Пишува: Кристијан Димков

Повторно дојде „тој дел од годината“, градовите се колку толку накитени, „кока-колаизацијата“ и максималната комерцијализација од страна на мулти-националните конгломерати на „најдобриот дел од годината“ е во целосна сила, воздухот е презагаден, градежната мафија владее низ Скопје, но сепак присутен е некој „божиќен дух“ во воздухот (дали тоа е од загаденоста или од празниците останува под знак прашалник). Според мене суштината на овој т.н „божиќен дух“ е најдобро артикулиран од страна на генијалното четиво од Чарлс Дикенс – „Божиќна приказна“

Во Октомври 1843 година, кај Чарлс Дикенс се родила идејата да напише приказна која нема само да го слави Божиќ, туку и ќе им укаже на луѓето на очајните потреби на сиромашните во Англија од тоа време. Така е настаната „Божиќна приказна“, веројатно најпознатото дело кое Чарлс Дикенс го напишал. Божиќна приказна се состои од 5 поглавја: Духот на Марли, Првиот од тројцата духови, Вториот од тројцата духови, Последниот дух, и „на крајот“.

Во првото поглавје го запознаваме главниот лик Ебенезер Скруџ кој е претставен како Веберовски „идеално типски“ капиталист, без општествените маски.

Неговиот капиталистички „претрпиемачки“ дух се гледа во неколку примери:

-Кога разговара со неговиот внук од сестра Фред, Скруџ му вели „Од каде ти тебе право да бидеш среќен? Прилично си сиромашен“ (стр. 8). Ова е првиот директен доказ (што се потврдува и во наредните поглавја) дека за Ебенезер Скруџ, како прав капиталист идеал се парите и профитот.

-Кога во канцеларијата на Скруџ влегуваат двајца господа да бараат донации за сиромашните, се приметува нешто што е присутно денеска повеќе од кога и да било, таа комплетно лажна идеја за пазарната правда/меритократија. Каде што „не заслужните“ и „не вредните“ луѓе се сиромашни и не заслужуваат помош во било каков вид, институционална или филантропска. Ова е евидентно во одговорите на Скруџ: „Зар не постојат затвори… синдикални домови за сиромашни… Казнените долапи работат и Законот за сиромаштво (workhouses) е на сила нели“(10 стр)?

-Понатаму се гледа во одговорот што Скруџ го дава во однос на тоа дека добар дел на луѓето би умреле „Подобро би им било така да направат и на тој начин да ја намалат пренаселеноста. Освен тоа – извинете – тоа не е моја грижа“. Игнорантски малограѓански парохијален однос на Скруџ кој е присутен и до ден денес, ако мене не ме засега, не ми е важно.

-Уште еден многу важен социолошки момент во ова поглавје е кога вработениот на Скруџ, Боб Кречит, бара платен слободен ден за Божиќ и Скруџ му вели дека тоа нечесно би го осакатило Скруџ од половина круна и дека претставувало „Беден изговор за да му се празнат џебовите на човек на секој дваесет и петти Декември!“. Со ова уште еднаш се гледа алчноста кај капиталистот кој единствено гледа да го максимизира својот профит преку експлоатација на работникот, односно тој профит не би можел да го направи доколку неговиот службеник не работи тој ден.

Во останатиот дел од ова поглавје, Скруџ го посетува духот на неговиот починат партнер Џејкоб Марли кој поради неговата скржавост како сениште кружи на земјата, и го предупредува Скруџ дека доколку не се промени, а за таа цел ќе го посетат три духови (на минатото, сегашноста и иднината) го чека истата судбина.

Во наредните три поглавја Ебенезер Скруџ го посетуваат три „духа“, духот на божиќното минато, духот на божиќната сегашност и духот на божиќната иднина.

Духот на божиќното минато го покажува детството и младоста на Скруџ, како тој бил отфрлен од социјалната средина и како прераснува во толку алчна личност што и неговата вереница го напушта бидејќи сфатила дека никогаш Скруџ не би можел да ја сака колку што ги сака парите, и за сестрата на Скруџ, која починала додека се породувала со неговиот внук Фред.

