Движење за социјална правда

„Времето и неговата мизерија“ – Џон Зерзан [петти дел]

Времето во науката

 [продолжува од четврти дел] Јас не сум научник но знам дека сите нешта започнуваат и завршуваат во вечноста.

Човекот кој падна на Земјата, Волтер Тевис (The Man Who Fell to Earth, Walter Tevis).

Науката, во однос на нашите цели, ни оддалеку не го толкува времето и отуѓувањето со директноста на, да речеме, психологијата. Но науката може да биде употребена за да фрли светлина на темата, благодарение на многуте паралели помеѓу научната теорија и човековите односи.

Според Н.А. Козирев, „времето е најважниот и најмистериозен феномен на природата. Неговото поимање е надвор од дофатот на имагинацијата“. Всушност, некои научници (на пр., Дингл/Dingle, 1966) сметале дека „сите вистински проблеми поврзани со поимот време се независни од физиката“. Науката, а особено физиката, можеби навистина го немаат последниот збор; сепак, тоа е поинаков извор на толкување, иако и самиот отуѓен и генерално индиректен.

Дали „физичкото време“ е исто што и времето за кое сме свесни; доколку не е, на кој начин се разликува? Во физиката, се чини дека времето е недефинирана базична димензија, исто толку прифатена како факт и дадена вредност колку што е и надвор од царството на науката. Ова претставува уште еден начин да се потсетиме дека, исто како и со секој друг начин на мислење, научните идеи се бесмислени надвор од културниот контекст. Тие се симптоми и симбол на начинот на живот од којшто произлегуваат. Според Ниче, сето пишување е инхерентно метафоричко, иако науката ретко се посматра од овој агол. Науката се развила повлекувајќи сè поостро разграничување помеѓу внатрешните и надворешните светови, помеѓу сонот и „стварноста“. Тоа беше постигнато со математизација на природата, што во голема мера значеше дека научникот продолжува со метод кој го лишува од поширокиот контекст, вклучувајќи го и потеклото и значајноста на неговиот проект. И покрај тоа, како што пишува Х.П. Робинсон (H.P. Robinson, 1964), „космологиите коишто човештвото ги постави во различни времиња и на различни локации неизбежно го рефлектираат физичкото и интелектуалното опкружување, вклучувајќи ги пред сè интересите и културата на даденото општеството“.

Субјективното време, како што истакнува Дејвис (P.C.W. Davies, 1981), „поседува очигледни квалитети кои се отсутни од ’надворешниот‘ свет и кои се фундаментални за нашето поимање на стварноста“ – главно за „минувањето“ на времето. Нашето чувство на одвоеност од светот се должи во голема мера на оваа дискрепанца. Ние постоиме во времето (и отуѓувањето), но времето не се наоѓа во физичкиот свет. Временската варијабла, иако корисна за науката, е теоретска конструкција. Како што објаснува Стивен Хокинг (1988), „законите на науката не прават разлика помеѓу минатото и иднината“. Ајнштајн отишол чекор подалеку триесеттина години порано; во едно од неговите последни писма, пишува: “Луѓето како нас, кои веруваат во физиката, знаат дека разликата помеѓу минатото, сегашноста и иднината е само тврдоглава, настојчива илузија“. Но, науката и на поинакви начини влијае на положбата која времето ја има во општеството. Колку повеќе го „рационализира“, толку повеќе варијации се губаат. Така, на пример, теоретската физика го геометризира времето сфаќајќи го како права линија. Науката не стои настрана од културната историја на времето.spiral-of-time

Сепак, како што се имплицира погоре, физиката не ја содржи идејата на постојан момент на времето што минува (Парк, 1972). Понатаму, фундаменталните закони не само што се целосно променливи во однос на ’насоката на времето‘ – како што Хокин забележува – туку, според Ватанабе (Watanabe, 1953), „непроменливиот феномен се јавува како резултат на посебната природа на нашето човечко сознание“. Уште еднаш гледаме како човековото искуство игра одлучувачка улога, дури и во „најобјективното“ царство. Зи (Zee, 1992) тоа го поставува на овој начин: „Времeто е оној концепт во физиката за кој не можеме да говориме без да ја вовлечеме, во одреден момент, свеста“.

Кога се работи за времето, противречности постојат дури и во некои навидум недвосмислени области. Иако комплексноста кај повеќето комплексни видови може да се зголеми, некои видови сепак не стануваат покомплексни, што го навело Смит (J.M. Smith, 1972) да заклучи дека е „тешко да се каже дали еволуцијата во целина има одредена насока“.

