Фејзбук статус на проф. д-р Дејан Трајковски
Властите упорно им сервираат монополски бизнис за препродавање на електрична енергија и наплата на сметки на приватни компании, наместо државата самата да го работи тоа за своите граѓани. Токму сега, кога доаѓа времето за избор на нов универзален снабдувач, настапува вистинскиот момент за безболно да се откачиме не само од „ЕВН Хоум“, туку и од ЕДС, сега во сопственост на грчката национална електроенергетска компанија ППЦ.
Зошто тоа да не го работи државниот ЕСМ? Се разбира, би било идеално да можеме да си ја вратиме и електродистрибутивната мрежа, што толку наивно ја изгубивме поради недомаќински и корумпирани политичари, но враќањето на наплатата би било првиот чекор.
Се работи за вистински бомбона бизнис, поточно чист финансиски бизнис за препродавање, фактурирање и наплата на електричната енергија, без никаква преносна и дистрибутивна мрежа, без електро-монтери и други работници за одржување на мрежата (тоа го работи ЕВН Дистрибуција), па дури и без инкасанти за наплата. Наскоро и отчитувањето ќе се врши далечински, без луѓе.
Самото фактурирање го вршат компјутери, сметките ги доставува поштата (или дури се испраќаат по електронска пошта), граѓаните сами плаќаат преку банките или по електронски пат, така што снабдувачот нема потреба ниту од инкасанти, а парите им доаѓаат сами.
Впрочем, гледаме дека ги затворија сите канцеларии за корисничка поддршка и наплата, таканаречените кориснички енерго центри по градовите. Едноставно – не им требаат, како одвишен трошок. Истите приходи ги остваруваат при минимални трошоци, односно го максимираат профитот.
За ваков електронско-финансиски бизнис не ни требаат ни австриска ни грчка компанија, па ниту домашна приватна компанија, каква што беше ЕДС пред продавањето на грчката ППЦ. Самиот факт што една мала приватна фирма како ЕДС ги нудела истите услуги (снабдување, односно препродавање, фактурирање и наплата на електрична енергија) кажува дека се работи за едноставен бизнис што може да го работи и домашна компанија, на пример фирма-ќерка на државниот ЕСМ, како што било во минатото.
Државата треба да им нуди сервис на своите граѓани по минимални економски цени, наместо да им остава простор за богатење на странски приватни компании. Сето тоа непотребно го преплатуваат граѓаните. Компаниите кои нудат услуги од животно значење преку јавна инфраструктура (utility companies) никако не смеат да бидат приватни, а уште помалку во сопственост на странци. Ним не им е важно што (дарежливо) се регулирани од РКЕ, бидејќи огромните профити кажуваат сé. Од друга страна, државната компанија би можела да работи со пониски цени и нула профит, во интерес на своите граѓани. Да не забораваме, електричната енергија, исто како водата, претставува основно човеково право и никој нема право од неа да профитира.
До кога ќе гледаме како државата им дава вакви бомбона бизниси на приватници, а особено на странци? До кога како некакво хипнотизирано стадо самите ќе одиме на колење, наместо да ја земеме судбината во сопствени раце и да се ослободиме од приватните мршојадци?