Учесници во Шпанската граѓанска војна од Егејска Македонија

Шпанска граѓанска војна (17 јули 1936 – 1 април 1939), позната и како Шпанска револуција — војна помеѓу шпанската републиканска влада и нејзините левичарски поддржувачи, од една страна, и бунтовниците, војската и фашистите, на чело со Франциско Франко од друга.

Во тек на Шпанската граѓанска војна учествувале стотина комунисти од Македонија од страната на шпанската републиканска влада.

Во прилог македонските учесници од Егејска Македонија

1. Алексиев Петар — од Като Неврокопи, Егејска Македонија (или Неврокоп, Пиринска Македонија). Комунист, член на Комунистичката партија на Грција. Во Шпанија дошол во април 1937 година. Бил во баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“. Загинал на 2 мај 1938.

2. Андреев Иванов Иван — роден на 12 јуни 1910 во Дреновени, Костурско или Серско. Во 1930 година се доселил во Канада. Во 1931 година станал член на КП на Канада. Во Шпанија дошол од Канада на 15 мај 1937 година. Бил во 15-та бригада. Кувар во балканската ТАРТ батерија „Коларов“. Се вратил во Канада на 11 февруари 1939 година на бродот „Дачис оф Бедфорд“. Починал во 1999 година во Етобикоук, Онтарио, Канада.

3. Белетов Иван (Шивач) — роден 1911 во Егејска Македонија. Дошол од Франција на 20 октомври 1937. Бил во баталјонот „Димитров“. Загинал кај Мореља во март 1938.

4. Божинов Димитар [Божиновски Димитрие] — роден 1906 во Костурско. Дошол од САД во мај 1937 година. Бил во 15-та бригада – баталјон „Линколн“. Загинал.

5. Бузев Петрев Трифун — роден на 28 август 1889 во Воден. За време на Балканските војни во 1912 година дезертирал од турската војска и преку Солун заминал за Кливленд, а потоа за Њујорк. Во САД активно се вклучил во работничкото движење и бил синдикален активист. Најпрво, од 1912 до 1917 година бил член на Социјалистичката партија на Америка, потоа на Индустриските работници на светот за од 1924 година да биде член на Комунистичката партија на САД. Завршил двегодишен курс во партиската школа на КП САД. На 10 јануари 1937 година, заедно со свои другари од Македонија што живееле во Њујорк, преку Франција, заминал за Шпанија. Во Шпанија дошол во февруари 1937. Бил во баталјонот „Георги Димитров“ и во 15-та интернационална бригада. Учествувал во битките на шест фронта (на Харама, Брунете, Карабанчел и други места). Пет пати бил рануван во борбите, а се стекнал со чин поручник. По ранувањата извршувал санитетски должности. Од Шпанија се повлекол со последните републикански единици во француските логори во февруари 1939 година. Бил во логорот во Аржелес. По една година избегал од логорите и се вратил во САД, каде што бил веднаш уапсен. Во затвор останува седум години, до 1946 година, кога американските власти го ослободиле под услов да ја напушти земјата. Во јануари 1947 година доаѓа во Скопје. Работел како службеник во текстилниот комбинат „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје. Починал во Скопје на 23 јуни 1966.

6. Василевски Никола (Никита) — од Егејска Македонија. Артилерец во ТАРТ – Словенска група.

7. Георгиев Георги — роден во Кукуш.

8. Георгиев Јосиф (Жозеф) — роден во 1902 година во Кукуш. Во 1914 година неговото семејство се преселило во Софија. Во 1919 година станал член на Бугарскиот комунистички младински сојуз, а по Септемвриското востание од 1923 година – на Бугарската комунистичка партија. Во 1926 година заминал за Париз. Загинал на фронтот кај Теруел на 28 декември 1936 година.

9. Георгиев Оскар — од Егејска Македонија. Дошол од Канада. Загинал во 1938 година на Арагонскиот фронт.

10. Георгиев Павле (Пол) — роден 1903 година во Костурско, Егејска Македонија. Се преселил во Канада. Бил член на КП Канада. Во Шпанија дошол од Канада.

11. Григоров Христо — роден 1903 година во Костурско, Егејска Македонија. Дошол од Канада. Бил во баталјонот „Линколн”.

12. Димов Вангел — роден 1915 година во Костурско, Егејска Македонија.

13. Динков Динко [Димко] — роден 1903 година во с. Горно Броди, Серско.

14. Заспалов Георгиев Иван — роден 1899 година во с. Брезница, Костурско. Дошол од Канада. Бил во баталјонот „Линколн”.

15. Иванов(ски) Андреев Иван — роден 1906 или 1910 година во Серес. Работник – готвач. Се иселил во Канада. Бил член на КП Канада. Во Шпанија дошол од Канада на 15 мај (јуни) 1937 година. Бил во ТАРТ – батерија „Коларов“, Словенска група. Се вратил во Канада во 1939 година.

