Пристап до првиот дел: https://lenka.mk/left_literature/aleksandar-zinovјev-globalizacziјata-kako-voјna-od-nov-tip-prv-del/
Пристап до вториот дел: https://lenka.mk/left_literature/aleksandar-zinovјev-globalizacziјata-kako-voјna-od-nov-tip-vtor-del/
IX.МИРОВНИТЕ СРЕДСТВА НА ВОЈНАТА
Надопштеството користи најразлични средства за покорување и експлоатација на планетава коишто, од гледна точка на застарените сфаќања на војната, изгледаат несфатливи за повеќето земји – но, всушност, тие сами по себе ги надминуваат многубројните средства на т.н усвитена т.е. жешка војна (сфатени како средства за разорување и подривање на противникот). Еден од забележителните белези на војната од нов тип стана и исчезнувањето на јасните разлики меѓу специфичните воени и т.н. мировни средства на војната. Полека исчезнуваат разликите и меѓу професионалните милитарни и граѓански фронтови, како и меѓу воените и мировните [хуманитарни] операции. Ние веќе живееме во ситуација на перманентна војна. Идеологијата на постојаниот агресор секојдневно се наметнува врз другите народи. Оние теоретичри кои сѐ уште инсистираат на првичното и веќе застарено сфаќање на војната и кои предлагаат термините „студена“ и „топла“ војна да се заменат со други понеутрални зборови и помиротворни еуфемизми – свесно или несвесно дејствуваат во полза на новиот глобален агресор, којшто идеолошки го окупира човештвото.
Ефективноста на средствата коишто се користат во оваа мировна војна доста уверливо се покажаа, односно се разоткрија, во војната на западниот свет против Советскиот Сојуз, во којашто СССР претрпи значителен пораз. Имено, социјалистичкиот блок се распадна, а се распадна и самиот Советски Сојуз. Јас не би повторувал какви се штетни последици претрпе сегашната Руска Федерација, бидејќи за тоа сум пишувал во многу мои публикации, само ќе подвлечам дека во распадот на СССР гледам удел и на самите советски граѓани (како и на насилното наметнување на Советскиот Сојуз врз поранешните негови републики, исклучувајќи ја притоа можноста за натамошна преродба на советскиот регион во квалитетен конкурент на Западот).
За да се оствари она за што јас толку ви говорам, Западот морал да поседува доста моќни средства за вршење притисок врз Советскиот Сојуз. Но, не само тоа. Западот морал многу да работи на идеолошката обработка на советското население и во самиот Советски Сојуз да создаде своја петта колона, способна да го наклони советското население кон масовно предавство и капитулација пред Западот. Факторот на домашното предавство бил присутен и во време навојната против Германија, но сепак исклучиво во периодот на Студенатa војна тој доби свое социјално значење.
Имено, во Втората светска војна погoлемиот дел од советското раководство остана верен на својата татковина и ја сочува преданоста кон комунизмот, притоа спроведувајќи беспоштедна борба против предавниците и квислинзите. Рускиот народ крајот на војната го дочека повеќе сплотен отколку што тоа беше пред војната. Но, во Студената војна на патот на предавството и капитулантството се приклучија и повисоките власти, идеолошката елита, како и дел од интелигенцијата (како уметничката, така и научната) – односно предавството беше поттикнато од самиот врв на власта! Во него се најде вовлечено целокупното активно население на земјата. Се создаде толку моќна „петта колона на Западот“, што странската интервенција и непријателската окупација се покажаа сосема излишни и непотребни.
Мнозинството од луѓето останаа пасивни набљудувачи и не дадоа речиси никакво спротивставување и отпор на контрареволуционерниот [антикомунистички] преврат. Методот на разделување на населението на покорената држава на непријателски настроени делови, создавајќи притоа своја послушна петта колона која е склона кон предавство и заземањето на власта од страна на прозападните активисти, беше применет неодамна во Југославија – со помош на силата на Западот. А како увертира на сето тоа Србија беше бомбардирана од страна на НАТО и САД, користејќи ги притоа средствата и новите оружја на „жешката/усвитена војна“. Подмолноста на новиот тип војна се состои во тоа што, самата таа од страна на луѓето не се восприема како војна!
Згора на сѐ таа, престорена во пропаганда, се восприема од широките маси дури и како стремеж да се избегне војната. Огромен број од луѓето на планетава живеат во оваа состојба на перманентна војна од нов вид. Таа не е виртуелна, туку реална војна во којашто жртвите не ни забележуваат дека се жртви (па дури и да знаат дека се жртви на таа војна, значителен дел од луѓето, кои извлекуваат корист од неа, не претпочитаат да се активираат против агресорот). Тие доброволно ја прифаќаат сопствената капитулација.
Беззначајно малите отстапки на завојуваната [нападнататa] земја, од страна на покорените жртви не се восприемаат, секоја поодделно, како пораз – но, од множеството на такви отстапки и попуштања се составува и разработува стратегијата, идеологијата и психологијата на историската капитулација. Нејзините последици жртвите на ги доживуваат како свои лични саможртви, такашто не треба да нѐ зачудува фактот што овој вид војна се одвива во период од неколку десетлетија, претворајќи се полека во закон на идното егзистирање на човештвото. На овој начин ќе се изоди конечно патот на претворањето на светот во состојба на постојана [сеприсутна] војна. На дело е колосален фалсификат на светската и на руската историја. Крајна цел на оваа војна е уништувањето на Русија и на Кина! Русија е веќе раздробена земја, којашто треба да се сведе само на 50 милиони жители, за никогаш повеќе да не биде голема светска сила. Оттука, можеме да заклучиме дека нема виртуелна војна – има виртуелен мир!
