Кои се македонските учесници во болшевичката револуција од 1917 година?

Во текот на Руската револуција од 1917 година има податоци дека учествувале 12-мина по потекло од Македонија. Од нив шестмина се од Вардарска Македонија, еден од Егејска Македонија, двајца од Пиринска Македонија, а за тројца не се знае местото на раѓање.

Вардарска Македонија

1. Симеон Бундалески – роден во Битола. Заедно со своите родители живеел во Букурешт. Заминал да студира медицина во Хајделберг, Германија, но не го привлекувала медицината и набрзо се откажал. Непосредно пред почетокот на Првата светска војна, во 1914 година заминал да студира во Киев на Политехничкиот институт. Во 1916 година се пријавил за доброволец во српската војска. Се борел на Добруџанскиот фронт. Потоа бил шофер во штабот на Доброволечката дивизија во Вознесенск, каде останал до јуни 1917 година. Во јуни 1917 година заминал за Киев каде што се вклучил во револуционерните активности. По Октомвриската револуција се вклучил во воооружените борби против украинските контрареволуционери. По потпишувањето на Брест-Литовскиот мировен договор и окупацијата на Украина од германските сили, Бундалевски се вратил во Букурешт, а една година потоа се вратил во Битола каде што трајно се населил.

2. Христо Зарезанков – роден во 1890 во Велес. Анархокомунист. По Младотурската револуција е активен во работничкото друштво „Класно единство“ во Велес. Во текот на Првата балканска војна бега во Швајцарија, плашејќи се да не биде уапсен од бугарските војски поради вмешаност во обид за експропријација на една банка во Софија. Во Швајцарија и Франција живее до декември 1917 година кога заминува за Русија и зема учество во револуционерните борби. До април 1918 година е во партизански одред во Украина, а од мај 1918 до март 1919 година е доставувач на литература на фронтот и во фронтовската позадина. Потоа, до август 1922 година работи во Полтава, каде служи и во Црвената армија и се бори против белогардејските единици на генералот Врангел. Во 1922 година се враќа во Москва и работи како помошник раководител на книжарницата на Сојузот за анархосиндикалистичка пропаганда „Глас на трудот“. На оваа должност останува до 1929 година, кога оваа анархистичка група е во целост репресирана од сталинистичкиот режим. Во 1930 година е уапсен и поминува месец и половина во затвор. Откако напишал писмо во весникот „Правда“ дека се откажува од анархизмот, го пуштаат од затвор. Повторно е уапсен во февруари 1933 година, поради тоа што не го спречил купувањето и продажбата на книги од Михаил Бакунин. Казнет е со три години егзил и е интерниран во Казахстан. Само што се вратил од егзил, во октомври 1935 година повторно е осуден на три години лишување од слобода и е интерниран во Минусинск, Краснојарски крај. Таму, во ноември 1937 година е уапсен, а на 11 април 1938 година, како бивш анархист и член на антисоветска организација, е осуден на смрт со конфискација на имотот. Стрелан е по неполн месец, на 4 мај 1938 година во Минусинск. Рехабилитиран е во 1958 година.

3. Драган Иваноски – роден во село Гари.

4. Владимир Каваев – роден во 1880 година во Струга. Се школувал на Духовната семинарија во Цариград. Импресиониран од делата на Максим Горки во цариградските списанија објавува една статија посветена на него и превод на неговата „Песна за буревесникот“ од 1901 година. Поради тоа е уапсен од полицијата и лежи во затвор шест месеци. Принуден да го напушти Цариград поради својата револуционерна дејност, прво оди во Бејрут, а во 1909 година во Петроград. Таму завршил Воено-медицинска академија, а се школувал и на Институтот за историја на народите на Блискиот Исток. Од почетокот на Првата светска војна работи во воена болница во Петроград. Откако започнуваат револуционерните настани во Русија, станува претседател на Балканската група на емигранти револуционери, која е блиска на болшевиците. На 4 април, заедно со Елена Каваева, е помеѓу луѓето што го пречекуваат Ленин при враќањето од прогонство. За време на јулските демонстрации ги лекува повредените болшевици. Зема учество во уличните борби во Петроград за време на Октомвриската револуција. По Октомвриската револуција Петроградскиот совет го избира за главен лекар во Петроградскиот округ. Во јануари 1918 година учествувал во формирањето на групата на јужнословенски комунисти при РКП(б). Во 1920 година заминува на специјализација во Берлин, а потоа се враќа во Македонија. На изборите во 1923 година е избран за градоначалник на Струга и на таа функција останува до 1927 година. Починал во Загреб во 1931 година.