16. Јотов Илија — од село Подзивишта, Костурско. Печалбар во САД.

17. Јотов Панајот — од село Подзивишта, Костурско. Печалбар во САД.

18. К’лев Петар (Туше) [Калев Петар] — роден 1889 година во Кукуш. Уметник. Учел во Солунската гимназија. Бил член на Народно-федеративната партија во Солун од нејзиното основање. Учествувал во одредот на Јане Сандански за борба против контрареволуцијата во Цариград во 1909 година. По Првата светска војна и формирањето на ВМРО (Об.), работел во редакцијата на списанието „Балканска Федерација“. Поради своите активности, на почетокот на 1930-тите бил протеран од австриската полиција, по што заминал за Париз. Во 1933 година учествувал на Антифашистичкиот конгрес во Париз, како делегат на македонското друштво. Во Шпанија дошол од Франција во октомври 1936 година. Подоцна се борел во редовите на француската армија против германските нацисти. Потоа се криел во семејството на познатиот француски географ и анархист Елизе Реклу во близина на шпанската граница. По ослободувањето на Југославија се вратил во Скопје. Прво вршел должности во Министерството на градежите, а подоцна работел како учител во средното техничко и средното економско училиште. Умрел во Скопје на 26 јули 1963 година.

19. К’нев Иванов К’нчо — роден на 25 мај 1906 година во Костурско, Егејска Македонија. Дошол од Канада. Бил во артилерија, во балканската батерија „Коларов”. Умрел во концентрационен логор во Франција.

20. Казаков [Казасов, Кавазов] Тотев [Татев] Димитар — роден во 1894 година во Егејска Македонија. Живеел во Лакавана, САД. Заминал за Шпанија на 17 февруари 1937 година. Загинал кај Брунете на 20 јули 1937 година.

21. Козлов Александар — роден 1911 година во Егејска Македонија. Се преселил во Канада. Бил член на КП на Канада. Во Шпанија дошол од Канада во септември 1937 година. Се вратил во Канада во 1939 година.

22. Козлов Георги — роден 1909 година во Егејска Македонија. Се преселил во Канада. Бил член на КП на Канада од 1933 година. Во Шпанија дошол од Канада на 25 јуни 1937 година. Бил во артилеријата, словенска група. Се вратил во Канада во 1939 година.

23. Козлов Димитар — роден 1894 година, во Егејска Македонија. Во Шпанија дошол од САД. Загинал.

24. Костов Георги — роден 1907 во Егејска Македонија. Дошол од Канада во август 1937 година. Бил во баталјонот „Линколн”, 15-та бригада. Загинал во борба.

25. Ламбрев Крсто — роден 1895 година во Костурско, Егејска Македонија.

26. Ликов Тодор — роден 1898 година во Костурско, Егејска Македонија. Дошол од Франција. Исчезнал.

27. Мајаков Тр. Ламбе [Марковски Трајков Ламбро?] — роден во Костурско, Егејска Македонија. Загинал.

28. Македонски Стефанов Љубе — роден на 27 септември 1907 година, во Егејска Македонија. Загинал на реката Ебро во летото 1938 година.

29. Малинов [или Маринов] Петар (Пенко) — роден 1914 година во Егејска Македонија. Дошол од Белгија. Загинал.

30. Марковски Трајков Ламбро — од с. Косинец, Костурско. По Балканските војни бил мобилизиран во грчката војска. Подоцна се иселил во САД и се вклучил во напредното работничко движење. Бил член на Централниот комитет на Македонскиот народен сојуз во САД. Живеел во Детроит. Во Шпанија дошол од САД во 1937 година. Загинал во јули 1937 година на Арагонскиот фронт, при офанзивата за преземање на градот Белчите, како командир на картечница.

31. Михајлов Тасе — роден 1897 година во с. Пливенци (?), Егејска Македонија.

32. Младенов Петар — роден во Егејска Македонија. Дошол од Канада. Бил во 15-та интернационална бригада, баталјон „Линколн”. Од Шпанија заминал во Франција.

33. Насев Васил (Начев, Нацев) — роден 1906 година во Егејска Македонија. Работник. Дошол од Франција. Загинал.

