Движење за социјална правда

Статут

С Т А Т У Т

на ДСП „ЛЕНКА“

(Пречистен текст)

 

 

I. Oпшти одредби

 

 

Член 1

Принципи на работа

 

(1)  Поради потребата од заедничко активирање и на база на доброволно приклучување се формира здружение на граѓани со име „Движење за социјална правда – Ленка“.

(2)  Во него членуваат луѓе кои бараат промени и се противат на капитализмот, национализмот, милитаризамот, клерикализмот и конзервативизмот  во нашето општество.

(3)  Сметаме дека, и покрај различните идејни погледи кон одредени прашања, може да делуваме како единствена сила за промоција на основните принципи на организацијата: социјална правда, солидарност, слобода, рамноправност, екоцентризам и заштита на животната средина.

(4)  Здружението (во понатамошниот текст: Организацијата) ќе се залага за партиципативно и антиавторитарно општество, поради што и ќе ги применува принципите на антиавторитарност и партиципативност во делувањето и во сопствената организациска поставеност.

Член 2

Членови

 

(1)  Член на Движењето за социјална правда „ЛЕНКА“ може да биде секое лице што ја прифаќа неговата Платформа, неговата Програма и овој Статут и кое активно ќе придонесува кон исполнување на целите на Организацијата.

(2)  Доколку најмалку еден од членовите на Организацијата се посомнева во вредностите и намерите на кандидат за членство или на веќе постоечки член, можат да покренат дискусија за неговото/нејзиното зачленување или исклучување од Организацијата.

Член 3

Непотенцирање на разликите

 

Со оглед на различната идеолошка ориентација на членовите, а во интерес на зачувување на акционото единство и потенцијал на оваа организација, основен принцип на делување ќе биде спроведување на акциите врз основа на принципите кои ги обединуваат членовите на Организацијата, при што меѓусебните идеолошки разлики ќе бидат ставени во втор план.

Член 4

Начело на статутарност

 

Движењето за социјална правда „ЛЕНКА“ своите цели, задачи и дејности ќе ги остварува во согласност со односите уредени со овој Статут.

Член 5

Име

 

(1)  Името на организацијата е „Движење за социјална правда – Ленка“, или скратено „ЛЕНКА“.

(2)  Организацијата има свој симбол.

(3) Симболот на Организацијата се состои во називот ЛЕНКА испишан со големи црни букви, при што средната црта од буквата „А“ и дел од буквата „К“ формираат црвена стрелка која покажува на лево.

Член 6

Транспарентност

 

(1)  Работата на Организацијата е јавна.

(2)  Јавноста во работата се обезбедува со редовно известување на членовите на Организацијата за сите облици на работење, со увид во спроведувањето на програмските задачи, со поднесување извештај за работа на органите и телата на организацијата, за материјално-финансиското работење и друго.

Член 7

Здружување

 

(1)  Организацијата може да се здружува и во пошироки рамки – со други здруженија, во сојузи или други облици на здружување.

(2)  За здружувањето во смисла на став 1 од овој член одлука донесува Собранието на организацијата.

(3)  Организацијата може да се зачленува и во меѓународни сојузи или сродни здруженија – врз основа на одлука на Собранието.

(4)  За конкретни акции покренати на наша иницијатива или на повик од други поединци, групи или организации – одлука донесува Советот на Организацијата.

Член 8

Фракционерство

 

(1)  Организацијата, во духот на антиавторитарноста и демократскиот карактер кој сака да го негува, дозволува формирање на фракции – кои имаат право на сопствено име, симболи и слобода за автономно делување, сѐ додека тоа е во склад со целите и интересите на Организацијата.

(2) Фракција можат да формираат најмалку тројца членови, а членовите на фракцијата за нејзиното формирање должни се да ги известат останатите членови.

(3) При активности, акции или манифестации на Организацијата, првенствено се истакнуваат симболите на Организацијата.

(4) Што се однесува до правниот промет, исклучиво Организацијата – со нејзиното име и симболи – ќе настапува во име на фракцијата.

II. Членство

Член 9

Зачленување

 

(1) Зачленувањето во Организацијата, по правило, се врши на состаноците на Советот.

(2) Зачленувањето се врши со приклучување на кандидатот на официјалната мејлинг листа на Организацијата.

(3) Организацијата за своите членови води регистар за членство, кој се ажурира најмалку еднаш годишно.

(4) Доколку при зачленувањето била покрената постапката од чл. 2, ст.2 на овој Статут – верификацијата на членството ја врши Советот.