X.УНИФИКАЦИЈА НА ЕВОЛУЦИОНАТА ВОЈНА
Врз основа на досега кажаното станува очигледна и следнава црта на новиот тип војна: таа се јавува како единствена, унифицирана или униформирана. Порано, кога се создавала теоријата за војната, во предвид се земало цело множество на различни видови војни кои иако имале некои општи заеднички црти, сепак повеќето од нив се разликувале според причините, траењето, последиците; потоа се класифицирале според најразлични критериуми кои биле типични за дел од нив и сл. Денес можеме да говориме не за множество на истовидни војни, туку само и исклучиво за една единствена војна којашто созревала низ неколку децении, веќе го опфатила развојот и еволуцијата на целокупното јадро на човештвото (т.е. станала глобална) и ја загрозува сржта и опстанокот на животот којшто навлегува во XXI-от век. Студената војна беше всушност единствена војна, со сложена просторно-временска структура. Сите други војни беа нејзини епизоди, делови и продолже- нија. Во секој случај таа ја сочинуваше основата на огромниот број, само на прв поглед различни конфликти. И токму овој квалитет, којшто ја карактеризира и „топлата војна“, на очигледен начин ги создава и раѓа многубројните кризни жаришта ширум целиот свет (Косово, Палестина, Чеченија и др.). Интеграцијата на западниот свет во глобалното западнистичко надопштество неодложно води и кон интеграција на воените конфликти во посебни видови на надвојни.
XI. ПЕРСПЕКТИВИTE НА НОВИОТ ТИП ВОЈНА
Иако западниот свет, кој стои на чело на своето глобално надопштество, досега добило премногу – дури повеќе и од она на што тој се надевал пред почетокот на Студената војна – сепак, сѐ уште не може да се успокои и конечно да се задоволи со она што го има достигнато. По силата на социјалните закони и по сила на конкретните услови за живот на планетава, кои се сѐ посложени, Западниот свет е принуден, во интерес на сопственото самоодржување, да оди до логичниот крај при реализацијата на своите манијачки планови: да го потчини еволуциониот процес на целокупното човештво под своја власт и контрола, до тој степен што во историјата никогаш повеќе нема да се појават позначителни обиди за придвижување по некој друг пат кој ќе биде квалитативно различен од оној којшто води кон западнистичкото надопштество. Поради тоа Русија сѐ уште останува противник на Западот во тековнава светска војна од нов тип. Западот може да биде спокоен само и дури тогаш кога Русија и рускиот народ ќе бидат доведени во ситуација достојна за потсмев и презир.
Сега, после распадот на Југославија, една од поважните појави којашто се случува во светската еволуциона војна стана борбата на Западот за завладување и доминација над Белорусија. Во дадениов случај сосема умесно може да се говори за отворање на т.н. Белоруски фронт. И тука се разработува варијантата којашто беше применета во Југославија: раскол и поделба меѓу населението на земјата; создавање на западна „петта колона“; фалсификување и извртување на целокупната состојба во државата – сѐ со цел да се оправда својата агресија во очите на светското општествено мнение и јавно мислење; дискредитирање на претседателот Лукашенко, жигосувајќи го како противник на Западот; поставување свој човек на чело на државата, кој секако дека ќе биде само една послушна марионетка во рацете на западнистичкото надопштество. Ако на прозападните сили во Белорусија им тргне од рака да направат во односот со Лукашенко нешто слично како што тоа го сторија прозападните сили во Југославија, во однос на Милошевиќ, тоа ќе биде кобен, судбоносен и историски настан на толку за самата Белорусија, колку за Русија! Очигледно е дека главна препрека на патот на западнистичкото надопштесство кон светска хегемонија, по распадот на социјалистичкиот блок и на Советскиот Сојуз, станува комунистичка Кина.
За нас од посебна важност е да утврдиме каква судбина и се пишува на Русија во услови на војна на западниот свет против Кина? Некои пророкуваат дека ќе се создаде евроазиско единство, на чело со Русија, и дека таквото заедништво ќе биде противтежа на Западот т.е своевидна брана против вестернизацијата. Мислам дека ова пророштво, поточно оваа желба, е лишена од каква било основа и смисла бидејќи Русија веќе, по многубројни канали, е вклучена во сферата на влијанија и интереси на глобалното надопштество од Запад. Стратегијата на западното надопштество, скоро секогаш ќе се стреми кон тоа да и наметне на Русија улога на антикомунистички бастион во војната против Кина, ако работата дојде до степен да мора да се искористат средствата на „топлата војна“. Исклучувањето на оваа можност, барем во сегашниве услови, би било сосем погрешно.
Превземено од: https://www.academia.edu/3110124/АЛЕКСАНДАРЗИНОВЈЕВГЛОБАЛИЗАЦИЈАТАкакоВојнаодновтиппревододруски_?email_work_card=view-paper