Надворешната политика на поранешна Југославија секогаш била невообичаено динамична, воочлива и креативна. Таа била проактивна и динамична, различна од дипломатиите на другите комунистички земји. Југославија, иако била држава со помали човечки, политички, економски, воени потенцијали и ресурси споредбено со водечките држави во Студената војна, сепак водела значително активна улога во меѓународната политика во светот по Втората светска војна

Југословенската дипломатија учествувала со силни меѓународни активности на глобално ниво, а особено значајно била изразена и присутна во државите од т.н. трет свет, во периодот на процесот на деколонизација, формирањето и развојот на нови држави во Африка.Една од државите со кои Југославија имала блиска соработка во многу области била и Република Судан, Демократска Република Судан (кратко Судан), држава во Источна Африка. За меѓудржавните односи сведочат трите повеќедневни посети на Јосип Броз Тито на Судан на 12-18.2.1959 година,14-18.2.1962 година и 20-23.2.1970 година, држава на која ѝ посветил големо внимание (во рамките на своите патувања низ Африка). Тито бил првиот странски државник (по стекнувањето на независноста) во официјална посета на Судан во 1959 година. На состанокот на двете делегации предводени од Тито и од Ибрахим Ферик Абуд, биле разгледани југословенско-суданските односи, при што било констатирано дека постојат добри изгледи за заедничка соработка во иднина, особено во областа на економијата. Било издадено заедничко т.н. југословенско-суданско или Картумско соопштение, во кое биле поставени основите за идната конкретна југословенскосуданска соработка, каде што било истакнато дека: „двете држави се согласуваат со приципите на ООН и политиката на меѓусебна соработка, зачувување на мирот, мирољубиво решавање на меѓународните проблеми, отстранување на колонијализмот и создавање на нови држави, еднаквост меѓу државите, осуда на трката во вооружување итн. Двајцата претседатели сестрано ги разгледаа односите меѓу Југославија и Судан и можностите за нивно натамошно унапредување. По воспоставувањето на дипломатските односи забележани се значајни резултати во развивањето на врските меѓу обете земји особено на стопанско и културно поле и во ООН. Обата претседатели сметаат дека постојат широки можности за натамошен развој на соработката меѓу двете земји во трговијата и на многу други полиња“.И судански водечки политички личности престојувале во неколкудневна официјална посета на Југославија: Абуд во јули 1960 година… учество на првата конференција на неврзаните во Белград во септември 1961 година, неговиот наследник Џафар Мухамед ел Нумеири во 1970 година. Нумеири истакнал: „Југославија за нас не е туѓа. Југославија беше прва социјалистичка земја која на Судан му пружи помош во борбата против жедтта. Недостигот на вода го погодува 80 отсто од суданското население…“ Понатаму претседателот Нумеири „изразил уверување дека проблемот ќе биде решен со особена благодарност до загребското претпријатие „Геотехника“ кое копа бунари во Судан… стотици судански студенти учат на југословенските универзитети и високи школи, се градат фабрики, суданската морнарица и друга помош за развој на суданското стопанство…“Нумеири како шеф на суданската делегација присуствувал и на погребот на Тито во Белград во мај 1980 година. По тој повод и во контекст на пријателските односи и соработка меѓу Југославија и Судан, Нумеири ја дал следнава изјава: „Народот и владата на Демократска Република Судан длабоко се ожалостени од тажната вест за смртта на претседателот Јосип Броз Тито… на африканскиот народ ќе му недостасува соборец кој цврсто стоеше покрај нивните ослободителни движења и заедно со нив се бореше против расизмот, империјализмот и неоколинијализмот и активно придонесуваше кон изградбата на Африка во периодот по стекнувањето на нејзината независност. Нашиот народ многу го почитува претседателот Тито и неговите историски посети на Судан, го почитува неговото пријателство и се воодушевува на мудроста и идеите кои ги остави зад себе…

