Пишува: Дејан Трајковски професор на техничкиот факултет при УКЛО
Минатата недела во емисијата „Топ тема“ за Чебрен на ТВ Телма имавме можност да го видиме директорчето од ЕСМ, кое професорот Димитров неколку пати мораше да го спушта на земја со зборовите дека е невоспитано. Видовме колку запенавено, спротивно на интересите на компанијата каде што директорува, се трудеше да ги прикаже ПАХЕ „Чебрен“ и ХЕ „Тиквеш“ како божем бескорисни и дека според тоа требало практично да им се подарат на Грците на 60 години.
Ме спомна и мене, како „еден професор кој прави некакви анализи на Фејсбук и кој мисли дека некој ќе му плаќал на АД „Чебрен“ за складирање на енергијата“. Доколку молчеше, можеби ќе го сметавме за попаметен, но вака отстрани секаква недоумица.
Да пробаме да го разбереме неговото незнаење, сепак на факултет не учел дека еден ден складирањето на електрична енергија ќе стане многу важен бизнис. Но од друга страна, бидејќи се смета за некаков експерт по електроенергетика, ништо не ја оправдува неговата незаинтересираност за доживотно учење, бидејќи светот многу бргу се менува и создава можности за профитирање што доскоро не постоеле, а во иднина нема да можеме да живееме без нив.
Тоа што директорчето не го знае, па сака уште јавно да ме исмева, во светот е веќе измислено и се нарекува „складирање на енергијата како услуга (сервис)“, односно “Energy Storage as a Service” или скратено ESaaS. Првата компанија која го воспоставила моделот ESaaS била компанијата Constant Power Inc. од Торонто, Канада. Денеска има повеќе такви компании, на пример AES Corporation, GI Energy, TROES Corp., Younicos/Aggreko. Последната компанија со грчко име е всушност германско американска компанија и претсатвува пионер на ова поле во Европа.
Бидејќи складирањето на енергијата претставува најбрзорастечки сектор во електроенергетиката, во контекст на фотонапонските електрани и општо Зелената енергија, за кратко време ќе бидеме сведоци на тргување со складирањето на берза, слично како што сега се тргува со електрична енергија „ден однапред“ или „интрадеј“.
Тој што ќе ја има ПАХЕ „Чебрен“ ќе има можности да профитира најмалку на 4 начини, од кои првите два ги видовме претходно ( https://emiter.com.mk/vesti/20767 ) . Накратко да се потсетиме и на нив, пред да преминеме на ESaaS, односно складирањето на енергија како услуга.
Начин бр. 1. Доколку ЕСМ ја поседува ПАХЕ „Чебрен“ и истовремено поседува фотонапонски електрани, тогаш со евтината енергија од Сонцето или со евтина ноќна енергија од РЕК Битола ќе врши пумпање, односно складирање на евтината енергија, што подоцна ќе може да ја продаде на берза по врвна цена. Според овој начин на користење не гледаме складирање како услуга, туку само складирање за сопствени потреби. Приходот од овој начин на складирање е најголем и видовме дека изнесува околу 100 евра/MWh.
Начин бр. 2. Претпријатието „Чебрен“ АД, доколку е независно од АД ЕСМ или пак ЕСМ не поседува фотонапонски електрани, може ноќе да купува евтина електрична енергија на берза и истовремено да продава, повторно преку берза, по скапа цена во вечерните часови. Ова претставува таканаречена енергетска арбитража, односно безризично профитирање од евтино купување и скапо продавање, што го разгледавме претходно. Според овој начин приходот е малку помал, но моментално изнесува околу 50 евра/MWh. Тука повторно не продаваме складирање како услуга, туку складираме заради тргување и профитирање за своја сметка и во свое име.
