22 април 1870 | Во Симбирск (сега Улјановск) е роден Владимир Илич Улјанов (Ленин). |
1887 | Ја завршува Симбирската гимназија, се запишува на Правниот факултет на Казанскиот универзитет. Во Казан учествува во револуционерните студентски кружоци и во Самарско-симбирското здружение, а кон крајот на годината прв пат е уапсен поради учество во студентските немири, исклучен е од Казанскиот универзитет и протеран во селото Кокушкино. |
1889 | Семејството Улјанов се преселува во Самара. |
1890 1891 | Ги положува сите испити на Правниот факултет на Петроградскиот универзитет со највисоки оценки и добива диплома од прв степен. |
1892 | Станува адвокатски приправник, добива право да се занимава со застапување на судски спорови, пишува реферати во кои ги критикува народниците и ги чита во илегални кружоци. |
1893 | Заминува за Петроград, тогашниот центар на руското револуционерно движење и го пишува најстариот сочуван труд „Новите стопански движења во селанскиот живот“, во кој веќе се гледаат неговите изградени марксистички ставови. |
1894 | Во Петроград ги раководи петроградската група марксисти и централниот работнички кружок. За првпат се среќава со Крупскаја и се запознава со претставниците на „легалните марксисти” — Потресов, Струве и Туган-Барановски. Ги пишува трудовите „Што се ‘пријателите на народот’ и како се борат тие против социјалдемократите” и „Економската содржина на народништвото’ и неговата критика во книгата на г. Струве”. Во нив ја покажува неиздржаноста на филозофијата и на општествено-политичката концепција на народниците, а истовремено ги критикува легалните марксисти. |
1895 | Патува во странство (Германија, Швајцарија и Франција) и се запознава со Плеханов и Акселрод, основачите на првата руска марксистичка група „Ослободување на трудот”. Работи во јавните библиотеки, се запознава со странската марксистичка литература, со западно-европското работничко движење и со негови истакнати раководители. Кон крајот на септември се враќа во Петроград и го основа „Сојузот на борбата за ослободување на работничката класа”, се занимава со организациона работа и го подготвува изданието на првиот број на илегалниот орган на организацијата „Рабочее дело”. Кон крајот на годината е уапсен од царската полиција. |
1896 1899 | Во затвор поминува повеќе од 14 месеци, а потоа е осуден на тригодишно прогонство во Сибир. Таму на Ленин му се придружи Надежда Константиновна Крупскаја, со која склопува брак во 1898 година. Во затворот и во прогонството мошне интензивно се занимава со теориски студии, а најзначаен резултат на тие студии е книгата „Развитокот на капитализмот во Русија” (објавена во 1899 година). |
1900 1902 | На слобода се зафаќа со организирање политичка партија на работничката класа. По негова иницијатива се покренати марксистичките теоретски списанија „Искра” и „Зарја”. Повторно заминува надвор од земјата, учествува активно во издавањето на „Искра” и започнува да работа врз книгата „Што да се прави?” |
1903 1904 | Во Брисел учествува на Вториот конгрес на Руската социјалдемократска партија. Првиот конгрес на РСДРП (1898) само го прокламираше нејзиното формирање, а на вториот таа добива своја Програма и Статут. Но, уште на овој конгрес доаѓа до расцеп на болшевици и меншевици, а Ленин застанува на чело на револуционерното крило. Детален приказ на Вториот конгрес Ленин дава во книгата „Чекор напред, два чекора назад” (1904). |
1905 | Под раководството на Ленин се одржува Третиот конгрес на РСДРП. Кога за време на Руско-јапонската војна (1904—1905) во Русија настанува револуционерно расположение, во книгата „Две тактики на социјалдемократијата во демократската револуција” ја објаснува болшевичката тактика во новата ситуација. За да се најде во центарот на настаните и одблизу да ја раководи револуцијата се враќа во Петроград. |
1906 1908 | По поразот на Револуцијата повторно емигрира во Женева. Го пишува трудот „Материјализмот и емпириокритицизмот”, објавен една година подоцна, критикувајќи ги остро емпириокритицистичката филозофија и нејзините руски следбеници. |
1912 | Во Прага ја организира Четвртата општопартиска конференција, на која болшевиците се одвојуваат од меншевиците, формирајќи самостојна политичка партија. |
1914 1916 | Со почетокот на Првата светска војна престанува да ја раководи Втората интернационала, критикувајќи ги сите што проповедаат, или го толерираат социјалшовинизмот. Освен со теоретска, се зафаќа и со голема организациско-практична дејност настојувајќи да ги собере и да ги поврзи интернационалистичките елементи на сите социјалистички партии, подготвувајќи го создавањето на Третата интернационала. Интензивно се занимава и со проучување на филозофијата и од тоа време потекнуваат неговите „Филозофски тетратки”. За време на војната го напиша и еден од своите најзначајни трудови — „Империјализмот како највисок стадиум на капитализмот”. |
1917 | По победата на буржоаско-демократската револуција и формирањето на Привремената влада, Ленин се враќа во татковината. Во Петроград, пред водечките партиски работници (на 17 април) го чита својот реферат „За задачите на пролетаријатот во сегашната револуција, познат и како Априлски тези, во кој докажува дека „двовластието” во Русија не може да биде трајно и дека болшевиците мораат да се борат сета власт да прејде во рацете на советите. Кога на 19 јули Привремената влада дава налог за негово апсење повторно преминува во илегалност. Го пишува трудот „Државата и револуцијата”. И натаму ја раководи партиската работа. На 7 ноември, утрото, е објавен проглас на граѓаните на Русија, напишан од Ленин, во кој се соопштува дека државната власт во Петроград преминала во рацете на Воено-револуционерниот комитет при Петроградскиот совет на работничките и воените депутати, а ноќта меѓу 8 и 9 ноември Вториот серуски конгрес на советите формира Привремена работничко-селанска влада и Совет на народните комесари на чело со Ленин. |
1918 1922 | Периодот по Октомвриска револуција му носи уште потешки борби и поинтензивна работа. Раководи со разорената и опустошена земја, борејќи се против контрареволуционерните сили и трупите на странскиот интервенционизам, бранејќи ја советската власт, обновувајќи го стопанството и започнувајќи социјалистичка реорганизација на севкупниот општествен живот. Покрај поголемите теориски трудови — „Пролетерската револуција и ренегатот Кауцки” (1918) и „Детската болест на левичарството во комунизмот” (1920), пишува повеќе брошури, расправи, статии, реферати, тези, резолуции и др. Здобиените рани во есеровскиот атентат (1918) и постојаната напорна работа го сторија своето — кон средината на 1922 тешко се разболува. Иако болен, кон крајот на 1922 го критикува големорускиот шовинизам, спречувајќи го прифаќањето на Сталиновиот проект за „автоматизација”. По оваа критика, изработен е и прифатен нов проект, според кој советските републики се обединуваат во Сојуз на Советските Социјалистички Републики. |
1923 | Во декември 1922 и во јануари 1923 го пишува своето Писмо до Конгресот, познато како Ленинов тестамент, во кое апелира Партијата да го зачува единството на своите редови. |
21 јануари 1924 | Умре Владимир Илич Ленин. |
Преземено од: https://www.marxists.org/makedonski/lenin/hronologija.htm