Пишува: Трајче Стојанов
Долго време сум отсутен од јавноста и не следам вести од домашната сцена. Да ми простат македонските новинари, но македонски телевизиски канал не сум пуштил повеќе од пет-шест години. Но, колку и да се обидува човек да се дистанцира и да не следи новости, едноставно е невозможно да се изолира целосно и некогаш понекоја вест ќе го пробие вашиот штит и ќе стигне до вас. Впрочем, со оваа власт, тешко дека некоја вест ќе ве одбегне, затоа што секоја вест за нив и од нив е на ниво на бомба! Деновиве, пак, дополнително сум бомбардиран со вести, затоа што од некои причини сум „принуден“ да гледам домашни телевизиски канали и вести. Има што да се види и чуе: нема ден без афера! Ене ги, деновиве упаднале во контролата за летање! Па, нема појако!
И „ми светна“ една хипотеза, која сакам да ја тестирам овде, споделувајќи ја со вас. Имено, политичката стратегија на оваа власт се вика „нема ден без афера“! Сериозен сум и притоа не сум нималку ироничен или циничен! Продуцирањето афера врз афера на оваа власт не е резултат само на нивната епска неспособност и инхерентната клептоманија, кои се нивни несомнени атрибути, туку е дел од една ПР-стратегија за остварување на политиките на налогодавците што ги донесоа на власт.
Да појаснам: прво факт е дека се донесени на власт. Факт е дека имаат употребна вредност, и тоа еднократна: да сменат име, презиме, идентитет на овој народ, да го напикаат како (аморфна, безидентитетска) територија во НАТО, да ги натоварат „дисаѓите“ и да пијат коктел на некоја плажа со парите кои им се дозволени безочно да ги крадат за да можат да се спасуваат кога ќе затреба, додека во некоја погодна геополитичка пригода, ова парче безлична територија под НАТО-окупација биде де факто (можеби не и де јуре) поделено помеѓу Албанија и Бугарија, со што конечно ќе се реши „македонскиот вопрос“, а западните ни „партнери“ се посветат на многу поважните прашања (непослушната Србија).
За да се остварат проектираните планови, мора да се потпишат и реализираат сите договори, вклучувајќи го и оној со Бугарија.
А за да се реализира сето тоа, покрај аморфна, безлична, безидентитетска територија, ви треба и народ со истите тие атрибути. Народ без енергија за дејство, анестетизиран до ниво на колективна депресија. Народ доведен до „сеедно ми е“, „што сакат нека прават“! А да биде доведен до тоа ниво на „сеедност“, тој народ мора да биде катадневно бомбардиран со нивните криминали, скандали, корупции и бандитизам, со цел да биде презаситен со афери речиси на секојдневно ниво и да престане да реагира. Афера до афера, кои се произведуваат како во фабрика, а кои немаат правна разврска. Тоа треба да го убеди народот дека секој отпор е залуден, дека нема правда, а камоли мир (на чија крилатица дојдоа, т.е. ги донесоа на власт). Овој механизам функционира на лично ниво и одамна е докажан во психологијата. Едноставно се јавува како одбранбен механизам за да се зачува минимум психичко здравје – имено, постојано го подигате прагот на толеранција за да можете да го поднесете животот!
И истото тоа го прават овие, по книга, и тоа како ПР-стратегија! Сериозно го мислам ова. И тоа како чиста спротивност од она што го правеше ВМРО. Во пропагандна смисла тие беа антипод на овие. И тие безочно крадеа секако, но нивниот ПР беше беспрекорен. Нивната ПР-глазура беше без најмала пукнатина, како лушпа на тврдо варено јајце. Затоа кога „пукнаа“ првите „бомби“, тоа беше скандал пар екселанс. Кога сè е совршено, кога пиарот е беспрекорен, тогаш и најмал потрес скандализира, а камоли такви бомби!
