Кај големиот човек немаше ништо случајно, се’ беше испланирано; па дури испланира да умре осамен…

Блаже Конески е втемелувач и еден од кодификаторите на современиот Македонскиот литературен јазик- виден книжевен, културен и јавен работник: академик, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог и лингвист, преведувач и професор.

Секој обид да се направи макар и куса ретроспектива на неговите дела и заслуги за Македонскиот јазик, литература и култура е невозможен.

Блаже Конески е најграндиозната наша фигура во времето на слободен живот. Тој е личноста што се нурна најдлабоко во Македонското минато и што се извиши највисоко во Македонската иднина. Со него станавме препознатливи во светот. Во исклучителни времиња за еден народ се раѓаат и исклучителни личности. А има ли поисклучително време за Македонскиот народ од времето во кое тој ја извојува својата слобода.

Конески е вонсериски лингвист, меѓународно реномиран славист, еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификацијата на Македонскиот стандарден јазик, втемелувач на Македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје (кој денес го носи неговото име), ценет професор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ. Конески е вистински полиграф. Тој е суптилен лиричар, автор на 13 поетски книги, лауреат на значаен број Македонски и меѓународни награди и признанија (Хердерова награда, Његошова награда, Златен венец на Струшките вечери на поезијата итн.).

Тој е и истакнат прозаист, есеист, публицист, литературен историчар, полиглот, препејувач од многу јазици на делата на низа поети (Његош, Прешерн, Хајне, Блок, Мицкјевич, Неруда, Волкер, Мајаковски). Неговите дела се преведени на голем број јазици. И ден-денес неговото име се споменува доста често во научните и културните кругови.

Како човек со толку звучна биографија, дури и од денешна перспектива вчудовидувачка е неговата перманентна скромност во настојувањата да ги разоткрие механизмите на сопственото поетско творештво. Конески е еден од ретките поети кои не само што вложуваат толку напор да го осознаат самиот креативен процес туку имаат и смелост и капацитет сознанијата да им ги приопштат на идните читетели. Впрочем, најтипичниот пример е есејот „Еден опит“ во кој Конески како искусен поет ги опсервира тајните на поетскиот занает. Тргнувајќи од сопствениот творечки опит, тој особено го потенцира значењето на усната народна традиција како основна платформа врз која ја артикулира својата индивидуалност.

Блаже Конески (19 декември 1921 – 7 декември 1993)

Основното образование го започнал во Небрегово, но по преселбата го продолжил и завршил во Прилеп, каде завршил и нижа гимназија, и како најдобар ученик во училиштето како стипендист оди во Крагуевац, Србија да учи виша гимназија која ја завршува. По завршувањето на гимназијата во Крагуевац, во Белград се запишува на Медицинскиот факултет, но после еден семестар следи студии по филологија, а по капитулацијата на Кралството Југославија, на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ продолжува да студира филологија. Секако, со оглед на тешката положба во која се наоѓале Македонците во Кралството Југославија и во Царството Бугарија Конески на Универзитето во Белград е запишан под името Благој Коњевиќ, а на Универзитетот во Софија како Благој Конев.

Коневски имаше верба во своите знаења и во своите предиспозиции. Знаеше дека и во мал народ може да се роди голем човек.

Легендите, што подоцна ќе најдат обработка и во некои мои текстови, јас не сум ги запознал од книги, ами сум ги слушал од старите во својата селска куќа, во првото детство, – се потсетува Конески укажувајќи: Уште оттогаш преминала во мене Стерна, страшната подземна вода. Уште со овие реченици Конески децидно укажува дека тој не ја создава својата поезија од ништо, туку, напротив, воспоставува жив, интимен дијалог со претходната усна или писмена поетска традиција. Оттука, предлагајќи го тријадниот модел: традиција-колектив-автор, Конески смета дека и тој самиот нужно создава во дослух како со постојната културна традиција така и со јазикот, сензибилитетот, кодот и духот на колективот, како и на сопствената епоха: Јас вршев иновација, ги вклопував старите пораки во современ израз и ги варирав по начин што му одговара на интересот на современиот човек.