Покрај политичката, постоела соработка во други области како: култура, образование, наука, технологија, здравство, економска и трговија итн. Југославија била призната, позната и ценета во Судан. На пример, во областа на образованието, професорите од Југославија дале значаен придонес за формирањето и за развојот на високото образование во Судан. Професори од Југославија предавале на универзитетот во Картум уште од 1957 година. Во 1962 година, 4 професори и 5 доценти работеле на универзитетот, а до крајот на шеесеттите години тој број достигнал 20-тина лица. Професорите од Југославија ги основале студиите во повеќе области на универзитетот: медицина, археологија, хемија, математика итн. Судански студенти се школувале на универзитетите во Југославија. Во областа на градежништвото, работници и инженери на југословенските фирми „Енергопроект“ и „Геотехника“ граделе градежни и инфраструктурни објекти во Судан. Југословенските новинарски дописници од Африка редовно известувале и за случувањата во Судан. Политички, стопански, културни делегации од Југославија често го посетувале Судан.Исто така, особено била значајна и воено-техничката соработка во повеќе области: авијација, морнарица, школување на судански воен кадар на воените школи и академии во Југославија, испорака на воена опрема и техника итн. Суданската воена морнарица, практично, била формирана од Југославија, со воена опрема и техника, воени бродови и обука од југословенски воен персонал. Во декември 1959 година југословенска воена делегација го посетила Картум, при што е потпишана спогодба за обука на припадниците на суданската морнарица од припадници на југословенската морнарица. Во периодот 1960-1963 година како воен советник на Генералштабот на Судан е ангажиран адмиралот на Југословенската воена морнарица (ЈВМ) Бранко Мамула. Капацитетите на суданската морнарица: речни и крајбрежни патролни бродови, торпедни бродови, десантни бродови, помошни воени бродови, одржување на пловилата и обука на персоналот биле обезбедени од Југославија.Како бродови на суданската морнарица, воено-морнарички капацитети од различен тип од југословенско производство, се наведени: четири патролни бродови од класата „Gihad“ под имињата „El Gihad“, „El Horriya“, „El Istiqlal“ и „El Shaab“, произведени во почетокот на 60-тите години во бродоградилиштето „Мосор“ кај Трогир. Бродовите биле во активна служба до втората половина на 80-тите години. Долги патролни бродови под имињата „El Fasher“ и „El Khartoum“ се произведени во бродоградилиштето „Тито“ во Краљевица во близина на Ријека, кон крајот на 50-тите и во текот на 60-тите години, а останале во активна служба до почетокот на 80-тите години. Мали амфибиски бродови под имињата „Sobat“ и „Dinder“ се произведени во Југославија кон крајот на 50-тите години и во текот на 60-тите години, а во активна служба биле до почетокот на 90-тите години. Шест брзи јуришни бродови се произведени во Југославија и испорачани во текот на 50-тите, 60-тите и 70-тите години. Производството и испораката на бродови продолжиле и во текот на 80-тите години, сè до распаѓањето на Југославија во почетокот на 90-тите години. Од приложеното може да се заклучи дека особена важност и значење имале позициите југословенски амбасадор и воено аташе во Судан, имајќи го предвид фокусот на југословенската дипломатија во Африка и во оваа африканска држава. Југославија била меѓу првите држави во светот што во 1956 година ја признала независноста и воспоставила дипломатски односи со Судан во 1956 година. Првиот југословенски дипломатски претставник, а потоа, по подигнувањето на односите на амбасадорско ниво и прв југословенски амбасадор во Судан, бил дипломатот Живадин Симиќ. Од воспоставувањето политички односи меѓу двете држави до распаѓањето на Југославија во 1991 година, меѓу амбасадорите на Југославија што ја извршувале амбасадорската дипломатска служба во Судан, од Македонија биле ангажирани двајца претставници како амбасадори и еден претставник како воено аташе: Благој Михов, амбасадор во периодот 1981-1985 година33 и проф. д-р Владимир Петковски, амбасадор34 во периодот 1989-1992 година (последен југословенски амбасадор35 во Судан)36 и контраадмиралот Кузман Смилески како воено аташе во периодот 1968-1971 година. Контраадмиралот Кузман Смилески – Брадина е роден с. Тресонче на22.08.1924 година. Основно и средно образование завршил во Горњи Милановац(Р Србија). На млади години активно се вклучил во НОВ во Македонија. Билпрвобригадирец, борец во составот на Првата македонско-косовска ударнабригада. Потоа станал борец во составот на Осмата македонска ударна бригада,каде што бил на позицијата помошник на политичкиот комесар на бригадата. Вовојната бил политички комесар на чета и на баталјон. Член на КПЈ станал во 1944година. Втората светска војна ја завршил со чин капетан. По војната Врховната команда на Народната армија во Македонија го праќа на школување во Военопоморската академија во Дивуље кај Сплит. По завршувањето на академијата се стекнал со чин капетан на фрегата (мајор) на ЈВМ. Потоа е упатен на служба во градот Сплит и назначен за началник на АБХО (атомско-биолошко-хемиска одбрана) во ЈВМ. Во својата