Движење за социјална правда

РАБОТНИЧКИТЕ НИ ПРАВА НАШИ НАСУШНИ

 

Во оваа земја работничките права, правата на човекот-работник, не се на некоја цена. Човекот-работник во оваа земја се третира како потрошна стока, неговите права постојано се намалуваат преку донесување измени на законите и масовно се кршат оние негови права кои (сè уште) фигурираат во законите. Во името на апстрактните идеолошки постулати, како фамозната флексибилност на пазарот на трудот, се обесправува работникот и се обезвреднува неговиот труд, а тоа, наспроти тврдењата на владејачката неолибералистичка идеологија, не донесува економски развој. Единствено само класните разлики се зголемуваат.

 

 

 

Намалување на работничките права

За намалување на работничките права зборуваме кога преку донесување на нова законска регулатива (измени и дополнувања на постоечки закон или изгласување нов закон) доаѓа до намалување на правата кои законот им ги дава на работниците. Во Република Македонија, во овие 20 години независност, сите досегашни влади без исклучок, и оние предводени од СДСМ и оние предводени од ВМРО ДПМНЕ, со константна посветеност ги намалуваа работничките права. Ова е еден од најважните заклучоци до кои се дојде по истражувањето на измените и дополнувањата на 24 закони кои покриваат трудово-правна материја, а кое го направи Движењето за социјална правда – Ленка минатата година. Можеби во некои други области постојат разлики помеѓу политичките партии во Македонија, но кога станува збор за работничките права, сите досегашни влади имаа една заедничка (преќутна) определба: да им ги одземат (колку што може) правата кои со закон им се даваат на работниците!

Еве само некои од подрастичните намалувања на работничките права:

Преку зголемување на старосната граница за одење во пензија, за разлика од порано, работничките треба да работат дополнителни 7 години за да можат да одат во пензија, а работниците дополнителни 4 години. Така, ако во 1993 година работничките одеа во пензија со 55, а работниците со 60, денес работничките одат со 62, а работниците со 64 години во пензија. Покрај тоа, укината е можноста да се оди во пензија, односно да се добие право на старосна пензија, само врз основа на остварен работен стаж (кој беше 40 години за мажи и 35 години за жени).

Во однос на годишниот одмор, во 2008 година се отвори простор за фактичко намалување на законски определената должина на годишниот одмор. Имено, тогаш одредбата која предвидуваше дека работникот има право на годишен одмор во траење од 20 до 26 работни дена се замени со формулација според која „работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 дена“. Правото на годишен одмор до 26 работни дена, навистина, сè уште може да се добие, но само под услов тоа да биде предвидено со колективен договор или индивидуален договор за вработување – а тоа во практиката се покажува дека ретко кога е случај.

За несигурноста на работното место значителен придонес даде продолжувањето на максималната должина на договорите за работа на определено време. Во 1990-тите договори на определено време можеа да се склучат само на една година за во 2003 да се овозможи тие да бидат склучени на три години, па на четири (во 2005), па на пет години (во 2008). Оваа година, само за вработените во образованието, должината на договорот за работа на определено време беше намалена на најмногу две години, но, кога тоа ќе се стави во контекст на претходните законски решенија, лесно може да се согледа за колку скромно подобрување станува збор.

Ќе го спомнеме и правото на штрајк, кое е особено важно, бидејќи се работи за важно средство кое им стои на располагање на работниците за да ги заштитат своите права и интереси. Преку промените во законските одредби работниците се лишени од правото да организираат штрајк без синдикат, почетокот на штрајкот е условен со потенцијално одолговлекувачката постапка за помирување помеѓу работниците и газдата, ефикасноста на штрајкот е загрозена поради определувањето на работи кои не смеат да се прекинат за време на штрајк и, можеби најстрашно, воведена е можност штрајкот да биде судски забранет, а работодавецот да побара и да добие надомест на штетата, која ја претрпел поради организирањето на штрајкот за кој судот пресудил дека е незаконски.