Еден од најинтригантните теоретски пунктови за креативниот процес е (хипо)тезата на Конески за откривањето на песната. Тој и самиот истакнува дека има впечаток дека никогаш не сум бил разбран како што треба, особено ако се има предвид дека оваа негова теорија не е само чиста шпекулативна конструкција, туку дека таа е негово интимно, реално поетско доживување или, како што самиот вели, еден вид чувствена сензација. Всушност, при настанувањето на неколку најпознати, антологиски песни Конески доживеал една речиси мистична визија: одеднаш бев обземен од чувство дека јас песната заправо не ја пишувам, ами ја откривам. Всушност, идентификувајќи се себеси како откривач на песната, Конески ја демонстрира својата скромност, настојувајќи да се ослободи од речиси неизбежната творечка суета. Притоа недвосмислено истакнува дека веројатно не е прв поет и уметник кој дошол до тоа сознание.

Посочувајќи на неколку примери од доменот на руската поезија (Лермонтов, Мандељштам, Блок), Конески сепак се решава да го илустрира, а со самото тоа и да го објасни, феноменот откривање на песната преку неколку паралели меѓу уметноста на зборот и ликовната уметност. Во овој контекст, тој го наведува примерот на ренесансниот мајстор Микеланџело, кој истакнувал дека ги правел своите скулптури така што од каменот го отфрлал тоа што е непотребно. Аналогна постапка Конески препознава и кај современите скулптори кои земаат некоја природна форма, корен од дрво и др., и со интервенција што дозволува да ја препознаеме лесно таа првобитна форма – создаваат скулптури или, да се изразиме на свој јазик, ја откриваат во неа скулптурата. Од сопственото поетско искуство тој потврдува дека на аналоген начин настануваат не ретко и песни. Индикативно е и дека во есејот Совпаѓања Конески сведочи дека самиот поим откривање бил веќе во употреба во терминологијата на старите руски зографи, затоа што, согласно со средновековната иконописна традиција и црковните канони, иконописецот не ја создава сликата, ами постепено ја открива.

Историјата го избра да биде предводник. Затоа, обидите одовде-одонде да се убие неговата големина не успеваа. Изјавите како ,,џуџето од Небрегово“, ,,човекот што го предаде македонското писмо и јазик“, зборуваат за цивилизациската бедотија на нивните автори, за немањето елементарна култура. Се покажа и во овој случај дека фактите се тврдоглава работа.

Сеќавања за Блаже Конески

Уште додека беше жив се искажаа многу ласкави оцени за животот и делото на Блаже Конески и тоа од компетентни проучувачи. Го нарекоа Македонски Вук Караџиќ (од мнозина; ,,со караџиќевски контури и димензии“, Павле Ивиќ), прв човек на Македонската ренесанса (Света Лукиќ), енциклопедија на македонската филологија (А. Цвиин), споменик што оди по улиците (Слободан Марковиќ), вистински репрезент на европската, хуманистички ориентирана интелигенција, мудрец на Македонското писмо (грчката научна и литературна критика).

Трајко Стаматоски- На прво место би го ставил неговото настојување да се држи до зацртаниот план во неговото дејствување – научно, уметничко, општествено. Без длабоко осмислен и долгорочен план на проекти од научната сфера и без упорно настојување тој да се исполни – не ќе можеше да се дојде до резултатите што ги постигна. Македонскиот јазик ги доби мошне рано главните столбови со кои веќе можеше сериозно да се претставува во светот на науката (правописот, граматиката, речникот, историјата на јазикот и др.).

Кај Конески беше се’ испланирано. Во еден свој текст напишав дека тој си ја испланира дури и смртта: да умре осамен, иако со тешко нарушени витални органи, со претходно обраќање до колегите по перо на Рациновите средби и недочеканото за само неколку дена до колегите од струката.

Беше многу внимателен при читањето туѓи текстови. Укажуваше и на најмала ситница, се’ со цел да му се помогне на авторот. Не ретко ќе можеше да се забележат исправки и на чисто печатни грешки.

Однесувањето со пријателите му беше за приказ. И исто: и со академици и со студенти. Не ми изгледаше логично рачното поздравување при секоја средба и разделба и персирањето со луѓе со кои бил со години во контакт. Се сметав за привилегиран што мене ми се обраќаше на ти.