воена кариера бил наставник во Високата воена политичка академија (ВВПА), началник на Катедра на академијата на Воената морнарица, началник на Управата во Сојузниот секретаријат за народна одбрана (ССНО) во Белград. Пензиониран е во 1973 година. Во 1978 година се вратил да живее во Скопје и тука останал сè до смртта во 2012 година. Како признание за неговата професионалност во извршувањето на задачите и обврските, како во текот на Втората светска војна така и по ослободувањето, како офицер на ЈНА, добил бројни воени, општествени и државни награди, а меѓу другото бил одликуван и со: Орден на братството и единството со сребрен венец; Орден на Народната армија со златна ѕвезда; Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда; Орден за воени заслуги со златни мечеви; Орден за заслуги занарод со сребрена ѕвезда; Медал за 10 години ЈНА.Контраадмиралот Кузман Смилески се занимавал и со стручна воена публицистика, за чија содржина интерес имало и надвор од границите на тогашна Југославија. За одбележување се три негови труда: „Work of atomic, biological, and chemical warfare officers in process of planning naval combat operations, opinion, Yugoslavia“, потоа, „Problems in the employment of ABC combat agents in narrow seas” или “О problema upotrebe ABH borbenih sredstava u uskim morima“ и „Contemporary combat resistance of ships“.Кон крајот на 60-тите години од XX век, токму во периодот на интензивната изградба на суданската воена морнарица, нејзините капацитети и развој на југословенско-суданските воени односи, како резултат на беспрекорноста во извршувањето на задачите и обврските во воената служба, во 1968 година како југословенски воено аташе во југословенската амбасада во Картум е поставен капетанот на воен брод (полковник) Кузман Смилески. Во 1970 година, додека бил на служба во Судан, унапреден е во чин контраадмирал, на тој начин станувајќи првиот Македонец во историјата со морнарички чин адмирал. За време на дипломатската служба со својата работа дал значаен придонес во продолжувањето и во понатамошниот развој на југословенско-суданските воени односи, поради што е одликуван со судански највисоки државни одликувања – Медал за заслуги на Судан, 1. класа.За животот на контраадмирал Кузман Смилески и за неговата дипломатска мисија во Судан сведочи неговиот син Зоран Смилески:„Татко ми е од Тресонче од мијачкиот крај. Многу млад заминал во партизани. Тој беше борец во Прва македонско-косовска ударна бригада и беше помошник политички комесар во Осма македонска бригада. Со мајка ми Ружа се запознале во Дојран. Таму после војната во Дојран, Гевгелија и околината биле стационирани 20.000 војници македонска војска и неговата бригада била таму и чекале наредба да одат на Солун. Татко ми кажуваше, биле спремни за два часа со брз марш да бидат во Солун, ама добиле наредба да се вратат назад… По војната беше испратен во висока воена школа во Севастопол во СССР. Заврши и воени школи во Југославија. После тоа беше на различни воени позиции во ЈНА. Тој беше и дел од екипажот на воените бродови од придружбата на бродот «Галеб» при патувањата на Тито низ светот. Беше и Генерален инспектор на Армијата.Шеесеттите години, Тито беше водач на неврзаните во светот (трет блок). Стратешка одлука беше на Југославија да биде присутна во Судан. Тоа не важеше само за Судан, Тито и Југославија решија да бидат присутни во Африка. Кога требаше да се реши кој ќе оди во Судан, Тито рече: «Смилески ќе оди». Тој тогаш беше полковник. И така 1968 година, татко ми доби задача како воено аташе да замине во Судан. Имено, во градот Порт Судан кој е на средина на Црвено море и има стратешко значење за целиот регион, требаше да се гради ново пристаниште. Татко ми беше одговорен за тоа. Во тоа време за тоа пристаниште беше заинтересиран и СССР. Но, со умешноста на татко ми и неговите соработници, Југославија го изгради тоа пристаниште. Во Судан работеа и други југословенски фирми. Како воено аташе тој имаше и други должности во Судан, да се занимава со разузнавање, затоа што на Југославија и беше битно да биде присутна во тој регион и да има информации што се случува, затоа што таму имаа интерес и други држави како на пример СССР итн. Во 1970 година, на голема свеченост по повод отворањето на пристаништето дојде и претседателот Тито. Тито беше многу задоволен и после тој успех со указ на Тито, татко ми е унапреден во чин контра-адмирал.Кога се врати од Судан во 1971 година, татко ми продолжи како шеф на Висока воена школа во Белград. Но тоа го свати како деградација. Сакаше да се види со Тито, ама не можеше да дојде до него да му објасни, поради пречките од тогашниот воен врв и генералите (Љубичиќ) околу него. На татко ми не му се дозволи да напредува во службата и да стане командант на ЈВМ, иако беше еден од трите заменици на адмирал Мате Јерковиќ командант на ЈВМ. Иако лично Тито се залагаше тој да биде командант на ЈВМ како прв македонец на таа позиција. И тогаш почнаа политички игри! Татко ми го обвинија дека е близок со либералот Крсте Црвенковски. Тоа беше смислена лага за да се елиминира од трка за командант на ЈВМ. Татко ми беше многу разочаран, побара да биде пензиониран и се пензионираше во 1973 година на 54 годишна возраст. И покрај тоа, до крајот на животот остана верен војник на маршал Тито. Во 1978 година одлучи да се врати во Македонија во Скопје. Откако се врати во Скопје беше многу активен во сојуз на борци а пишуваше и книги. Татко ми беше космополит човек, не ги делеше луѓето, како партизан тој беше дел од македонско – косовска бригада а таму се бореа и македонци, срби, црногорци, албанци итн. Почина во 2012 година на 88 години. Тој ќе остане забележан во историјата на Македонија како првиот македонец со чин адмирал“.