Следните два начини всушност ја претставуваат суштината на ESaaS, односно складирањето на енергија како услуга. Ќе разгледаме како од оваа услуга можат да профитираат производителите на евтина енергија, на пример од фотоволтаици (начин бр. 3), но и купувачите кои имаат потреба од скапа енергија навечер (начин бр. 4). ПАХЕ „Чебрен“ може да профитира од двата вида на клиенти, она што на многумина не им е јасно во овој момент. Да ги разгледаме двата начини.
Начин бр. 3. Да претпоставиме дека ние, компанијата А, сме производители на евтина електрична енергија и сакаме да ја продадеме енергијата по врвна цена навечер. За таа цел влегуваме во правно обврзувачки договор (legally binding agreement) со ПАХЕ „Чебрен“. Во договореното време на пример од 11 до 12 часот наутро, кога енергијата од фотоволтаици е најевтина, ние преку мрежата и испорачуваме на ПАХЕ Чебрен на пример 1,25 MWh енергија, која ПАХЕ ќе ја употреби за пумпање, односно складирање на енергијата во форма на гравитациона потенцијална енергија на водата во горната акумулација.
Во меѓувреме, преку берза продаваме 1 MWh електрична енергија денеска или утре навечер, од 19 до 20 часот на купувачот, компанијата Б. Во договореното време ПАХЕ „Чебрен“ ги вклучува турбоагрегатите, генерира енергија и ја испорачува во мрежа ВО ИМЕ НА КОМПАНИЈАТА А, а компанијата Б е должна истата да ја прими од мрежата, согласно берзанската трансакција. За берзата ова е исто како компанијата А да ја испорачала енергијата. При порамнувањето (settlement) утре попладне компанијата А ги прима парите, компанијата Б ја прима енергијата, а ПАХЕ „Чебрен“ ја извршило обврската кон двете страни и соодветно ќе наплати.
За својата услуга ПАХЕ „Чебрен“ наплатува од компанијата А на еден од овие два начини: а.) наплатува фиксна цена, на пример 50 евра/MWh или б.) со компанијата А ја делат добивката од разликата во цената помеѓу берзанската цена на продадената енергија кон компанијата Б и берзанската цена во моментот на пумпањето за компанијата А.
Останува да се каже дека сме морале да испорачаме 1,25 MWh за пумпање, иако купувачот ќе добие само 1 MWh, поради загубите во двојната конверзија на енергијата. Овие загуби ефективно ја поскапуваат нашата испорачана енергија за 25% и ни ја намалуваат добивката. Крајниот ефект за нас е што сепак сме ја продале енергијата поскапо, отколку да сме ја продале во ноќните саати (или дење, ако се работи за фотоволтаици), кога таа е многу евтина на берза. Тука е многу важно сите страни во трансакцијата да извршат прецизни мерења на енергијата при нејзината испорака и примањето.
Начин бр. 4. Овој случај е спротивен на начинот бр. 3. Тука ние, компанијата А, сме потрошувач кој има потреба од енергија за време на врвната цена, на пример од 19 до 20 часот. Меѓутоа, на берза сме пронашле евтина енергија во ноќните саати (на примнер од 2 до 3 часот по полноќ) или пак од фотоволтаиците од 11 до 12 часот. Преку берза купуваме 1,25 MWh евтина енергија од некоја компанија Б, која во утринските саати ќе ја испорача во мрежа, а ВО НАШЕ ИМЕ ПАХЕ „ЧЕБРЕН“ ЌЕ ЈА ПРИМИ енергијата и ќе ја употреби за пумпање, односно складирање како потенцијална гравитациона енергија на водата. Поради загубите во двојната конверзија на енергијата, евтината енергија што сме ја купиле за нас ќе биде за 25% поскапа и пвторно ни ја намалува добивката.
Навечер, согласно нашите потреби (на пример од 19 до 20 часот) ПАХЕ „Чебрен“ ги вклучува агрегатите во турбински режим, генерира 1 MWh електрична енергија и ја испорачува во мрежата, а ние, комапнијата А сме должни истата да ја примиме, согласно правно обврзувачкиот договор.