Беше шармер во друштво, во опуштена атмосфера. Тогаш доаѓаше до израз неговата широка образованост, духовитост, проникливост, придружена со громогласна смеа. Освојуваше особено со луцидноста во досетките. Сега ми е јасно зошто токму за делот Анегдоти од мојата книга Мислата на Конески (2007) пројавија интерес за преобјавување неколку издавачи.

Почитувачот и проучувачот на Конески и неговото дело, многустраниот автор Атанас Вангелов во еден свој труд ќе рече: ,,Впрочем, кај него нема ништо случајно“. Оваа констатација тој ја извлекува од една своја средба со Конески, кога овој бил присилен да прекине средба со колеги академици. Тогаш се обратил кон нив со нагласено уважување на личноста на Вангелов.

Своето визионерство Блаже Конески го покажа многупати. Некоја година пред целосното ослободување на нашата држава ја предвиде идната ситуација. Уште во април 1989 ја напиша и веќе на 17 мај истата година ја објави својата песна Лажни пророци (По евангелието) и во неа вака се искажа

Ќе дојде време на лажни пророци
што божем во мое име
ќе ве збираат по плоштадите,
ќе креваат врева до небеси,
ќе се бувтаат во градите.
Немојте да им верувате!
Тие мислат само на себеси.
Бес ги распина внатре
душите да ви ги затре.
Тие варосани гробови!
Не да им станете робови!
Кој ќе се препознае меѓу
можниве пророци?

Не случајно Блаже Конески дава во својот „Дневник по многу години“ неколку анегдоти од своите средби со Иво Андриќ. Две искажувања на нобеловецот се многу податливи за одбележување. Едната, за академиите воопшто: ,,Кога бев надвор, си мислев дека за среќа има едно тихо место, каде што спокојно луѓето си ја вршат својата сериозна работа. Кога влегов во Академијата, видов дека е таа најголемо змиско гнездо“, (с.99). Другата, за татковината: ,,Сетете се како е да останеш без татковина. Тоа е исто како да останеш без кров над глава“(с.100). Не се наоѓал ли и самиот Конески со такви мисли. Неговото искуство со работата во академијата (МАНУ) е многу поголемо. Покрај сета редовна работа (избори, проекти, собири итн.), требало да се брани и татковината, што ќе рече покривот над главата од отворените и прикриените оспорувачи.

Колегите од струката, речиси сите излезени од неговата школа, му се оддолжија достојно на својот учител: му го дадоа на Филолошкиот факултет неговото име, а неговата родна куќа во Небрегово ја направија спомен–дом. Тие две средишта ќе зрачат со неговото име и ќе ја шират со тоа вистината за Македонскиот јазик и за Македонскиот народ.

Еве што запишал еден наш сонародник од пиринскиот дел на Македонија во книгата за впечатоци во спомен–домот: „Блаже Конески, ти клекнувам за поклон за трудот што си дал да спасиш мајчиниот ми јазик, со кој родната ми мајка ме галеше и пееше Македонски песни. Со љубов“. Јордан Костадинов, гр. Сандански (9.2.2007 год.).

Блаже Конески и неговата преведувачка моќ – да се преведе на Македонски

Некаде во 1948 год., Блаже Конески ќе констатира дека „нашиот јазик се кове најмногу во ковачницата на преведувањето“.

Блаже Конески се користи и владее со материјал од голем број јазици и во текот на својот живот преведува од различни јазици. Извршувајќи ја функцијата на лектор во Македонскиот народен театар, веднаш по завршувањето на Втората светска војна, Конески добива задача да ја преведе од руски јазик драмата Платон Кречет, со која на трети април 1945 год. е отворен Македонскиот народен театар. Бидејќи во тоа време „на мода“ биле некои руски пиеси, Блаже Конески работи уште на некоку текстови како што е и Зоја Космодемјанскаја од Маргарита Алигер (Конески ги преведува стиховите, а Киро Хаџивасилев останатиот дел). Подоцна, за потребите на МНТ (во 1951, односно 1954 год.) Блаже Конески се зафаќа со превод на Ноќ спроти Водици и Отело од Вилијам Шекспир (користејќи руски превод, но истовремено и бугарски, хрватски, германски, а во наредните печатени изданија ги консултира и оригиналите од англиски јазик).