Духот на божиќната сегашност ја покажува божиќната вечера на семејството Кречит и се запознаваме со младиот Тим, кој е инвалид и доколку „не се направи нешто“ ќе умре во блиска иднина. Тука се гледа сиромаштијата и бедата на обичниот човек во Викторијанска Англија и омразата со која семејството Кречит гледа кон Скруџ. Понатаму Скруџ и духот на божиќната сегашност го посетуваат неговиот внук Фред кој прави шеги на сметка на Скруџ но и вели дека го сака и ќе продолжува да го кани за Божиќ се додека е жив. Највпечатливиот дел од ова поглавје е на крајот кога од стомакот на духот на божиќната сегашност излегуваат две дечиња многу „грозни и страшни“ (стр 65) кои ги претставуваат сиромашните деца во реалноста (за кои Скруџ не сакаше да донира). Овие дечиња се нарекуваат Желба и Игнорантност, според авторот претставуваат причината за ситуацијата со сиромашните деца во тој период (а според мене и сега).

Третиот дух, духот на Божиќната иднина или смртта, го прикажува светот по смртта на Скруџ, и тоа како на никого не’ недостасува. Социолошки според мене најважен момент е кога крадците, односно луѓето кои ги крадат сопственостите на Скруџ по неговата смрт со што според мене се потврдува Марксистичката теорија на девијантноста и криминалот, кои се раѓаат од консумеризмот, односно од капиталистички наметнатиот идеал „поседување/купување на работи“, кои работиничката класа неможе да си ги дозволи, што на одреден начин ги приморува лицата кон крадење.

Овие три поглавја јас ги „споив“ во оваа анализа бидејќи според мене тие претставуваат една иста работа. Тие не се духови во метафизичката смисла на зборот туку ја претставуваат колективната свест, за која говори Диркем.

Колективната свест, според Диркем е нешто „заедничко за целото општество“. Тоа не е индивидуална состојба или појава, туку социјална. Како општествен феномен, тој е „дифузен низ општеството како целина“ и „има свој живот“. Преку колективната свест вредностите, верувањата и традициите можат да се пренесуваат низ генерации. Иако поединечни луѓе живеат и умираат, оваа збирка на нематеријални нешта, вклучувајќи ги и општествените норми поврзани со нив, се зациментирани во нашите општествени институции и на тој начин постојат независно од поединечни луѓе.

Најважно е да се разбере дека колективната свест е резултат на општествените сили кои се надворешни за поединецот, односно кои се „движат“ низ општеството и кои работат заедно за да го создадат социјалниот феномен на заедничкиот сет на верувања, вредности и идеи кои ја сочинуваат. Ние, како поединци, ги интернализираме овие и ја правиме колективната свест реалност со тоа, и ја реафирмираме и репродуцираме со тоа што живееме на начини што ја одразуваат.

Односно „духовите“ се општеството и општествените норми, вредности итн. против кои активно оди Скруџ, а се приметуваат и во првото поглавје кога потклекнува на општествениот притисок и го ослободува својот вработен на Божиќ.

Во последното поглавје Скруџ ги спроведува промените за кои вети во посетите на духовите, донираше на сиромашните деца, го помина Божиќ со својот внук и неговото семејство, ја покачи платата на својот службеник и стана како „втор татко“ на малиот Тими.

Божиќна призна претставува едно од најпознатите дела на сите времиња, со огромен број на филмски/телевизиски/театарски адаптации, од феноменални до со 101 далматинец. Божиќна приказна исто така претставува и феноменален приказ за сиромаштијата присутна во Англија во 19 век но и за тоа дека треба да се биде добар човек во секое време, а не само за Божиќ. Во неа се содржат добар дел на социолошки феномени и теории, главната од нив која е најприсутна и според мене темата на книгата е теоријата на Диркем за колективна свест која е пренесена преку трите духови. Но се забележуваат и елементи на марксистичаката теорија, и ова дело има извршено големо влијание врз трудовите на Карл Маркс и Фридрих Енгелс, што се гледа на пример и во „Манифестото на Комунистичката Партија“ каде што авторите говорат за сениште (комунизмот) кое демне над Европа. Како и за алчноста на капиталистите од тој период (а и сега).

Ова дело претставува задолжително четиво за секој човек, што се занимава со хумано – општествените науки.