На 20 април, 1964 година, на почетокот на судскиот процес на кој беше осуден на казна доживотен затвор, Нелсон Мандела го одржа најславниот говор во историјата на големите судски процеси за борбата за човекови права. Тие негови зборови ќе останат запаметени како искрен восклик за барање на правда и правичност, која понекогаш е засенета од одредени закони, постапки и процеси, затоа што не секое законско право е право, а не секој судски процес значи правда.
„Во својата младост ги слушав постарите од своето племе, кои што ми раскажуваа приказни од старите дни. Меѓу тие приказни беше и онаа за војните кои нашите предци ги воделе со цел да ја одбранат својата татковина, се величеше славата и гордоста на африканската нација. Тогаш се надевав дека животот ќе ми даде прилика да им служам на своите луѓе и да направам барем мал допринос во нивната борба за слобода. Всушност тоа е она што ме мотивираше за сè што направив за својот народ, а заради што денес против мене се покренати обвиненија.
Некои работи кои беа искажани на суд се точни, некои не се. Нема да негирам дека планирав саботажа. Не сум го направил тоа затоа што сакам насилство, туку затоа што смирено и трезвено ја проценив политичката ситуација која доведе до долгогодишна тиранија и злоупотреба на мојот народ од страна на белците. Јас, и останатите кои ја извршивме саботажата, тоа го направивме поради две причини. Прво, насилството над Африканците стана неиздржливо и сметавме дека доколку не се воспостави одговорна власт, ќе дојде до зајакнување на теророт и судирите помеѓу различните раси во нашата татковина.
Морам да се навратам на јуни 1961 година. Што требаше ние и водачите на нашиот народ да направиме? Дали едноставно требаше да се предадеме или требаше да истапиме и да се бориме? Ако требаше, како? Во јуни 1961 година одлучивме да се бориме. Чувствував морална обврска тоа да го направам. Се консултиравме со бројни организации, вклучувајќи го и Африканскиот Национален Конгрес (АНК). Не сакам да именувам со кого сме разговарале, ниту што ни е кажано.
Постојат четири видови насилство: саботажа, герилска војна, тероризам и отворена револуција. Ја избравме само првата метода, сметајќи дека нема да донесе човечки жртви. Сметавме дека побуната против власта би довела до отворен колеж на нашиот народ.
До 1961 година илјадници припадници на црната раса се убиени во расните судири. Но, затоа што почвата на Јужноафриканската Република веќе беше натопена со крв на невините црнци, одлучивме да се подготвиме за можноста за герилство војување – во случај да мораме да се браниме од новиот насилен напад“ – се зборови со кои Мендела се бранел во судот.
„Нашата борба е борба за право на живот!“
„Отсекогаш себеси, на прво место, се гледав како африкански патриот. Сето она што денес го посакувам е општество без класи! Нашата борба е борба против реалните проблеми, а не против оние измислените. Нашата борба е борба против два сериозни проблема – сиромаштијата и недостатокот на човеково достоинство.“
Јужноафриканската Република е една од најбогатите држави во Африка, а би можела да биде и најбогата во светот. Сепак, тоа е земја на неверојатни екстреми и контрасти. Белците уживаат во она што би можело да се нарече најголем животен стандард во светот, додека припадниците на црната раса живеат во јад и сиромаштија. Проблемот не е во тоа што црнците се сиромашни, а белците се богати, туку во фактот што белците се трудат да ја одржат таквата состојба!
Недостатокот на човеково достоинство кое го проживуваат црнците е директен резултат на политиката на надмоќ на белата раса. Надмоќта на белата раса подразбира инфериорност за црната раса. Законите кои ја овозможуваат таквата состојба го разоруваат нашето општество.
Сè што сакаме е да живееме таму каде што работиме, да не бидеме протерувани од подрачјата каде што работиме само затоа што таму не сме родени. Сакаме да живееме во домови кои можеме да ги нарекуваме „сопствени домови“. Сакаме да бидеме дел од општата популација, а не да бидеме ограничени на живот во гето. Африканските мажи сакаат нивното семејство да живее со нив, а жените сакаат да бидат покрај своите сопрузи. Сакаме да ни допуштите слобода на движење, а не да нè затворате како мали деца.
Над сè, сакаме еднакви политички права! Знам дека ова им звучи револуционерно на белците во оваа земја, бидејќи во нив предизвикува ствар од демократија.
Политичките поделби базирани на раса, потполно се вештачки, а кога ќе исчезнат, ќе исчезне и доминацијата на една над друга раса. Нашата борба едноставно е – природна. Тоа е борба на африканскиот народ, инспирирана од нашите искуства и маки. Едноставно, тоа е борба за право на живот!
Во текот на целиот живот се посветив на борбата на африканскиот народ. Ги негував идеалите на демократијата и слободното општество во кое сите живеат заедно во хармонија и еднакви шанси. Тоа е идеал за кој се надевам дека ќе заживее. Ако биде потребно, тоа е идеалот за кој сум подготвен да умрам!
Превземено од: Akademik.mk