Во преведувачкото „досие“ на Блаже Конески, покрај преводите од црковнословенски јазик (Тиквешкиот зборник), се запишани и други преводи на пократки драмски четива, прозни дела (Иво Андриќ – Нови раскази, Вјекослав Калеб – Бригадата) и публицистика, но сепак основната негова преведувачка окупација е поезијата.

Тој преведува поезија од германски јазик (песни од Фридрих Готлиб Клопшток, Јохан Волфганг Гете, Фридрих Шилер, Фридрих Хелдерлин, Хајнрих Хајне), од руски јазик (песни од Александар Блок, Владимир Брјусов, Владимир Мајаковски, Едуард Багрицки, Леонид Мартинов, Сурков), од српско-хрватски јазик (Горски венец и други текстови од Петар Петровиќ-Његош, потоа песни од Десанка Максимовиќ), од чешки (Карел Јаромир Ербен, Карел Хинек Маха, Јан Неруда, Петар Безруч, Јиржи Волкер, Витеслав Незвал), од полски (Адам Мицкијевич, Јулиуш Словацки, Зигмунт Крашињски, Казимјеж Пшерва-Тетмаер, Леополд Стаф, Јулијан Тувим, Тадеуш Ружевич), словенечки (Франце Прешерн) и бугарски јазик (Лазар Поп Трајков, Н.Ј. Вапцаров).

Некои од овие преводи претставуваат ремек-дела и трајни урнеци за преведувачите на Македонски јазик. Тука посебно место зазема „Лирското интермецо“ на Хајне, Горскиот венец на Његош, потоа делата на Шекспир, Блок, Прешерн…

Интересно е што во неколку збирки поезија на Блаже Конески, покрај авторските стихови, рамноправно се подредени и неговите препеви. Во Небесна река во циклусот „Тажачка“ се поместени пет песни од петмина германски класици. Во неговата последна стихозбирка Црн овен, под името „Пораки од исток“ може да прочитаме наслови на четири песни кои потекнуваат од просторите на Далечниот Исток. Во Собраните дела песните и препевите на Конески имаат ист третман со другите негови стихови.

Блаже Конески е заговорник на еден послободен пристап кон преводната активност. Очигледно е дека при секој негов превод тој се трудел да создаде текст што во нашиот јазик ќе зазвучи валидно. Затоа препејувачкото гесло на „генијот од Небрегово“ е следниов: еквивалент на поезијата може да биде само поезијата!

Според Конески, поетот не создава од ништо (ex nihilo). Она што го прави поетот – поет, тоа е особениот усет за речевната дејност на колективот, така што крајниот продукт, односно песната, е плод на комплициран процес во кој учествуваат наведените три фактора: традицијата, колективот и авторот. Имено, во настанувањето (откривањето) на песната поетот нужно се служи со веќе постојниот јазичен материјал на традицијата и колективот, што го црпи не само од пишаниот збор туку и од секидневната говорна стихија. Оттука, песната се открива благодарејќи на осетливиот слух на големите поети. Песната се открива и со помош на претходните песни. Песната се открива и како плод на духот и атмосферата на времето, односно, во својот културен и книжевен контекст. Со други зборови, секоја песна има свое време и свој поет, а тоа најдобро се гледа од констатацијата на Конески: „Јас сум свесен дека денеска не можам да напишам еден текст како ’Тешкото‘, иако сега ја владеам поетската вештина секако повеќе отколку во 1946 година.“ Најлапидарните аманети за процесот на раѓањето на проста и строга македонска песна Конески ни ги оставил токму во своите куси песни. Само со неколку стихови тој сугерира дека создавањето (откривањето) на песната е природен, спонтан чин:

И песната е дел од флората,
Таа никнува како смреката,
како бамјата, како гравот.

И во песната „Поетика“ е артикулирана мошне слична идеја:

Јас песните ги берев
од дрвото на животот
како што селаните во Ракотинци
пред Дуовден
берат зрели цреши
од црешовите дрвја.

