Политичката (не)култура во Македонија – последен дел

Третиот дел од колумната: https://lenka.mk/columns/politichkata-nekultura-vo-makedoniјa-tret-del/

Пишува: Кристијан Димков – координатор на Сектор Политички систем при политичката партија Левица и Секретар на Црвена Младина

Политичка апатија

Кога станува збор за учество во политичкиот живот во едно (и само на хартија) демократско општество постојат два главни начина на кои граѓаните учествуваат во него: Пасивно учество во политиката и активно учество во политиката. Пасивното учество во политиката се состои од актот на гласањето што граѓаните го прават на денот на изборите, додека пак активното учество се состои во тоа да се кандидира граѓанинот, односно да биде гласан на избори. 

Политичката апатија најдобро се опишува кога граѓанинот е рамнодушен во односот кон политичките активности, како што се изборот на политичари, да заземат став и нивната граѓанска одговорност. Поедноставен термин за политичка апатија би бил дека некој „не може да се замара“ да учествува во политичкиот систем на нивната земја.

Политичката апатија може да произлезе од недоволното разбирање на политиката и владата, што би можело да му отежне на тоа лице да види каква било вредност во гласањето или од гледањето на придобивките и трошоците од владините политики што се предлагаат. Поединецот тогаш може да го смета за ирационално да се обиде да го стекне знаењето бидејќи наводно нема да има корист за нив. Сепак, можно е човек да биде целосно образован и да ја разбира политиката, но сепак да биде намерно апатичен кон неа.

Тешко е да се мери политичката апатија, иако тоа може да се види по степенот на знаење, активност и политичка вклученост на граѓаните.

Политичка апатија во Македонија

Кога станува збор за политичката аптија во Македонија и македонското општество, мораме да забележиме дека ситуацијата е поприлично сериозна. Имено во истражување спроведено (делумно) од мене, во однос на општествената/политичка активност на студентите при филозофскиот факултет се добиени следните резултати:

Вообичаено колку ги практикувате следниве активности: Општествена активност (политички партии, невладини организации и сл)ФрекфренцијаПроцент (%)
Никогаш10966.8 %
Ретко3018.4 %
Понекогаш106.1 %
Често53%
Секогаш95.5%
Севкупно163100%

Односно, 85.2% од студентите на Филозофскиот Факултет при УКИМ, еден од трите најважни факултети во Република Македонија кога станува збор за општествените науки одговориле дека никогаш или ретко, практикуваат општествена/политичка активност. Оваа бројка е многу поразителна за генерацијата која треба да биде, да го парафразирам Карл Маркс „локомотива на револуцијата“. Понатаму ако ги гледаме изборните резултати во 

Македонија, исто така е многу јасно забележливо дека се во слободен пад. Имено само ако ги земеме резултатите во едно гласачко место, односно моето гласачко место 2801, на локалните избори од 2013 до 2021 излезноста на гласачите од 69% излезност во 2013 година, 64% излезност на локалните избори во 2017 година до катастрофални 51% на локалните избори во 2021 год. Што претставува многу ниска бројка, особено знаејќи го фактот што последните избори, имавме најмногу независни кандидати/трети политички опции од било кога во изминатава деценија, со 9 различни опции кои освоија барем еден глас за влез во советот на општина Центар, од кои 7 партии и 2 граѓански здруженија. 

Причини за оваа политичка апатија, или политичка апстиненција во македонското општество, има многу. Дел не се ниту предизвикани од криминогените политички елити кај нас туку од самата поставеност на системот на репрезентативна демократија. 

Во нивната книга „Митот за демократијата“, авторите Франк Карстен и Карел Бекман како прв мит го наведуваат митот на „секој глас е важен“. Односно да цитирам: „Ова го слушаме на секои парламентарни или локални избори. Догмата дека вашиот глас навистина е важен. Важен е исто колку и другите милиони гласови (на пример, на 100 милиона гласачи во САД). Но ако го пресметате влијанието на еден глас во однос на сите 100 милиона гласови, тоа е 0.000001%, што практично значи никакво влијание. Шансите резултатот од изборите да зависи од вашиот глас се безначајно мали“. Иако бројките во однос на македонското општество се различни, поентата е иста. Иако оваа причина е наметната од самиот систем на репрезентативна демократија, арбитрарната поделеност во 6 изборни единици не е, што е можеби причина плус за негласањето на македонските граѓани.

При разговор со било кој неопределен македонски граѓанин за гласање на избори многу често ќе се слушне еден одговор „нема за кого да гласам“. Одговор кој е многу едноставен, кристално јасен и кажува многу. Криминогената елита која е на власт изминативе триесетина години во Републиката води кон сѐ попасивен и попасивен електорат, нешто што само нив им оди во полза.

Завршни мисли

Политичката култура како и „обичната“ култура е комплексен феномен со голем број на теории и размислувања од проминентни автори кои се обидуваат да ја објаснат како појава и како пракса. Причините за волку аполитична политичка култура во македонското општество се многубројни. Но сметам дека најважната е тоа дека политичката култура (како и секоја друга) се наметнува „од горе“ а не „од доле“. Односно се создава од страна на политичките елити во државата. На една олигарско настроена политичка елита како што за жал имаме ние во Република Македонија најмногу им одговара пасивен електорат, односно пасивни граѓани со аполитична политичка култура. Овој проект на политичките елити е многу потпомогнат од културното милје на Македонија. Еден поданички „наведната глава сабја не ја сече“ менталитет, кој е производ на повеќевековното ропство во кое се наоѓала Македонија.

Овој тип на политичка култура создава една парадоксална (демократска) ситуација, каде што граѓаните кои сакаат да учествуваат во политиката и политичкиот живот и имаат желба да пробат да променат нешто се етикетирани од страна на останатите како „глупави што се замараат толку“. Во спротивност на ова, во античка Грција, за „глупави“ се сметале оние кои не сакале да учествуваат во политиката.

Но главниот проблем со кои сме соочени денес ние како општество, аполитичната политичка култура мора да се промени ако сакаме да имаме некаква шанса за опстанок како држава и за понормален живот. Начинот на кој тоа ќе се смени не е јасен, а ниту пак лесен, бидејки агенсите на социјализација во кои тоа треба да се менува (училиштето, и сл) е уништено од страна на политичките елити. 

Оваа колумна ќе ја завршам во ехо на познатото Марксовото епиграфско предупредување во првиот том на Капиталот – „De te fabula narrator” (за тебе се говори). Ние, младите, треба да сме движечката сила на промената во овој гнил систем, а единствен начин да се направи некаква реална промена е преку активна политичка партиципација, сѐ останато (невладини организации, волонтирање итн.) иако е благородно и хумано – нема и никогаш нема да има сила да го повлече општеството напред.

Последно