Член 10

Активно и пасивно членство

 

(1) Членувањето во Организацијата може да биде: активно или пасивно.

(2) Пасивизацијата и активацијата на членот однапред изречно се најавуваат на официјалната мејлинг листа на Организацијата.

(3) Права и должности на активниот член се:

–  да учествува во донесувањето одлуки на Советот и на Собранието;

–  да предлага решавање на прашања од заеднички интерес;

–  да работи на развивање и унапредување на општествените активности кои произлегуваат од Статутот, програмските цели и задачи и од усвоените одлуки и заклучоци;

–     да ги спроведува одредбите од Статутот;

–     да ги застапува интересите и ставовите на Организацијата;

–     да плаќа редовно членарина;

–     да учествува во работата и да придонесува за развојот на Организацијата, при што учеството би подразбирало: а) учество во акции кои ги презема Организацијата; б) вклучување во работа на проекти и активности кои ги иницира Организацијата; в) преземање на некоја должност од аспект на пишување авторски текстови или преводи за официјалниот сајт, проверка на официјалниот мејл, сервисирање на веб сајтот и сл.; г) активност на мејлинг листата, во смисла на изнесување на свои ставови и мислења по конкретно прашање кое е од интерес за Организацијата; д) иницирање или координирање на идни активности од типот на проекции, дискусии, трибини, проекти и сл.

 (4) Пасивниот член има право да биде приклучен на официјалната мејлинг листа на Организацијата, како и право на присуство на состаноците на Советот или на Собранието – но без право на глас, при што неговото/нејзиното отсуство нема да се смета за пречка за постигнување кворум. 

Член 11

Престанок на членството

 

(1) Членството во организацијата престанува: а) самоиницијативно; б) со неактивност; или в) со исклучување.

(2) Самоиницијативното истапување од Организацијата се најавува на официјалната мејлинг листа или на состаноците на органите.

(3) Неактивноста подразбира ненајавено неучество во активностите на Организацијата – во период од 6 (шест) месеци.

(4) Доколку активен член не преземе било каква активност во рок од четири месеци, членството по автоматизам му преминува во пасивно.

(5) Исклучувањето е крајна и принципиелна мерка и за него одлучува Советот, со двотретинско мнозинство – по претходно најавена точка на дневниот ред на седницата.

(5) Исклучување на член може да предложи и секој друг член поради: а) прекршување на одредбите од Статутот и Платформата; б) сомнеж за злоупотреба на институтот пасивно членство; в) сомнеж во вредностите и/или намерите на тој член кои се косат со оние на Организацијата.

Член 12

Членарина

 

(1) Организацијата го определува износот на членарината за своите членови на состаноците на Советот.

(2) Членовите на Организацијата кои имаат лични примања – задолжително плаќаат членарина, додека останатите членови плаќаат членарина врз доброволна основа.

III. Цели и задачи на организацијата

и начин на нивно остварување

Член 13

Цели и задачи

 

(1) Лицата се здружени во ДСП „ЛЕНКА“ поради остварување на поширок заеднички интерес, а како посебни цели и задачи се:

–     да ја поттикнува дискусијата за прашања поврзани со капитализмот, национализмот, милитаризмот, клерикализмот, конзервативизмот, родовата рамноправност и феминизмот;

–     да поттикнува иницијативи за развивање на солидарниот дух во општеството;

–     да врши следење на појавите на фашизам, национализам, расизам, (нео)нацизам, шовинизам, сексизам, ксенофобија, хомофобија и трансфобија, како и да го спречува нивното ширење;

–     да поттикнува унапредување на заштитата на животната средина, наспроти капиталистичката експлоатација на природните ресурси;

–     да учествува во унапредување на културата за социјална правда, како и за подршка на борбата на правата на работниците и на невработените;

–     да го шири духот на другарството, рамноправноста и активно учество во општествените процеси;

–     да даде поддршка на слободарската, независната и недиригираната уметност и култура;

–     да го разобличува патријархалниот морал и да учествува во борбата против сите облици на дискриминација по било кој основ;

–     да врши промоција на бесплатно здравство и образование, а против наметнатото, задложително, догматско образование кое ја вкалапува личноста и луѓето ги претвора во послушни граѓани;

–     да поттикнува критичка мисла;

–     да врши критика на постојните општествени односи и да понуди алтернатива.