Во космички термини, се тврди дека „насоката на времето“ автоматски се потврдува од самиот факт дека галаксиите се оддалечуваат една од друга. Но се чини дека постои вистинска едногласност кога станува збор за основите на физиката, дека „текот“ на времето е ирелевантен и нема никаква смисла; фундаменталните закони на физиката се целосно неутрални во поглед на насоката на времето (Мехлберг, 1961, 1971; Ландсберг ,1982; Скијарс, 1986; Ватанабе, 1953, 1956; Свинбрн, 1986; Морис 1984; Малов ,1987; Деспањан, 1989; итн.). Модерната физика дури и изнесува сценарија во кои времето престанува да постои и, обратно, кога се појавува. Зошто тогаш нашиот свет е временски асиметричен? Зошто времето не може да оди наназад исто како што оди нанапред? Ова е парадокс, дотолку што индивидуалната молекуларна динамика е целосно реверзибилна. Главната поента, на која ќе се навратам подоцна, е дека зголемувањето на комплексноста, се открива сè повпечатливо паралелата меѓу насоката на времето и општественото опкружување.

burnett_einsteinТекот на времето се манифестира во контекст на иднината и минатото, а тие пак зависат од одредницата позната под називот сегашност. Меѓутоа, благодарение на Ајнштајновата теорија за релативитетот, станува јасно е дека не постои универзална сегашност: универзумот не препознава „сега“. Не постои фиксен интервал кој е независен од системот на кој се однесува, исто како што и отуѓувањето е зависно од својот контекст.

На тој начин времето е лишено од автономијата и објективноста која ја уживаше во Њутоновиот свет. Во откритијата на Ајнштајн тоа е дефинитивно поиндивидуалистички зацртано, губејќи ја титулата на апсолутен и универзален монарх која претходно ја поседуваше. Времето е релативно на специфичните услови и варира во зависност од фактори како брзината и гравитацијата. Но иако времето стана „подецентрализирано“, тоа истовремено ја колонизира субјективноста многу повеќе од претходно. Со оглед дека времето и отуѓувањето станаа правило низ светот, постои малку утеха во сознанието дека се зависни од различните услови. Тоа сознание секако носи олеснување; но непроменливоста на отуѓувањето е она што овозможува Њутоновиот модел на независно време кое минува да има власт над нас, дури и откако релативитетот ги поткопа неговите теоретски основи.

Квантнатата теорија, занимавајќи се со најмалите делови од универзумот, е позната како основна теорија за материјата. Јадрото на квантната теорија следи други основни теории на физиката, како што е релативитетот, не правејќи разлика во насоката на времето (Ковени/Coveny и Хајфилд/Highfield, 1990). Основна премиса е недетерминизмот, во кој движењето на честиците на тоа ниво е во рамките на веројатностите. Заедно со елементите како позотрони, кои може да се сметаат како електрони кои се движат назад во времето, и тахиони, честици побрзи од светлината кои генерираат ефекти и контексти кои го менуваат правецот на временскиот ред (Грибин/Gribbin, 1979; Линдли/Lindley, 1993), квантната физика ги постави фундаменталните прашања во врска со времето и каузалитетот. Во микросветот на квантумот откриени се вообичени акаузални односи кои го трансцендираат времето и го доведуваат во прашање самиот поим на редење на настаните во времето. Може да постојат „врски и корелации меѓу многу далечни настани без присуство на каква било меѓупосредувачка сила или сигнал“ (Зохар/Zohar, 1982; Аспект/Aspect, 1982). Еминентниот американски физичар Џон Вилер (John Wheeler) посочи внимание (1977, 1980, 1986) на феноменот во кој дејствието преземено сега влијае на текот на настаните кои веќе се случиле.

Глик (Gleick, 1992) ја сумира состојбата на следниот начин: „Со нестанокот на истовременоста, пропаѓаше секвентноста, каузалитеот беше под притисок, а научниците општо земено сметаа дека се слободни да ги земаат предвид временските веројатности кои генерација порано би се чинеле претерани“. Барем еден приод во квантната физика се обиде потполно да го отстрани поимот за време (Тејлор/J.G. Taylor 1972); Парк (D. Park, 1972) на пример, вели: „Ја претпочитам авременската репрезентација наместо временската“.

Збунувачката ситуација во науката достоен противник најде во екстремностите на општествениот свет. Отуѓувањето, како и времето, создава сè поголеми необичности и притисоци: на крај, речиси неизбежно, во обата случаи се поставуваат најфундаменталните прашања.

filepicker_GRTRSWilRlqJNaf89rmA_albert-einsteinВо петтиот век Св. Августин се пожалил како не разбира од што навистина се состои мерењето на времето. Ајнштајн, признавајќи ја неадвекватноста на неговиот коментар, често го дефинираше времето на „она што часовникот го мери“. Квантната физика, од своја страна, ја постулира нераздвојноста на мерачот и она што се мери. Преку процес кој физичарите не успеале целосно да го сфатат, чинот на набљудување или мерење не само што ја открива состојбата на честицата туку истовремено и ја детерминира (Пеџелс/Pagels, 1983). Ова го поттикнало Вилер (1984) да запраша: „Дали сè – вклучувајќи го и времето – е изградено од ништо преку чинот на учество на набљудувачот?“ Тоа повторно е изненадувачка паралела, бидејќи отуѓувањето, на секое ниво, па дури и во својата суштина, изискува токму такво учество.