5. Димче Милески – роден во село Вапила, Охридско (или во Битола). На почетокот на 20-от век, на 11-годишна возраст, заминал на печалба во Букурешт. Во 1915 година им се приклучува на доброволците на српската војска во Романија и учествува во битките на Добруџанскиот фронт. Потоа, заедно со војската, се повлекува во Русија. Во текот на Октомвриската револуција бега од војската и во Харков преминува во редовите на Црвената армија. Како митралезец распределен е во харковскиот гарнизон, во 30-от резервен црвеноармејски полк. Учествува во одбраната на Екатеринослав од нападите на Германците и контрареволуционерите, како и во битките околу Ростов против војската на Каледин. Учествува и во борбите против анархистите во Украина. Потоа, од Русија заминал во Бугарија. Се вработил во Бургас. По еден штрајк, во кој активно учествувал, бил интерниран во селото Резово, на бугарско-турската граница. Во 1937 решил да побегне за СССР. Ја преминал турската граница, но бил уапсен и вратен во Бугарија, каде бил затворен. По неколку месеци поминати во затвор, во 1939 година бил ослободен, но повторно бил интерниран, овојпат во селото Церово, каде останал до 1941 година. По окупацијата на Македонија бил присилно вратен во Македонија и работел во рудникот во Витолиште и во неколку битолски села. По ослободувањето живеел во Битола. Во 1967 година бил сè уште жив.

6. Антон Мирчев – Пешовски – роден во 1890 година во село Тресонче, Дебарско. Заминал во Русија во 1906 година и таму од 1914 година учествува во повеќе напредни групи. Во 1916 година во една полициска провала е затворен и протеран во Сибир. Потоа се враќа во Петроград и во 1917 година станува член на Македонскиот револуционерен комитет во Петроград. По избувнувањето на Октомвриската револуција зема учество во неа и учествува во нападот на Зимскиот дворец. Од страна на Петроградскиот револуционерен комитет е назначен за еден од раководителите на монополот во кој се правел шпиритус. Назначен е и за член на контролната петорка која имала за задача да се грижи за снабдувањето и исхраната на револуционерниот Петроград. Кога во јануари 1918 година во Петроград е формирана групата на јужнословенски комунисти (која броела 18 членови), заедно со Михаил Антонов, Владимир Каваев и Елена Каваева, зема активно учество во нејзината работа. Потоа се вклучува во Првиот интернационален баталјон на Црвената армија за борба против контрареволуционерите и интервенционистите. Во 1920 година како комунистички емисар ја посетува Југославија и Бугарија. По враќањето во Русија, се вклучува во борбата против интервенционистите и белогардејците и, како комесар на Црвената армија, учествува во борбите на западниот фронт. Потоа завршува инженерство и бил испратен во Сибир каде работел на изградбата на Магнитогорск. Во 1942 година, кога германските војски биле пред портите на Москва, мистериозно исчезнал.

7. Паско Пановски – роден во село Горна Белица, Струшко. Во 1913 година, на 16-годишна возраст, заминал на печалба во Букурешт. Во летото 1916 година бил мобилизиран во Српскиот доброволечки корпус. Учествува во битките во Добруџа и заедно со војската се повлекува во Одеса. Кога во 1917 година дознава за настаните во Русија, заедно со дел од војниците ја преминува реката Волга кај Самара и се приклучува на Црвената армија. Учествува во борбите на Јужниот фронт. Во 1920 година, по одлука на Коминтерната, е повлечен во Москва во школата за црвени командири, која со успех ја завршува во 1921 година. Истата година, со група југословенски револуционери, заминува за Југославија. На првата југословенска станица, во Марибор, биле пречекани со бајонети, затворени и осудени на смрт. Сепак, пресудата не била извршена. Зел учество и во НОВ во Македонија.

