основање училишта и домови за сираци, простување на долговите на сиромашните, недискриминација, социјална правда, укинување на војската, секуларизација, почит за природата. И ако сакате пак да зборувате за „европски вредности“ и за „либерална демократија“ – само погледнете го пустошот околу себе, почувствувајте ја сопствената безначајност, пониженост, зависност и скршеност, и физичка и емоционална и психичка.
И секако, национална. Париската комуна ѝ даде нови зборови на Марсељезата, зборови на социјална правда, а само еден месец по падот на Комуната, работникот-поет Ежен Потје ќе ја напише Интернационалата, химната на сите комунисти и социјалисти на светот. Слава им на сите што не биле со сведната глава, свиткана кичма, што не трпеле понижувања во име на некакви божји права или лажен мит за демократијата, која е само панацеја за држење во покорност и верба во „подобар живот“ (веројатно на другиот свет). Ако не го напишев ова за Комуната, веројатно ќе замолкнев пред искезеното лице на демократијата во која социјализам има за богатите, а капитализам за сиромашните. Прашајте како им е на оние што се борат за живот, а се заболени од ковид-19: не е страшен вирусот колку немоќта да се набават сите потребни лекови и тестови. Ова бара КРИК! Ова „плаче“ за комуна, за заедништво и солидарност.
Преземено од: novamakedonija.com.mk