Благој Михов – Баче е роден на 31.10.1929 година во Велес. Бил учесник во НОБ. Завршил Новинарска дипломатска висока школа во Белград. По војната вршел голем број функции. Бил новинар во НИП „Нова Македонија“ и во „Стопански весник“, секретар за информации во Извршниот совет во СРМ, советник во Сојузниот извршен совет и во Сојузното собрание. Во јануари 1972 година е поставен за секретар на Секретаријатот за односи со странство на Извршниот совет на СР Македонија. Како дел од дипломатската кариера била и неговата работа во Бирото за документација при Кабинетот на претседателот на Владата на НР Македонија. Во август 1974 година е именуван за југословенски генерален конзул во Братислава (ЧССР). Во 1981 година е именуван за југословенски амбасадор во Судан, функција што ја вршел до 1985 година. Во периодот од 1987 до 1990 година бил директор на Државниот архив на Македонија, каде што активно работел на унапредувањето и развојот на архивската дејност, архивската служба, архивското законодавство и осовременувањето на Државниот архив на Македонија.Починал на 30.12.2002 година во Скопје.Проф. д-р Владимир Петковски е роден на 14.11.1945 година. Дипломирал на Економскиот факултет (УКИМ) во Скопје. Бил универзитетски професор, општественик и дипломат; редовен професор на Економскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје; претседател на Сојузот на младината на Македонија; претставник на Македонија во Сојузното претседателство на Сојузот на младината на Југославија; член на Постојаната работна група за научна и технолошка соработка на Југославија со ОЕЦД и на Југословенско-американскиот одбор за научна и технолошка соработка; член на Републичката комисија за соработка со УНЕСКО. Остварил студиски престои и стручни усовршувања во Париз (стипендист на француската влада), Вашингтон (Фулбрајтова стипендија), Бруж, Белгија, Колеџ на Европа (финансиска поддршка на ЕУ), Вашингтон (Светска банка) и Пекинг (Кинеска академија на општествени науки). Држел предавања и презентации на меѓународни научни конференции на универзитети во САД, Европа и Кина. Консултант на УНДП, Македонија и УНДП и влада на Република Србија како и на УСАИД, Македонија и ИНВЕНТ Германија. Бил визитинг-професор на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“ (Вашингтон) и на Државниот универзитет „Апалачија“ (Северна Каролина). Член е на Нациналното координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата од неговото основање и коавтор на Националната стратегија за општетсвената одговорност на претпријатијата на Македонија и на Србија. Во последната деценија објавувал колумни („Нова Македонија“) за односите на Република Македонија со Република Грција, врзано за „прашањето за името“. Автор е на 13 книги издадени во Македонија и поранешна Југославија и на повеќе од 120 трудови од областа на научната и технолошката политика, знаењето и новите технологии и конкурентноста како и општествената одговорност на претпријатијата, во домашни и во странски списанија и публикации. Дипломатската кариера ја започнал како советник за наука и технологија при Југословенската амбасада во Вашингтон (1980-1984). Бил југословенски амбасадор во Судан (1989-1992), прв амбасадор на Република Македонија во НР Кина (1994-1999), акредитиран и во Социјалистичка Република Виетнам (1994) и во Демократска Народна Република Кореа (1996).
За југословенско-суданските односи за време на својата дипломатска мисија проф. д-р Владимир Петковски вели:50 „Предизвик беше извршувањето на позицијата југословенски амбасадор во Судан, бидејќи Југославија беше силно присутна во Африка. Југославија и Судан имаа одлични односи и соработка уште од времето на Тито. Тие односи имаа економска, воена димензија, судански граѓани се школуваа на југословенските универзитети итн. Југославија ја изгради и трговската и воената морнарица на Судан. Тоа е дело на југословенски фирми. На пример, целата речна морнарица тие баржи, бродови итн., на Нил кои се многу значајни за животот таму е изградена од Југославија. Тоа беше бродоградилиштето од Белград кое ја градеше таа речна морнарица. Додека јас бев таму работеа во тоа време неколку југословенски фирми: бродоградилиштето од Белград на изградба на речни бродови, Партизански пут од Белград на проекти од нискоградба и Геотехника од Загреб која работеше на проекти на урбано водоснабдување. На пример, имаше проект во вредност од 40 милиони долари за изградба на водоснабдување во градот Ел Обеид во централно-јужниот дел на Судан. На пример, цевките кои се поставуваа таму, за тој систем на водоснабдување беа произведени од Искра од Куманово…

