Енормно зголемените трошоци за живот, инфлацијата, цената на репроматеријалите и горивото, се дел од секојдневието со кое се соочуваат тутунопроизводителите.
И покрај нивните апели за зголемување на откупната цена на тутунот, власта останува глува и нема за нивните барања. Побитни од маката на тутунарите се тендерите и задоволувањето на апетитите на владеачката врхушка.
Левица, како народна партија и партија на работничката класа, остро го осудува ваквото ноншалантно однесување на власта и се солидаризира со маката на тутунопроизводителите.
Бараме од власта веднаш да им излезе во пресрет на нивните барања и да се постигне договор за откупна цена не пониска од 600,оо денари по килограм предаден тутун.
Воедно Левица предлага и бара да се напушти досегашната методологија на “договарање” меѓу откупувачите и производителите, содржана во законот за тутун, каде се наведува дека договорите се потпишуваат најдоцна до крајот на март и во кои е дефинирана и откупната цена за тековната реколта.
Наместо тоа, откупната цена да се дефинира на крајот од актуелната производна година, кога реално се знаат сите параметри на трошоците за производство на тутунот.
Со тоа ќе се избегнат сите недоразбирања, протести, блокади и мачни натегања околу откупната цена меѓу откупувачите и тутунопроизводителите, односно ќе престане откупниот процес да биде реприза на ланскиот.
Во идната власт, кога дел од власта ќе биде и Левица, третманот на државата кон тутунопроизводителите, а и кон сите земјоделци, ќе биде онаков, каков што го заслужува нивната мака.
На Македонија и’ требаат промени, народот бара промени зашто е уморен од “актуелниве политички играчи” што се однесуваат исто на политичката сцена, што ја играат истата игра.
Левица може и нуди промени, зашто Левица е различна од сегашниве, велат од Левица – ЛО Прилеп.