Илиева: Октомври е розов месец, но борбата за термин ни најмалку не е таква

Пишува: Катерина Илиева

Во насока на борбата со ракот на дојка, Министерството за здравство, следејќи ги препораките на ЕУ, СЗО, и примерите на земјите во Европа и САД, од април 2015 започна да спроведува организиран скрининг, а согласно програмата за рано откривање на рак на дојка обезбеди електронски начин за регистрација за скрининг мамографија директно во системот “Мој термин”.

Ваквиот подвиг звучи моќно, но во реалноста, Националниот систем “Мој термин” е преполн уште од јули 2023, до крајот на годинава, нема ниту еден слободен термин, а термините за 2024 не се пуштени.

Тоа значи дека пациентките кои сакаат да направат испитувања ја немаат таа можност. Жената во Македонија е оставена сама на себе да одлучи дали може дел од нејзините примања да ги потроши во некоја од приватните клиники или сепак заради недостиг на средства ќе почека.

Но, болеста не чека!

– 12,9% од вкупното население во Македонија е заболено од рак на дојка!

– Од 2018 година, стапката на новозаболени константно расте за просечно 1.500 повеќе од секоја претходна година, а заболени на годишно ниво веќе се по 4.500.

– Стапката на смртност од малигна неоплазма на дојка исто така расте – во 2018 година е 26,4, во 2019 година 29,8, во 2020 година 32,2, во 2021 32,6, а во 2022 година 38.6 на 100 000 жени или раст од 3.1% на годишно ниво.

Власта на СДС, ни покажува розови балони полни воздух – придонесот е сведен на зборови за подигнување на свеста.

Додека Министерството за здравство нема нова стратегија за начинот на кој ќе бидат прегледани жените кои се барем половина од оние кои се регистрирани, додека жените кои имаат потреба од натамошни прегледи со магнетна резонанца чекаат со години за државен преглед и додека само декларативно се следат препораките на ЕУ и СЗО,

– на жените не им се потребни бесплатни флаери кои содржат алармантна содржина за потребата од редовни прегледи и контроли кои нема да го направат “Mој термин” поефективен!

– информирањето, апелирањто, и тн. едукација, нема магично да ја намали потребата од функционално здравство.

Празните флоскули за розевата боја која би требало да асоцира на надеж, во време на висока инфлација за поголемиот дел од жените асоцира на страв!

Наместо да зборуваме за подигање на свест, односно страв и паника во неможност да си дозволиме бесплатен скрининг, досега требаше да зборуваме за успешна покриеност на прегледите и бесплатна психолошка поддршка за жените кои се лекуваат.

Последно