ФИСКАЛНАТА СТРОГОСТ, ПРИВАТИЗАЦИЈАТА и пазарната либерализација беа трите столбови содржани во предлозите на Вашингтонскиот консензус во текот на 1980-те и 1990-те. Политиките на Вашингтонскиот консензус беа креирани за да дадат одговор на реалните проблеми во Латинска Америка и во голема мера беа оправдани. Во 1980-те владите на овие земји многу често одржуваа високи дефицити. Загубите во рамките на неефикасните државни претпријатија придонесоа за да се случат овие дефицити. Заштитени од конкуренцијата со протекционистички мерки, неефикасните приватни фирми ги принудуваа потрошувачите да плаќаат високи цени. Олабавената монетарна политика водеше кон инфлација која веќе не можеше да се контролира. Земјите не можат упорно да одржуваат големи дефицити; додека пак одржливиот развој не е можен во услови на хиперинфлација. Неопходно е одредено ниво на фискална дисциплина. За многу земји ќе биде подобро ако нивните влади се фокусираат на обезбедувањето на суштинските јавни услуги отколку да раководат со претпријатија кои можеби би остварувале подобри резултати во приватниот сектор и од тој аспект приватизацијата често има своја оправданост. Кога трговската либерализација – намалувањето на царините и елиминирањето на останатите протекционистички мерки – се прави на вистински начин и со вистинско темпо, така што новите работни места се креираат паралелно со згаснувањето на непродуктивните работни места, тогаш можат да се остварат значајни подобрувања во ефикасноста.

Проблемот беше во тоа што многу од овие политики станаа цел самите за себе, наместо да бидат само средство кон многу порамномерен и одржлив економски раст. Така, овие политики беа туркани предалеку, со пребрзо темпо, истовремено исклучувајќи ги останатите политики кои беше потребно да се спроведат.

Резултатите беа далеку од очекуваните. Кога се оди предалеку со фискалната строгост, под погрешни услови, таа може да предизвика рецесии, а високите каматни стапки можат да го отежнат бизнисот на недоразвиените претпријатија. ММФ жестоко ја спроведуваше приватизацијата и либерализацијата, со темпо и на начин кои често им предизвикуваа големи трошоци на земјите кои не беа подготвени да се изложат на истите.

Приватизација

Во многу земји во развој – а и во развиени земји – владите многу често трошат многу енергија правејќи работи кои не би требало да ги прават. Ова им го оттргнува вниманието од работите кои би требало да ги прават. Проблемот не лежи толку во големината на владата, туку во тоа што таа не го прави вистинското нешто. Владите, барем повеќето од нив, лошо раководат со фабриките за производство на челик, и како по обичај создаваат хаос од сето тоа. (Иако едни од најефикасните фабрики за производство на челик во светот се основани и раководени од корејската и тајванската влада, сепак тие претставуваат само исклучок). Генерално, приватните фирми со натпреварувачки дух можат овие функции да ги извршуваат поефикасно. Ова е и причината за да се оди со приватизација – префрлување на индустриите и претпријатијата управувани од државата во приватни раце. Како и да е, треба да се исполнат некои важни предуслови за приватизацијата да може да го даде својот придонес во растот на економијата. А начинот на кој приватизацијата ќе се реализира е од огромно значење и прави голема разлика.

За жал, ММФ и Светската Банка им пристапија на работите од теснограда идеолошка перспектива – налагаа брзо спроведување на приватизацијата. На земјите кои ја чекореа својата транзиција од комунизам кон пазарен систем им беа отворени картички за запишување на резултати: на оние кои приватизираа побрзо им беа давани високи оцени. Како резултат на тоа, приватизацијата често не ги носеше ветените бенефиции. Проблемите кои произлегоа од овие промашувања создадоа аверзија кон самата идеја за приватизација.

Во 1998 година посетив неколку сиромашни села во Мароко со цел да го видам влијанието на проектите реализирани од Светската Банка и невладините организации (НВО) врз подобрувањето на животите на луѓето кои таму живеат. На пример, видов како иригационите проекти во заедниците енормно ја зголемуваа продуктивноста на фармите. Сепак, еден од проектите не успеа. Невладината организација им даваше детални инструкции на локалните селани за тоа како да одгледуваат кокошки, потфат кој жените од селото би можеле да го изведат и на тој начин продолжувајќи ги своите традиционални активности. Првично, жените ги добиваа седум дена старите пилиња од владино претпријатие. Но кога го посетив селото, ова новосоздадено претпријатие не функционираше. Разговарав со селаните и со владините претставници за да дознам во што беше проблемот. Одговорот беше едноставен: на владата ѝ беше речено од страна на ММФ дека таа не би требало да се занимава со дистрибуција на пилиња, па така таа прекина истите да ги продава. Едноставно, беше претпоставено дека приватниот сектор веднаш ќе го пополни настанатиот јаз. И навистина, се појави нов приватен снабдувач кој можеше да ги снабдува селаните со новородени пилиња. Но, стапката на смртност кај пилињата во првите две недели беше висока и приватната фирма не беше подготвена да обезбеди гаранција. Селаните едноставно не можеа да го преземат ризикот да набават пилиња кога постои голема шанса повеќето од нив да умрат. Така, една индустрија во зародиш, со добри шанси да го промени животот на овие сиромашни селани на подобро, беше затворена.

