Левица: Трошокот за унгарскиот кредит власта го префрла врз грбот на гаѓаните

0
30

Новиот договор на Владата со комерцијалните банки за пласирање на унгарскиот кредит повторно го става товарот врз грбот на граѓаните, кои ќе треба да вратат близу 100 милиони евра по основ на камата што ја побарува Унгарската експорт импорт банка. 250 милиони евра, пари земени од унгарскиот кредит, Владата ќе ги пласира во приватниот сектор преку комерцијалните банки.

Премиерот Мицкоски изјави дека преговорите со комерцијалните банки не оделе како што очекувале, па договорот паднал каматата за овој кредит да ја плаќаат граѓаните. Министерството за финансии ќе префрли 250 милиони евра на Развојна банка која пак овие средства треба да им ги позајми на комерцијалните банки.

Комерцијалните банки подоцна ја враќаат оваа сума без камата а Министерството за финансии од Буџетот на државата ќе ја надокнади каматата при враќање на долгот кон Унгарската експорт импорт банка. Симптоматично и непознато е колкав ќе биде рокот за враќање на овој кредит од страна на компаниите и уште поважно по кои критериуми банките ќе ги кредитираат овие компании, што отвара сомнеж за корупција и предизборно поткупување.

Овој кредит првично се најавуваше како шанса за економски раст, а се претвора во трошок на граѓаните и поддршка на привилегираните компании блиски до власта, што само го потврдува недостигот од реална економска визија и политичка одговорност. Се поставува прашањето: Дали Владата вистински се грижи за економските интереси на граѓаните или пак за интересите на одредени бизнис кругови?!

Левица предупредуваше за последиците од нетранспарентноста на овој заем, а сега е јасно дека нашите стравови и очекувања се потврдени. Вистината е дека граѓаните се тие кои ќе плаќаат за овој заем во годините што доаѓаат, додека подобните фирми блиски до власта ги собираат придобивките, соопштија од партијата.