Указ за назначување на Благој Михов за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Демократска Република Судан („Службен лист на СФРЈ“, бр. 31/1981).


Указ за назначување на д-р Владимир Петковски за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Република Судан („Службен лист на СФРЈ“, бр. 88/1989)

Кузман Смилески како офицер на македонската партизанска војска.


Кузман Смилески (во средина) во придружба на Титовиот брод „Галеб“ (во позадина) во водите на Источниот Медитеран во 1954 година, при едно од патувањата на Јосип Броз Тито.

Кузман Смилески како адмирал на ЈВМ

Кузман Смилески како воено аташе во Картум при посетата на Јосип Броз Тито на Судан во 1970 година

(Фотографиите се од личната архива на г. Зоран Смилески)

Кузман Смилески (во средина) како воено аташе во зградата и резиденцијата на југословенската амбасада во Картум, Јованка Броз (десно),генерал Петар Бабиќ, шеф на титовиот воен кабинет (лево), при посетата на Јосип Броз Тито на Судан во 1970 г.(Фотографијата е состевен дел од збирката на фото архивата на Јосип Броз Тито. Фондот е во сопственост на Музејот на Југославија во Белград. Фотографијата е заведена во музејот под инвентарен број: 1970_428_091).

  • Македонски архивист, број 29-30 (2021)