Егејска Македонија

8. Гаврил Константинович – роден во 1881 во село Смрдеш, Костурско. Од 1901 година се школува на Воено-медицинската академија во Петроград. Во 1902 година станува член на Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ и е избран за негов потпретседател. Како санитетско лице учествува во Руско-јапонската војна. Во 1912 година, како руски поданик, заминува за Црна Гора и зема учество како лекар во Првата балканска војна. По враќањето во Русија, на 1 март и 7 јуни 1913 година е еден од потписниците на Меморандумите на македонската емиграција во Петроград со кои се бара формирање независна македонска држава. Во Првата светска војна е мобилизиран и е испратен како воен лекар прво во Прусија, а потоа во Србија. Ранет е во битките, поради што е повлечен во Русија. Откако оздравува, се приклучува на Првата српска доброволечка дивизија во Русија. Поради судир со раководството на дивизијата, на 15 февруари 1917 е испратен во Елисаветград да ги лекува српските бегалци и доброволци. Оттаму се враќа во Петроград, каде веќе е започната Февруарската револуција. Им се приклучува на болшевиците и на 10 јули 1917 година пишува „Отворено писмо од јужно-словенски револуционер до предавниците на Русија и на словенството“, насочено против меншевиците и есерите. Од почетокот на август работи во градот Кем како лекар. Таму го затекнува избувнувањето на Октомвриската револуција. Се приклучува на новата револуционерна власт и станува член на Извршниот комитет на Советот на работничките и воените депутати во Кем, како комесар за народно здравје. Во текот на граѓанската војна, интервенционистичките сили на Антантата го заземаат Кем, а во првите денови на јули 1918 година е уапсен и Константинович. Ставен е под истрага на Првата српска доброволечка дивизија. На барање на англиската војска во Мурманск, во придружба на двајца српски војници е испратен со воз во Мурманск, но по патот, наводно при обид за бегство, Константинович е убиен на 1 септември 1918 година.

Пиринска Македонија

9. Михаил Антонов [Димитар Антонов] – роден во 1889 година во Неврокоп. Непосредно пред Балканските војни заминува на студии во Петроград. Но, по објавата на Првата балканска војна, се враќа во Македонија и станува доброволец во Македонско-одринското ополчение. Ранет е во јули 1913 година. За време на Балканските војни се запознава со идеите на бугарските тесни социјалисти. По Балканските војни повторно заминува за Петроград. Заедно со Сава Чукалов (1889-1971) во летото 1917 година издаваат брошура „Ленин и Плеханов“. Учествувал во нападот на Зимскиот дворец. Во јануари 1918 година учествувал во формирањето на групата на јужнословенски комунисти и подоцна бил избран за нејзин потпретседател. Одржал говор на вториот голем интернационален митинг на 19 декември 1918 година, кој бил организиран од Максим Горки. Сите говори од овој митинг биле испечатени во книга под наслов „Советска Русија и народите на светот“. Во текот на револуцијата бил началник на стражата на Ленин и го придружувал Ленин од Москва до Петроград, каде присуствувал на Вториот конгрес на Коминтерната. По револуцијата учествува во организирањето на болница во Петроград, а наскоро раководи со Петроградскиот воено-санитетски округ. Подоцна влегува во редовите на Црвената армија и стигнува до чин генерал-полковник. Починал на 28 септември 1948 година во Москва. Погребан е во алејата на великаните на Револуцијата.

10. Петар Захариев – роден во Неврокоп [или с. Градец, Котелско]. Од 1917 година е член на Болшевичката партија. По задача на Централниот комитет, заедно со Михаил Антонов, Владимир Каваев и Елена Каваева, го организирал санитетот на Црвената армија. Заедно со семејството останал во Петроград, каде што се пензионирал. Во 1962 година уште бил жив.

Непознато место на раѓање

11. Димитар Атанасов

12. Лазар Џиковски

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/istorija/ruska/makedonci-ruska.htm

Последно