За троцкизмот полесно да ја врши својата разорна работа во разните организации на работничката класа и во останатите демократски партии и организации, тој тоа го прави во различни облици, но секогаш со една цел – да го расчисти патот за фашистичко-империјалистичките бандити.
Кога вршат шпионажа и спроведуваат саботажи, диверзии и останата штеточински работа во СССР, троцкистичките бандити и нивните привезоци работат во насока на пораз на СССР, на уништување на земјата на социјализмот, тврдината на меѓународниот пролетаријат, заштитникот на малите народи и најголемиот поборник за мир. Во Кина троцкистите вршат шпионска служба кај јапонскиот генералштаб. Таму тие бандити се пресоблекуваат во униформи на Осмата народна армија, ги убиваат и пљачкосуваат селаните и командирите на Осмата армија, им доставуваат воени планови на јапонските освојувачи и со сите сили се обидуваат да ја отежнат ослободителната борба на кинескиот народ. Во Шпанија троцкистите беа душата на Петтата колона, предизвикаа бунтови во заднината на Републиканската народна армија секогаш кога на Франко му се закануваше опасност на фронтот. И конечно сега, кога генералите Мијаха, Касадо и останатите подготвуваа предавничко предавање на републиканската Шпанија на крвникот Франко, троцкистите беа првите кои го помогнаа тоа предавање и нишанеа на комунистите кои даваа отпор на тоа предавство. Тие тоа го правеа како верни слуги на Франко, Мусолини и Хитлер; тие го помагаа поробувањето на шпанскиот народ.
Во време на окупацијата на Чехословачка белградските троцкисти беа против одбраната на Чехословачка. Воопшто, троцкистите сега во сите земји ја навлекоа маската на „пацифизмот“ и водат неуморна борба против организациите на отпорот на фашистичките освојувачи. Во Словенија и во останатите краишта на нашата земја во овие тешки мигови сејат паника помеѓу народот, ја убиваат вербата кај народот дека е способен да се брани. Тие божем се против пролевањето на крв, а всушност на тој начин го подготвуваат теренот за фашистичките бандити без отпор да ја уништат слободата и независноста на цели народи. Шпионажата, диверзиите, провокациите, убиствата, саботажата, клеветењето – тоа се формите на работа на троцкистичките бандити. Разбивањето на единствениот фронт на работничката класа, разбивањето на Народниот фронт и оневозможувањето на собирањето на народните маси за одбрана на својата независност, тоа се задачите што ги добија троцкистичките бандити од своите господари – фашистичките освојувачи.
Но троцкистите сосема не работат така отворено за секој да може веднаш да ја прочита нивната намера. Првото што тие го прават е да се замаскираат со револуционерна фразеологија. Ако се замаскирани во Партијата или околу неа, тие тогаш на зборови ја прифаќаат линијата на Партијата и и’ изјавуваат верност, но тоа го прават за полесно да ја вршат својата работа: ширење на деморализација во Партијата, шпионирање за непријателот, клеветење на истакнатите другари, потхранување и поттикнување на нездравите амбиции кај разни нездрави елементи, создавање на групаштво и фракционерство со цел на таков начин да се ослабне Партијата итн.
Но троцкистите делуваат и литерарно. Тие божем од некое „научно“ гледиште со своите писанија предизвикуваат збрка во главите особено на младите интелектуалци и на некои работници. Кај нас троцкистите сега настапуваат под знакот на ревизија на марксизмот и ревизионизмот. Некаков Рихтман и компанија сега настојуваат повторно да ја воскреснат пропаднатата теорија на Мах, која Ленин ја разби во прав во својата книга „[Материјализмот и] емпириокритицизмот“. Некои наши списанија му го пружаат своето гостопримство на такви типови како што е надреалистот Марко Ристиќ, интимус на парискиот троцкист и буржоаски дегенерик Бретон. На тој Ристиќ, кој сакаше да го „збогати и надополни“ марксизмот со надреализам и кој денес потајно го клевети СССР и неговата народна култура, кој јавно пишува дека шпанскиот народ се бореше за сон, за изживување на потсвеста, дека Мајаковски и Есенин се убија, зашто се отуѓија од руската стварност (се разочараа) итн. Му се пружа гостопримство на Рихтман, кој почна со „исправање“ на Енгелсовите и Лениновите сфаќања за дијалектиката во природата, а заврши со клеветење на нивниот најдобар наследник Сталин и го брани Хитлеровиот шпион Бухарин. Или, да речеме, В. Богданов, кој во 1929 пред полицијата и судот даваше срамни изјави, човек кој непрекинато и многу вешто ја врши својата разорна работа на штета на работничката класа. Овие и ним сличните луѓе за кои според потребата уште ќе зборуваме, многу вешто, во форма на литерарно творење, ја вршат својата деструктивна работа. Речиси три години херојскиот шпански народ водеше борба за својата независност и слобода. Напредната и демократската интелигенција од целиот свет настојуваше на кој било начин да ја помогне таа борба, а овие луѓе цело време молчеа, како таа борба нив да не ги засега.