Член 14

Методи

 

(1) Во остварувањето на своите цели и задачи Организацијата:

–     ги брани правата на своите членови, кои произлегуваат од Статутот;

–     соработува со општествените органи и институции;

–     соработува со други сродни организации од земјата и од странство;

–     го унапредува знаењето на своите членови, како и на пошироката јавност – организирајќи собири, трибини, предавања и дискусии на определени теми од нивната област на интерес;

–     покренува иницијативи, критикува, дава алтернативи и сугестии за решавање на посочени конкретни проблеми;

–     учествува во креирање иницијативи за законско регулирање и други легални документи (нормативи и стандарди) за различни аспекти од области на интерес на Организацијата;

–     издава соодветни публикации.

IV. Органи на Организацијата

Член 15

Организациска структура

 

(1) Со Организацијата управува членството, организирано во нејзините органи.

(2) Органи на Организацијата се:

– Собрание;

– Локални совети (во понатамошниот текст: Советот); и

– Колективно претседателство.

А. СОБРАНИЕ

Член 16

Редовни и вонредни седници

 

(1) Собранието е највисокиот орган на Организацијата и него го сочинуваат сите нејзини членови.

(2) Собранието може да биде редовно или вонредно.

(3) Редовното собрание се одржува најмалку еднаш годишно и него го свикува Модераторот на  Собранието.

(4) Вонредно собрание се свикува по барање на најмалку 1/5 од членовите на Собранието или на предлог на Советот.

Член 17

Кворум

 

(1) Собранието полноважно работи ако се присутни повеќе од 1/2 од вкупниот број активни членови.

(2) За присутен се смета и членот кој физички не е присутен, но кој се изјаснил за предложените прашања.

(3) Собранието одлучува со јавно гласање.

(4) Секој член има право на еден глас.

(5) Вонредно собрание се свикува и работи на ист начин како и редовното, меѓутоа може да одлучува само по прашањата за кои е свикано.

Член 18

Мнозинство

 

(1) Со апсолутно мнозинство гласови од вкупниот број членови се одлучуваат прашања како:

– име и симболи на Организацијата;

– преземање на нови иницијативи во име на Организацијата;

– промена на Статутот на организацијата;

– соработка со политички партии (акциона, финансиска или било каква);

– прашања со идејно-политичка позадина;

– методите и начините за остварување на иницијативите; и

– примање донации/финансии.

(4) Со релативно мнозинство гласови ќе се одлучува по други прашања кои произлегуваат од тековните задачи и активности.

Член 19

Надлежности

 

(1) Во надлежност на Собранието е следново:

–     донесува Статут, Програма и други акти;

–     усвојува Годишен извештај, План за работа, Завршна сметка и Финансиски план;

–     одлучува за промена на целта на здружувањето;

–     констатира престанок на членувањето;

–     формира комисии и други работни тела;

–     врши и други работи кои произлегуваат од Статутот на Организацијата.

 

Б. СОВЕТ НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА

Член 20

Состаноци

 

(1) Советот е орган кој раководи со тековните активности на Организацијата.

(2) Советот се состанува еднаш неделно, освен ако не се одлучи поинаку.

(3) Членови на Советот се сите активни членови на Организацијата кои присуствуваат на состанокот.

(4) Одлуките на Советот се легитимни ако на седницата присуствувале најмалку тројца активни членови.

(5) За присутни се сметаат и активните членови кои претходно се изјасниле по определени прашања, иако физички не се присутни на состанокот – и тие имаат еднакво право на глас како и останатите членови.

Член 21

Начин на одлучување

 

(1) Советот одлучува со мнозинство гласови од присутните активни членови, при што се прави обид за изнаоѓање консензуално решение.

(2) Во случај на колизија на одлуките донесени на два или повеќе локални совети – конечната одлука се носи со поединечно изјаснување, на официјалната мејлинг листа на Организацијата.

Член 22

Итност при одлучувањето

 

(1) Ако се јави потреба од преземање на итни активности кои не можат да чекаат до следниот редовен состанок на Советот – Организацијата донесува одлука на својата мејлинг листа.

(2) Активностите мора недвосмислено да бидат во согласност со чл. 1 и иницијаторот мора, излагајќи ја потребата од преземање на неодложна [ре]акција, да се повика на конкретниот член.

(3) Активностите се сметаат за одобрени ако, во рок од 24 часа, гласаат минимум 1/3 од членовите на Организацијата, и минимум 2/3 од нив се изјасниле позитивно.

Член 23

Најава на дневниот ред

 

(1) Прашањата околу кои ќе се дискутира на состанокот на Советот се најавуваат на официјалната мејлинг листа/форумот на Организацијата.

