„Согласно Уставот на Македонија македонскиот јазик е службен јазик во државата.
Во органите на државната власт друг јазик што е различен од македонскиот јазик може да се користи во согласност со закон.
Во законот за употреба на македонскиот јазик, па дури и во контроверзниот Закон за употреба на јазиците, во член 3 стои дека избрани или именувани функционери на државните институции како и други институции чие седиште е во Скопје или општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, во нивната службена комуникација го употребуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, доколку најмалку еден од избраните или именуваните функционери зборува службен јазик различен од македонскиот јазик.
Значи и Уставот и законите го утврдуваат приоритетот на македонскиот јазик и неговата употреба при службената комуникација од страна на функционерите во земјата, а дури потоа може да се употребува и друг јазик различен од македонскиот.
Оттука, сите функционери мора да се придржуваат до словото на Уставот и на законите и истите да не ги интерпретираат согласно нивната лична волја.
Новоизбраниот претседател на Собранието, г-динот Гаши мораше свечената изјава прво да ја прочита на македонски јазик, а потоа и на друг јазик различен од македонскиот, а не обратно како што тоа вчера беше направено.“ – напиша професорката на нејзиниот фејсбук профил.