 

 

Кршење на работничките права

Ако македонските работници и целата јавност во Македонија не се доволно информирани за проблемот со намалувањето на работничките права, сепак добро знаат што значи проблемот на кршење на работничките права, односно за спречувањето од страна на газдите работниците да ги уживаат оние свои права кои им ги дава законот. Тоа е така, бидејќи многумина самите се соочиле со кршење на некое нивно човеково право од работен однос, или барем нивни близок бил жртва на тоа.

Неодамна, претседателот на Организацијата на работодавците на Македонија Димитар Стојановски, излезе со фрапантната оценка дека во Македонија „работничките права во целост се почитуваат“, па дури и дека „работниците уживаат поголеми права во однос на работодавците“ (?!) Сепак, не треба човек да биде експерт по трудово право за да знае дека реалноста е драстично поразлична. Всушност, ситуацијата е толку лоша што речиси да не постои сфера во која не се кршат законски утврдените права на работниците. Така:

 

– Не се пријавуваат работници за да не им се плаќаат придонеси од плата;

– Не се уплатуваат придонеси на цела плата;

– Се работи прекувремено подолго од законскиот лимит (дополнителни 8 часа неделно и 190 часа годишно) и несоодветно или воопшто не се плаќа прекувремената работа;

– Не се почитуваат мерките за заштита од работа, често особено во оние сфери каде што тоа е најпотребно;

– Не им се дозволува на работниците да го остварат своето уставно гарантирано право на синдикално организирање;

– Не се почитува правото на годишен одмор, или се одредува годишен одмор помал од законски утврдениот;

– Се вршат политички притисоци, особено кај вработените во јавната администрација;

– Им се наложува на работниците да потпишат отказно решение, без наведен датум, кое газдите го активираат кога самите ќе им дадат отказ на работниците;

– Се отпуштаат без предупредување за отказ и без врачување писмен отказ итн.

Дефинитивно, работното место, на кое човекот-работник поминува значителен дел од денот, е место каде што масовно се кршат човекови права, гарантирани со Уставот и законите.

 

Што да се направи?

Положбата на работниците во нашата земја е лоша и постојано се влошува. Затоа, клучното прашање кое се поставува е што треба да се направи за оваа состојба да се промени?

Бидејќи во нашата земја е широко распространет менталитетот дека сите останати мораат да направат нешто за подобрување на нечија состојба, освен токму оној што е засегнат, прво ќе ги спомнеме самите работници. И од нив самите зависи дали нивните права од работен однос ќе се кршат и намалуваат! Не дека можат многу да направат, но ако не се обидат нешто да променат, тогаш сигурно нивната положба нема со магично стапче да се подобри. Првиот чекор секогаш е да се запознаат со своите права од работен однос. Како поинаку би знаеле кои права им се кршат, ако не ги знаат сопствените права? Тоа можат да го направат преку разговор со останатите работници, преку одење во канцеларијата на некој синдикат, или преку директно читање на соодветните закони. Следниот чекор е барањето на своите права. Сигурно дека е нереално во конкретната ситуација во Македонија во секоја прилика од газдата да се бара да ги почитува законските одредби, но постојат моменти кога работите можат да бидат поинакви ако работниците соберат доволно храброст да ги побараат своите права. Во оваа насока доста важно е организирањето на самите работници. Често со одреден проблем не се соочува само еден поединечен работник, туку сите работници во едно претпријатие. Наместо од старт да се отфрла меѓусебното договарање и организирање, работниците треба да се обидат да се организираат и заеднички да настапуваат пред своите газди. Зашто, она што еден работник сам не може да го добие, работниците заедно можат да го добијат. Солидарноста секогаш била моќно оружје на послабите!

На второ место ќе ги спомнеме синдикатите. Не би сакале да кажеме дека нема синдикалци и цели синдикални организации кои искрено не се трудат да ја подобрат положбата на работниците. Но, генералниот впечаток сепак држи дека синдикалните федерации се премногу блиски до власта, дека синдикалните функционери далеку повеќе ги интересира синдикалната фотелја од синдикалната борба и дека, дури и кога искрено се на страната на работниците, синдикалните активисти се недоволно активни. Особено важно е синдикалните активисти да излезат на терен. Тоа значи да одат во претпријатијата во кои нема формирано синдикат, да разговараат со работниците и да им ги презентираат предностите на синдикалното делување. При тоа, се разбира, давајќи им целосна правна помош во случај нивниот газда да се обиде да ги спречи во остварувањето на нивното уставно гарантирано право на синдикално организирање.

