Пишува: Тамара Јованов – Апасиева – Професорка на Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ – во Штип
Што значи живот во продолжена сиромаштија?
Престанаа луѓето искрено да се дружат меѓусебно.
Веќе нема слободно одење на кафе кај комшиите. Не знаеме ни дали имаат доволно за кафе дома.
Неретко недоставува и она пријатно “добар ден” – заменето со страв и недоверба кон другиот.
Поштарот порано беше симбол за плата и пензија, а сега е несакан гостин кој носи огромни сметки за плаќање.
На хигиеничарката во зграда, ретко кој и’ отвара да и’ даде вода.
Не се радуваме, ниту го забележуваме уличниот свирач, иако е еден од ретките кој го прави сивилото поподносливо.
Младите со опијати и алкохол радо бегаат од реалноста, која наместо радост и здрава социјализација им е поим за депресија и анксиозност.
На починатиот на улица, наместо помош, му го крадат паричникот.
Сиромаштијата е болест.
Го разјадува општеството, а во неговите дупки потоа, пропаѓа човекот.
Само народот може ова да го запре и промени.