На 22 декември 1943 година, во селото Фуштани во егејскиот дел на Македонија, денес Република Грција, се одржал првиот и основачкиот конгрес на Народноослободителниот сојуз на младината на Македонија (НОМСМ). На конгресот учествувале 280 делегати од целата територија на Македонија, меѓу нив биле младите македонски партизани и војници, делегати од албанската, грчката и од бугарската младина, делегатот на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ – Светозар Вукмановиќ-Темпо, како и сето политичко и воено раководство на Македонија и членовите на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ.
Конгресот се одржал во Фуштани бидејќи во тој период тежиштето на Народноослободителната борба било пренесено во егејскиот дел на Македонија, а со конгресот раководел Крсте Црвенковски (еден од водечките македонски политичари, носител на орденот народен херој и на Партизанска споменица 1941). Конкретно на конгресот се формира НОМСМ, како антифашистичка организација на македонската младина во времето на Втората светска војна, кога било избрано раководство и биле усвоени резолуција и проглас до младината на Македонија.

Конгресот во Фуштани, покрај основањето на НОМСМ и изборот на главен одбор од 26 члена, донел и три значајни документи: Организациона резолуција, Проглас до младината на Македонија и Одлука за влегување на НОМСМ во составот на УСАОЈ. Во резолуцијата се истакнува дека НОМСМ е цврст облик на сите млади патриоти и антифашисти, без оглед на националната припадност, вероисповедта и политичката определба, утврдувајќи ја неговата основна задача врз сѐ пошироката мобилизација на борците на народноослободителната војска и партизанските одреди, со цел да се победи фашистичкиот окупатор. Основањето на НОМСМ претставуваше најголема потврда на Народноослободителното и антифашистичкото движење и на антифашистичката определба на македонската младина.
Од втората половина на 1944 година, Ацо Шопов (македонски поет, член на МАНУ и еден од основоположниците на современата македонска поезија) е претседател на НОМСМ. За основачкиот конгрес на НОМСМ, Ацо Шопов вели: „Јас не бев во Фуштани 1943 година кога на Првиот конгрес се формира Народноослободителниот младински сојуз на Македонија. Но знам дека решенијата на тој Конгрес беа од извонредно значење за нас младите, за нашата борба во редовите на револуционерниот антифашистички сојуз на младината… Тие решенија јасно ги определуваа нашите задачи и отвораа реални перспективи на нашиот утрешен живот“.

Конкретно за учеството на македонската младина во Народноослободителната борба, Шопов исто така вели дека: „Многу млади луѓе, исцрпени од глад, маршеви и борби, но непоколебливи во решеноста и над чии незнаени гробови во Источна и другите краишта на Македонија се лулеат треви и гороцветови… Борбата, таа со пушка в рака и таа во тилот, беше единствена можност да се најде смисла на животот, единствен начин да се сочува младоста, поточно да ѝ се даде младост на младоста. Самата борба беше младост. Младост на животот, младост на човекот, младост на утрешнината… Паметам, кога Вера Јоциќ, еден од најсаканите борци на Третата македонска ударна бригада, ранета во судир со бугарските окупаторски војски, по тридневно носење низ остри планински падини и суводолици, падна во тешка агонија, нејзините последни зборови ’Не, никако нема отстапување, за нас нема отстапување, само напред, напред‘ на нас делуваа со таква сила што скоро заборавивме утредента кога јуришавме на непријателот дека јуришавме без муниција, со празни пушки.“