Но за ова „чудо“ моментално на власт немаме веќе никакви чувства, гајле ни е. Со оваа власт, ништо повеќе не нè скандализира, веќе сè е можно и ништо не е невозможно: оставки, сообраќајки, пожари, „удар на пајак на полицајка“, кражби, упади во компјутерски системи (се сеќава некој на упадот во ДИК или во матичните книги и како тоа е поврзано со онкологија, здравство, избори?), тендери, пљачкање ресурси, Чебрен, РЕК-Битола, онкологија, скандали… Не можат да се добројат аферите, навистина. Верувам дека и на новинарите им е тешко да ги бројат. Може да се направи еден индекс на афери, да се направи некој софтвер, па ние граѓаните да ги внесуваме, за да не ни побегне некоја во оваа џунгла од афери и скандали.
Еве една заборавена, на пример: се сеќавате на скандалот што го отвори Мила за крадени пари од ДУИ во Фондот? И јас се сеќавам, но не се сеќавам дека нешто се направи по однос на тоа!? Скандал до скандал, секој божји ден, а правна разврска нема! Одговорност нула! Саде некои комисии што ќе испитуваат одговорност. Боже мој, единствената држава каде што некој правел кривични дела и, наместо обвинителството и полицијата да испоапси сè, ние формираме комисија да го испитува случајот, по старата добро проверена тактика: „ако сакаш да остане нерешено, формирај комисија“! Комисија за пожар, комисија за онкологија, комисија за лекови и опрема одлеани во Косово и којзнае уште каде… Комисии прават, комисии!? Како да не постојат полиција и обвинителство. Оф, Боже мили!
Но, како што реков, ваквиот манир на владеење не е само заради двете веќе констатирани нешта: нивната епска неспособност и инхерентна карактерна клептоманија, туку е дел од ПР-стратегијата на стратегиско планирање. Само кај народ уморен од секојдневните афери може да поминат вакви политики. Само народ што е под доброволна анестезија, како психички одбранбен механизам да ги преживее секојдневните скандали и неправди, може да прифати договор со Грција на обезименување, договор со Бугарија на обезличување и доброволно идентитетско еутаназирање. Нормален човек не би се согласил на такво колективно харикири! Не постои нормален народ што такво нешто би прифатил мирно и спокојно, без трошка отпор! Освен народ што е уморен од секојдневните скандали на кои сведочи. Уморен до мера на жив мртовец. Само народ зомби може да се согласи на доброволно потпишување на сопствената смрт, затоа што веќе се доживува мртов!
И токму затоа е потребно ова продуцирање афери без правни разврски. Вториот дел – без правна разврска – е особено важен аспект на оваа стратегија. Затоа што токму тоа ја одзема надежта, токму тоа ја праќа пораката – сè е залудно. Токму тоа ја ништи вербата и ја праќа пораката „џабе е“. Токму тоа ја создава перцепцијата дека „сè може да помине“ со нас или без нас, со наша согласност или без неа. Токму тоа ја праќа суштинската порака – „секој отпор е залуден“! Токму тоа му ја одзема секоја надеж на народот дека некаква промена е можна, дека неговиот акт на отпор нешто ќе придонесе! А ним, токму тоа им е политичката цел – да ги протнат договорите за кои се донесени, а потоа да пијат коктел на некоја егзотична плажа, со парите што им беше дозволено да ги крадат, како компензација за задачата што им беше дадена да ја завршат.
И тој и таков народ, без надеж и волја, народ зомби, не само што треба да ги голтне договорите и со Грција и со Бугарија туку уште поважно и уште посуштинско: во конкретниот геополитички момент. кој го спомнавме погоре, ќе го голтне и најважното и најгорко апче: „ако не нè бива, нека нè нема“! Сцената е поставена, драги мои, се чека само мигот да се одигра и тој чин.
Преземено од: https://novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/produciranje-aferi-kako-pr-strategija/