Во овој случај ПАХЕ „Чебрен“ повторно наплатува од нас, компанијата А, за услугата за складирањето, било фиксен надомест или делејќи го профитот од разликата во цената. Крајниот резултат е таков што ние сепак сме набавиле поевтина енергија отколку да сме ја купиле по врвна цена на берза. Тука исто така е важно прецизно да се мерат количествата на енергијата и да се води сметка за исполнување на обврските.
Според двата начина комапнијата Б нема ништо со нас и со нашиот договор со ПАХЕ „Чебрен“, односно таа купува или продава енергија исклучиво преку берза.
Начините 3 и 4 опишуваат како ПАХЕ „Чебрен“ би наплатило за својата услуга за чување, односно како функционира бизнис моделот ESaas. Профитот, односно цената на складирањето би била пониска отколку во првиот и вториот начин, но би дошол во предвид доколку ЕСМ, како сопственик на ПАХЕ „Чебрен“ не би имал свои фотонапонски електрани. Доколку ги има (затоа постојано повикуваме ЕСМ да ги гради), тогаш профитот од складирање е максимален, бидејќи енергијата од фотоволатиците би била по LCOE (Levelized Cost of Electricity) цена, изведена од инвестициските трошоци и времето за отплата.
Ништо не ја попречува ПАХЕ „Чебрен“ истовремено да купува или да продава од/на повеќе клиенти. На пример, ако од две компании купи 100 MWh и 200 MWh енергија, таа во договорениот час ќе преземе од мрежата 300 MWh и истата ќе ја употреби за пумпање, односно складирање. Обратно е при продавањето. Ако има два купувачи на кои треба да им испорача 100 MWh, односно 200 MWh, тогаш ќе произведе и испорача во мрежата 300 MWh, а купувачите ќе бидат должни да ја примат енергијата во договорениот час.
Постојат и други начини за профитирање, а тие се базираат на балансирање на системот. Сосема накратко, Кога некој испорачува повеќе енергија отколку што другите можат да примат, ПАХЕ „Чебрен“ е го прими тој вишок, за што ем ќе наплати, ем подоцна ќе ја продаде таа енергија. Ако пак потрошувачите повеќе трошат отколку што производителите можат да произведат, ПАХЕ „Чебрен“ ќе ја испорача енергијата што недостига и за тоа повторно ќе наплати. Бидејќи овие испораки се прават во последен час, односно во реално време, оваа балансирачка енергија е најскапа, а профитот од складирањето е најголем.
Услугите за складирање би можеле да се договараат директно помеѓу страната А и ПАХЕ „Чебрен“, слично на „шалтерскиот“ пазар (Over the Counter – OTC Market) на пазарите на капиталот, но во иднина сигурно ќе се појави и берзанско тргување со услугата за складирање, каде би имало наддавање и за цената на складирање. Во Македонија веќе постои пазар на електрична енергија, па не би било тешко истиот да се прошири и со пазар за складирање на енергијата.
Истакнато место на овој нов пазар би можела да има и блок чејн технологијата, што ќе обезбеди совршена транспарентност, односно сите учесници на пазарот ќе можат да ги видат порачките за купување и продавање, количествата на енергија и понудените цени.
Светот оди нанапред со крупни чекори, новите потреби создаваат нови можности, а тој што ќе ја има ПАХЕ „Чебрен“ ќе може прв да формира ваков пазар, што веќе постои во Северна Америка, а постепено започнува да се формира и во Европа. Засега тоа се воглавно производителите на литиум-јонски батерии.
Жално е што поради луѓе кои имаат единствена цел да раскрчмуваат национално богатство можеме лесно да останеме без таквите можности. Препуштајќи им ги ресурсите на странските компании, ќе се претвораме во терен за нивно богатење и во класична африканска колонија.