Многу е важно што токму од тие кругови беа најбесните напади против тоа работничката класа да постави свои самостојни кандидати на листата на др. Мачек за време на изборите на 11 декември 1938. Од тоа јасно се гледа дека деструктивното делување на тие интелектуалци не се ограничува само на литерарното поле, туку [го има] и во политиката. Ова беше чисто троцкистички напад против работничката класа и нашата Партија од страна на некои интелектуалци, кои го прикриваат своето троцкистичко лице пред работничката класа на Југославија, зашто знаат дека таа го мрази троцкизмот како чума. Троцкистите со големо задоволство се служат со такво оружје какво што е клеветањето и дискредитирањето во јавноста на оние другари за кои знаат дека имаат некоја функција во движењето. Така, измислуваат дека еден другар во Црна Гора украл пари, а Партијата да не знае за тоа и тие како „верни“ партијци се должни да јават за тоа. Но, се разбира, тие тоа го јавуваат по аголите, кафеаните и секому кого ќе го сретнат. Понатаму, троцкистите на сметка на комунистите прават разни провокации. Во Црна Гора ги мачкаат со измет иконите и црквите и шират помеѓу народот [гласови] дека тоа е директива од Партијата. Таквите провокации се честа појава и во другите краишта, а сè со цел да предизвикаат незадоволство помеѓу народот против нашата Партија.
Активноста на троцкистите како фашистички агенти особено се чувствува во време на силни политички потреси. Тие околу себе ги собираат сите политички десперадоси, поранешни капитуланти, ликвидатори и предавници. Тие елементи под влијание на троцкистите почнуваат да се активираат, се разбира, во борба против Партијата. Истакнуваат „политички“ и „идејни“ разлики со неа. Така, на пример, Васо Срзентиќ од ликвидаторски побуди замина од нашето движење и сега го клевети СССР, КИ и нашата Партија на најодвратен начин. Предавниците од т.н. Црногорски процес од 1936 (Коста Ќуфка и сл.) денес почнуваат борба против Партијата и нејзината политика, правејќи пречки на сите чекор. Во Далмација некои елементи под влијание на троцкистите и нивните помагачи кои се наоѓаат во странство повторно почнуваат групашки борби помеѓу себе и борба против Партијата. Тие не се покоруваат на одлуките на Партијата и водат борба против нејзините функционери. Се разбира дека во иднина ќе мораме да ги објавиме имињата на сите тие луѓе за чесните луѓе и партијци точно да знаат кои се тие луѓе и кому му служат.
Успешната борба против троцкизмот, кој е само еден облик на фашизмот, може да биде таква само ако секој партиец секогаш знае да ги забележи сите појави што водат кон троцкизам, кому му користат и кои создаваат плодно тло за неговото разорно и штеточинско делување. Секое групаштво, недисциплина, нездраво критизерство, клеветење, либерализам кон познатите троцкисти, колебливост во борбата против нив, колебливост во борбата против сите понапред наведени појави, дволичноста итн. се најплодното тло за успешното делување на троцкизмот.
Во борбата против троцкизмот е потребно нашите другари и симпатизери да ги воочат следните работи:
Треба да се отфрли туѓата и гнила теорија што ја шират фашистите, понекогаш и разните неискрени реакционери, социјалдемократски и демократски елементи, тврдејќи дека борбата против троцкизмот всушност е идејна борба помеѓу две струи во работничкото движење. Троцкизмот денес повеќе не е никаква идејна струја, тоа е банда на шпиони, диверзанти и убијци, тој е еден од облиците на фашизмот, негова авангарда; орудие на предизвикувачите на војната, противник на демократијата, слободата и човечкиот напредок. Нема борба против фашизмот без борба против неговиот троцкистички облик. Затоа Партијата треба да го мобилизира против троцкистите не само целото партиско членство, туку и сите искрени антифашисти, сите пријатели на културата и напредокот.
За борбата против таа зараза да биде поуспешна, потребно е да се подигне теоретското ниво на членството. Потребно е да се запознае членството, симпатизерите и сите пријатели на слободата, демократијата и напредокот со вистинската суштина на троцкизмот. Треба да се изучи линијата на нашата Партија и да се покаже ленинско-сталинска упорност и доследност во борбата против сите скршнувања. Треба повеќе лична иницијатива и непомирливост во борбата против разните троцкистички и полутроцкистички елементи; против сето она што создава терен за троцкизмот. Секој член на Партијата треба да развие болшевичка будност не само во Партијата, туку и насекаде каде што тие делуваат: во синдикатот, во разните културни и спортски организации и мора да ги разобличува троцкистичките агенти и провокатори пред работниците и останатите демократски слоеви на народот. Акциите против троцкизмот треба да се водат не само полулегално, туку и легално преку печатот, предавања итн. во разни работнички, демократски, културни и други организации.
Изнесувајќи неколку примери од деструктивното делување на троцкистите и потребата од борба против нив, ние истовремено мораме да нагласиме дека би било штетно за Партијата и за собирањето на сите чесни и демократски елементи за борба против фашистичката опасност ако го ставаме во еден троцкистички кош секој оној што навистина од незнаење и неинформираност прави некои грешки, или со време паѓа под влијание на троцкистичките елементи. На таквите треба трпеливо да им се објаснат нивните грешки и заблуди, треба да им се помогне да се запознаат со вистинската суштина на троцкизмот и со методите на нивното деструктивно делување.
Чистејќи ги редовите на нашата Партија од сите троцкистички и полутроцкистички елементи, ние истовремено сме должни да водиме борба за исфрлање на троцкистите и на нивните помагачи од сите останати работнички и демократски народни организации, зашто на таков начин ќе го обезбедиме единството на работничката класа и ќе придонесиме за победата на мирот, демократијата, слободата, независноста и братството помеѓу народите на Југославија.
Преземено од: https://www.marxists.org/makedonski/tito/1939/trockizmot.htm