Движење за социјална правда

ПРОТЕСТ ЗА КЕЖАРОВСКИ – РЕВОЛТ ПРЕД ИЗБУВНУВАЊЕ

 

Како што поминува времето, сè поочигледен станува фактот дека моменталната гарнитура владее отворено авторитарно и има јасни про-фашизоидни тенденции, т.е. работите се движат во тој правец. Сега не би сакал да звучам како оние хистерични и хипстерски либерали кои репетитивно мантраат „Фашизам, диктатура!!!“ без да се потрудат да ја разберат генезата на терминологијата која постојано ја употребуваат, но сепак не можеме да се правиме слепи и да ги игнорираме овие авторитарни скршнувања на владеачките елити во Македонија.
Едно од последните големи манифестирања на моќ и неприкосновеност беше притворањето на новинарот Кежаровски за наводно сторено кривично дело Издавање заштитен сведок и неговото осудување на 4.5 години затвор, со што Македонија според бројот на затворени новинари се натпреварува со остатокот од цела Европа. Целта овде не е да навлеземе во лавиринтот на небулозите на правниот систем и неговата конструираност да и’ служи на владеачката елита која моментално го запоседнала тронот, туку да го опишеме гневот кој беше манифестиран од страна на народот дента на 23 Октомври.

После соопштувањето на небулозната пресуда, Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски повика на протести пред музејот на ВМРО (познат како „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“ и „Музеј на жртвите од комунистичкиот режим“) на 23 Октомври. Овој протест беше поддржан и од ССНМ, еден од најсветлите примери за синдикално организирање на нашата НЕЗАВИСНА синдикална сцена и од неколку граѓански и левичарски политички организации. Самиот протест со себе носеше силна симболика и значење. Покрај кревањето на гласот за оваа неправда сторена кон новинарскиот работник, изборот на самата локација алудира на тоа дека се удира врз идеолошкиот столб на ДПМНЕ, имено музејот е изграден да работи во служба на повампирувањето на историјата и инсталација на фашистички ликови во колективната свест, како и политичко-идеолошка пресметка со некаков „комунистички“ режим. Во време кога се чувствува дека секоја инстанца во државата е ставена под партиски капак, не преостанува ништо друго освен директно атакување врз овој идеолошки столб. Самиот датум 23 Октомври, денот на македонската револуционерна борба, е избран бидејќи постои очигледна намера да се киднапира целата прогресивна борба низ историјата и на истата да и’ се накалемат регресивните десничарски рамки.
Мора да се признае дека во старт се очекуваше мирна и театарска протестна атмосфера, каква што сме навикнале да гледаме во оваа наша досегашна скромна независна протестна историја. Но сепак уште од самиот почеток се чувствуваше набој и револт во воздухот, кој можеше да ескалира во секој момент. На протестот присуствуваа околу 300-400 луѓе. Во толпата имаше новинари, активисти, граѓани т.е. сите оние кои на некој начин се чувствуваат директно или индиректно погодени од состојбите. Во обидот да се стигне до музејот, кога стана јасно дека народот ќе го помине првиот обрач од регуларна полиција, како од сенка долетаа специјални полициски сили со штитови и шлемови, кои имаа за задача да ја држат толпата на „пристојно растојание“, поради наводната манифестација која се одржувала внатре во тоа време. Тука веќе револтот и гневот беа и повеќе од видливи. „Полициска држава“, „Слобода за Кежо“ беа слоганите кои одекнуваа од толпата, чии први редови грчевито се натпреваруваа со полициските кордони во една благо тензична атмосфера. Видливо беше и дека сите приоди кон музејот се педантно затворени, што би требало да значи дека постои превенција од можни изненадувања. Додека траеа протестот и тензиите, бевме сведоци на еден добро осмислен Гебелсов трик. Имено, со цел звукот кој доаѓаше од демонстрантите да биде сузбиен, беше пуштана гласна музика од фонтаните на спомениците. Очигледно е дека границите на нечија креативност секојдневно се поместуваат во една луда насока, иако ваквиот чин немаше некој голем практичен ефект. Ова беше резултат на еден долготраен процес на собирање на гнев и фрустрации кон општото ниво на репресија, па така не треба воопшто да нè чуди самиот милитантен mood на масата, која беше доволно испровоцирана од силните полициски сили. Со други зборови, сметам дека фалеше баш ваков протест, кој нема да личи на посмртна поворка и кој ќе упати јасна порака дека народниот гнев не е категорија која владеачите треба да ја искушуваат и тестираат, бидејќи може лесно да им се врати како бумеранг.
Во целата оваа драма, неизбежни беа и стандардните морализирања на дел од провладината пропагандна машинерија дека протестот е организиран од „петоколонаши“, „соросоиди“, „предавници“ и слично, кои сакале да испровоцираат инциденти само за да ја дестабилизираат нашата мила Македонија. На ова оро се фатија и многумина „независни“ (читај: вечно индиферентни) морализатори кои со својата хипер-игнорантност само го одржуваат статус-квото. Ова е објаснувано милијарда пати, ама ајде, не е на одмет уште еднаш. Беше евидентно присуството на истакнати про-опозиционери (нели не може на никого да му се забрани да ПРИСУСТВУВА), кои се декор на секој анти-владин собир со цел да соберат лесни политички поени и да се легитимираат како божем валидна опозиција, но сепак тоа не беше во ниеден момент доволно за да ја дискредитира автентичноста на протестот и оправданиот гнев, заради сите причини истакнати погоре.
Улицата понекогаш е најдобриот катализатор на волјата за промени. Со ова што се случуваше на 23 Октомври беше уште еднаш покажано дека владеачката класа нема да отстапи ниту милиметар во бранењето на своите лицемерни вредности кои и’ ја легитимираат нејзината власт. Нејзината решителност со доста расположливи средства да ја брани својата светиња, треба да ни упати јасно прашање: ако не отстапуваат тие, зошто тогаш да отстапуваме ние?
NO PASARAN!

Автор: Дејан Лутовски, активист на ДСП Ленка

Клучни зборови: ,
0
img

Цитати
  • Оној кој не се движи, не ги забележува своите окови. Роза Луксембург
Видео
Неколку прашања до добриот човек: (Бертолд Брехт)

Добар чоек си разбравме,
Но за што ти служи добрината?

Тебе да те купи никој не може
И молњата што дома удира
Не може со пари да се купи.
Разбравме што говориш. Ти кажав нели
Но што тоа кажувш
Прав си, збориш тоа што милиш,
Но што ли мислиш?
Храбар си
Но наспроти кого?
Паметен си
Но кому корист од тоа.

Не би ги превидел твоите бенефити
Пеки бе, тоа што не го привидуваш чиво е?
Нема што да ти се преговори на твоето пријателство,
Пријатели кои ли ти се?

Сега добро сослушајне:
Ти душман си наш
Под некој ѕид ке те истопориме
Но пошто имаш многу добри страни
Пред еден добар ѕид ке те истопориме
Со добри куршуми
Кои молњат од добра пушка ке те стреламе
Потоа ке те погребаме
Со добра лопата
Во добра земја!!!

ПРЕДАВНИК (Назим Хикмет)

„Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.
„Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“
Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум предавник!
Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.
Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!