Претпоставката која стоеше зад овој неуспех гледав дека постојано се повторуваше; ММФ едноставно претпостави дека пазарите брзо се појавуваат за да ја исполнат секоја потреба, но всушност, владата преземаше многу активности токму поради тоа што пазарите не успеаја во обезбедувањето на основните услуги. Примери има во изобилство. Надвор од САД, овој заклучок често делува очигледно. Кога многу европски земји го создадоа нивниот систем за социјално осигурување како и системите за осигурување во случај на невработеност и инвалидитет, не постоеја добро функционирачки пазари на ануитети, не постоеја приватни фирми кои би продавале осигурителни полиси за покривање на овие ризици кои играа значајна улога во животот на поединците. Дури и кога САД го создаде својот социјален систем, многу подоцна, во длабочините на Големата депресија како дел од т.н. Нов договор, приватните пазари за ануитети не функционираа добро – а дури и денес не може да се најдат ануитети кои осигуруваат од инфлација. Повторно, во САД, една од причините за создавање на Федерална Национална Хипотекарна Асоцијација (Фани Меј) беше тоа што приватниот пазар не нудеше хипотеки по пристојни услови за семејствата со ниски и средни примања. Во земјите во развој, овие проблеми се уште полоши; елиминирањето на владината иницијатива може зад себе да остави огромен јаз – а дури и по евентуалниот влез на приватниот сектор, во меѓувреме, можно е да се јават огромни страдања.

Во Брегот на Слоновата Коска, телефонската компанија беше приватизирана, и како што најчесто се случуваше, пред да биде поставена соодветна било регулативна или пак антимонополска законска рамка. Владата беше убедена од страна на француската фирма која ги откупи државните акции да ѝ обезбеди монопол, не само на постојните телефонски услуги, туку и на новите мобилни услуги. Приватната фирма толку многу ги покачи цените што, на пример, студентите, како што беше пренесено, не можеа да си дозволат интернет конекција, што беше од особено значење за да се спречи од понатамошно проширување и онака длабокиот дигитален јаз во врска со пристапот кон информациите помеѓу сиромашните и богатите.

ММФ тврдеше дека далеку поважно е приватизацијата брзо да се изврши; додека прашањата поврзани со постоењето на конкуренција и регулација можат подоцна да се решаваат. Но опасноста тука лежи во тоа што кога еднаш ќе се создаде личниот интерес, истиот има силен мотив, а и пари да ја задржи својата монополска позиција, згмечувајќи ја регулацијата и конкуренцијата и, паралелно со тоа, деформирајќи го политичкиот процес. Постои природна причина зошто ММФ беше многу помалку заинтересиран за конкуренцијата и регулацијата од онаa мера во која можеше да биде. Приватизацијата на еден нерегулиран монопол може да ѝ обезбеди поголеми приходи на владата, а ММФ се фокусира далеку повеќе на макроекономските прашања, како што се големината на владиниот дефицит, отколку на структурните прашања, како што се ефикасноста и конкурентноста на индустријата. Баз разлика на тоа дали приватните монополи беа производствено поефикасни од владините монополи, тие најчесто беа далеку поефикасни во експлоатирањето на нивната монополска позиција; како резултат на тоа страдаа потрошувачите.

Последиците од приватизацијата ги чувствуваа не само потрошувачите, туку и работниците. Влијанието врз вработеноста можеби беше најсилниот аргумент за и против приватизацијата, при што нејзините застапници тврдат дека само преку процесот на приватизација непродуктивните работници можат да бидат отпуштени, а нејзините критичари пак истакнуваат дека отпуштањата од работа се реализираат без никаков обѕир кон социјалната цена што треба да се плати. Всушност, постои во голема мера вистина и во двете позиции. Приватизацијата најчесто ги трансформира загубите кај државните претпријатија во добивка по пат на кратење на платниот список. Но, економистите наводно треба да се фокусираат на целосната ефикасност. Постојат општествени трошоци поврзани со невработеноста, на кои приватните фирми едноставно не им обрнуваат внимание. Ако се има предвид минималната заштита во однос на отпуштањето од работа, работодавачите можат да отпуштаат работници, со незначителни или никакви трошоци, кои вклучуваат, во најдобар случај, минимални отпремнини. Приватизацијата беше критикувана од толку многу страни поради тоа што, за разлика од т.н. гринфилд инвестиции – инвестиции во нови фирми како спротивност на преземањето на веќе постоечки фирми од страна на приватни инвеститори – приватизацијата многу често уништува работни места повеќе отколку што креира нови.