Тане Наумов
Наумов [Наумовски] Лазаров Тане

34. Наумов [Наумовски] Лазаров Тане — роден на 24 февруари 1907 година во с. Долно Котори, Леринско. Во 1933 година станал член на КПГ. По воведувањето на диктатурата на Метаксас, во 1936 година, заедно со други комунисти Грци, заминал со брод за Панама. Во Шпанија дошол од Панама на 4 август 1937 година [или 4 август 1936]. Прво бил морнар во трговските бродови „Стануел“ и „Марџит“ и учествувал во дотурот на оружје и опрема за републиканска Шпанија по морски пат. По потопувањето на бродовите од непријателската авијација, се приклучил на пешадиските единици. На 5 февруари 1939 година пребегнал во Франција. По директива на КП Франција работи во внатрешноста на Франција, во рудникот Буасон. По окупацијата на Франција од Германија, во 1942 година бил фатен од Гестапо и бил затворен во логорот Халсале [или „Рош Рум“] во источниот дел на Германија. На 22 април 1943 година е префрлен во Бугарија (во Пирот), од каде набрзо, на 5 мај 1943 година успеал да побегне и се вратил во родното село. До септември 1946 година бил во редовите на ЕЛАС и бил назначен за организациски секретар на Соровичкиот реон. Во текот на Граѓанската војна во Грција бил организациски секретар на НОФ за Леринско. По поразот на ДАГ, во септември 1949 година се префрлил во Албанија, од каде во ноември истата година со товарен брод бил префрлен во Полска. Таму бил осуден поради „титоизам“ на седум години строг затвор и од 17 март 1950 година се наоѓа во затворот во Згожелци. По смртта на Сталин, по одлежани четири години затвор, добил помилување и на 12 мај 1954 година бил ослободен. Во 1956 година се вратил во Југославија, но по доаѓањето во Скопје бил затворен и испитуван три дена во затворот во Идризово. Во август 1956 година бил ослободен и пристигнал во Битола кај своето семејство. Починал во Битола на 27 април 1977 година.

35. Папаџаков Димитар — роден на 10 февруари 1900 година, во село Емборе, Кајларско. Емигрира во Бугарија и во 1920 година станува член на Бугарската комунистичка партија. Од 1921 до 1923 година е член на Окружниот комитет на БКП во Плевен. Гонет од властите, бега во Југославија, од каде во 1925 година заминува за СССР. Учи на Комунистичкиот универзитет во Ленинград од 1925 до 1928 година и работи во Извршниот комитет на Комунистичката интернационала. Во 1932 година се враќа во Бугарија. Избран е за член на Централниот комитет на БКП. Во 1935 година повторно заминува за Москва. Во октомври 1937 година заминува за Шпанија. Командува со чета на Арагонскиот и Источниот фронт. Загинува кај Мореља во јули 1938 година.

36. Радев Иван — роден 1913 година во Костурско, Егејска Македонија.

37. Ралев Димитар (Радов Митко) — роден 1913 година во с. Д’мбени, Костурско. Дошол од Канада. [види подолу Рели, Џим]

Панде Ристески
Ристовски Спиров Панде

38. Ристовски [Ристевски, Ристески] Спиров Панде — роден на 27 јули 1906 година во село Нивици, Долна Преспа [Леринско]. Работник. Во Шпанија дошол од Аргентина во март [22 април] 1937 година. Бил во балканската батерија „Коларов” и во 129-та интернационална бригада. Умрел во Скопје [или Тетово] на 21 јануари 1965 година.

39. Скоплиќ [или Скопљец] Иван — роден околу 1888 година во Егејска Македонија. Дошол од Канада. Бил во баталјонот „Димитров“. Загинал во јуни 1938 година [или 1937 кај Брунете].

40. Стојчев Г. Лазар — роден во 1913 година во Егејска Македонија. Во Шпанија дошол од Канада во јули 1937 година. Загинал во 1938 година на Арагонскиот фронт.

41. Улковски Донев Ване — роден 1904 година во с. Смрдеш, Костурско. Бил член на КП Канада од 1933 година. Во Шпанија дошол од Канада на 15 мај 1937 [или август 1937 година] година. Бил во баталјонот „Мекензи-Папино“. Загинал на Теруелскиот фронт, во Гандеза во 1938 година.

42. Хаџиев Атанасов Панајот — роден на 23 август 1900 во Д’мбени, Костурско. Во 1914 година со своето семејство се преселува во Бугарија. Во 1919 година се преселува во САД. Живеел во Гери. Во 1929 година станува член на Комунистичката партија на САД. Бил еден од организаторите на Македонскиот народен сојуз во Америка и член на неговото раководство. Во Шпанија дошол на 19 февруари 1937 од САД. Бил артилерец во словенската група. По поминати 25 месеци во Шпанија, на 10 март 1939 година се враќа во Детроит. Од 1947 година живее во Скопје. Во 1950 година бил исклучен од КПЈ поради поддршка на Резолуцијата на Информбирото и бил осуден на две години затвор. При една средба на бугарската граница во март 1961 година, пребегнал во Бугарија. Умрел во 1962 [или 1964 година].

43. Христов Панде — роден во Егејска Македонија. Артилерец.

44. Чичанков Христов Глигор — роден во с. Жупаништа, Костурско во 1903 година. Се иселил во Канада. Станал член на КП Канада во 1931 година. Во Шпанија дошол од Канада во мај 1937 година. Артилерец во батеријата „Коларов“. Умрел во Чиле.

45. Шејтанов Александар — роден во Костурско, Егејска Македонија. Умрел во концентрационен логор во Франција.

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/istorija/spanija/makedonski_spanci.htm

Последно