Имено, поетот отворено признава дека не ги создава туку ги бере песните. Еден од множеството предуслови за откривање на песната, според Конески, е и искреноста, која зрачи од неговите песни: поетот е свесен дека во поезијата едноставно да лажеш не е можно. Макар што во песната „Македонски поети“ поетот со чувство на скептицизам признава дека – создавајќи поезија – му се чини дека прави најзалудна работа на светот, тој сепак подвлекува дека пак е се со човечка смисла исполнето. Иако поетот на едно место зборува за значењето на самоконтролата при пишувањето, споредувајќи го зборот со див коњ, а на друго место пак потсетува дека уметноста на зборот е порив, и за смисла не прашува, тој сепак насетува дека во поезијата, како и во животот, ништо случајно не е. Токму тоа интимно чувство Конески го изразува и во сосема кусата (програмска) поетска творба под наслов Песните:

Неук, си мислев:
па тие тука
случајно се јавуваат.
А сега назад погледнувам,
гледам –
па тие ме обврзуваат!

Сепак, кроки-портретот на Конески како откривач на песната, би бил посиромашен кога би се занемарил фактот дека тој е еден од малкуте писатели од нашиот културен простор кај кои средбата и откривањето на источните култури резултирале со низа провокативни книжевни текстови. Имено, од патувањата на Исток извираат инспиративните патописни текстови и записи Камикаyе, Сличности, Бедната Индија и Слез, објавени во делото Дневник по многу години (1988). Мошне интересно е дека Конески ги заокружува и ги поврзува поетскиот и препејувачкиот опус во својата последна поетска книга Црн овен (1993), објавувајќи препеви од древноисточните литератури како интегрален дел и финален циклус од стихозбирката. Всушност, цилкусот Пораки од Исток е составен од македонските (посредни) препеви на песните: Плач за градот Ур, потресен текст од сумерската лирература; познатата поема Носорог, текст од древноиндиската литература кој традиционално му се припишува на Готама Буда; тибетанската молитва Повикување на душите; како и песната Танц на евнусите од Камала Дас. Со овие извонредни препеви, на крајот од својот творечки пат, Конески му ги открива на македонскиот читател филозофските длабочини и естетските дострели на древноисточните литератури.

• Земјата и љубовта (поезија, 1948)
• Македонски правопис со правописен речник (со Крум Тошев, 1950)
• Граматика на македонскиот литературен јазик (прв дел, 1952)
• За македонскиот литературен јазик (1952)
• Песни (1953)
• Граматика на македонскиот литературен јазик (втор дел, 1954)
• Везилка (поезија, 1955)
• Лозје (кратки раскази, 1955)
• Речник на македонскиот јазик (1961)
• Песни (1963),
• Историја на македонскиот јазик (1965)
• Речник на македонскиот јазик (книга втора, 1965)
• Речник на македонскиот јазик (книга трета, 1966)
• Стерна (поезија, 1966)
• Ракување (поема, 1969)
• Јазикот на македонската народна поезија (1971)
• Беседи и огледи (1972)
• Записи (поезија, 1974)
• Стари и нови песни (1979)
• Места и мигови (поезија, 1981)
• Чешмите (поезија, 1984)
• Македонскиот 19. век, јазични и книжевно-историски прилози (1986)
• Ликови и теми (есеи, 1987)
• Послание (поезија, 1987)
• Тиквешки зборник (студија, 1987)
• Средба во рајот (поезија, 1988)
• Црква (поезија, 1988)
• Дневник по многу години (проза, 1988)
• Златоврв (поезија, 1989)
• Поезија (Константин Миладинов), читање на Блаже Конески (1989)
• Сеизмограф (поезија, 1989)
• Македонски места и теми (есеи, 1991),
• Небесна река (песни и препеви, 1991),
• Светот на легендатата и песната (есеи и прилози, 1993),
• Црн овен (поезија, 1993)

Блаже Конески е добитник на бројни награди и признанија:

• „11 Октомври“
• „Браќа Миладиновци“
• „Ацо Шопов“
• Хердеровата награда
• Његошевата награда
• Награда на АВНОЈ
• „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата
• „Скендер Куленовиќ“
• Награда на Сојузот на писателите на СССР
• Награда за книжевен опус на „Мисла“
• Рациново признание
• „13 Ноември“