(2) Оние прашања коишто не биле претходно најавени, а во врска со кои Советот донел одлука на самата седница – стапуваат во сила по три дена од нивното објавување на официјалната мејлинг листа/форумот на Организацијата.

(3) Во овој рок имаат право да гласаат сите активни членови кои не се изјасниле за одлуката.

Член 24

Претседавач

На состаноците на Советот се именува Претседавач-записничар кој раководи со состанокот, се грижи за дневниот ред и доставува записник на официјалната мејлинг листа.

Член 25

Надлежности

 

(1) Во надлежност на Советот е следново:

–     ги подготвува седниците на Собранието и го подготвува нацрт статутот и другите предлог одлуки што треба да ги донесе Собранието;

–     ги спроведува одлуките и заклучоците на Собранието;

–     организира акции, согласно идејните определби на Организацијата;

–     формира работни групи и избира координатори;

–     подготвува годишен и периодичен извештај;

–     издава билтен на Организацијата и други обрасци;

–     врши промоција на Организацијата;

–     одлучува за присуство на трибини, дискусии, летни кампови, фестивали итн. – во име на Организацијата; и

–     врши други работи кои произлегуваат од Статутот.

В. КОЛЕКТИВНО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО

 

Член 26

Статус и ингеренции

 

(1) Колективното претседателство е составено од пет члена од кој секој член е делегиран од различни Локални совети со апсолутно мнозинство гласови од тамошните членови и може да биде отповикан во секое време.

(2) Надлежности на Претседателството се:

– насочување на Организацијата согласно објективните теренски прилики на ниво на локален совет и на републичко ниво;

– одлучување за иницирање или приклучување на иницијативи за општествени промени;

– градење стратегија за политичко позиционирање иделување на Организацијата;

– други прашања од значаен интерес на Организацијата.

 

V. Финансирање на Организацијата

Член 27

Материјални извори

(1) Извори на финансиски средства на организацијата се:

–     членарина;

–     донации;

–     подароци и др.

  

Член 28

Благајник

 

(1) Советот избира Благајник.

(2) Благајникот на Организацијата доставува месечен биланс за финансиската состојба пред Советот на Организацијата.

  

Член 29

Легитимност при трошењето

 

Користењето и располагањето со средствата на Организацијата се врши на начин утврден со овој Статут и останатите законски норми.

VI. Престанок на Организацијата

 

Член 30

Начин на престанок

 

Организацијата ќе престане со работа ако за тоа одлучат членовите на седница на Собранието со 2/3 мнозинство.

Член 31

Имот

 

По престанокот на работата на Организацијата, имотот и средствата што ќе останат по намирувањето на обврските се пренесуваат со одлука на Собранието.

VII. Преодни и завршни одредби

 

Член 32

Толкување

 

Право на толкување на одредбите од овој Статут има Собранието, а меѓу две собранија – Советот.

Член 33

Измени и дополнувања

 

Измени и дополнувања на овој Статут се вршат по иста постапка како и при негово донесување.

 

Член 34

Влегување во сила

Овој Статут влегува во сила со денот на донесувањето [на 28.07.2008].[1]


[1] Пречистениот текст на Статутот на ДСП „ЛЕНКА“ е утврден на Вонредното собрание на Организацијата одржано на 20.IX.2014 година во Скопје.

Цитати
  • Револуцијата испарува и го остава зад себе само шлајмот на новата бирократија. Синџирите на измаченото човештво се направени од црвена лента. Франц Кафка
Видео
Неколку прашања до добриот човек: (Бертолд Брехт)

Добар чоек си разбравме,
Но за што ти служи добрината?

Тебе да те купи никој не може
И молњата што дома удира
Не може со пари да се купи.
Разбравме што говориш. Ти кажав нели
Но што тоа кажувш
Прав си, збориш тоа што милиш,
Но што ли мислиш?
Храбар си
Но наспроти кого?
Паметен си
Но кому корист од тоа.

Не би ги превидел твоите бенефити
Пеки бе, тоа што не го привидуваш чиво е?
Нема што да ти се преговори на твоето пријателство,
Пријатели кои ли ти се?

Сега добро сослушајне:
Ти душман си наш
Под некој ѕид ке те истопориме
Но пошто имаш многу добри страни
Пред еден добар ѕид ке те истопориме
Со добри куршуми
Кои молњат од добра пушка ке те стреламе
Потоа ке те погребаме
Со добра лопата
Во добра земја!!!

ПРЕДАВНИК (Назим Хикмет)

„Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.
„Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“
Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум предавник!
Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.
Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!