Во индустријализираните земји, страдањето предизвикано од отпуштањата е препознаено и донекаде ублажено од сетот заштитни мерки на осигурување во случај на невработеност. Во помалку развиените земји, работниците кои не се вработени обично не се издржувани од страна на државата, бидејќи таму скоро и да не постојат програми за осигурување во случај на невработеност. Оваа состојба може да предизвика големи општествени последици – кои се манифестираат, во најлош случај, со урбано насилство, пораст на криминалот, како и општествени и политички немири. Но дури и ако претходно споменатите работи не се случат, невработеноста со себе носи други, немерливи општествени последици. Тие вклучуваат широко распространета загриженост дури и помеѓу работниците кои успеале да ги задржат своите работни места, изразено чувство на отуѓеност, дополнителен финансиски товар кон членовите на семејствата кои сѐ уште работат и повлекување на децата од училиште за да помогнат во издржувањето на семејството. Овие видови на социјални трошоци опстојуваат долг временски период по непосредното губење на работното место. Многу често, тие се особено видливи во случаите кога фирмата е продадена на странски инвеститори. Домашните фирми во најмала рака можат да се приспособат кон општествениот контекст и да не бидат подготвени да отпуштаат работници ако знаат дека не постојат алтернативни слободни работни места. Од друга страна, странските сопственици можеби ќе чувствуваат поголема обврска кон нивните акционери да ја максимизираат пазарната вредност на нивните акции по пат на намалување на трошоците, а помала обврска кон она што тие го нарекуваат „прекумерна работна сила”.

Важно е да се преструктуираат државните претпријатија, а често приватизацијата е ефективен начин за тоа да се направи. Но преселувајќи ги луѓето од ниско продуктивните работни места во државните претпријатија во зоната на невработеност не го зголемува државниот доход, а особено не благосостојбата на работниците. Моралот е едноставен и на него ќе се навратам повеќепати: неопходно е приватизацијата да биде дел од една сеопфатна програма, што со себе повлекува креирање на работни места паралелно со неизбежното згаснување на други работни места што често претставува дел од тој процес. Макроекономските политики, вклучително и ниските каматни стапки, кои помагаат во креирањето на работни места, мора да се имплементираат. Временскиот распоред (и секвенционирањето) лежат во суштината на работите. Ова не се само прашања на прагматичност, на „имплементација”: ова се прашања на принципиелност.

Можеби најсериозната загриженост во врска со приватизацијата, како што тоа често се практикува, е корупцијата. Реториката на пазарниот фундаментализам тврди дека приватизацијата ќе го намали она што економистите го нарекуваат активности на „барање рента“ од страна на владините службени лица, кои или го собираат профитот на владините претпријатија или им доделуваат тендери и работни места на нивните пријатели. Но, спротивно на она што требаше да го направи, приватизацијата толку многу ги влоши работите што денес во многу земји приватизацијата на шега се нарекува „поткупизација”. Ако некоја влада е корумпирана, постојат малку докази дека приватизацијата ќе го реши проблемот. На крајот на краиштата, истата корумпирана влада што лошо ја управуваше фирмата сега ќе раководи со процесот на приватизација. Од една земја во друга, владините службени лица осознаа дека приватизацијата значеше дека тие не мора повеќе да се ограничуваат на собирање на профитот на годишно ниво. Продавајќи го владиното претпријатие под неговата пазарна цена, тие би можеле да добијат за себе значаен дел од вредноста на имотот наместо да им ја остават на следните владини службени лица. Во суштина, тие би можеле денес да украдат повеќе од она што евентуално би можело да биде украдено од следната генерација политичари. Не е за изненадување што манипулативниот процес на приватизација беше дизајниран да го максимизира износот што владините министри би можеле да го присвојат за себе, а не износот што ќе се слее во државниот трезор, а да не зборуваме за вкупната ефикасност на економијата. Како што ќе видиме, Русија претставува жалосен школски пример за штетноста на „приватизацијата по секоја цена”.

Застапниците на приватизацијата наивно се убедуваа себеси дека овие трошоци можат да се пренебрегнат, зашто се чинеше дека учебниците кажуваат дека кога штом јасно ќе се дефинираат правата на приватна сопственост, новите сопственици ќе се погрижат ефикасно да се управува со средствата. Согласно на тоа, состојбата ќе се подобри на долг рок дури и ако е грозна на краток рок. Тие не успеаја да сфатат дека без соодветни законски структури и пазарни институции, новите сопственици можат да имаат поттик да ги искористат средствата наместо да ги употребат како основа за проширување на бизнисот. Како резултат на тоа, во Русија и во многу други земји, приватизацијата не успеа да биде онолку ефективна сила за раст колку што можеше да биде. Всушност, таа понекогаш се поврзуваше со опаѓањето и се покажа како моќна сила за поткопување на довербата во демократските и пазарните институции.

Преземено од: https://www.marxists.org/makedonski/stiglic/2002/globalizacija/gl03.htm