Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Дрин Ахмеди, кој се прослави кога за без пари стана косопственик на трговскиот центар Соравија, вчера полицијата го фати со полн ѓепек пиротехнички средства. Од МВР кажаа дека синоќа на улицата Самуилова во Скопје било запрено патничко моторно возило од марката „ренџ ровер“ со албански регистерски таблички. Автомобилот го управувал 25 годишниот Дрин од кичевското село Зајас, и при преглед на возилото биле пронајдени 749 пиротехнички средства. Приведен беше во полициска станица Беко, но де уште нема информација за пријава против него.
Дрин Ахмети е светски, а наш. Роден е во Зајас, а со само 25 години е успешен бизнисмен, кој се слика со американски политичари. Седи на иста маса со успешен албански бизнисмен и со австрискиот милијардер Хано Соравија.
Прави милионски бизнис-зделки и дури му е смешно како новинарите се интересираат за него и за неговите бизниси и го поврзуваат со неговиот чичко Али Ахмети. Тој е негова мотивација, но простата маса во Македонија не го цени доволно и не е свесна дека да не беше тој, Македонија немаше ни да постои.
Па, ги собра новинарите да им ја раскаже неговата успешна приказна, од која просечен Македонец може само да се искомплексира и да се чуди како нему не му текнало да биде толку успешен. Да студира на Американ колеџ и паралелно на друг универзитет во странство и да работи истовремено.
Младиот Ахмеди (не е познато зошто официјално неговото презиме е Ахмеди, а не Ахмети) случајно дознал дека Соравија има долгови и не може да ги врати, па тоа го видел како можност да направи нешто. Хемијата ги споила Ахмеди, албанскиот бизнисмен, и Соравија.
Без некоја бизнис-логика презеле компанија со долг од 20 милиони евра. Веднаш зеле кредит од 6 милиони евра од банка каде што има удел албанскиот бизнисмен и платиле дел од долговите.+
Тоа беа три успешни приказни, кои се споиле за да направат нешто добро за деловниот центар, кој никогаш не заживеа. За колку пари го купиле центарот што се проценува на 30 милиони евра, не кажаа, но младиот Ахмеди ќе има удел од 39 проценти без да даде ни цент, ниту па ќе преземе некоја обврска од кредитот.
И тоа навистина е добра приказна за пред јавноста, која прашува од каде толку пари на бизнисменот за да купи деловен центар. Ахмеди влегува без ништо, само затоа што е млад и успешен и сите веруваат во него.
А албанскиот градежник, кој правел патишта и други објекти низ целиот регион, влегува со причина. Досега немал добиено ниту еден тендер во Македонија, а сега очекува да добие нови проекти, па може да се вклучи во изградбата на фамозните коридори. Мито не му барале, ама конечно го нашол Ахмеди, кој му овозможи влез на македонскиот пазар.
Бајковитата приказна раскажана на албански и на англиски иронично им се исмева на граѓаните што не се разбираат во бизнис. За Дрин не е битно кој на каков јазик зборува, тој е светски човек, космополит, политички изјави не дава.
Но, за него на Фејсбук, „дрим тим“ се министрите од ДУИ, кои играат кошарка, го слави чичко му со униформа на УЧК и повикува да се гласа за ДУИ. Светскиот бизнисмен, кого го интересираат само пари и бизнис, сепак го слави ликот и делото на чичко му, УЧК, Артан Груби и ДУИ.
Партијата за која има многу сомнежи за криминал и за која ниту една институција не смее да го докаже. Партијата, од каде што доаѓа Рамиз Мерко, кого САД го ставија на црната листа со докажана корупција.
Пријателите од САД го прашувале Дрин и се чуделе како македонските медиуми пишувале така за него. Му велеле дека во САД за вакви тврдења ќе оделе не суд. Ама не му кажале дека Рамиз Мерко да беше во САД немаше да излезе од затвор.
А во Македонија ни мавта од балкон и, како што вели премиерот, ни беседи на Фејсбук. Го споменува Вудро Вилсон, споделува слики со американската амбасадорка, го замрзнува членството во партијата и ветува дека ќе соработува со правосудните органи. Ама оставка не дава.
И Мерко и Дрин ни се смешкаат на нашата простодушност од балконот во Струга, и од „Мериот“, сигурни дека никој ништо не им може. И Дрин и Мерко се спремни да ги „тресат“ оти знаат дека нема кој да ги истресе.
Ислам Абази, шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, оди на седенки со татко му на Дрин, Фекри Ахмети. Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, пак, од кога реши да стане уставен судија, но не успеа, никаде го нема.
Останаа да се препукуваат институциите, која дала, а која изгубила пусулче за Мерко, кој е надлежен да ги следи финансиските текови на Дрин. Но, Дрин нема финансиски текови што институциите може да ги истражуваат затоа што нема никакви трансакции. Треба да се докажува трговија со влијание, која тешко може да се докаже.
И сите божем се фатија за работа, но за никој не е неуспех што САД докажаа корупција и го ставија Мерко на црната листа, а нашите институции со години не успеале да докажат ниту едно дело за корупција кај Мерко од десетици пријави.
Но, црната листа ништо не му може на Мерко во Македонија. Тука се главни Мерковци и Ахметовци. Тие се успешни бизнисмени, а лузери се граѓаните, чиј чичко не е Ахмети и кои не се блиски до ДУИ
Преземено од: Фокус.мк