Државниот инспекторат за труд е доста важен фактор кој може доста да придонесе за подобрување на ситуацијата со работничките права. Неговите надлежности, кои се утврдени со законите, и не се така мали и безначајни. Секоја чест на оние трудови инспектори кои совесно си ја вршат работата, но општиот впечаток кај работниците и пошироката јавност е дека корупцијата кај трудовите инспектори е доста раширена појава и дека дел од причината зошто работниците не пријавуваат (дури и анонимно) дека нивниот газда не ги почитува законските одредби во поглед на работничките права е токму недовербата кон трудовите инспектори. Антикорупциската комисија е најповикана да се позанимава со корупцијата во редовите на Државниот инспекторат на труд со цел поефикасна заштита на работничките права од страна на оваа државна институција.

На крај, ќе ги спомнеме и политичките партии. Од оние што се претставени во Парламентот, особено од оние што го формираат парламентарното мнозинство, зависи дали преку измените и дополнувањата на законите кои ја покриваат трудово-правната материја ќе се намалуваат или зголемуваат работничките права. Неспорен факт е дека досегашните влади, сите без исклучок (!), ги намалувале правата на работниците кои се утврдени во законите. Да, во опозиција тие знаеле, чисто демагошки, да искажуваат несогласување со некое ново намалување на работничките права, но на власт секоја поранешна опозициска партија го правела она што го критикувала додека била во опозиција. Овде би ги спомнале и граѓаните, вклучително и работниците. Нивното определување дали ќе гласаат за една или друга партија во голема мера не зависи од однесувањето на таа партија во поглед на работничките права. Ниту пак се искажува несогласување или протест кога партијата за која се гласало ги намалува работничките права, или кога таа не работи во насока на зголемување на истите. Во таква ситуација, политичките партии во Македонија, сите заедно, се чувствуваат недозволиво преслободни да не ги застапуваат интересите на сиромашните и непривилегираните и, наместо тоа, да ги затапуваат интересите на газдите.

Во кратки црти, таква е моменталната ситуација со работникот и неговите права во оваа наша земја. Таа несомнено е лоша, но дали таа дополнително ќе се влошува, или евентуално ќе се подобри зависи од секого лично во далеку поголема мера отколку што секој има впечаток за сопствената моќ да направи разлика.

 

Здравко Савески
Движење за социјална правда – Ленка

Објавено во весникот „Револуција“ бр. 31

Клучни зборови:
0
img
Цитати
  • Не вреднувам авторитети. Не вреднувам системи. Не ја вреднувам патријархалната религија. Не го вреднувам она кое те обезвреднува кога ја кажуваш вистината. Па не сум исплашена од крајниот исход и тоа е најголемото “средство” со кое располагам Susan Powter
Видео
Неколку прашања до добриот човек: (Бертолд Брехт)

Добар чоек си разбравме,
Но за што ти служи добрината?

Тебе да те купи никој не може
И молњата што дома удира
Не може со пари да се купи.
Разбравме што говориш. Ти кажав нели
Но што тоа кажувш
Прав си, збориш тоа што милиш,
Но што ли мислиш?
Храбар си
Но наспроти кого?
Паметен си
Но кому корист од тоа.

Не би ги превидел твоите бенефити
Пеки бе, тоа што не го привидуваш чиво е?
Нема што да ти се преговори на твоето пријателство,
Пријатели кои ли ти се?

Сега добро сослушајне:
Ти душман си наш
Под некој ѕид ке те истопориме
Но пошто имаш многу добри страни
Пред еден добар ѕид ке те истопориме
Со добри куршуми
Кои молњат од добра пушка ке те стреламе
Потоа ке те погребаме
Со добра лопата
Во добра земја!!!

ПРЕДАВНИК (Назим Хикмет)

„Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.
„Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“
Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум предавник!
Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.
Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!