Насоката на времето – неотповикливо, едносмерно-единствено време – е чудовиште кое се покажа пострашно од кој било физички проектил. Безнасочното време не е воопшто време, а Кембел (Cambel 1993) насочноста на времето ја идентификува како „примарна карактеристика на комплексните системи“. Временски противнасочното однесување на атомските честици „во најголем број слуачи се претвора во однесување на системот кое е едносмерно“, заклучува Шлегел (Schlegel, 1961). Ако не е вкоренето во микро светот, од каде тогаш доаѓа времето? Од каде доаѓа нашиот временски ограничен свет? Токму овде се соочуваме со провокативна аналогија. Микросветот што го опишува физиката, со неговата мистериозна промена во макросвет на комплексни системи, е аналоген на „примитивниот“ општествен свет и корените на поделбата на трудот, водејќи кон комплексно, класно поделено општество со очигледен неповратен „прогрес“.

Општо правило во теоријата на физиката е дека насоката на времето е зависна од Вториот закон на термодинамиката (на пр. Решенбах/Reichenbach, 1956), кој тврди дека сите системи се стремат кон сè поголем неред и ентропија. Оттаму, минатото е посредено од иднината. Некои поборници на Вториот закон (на пр., Болцман/Boltzmann, 1866) во зголемувањето на ентропијата го пронајдоа самото значење на разликувањето разликувањето минато и иднина.

Општиот принцип на неповратност беше развиен во средината на 19-от век, почнувајќи со Карно (Carnot) во 1824, кога самиот индустрискиот капитализам ја достигнал својата наизглед неповратна точка. Доколку еволуцијата беше одраз на вековната оптимистичката примена на неповратното време, Вториот закон на термодинамиката беше песимистичката. Во своето изворно значење, тој закон го отсликуваше универзумот како огромна парна машина која се расипува, каде што работата станува сè поподложна на неефикасност и неред. Но природата, како што забележува Тода (1978), не е машина, таа не работи и не е опседната со „ред“ или „неред“. Културниот аспект на оваа теорија – имено, стравот на капиталот за својата иднина – е јасно воочлив.

Сто и педесет години подоцна, теоретичарите на физиката сфатија дека Вториот закон и неговото претпоставено објаснување за насоката на времето не може да се смета за решен проблем (Нојман/Nueman, 1982). Многу приврзаници за променливоста на насоката на времето во природата сметаат дека Вториот закон е површен, секундарен, а не примарен закон (на пр. Хакен/Haken, 1988; Пенроуз/Penrose, 1989). Други пак(на пр., Склар, 1985), го сметаат самиот концепт на ентропија за лошо дефиниран и проблематичен, и имајќи го предвид обвинувањето за површност, тврдат дека феноменот опишан со Вториот закон може да се припише на специфичните почетни услови и дека во никој сучај не претставуваат некој општ принцип (Дејвис, 1981; Бароу, 1991). Понатаму, не секој пар настани кои имаат „последична“ меѓусебна врска, имаат и ентрописка разлика. Науката на комплексноста (со пошироко поле од теријата на хаосот) открива дека не сите системи се стремат кон неред (Левин, 1992), што исто така е спротивно на Вториот закон. Згора на тоа, изолираните системи, во коишто не е дозволена размена со околината, ја потврдуваат неповратноста за која зборува Вториот закон; но универзумот можеби не е така затворен систем. Склар (1974) истакнува дека ние не знаеме дали целосната ентропија на универзумот се зголемува, намалува или останува непроменета.

entangledtime

И покрај споменатите приговори и апории, движењето кон „неповратна физика“ засновано на Вториот закон е неоспорен факт со прилично интересни импликации. Лауреатот за Нобелова награда од 1977, Илија Пригожин, е еден од најнеуморните и најгласни заговорници на гледиштето дека постои внатрешно унинасочно време на сите нивоа на постоење. И додека основите на секоја важна научна теорија, како што забележавме, се неутрални во однос на времето, Пригожин на времето му дава клучно место во универзумот. За него и за неговите истомисленици, неповратноста на времето е сеприсутна, исконска аксиома. Во наводно независнаиот простор на науката, прашањето за времето очигледно стана политичко прашање.

Пригожин (1985), на симпозиум спонзориран од Хонда, промовирајќи проекти како вештачка интелегенција, изјави: „Прашањата како потеклото на животот, потеклото на универзумот или потеклото на материјата, повеќе не можат да бидат дискутирани без да се земат предвид претпоставките на неповратноста“. Не е случајно што ненаучникот Алвин Тофлер, еден од најголемите американски заговорници за високотехнолошки свет, изнесе ентузијастички увод за еден од основните текстови од провременското движење, Ред од хаосот на Пригожин и Стенџер (1984). Следбеникот на Пригожин, Ервин Ласло, во обид да ја легитимира и прошири догмата за универзално непроменливо време, прашува дали законите на природата важат и за човечкиот свет. Набрзо потоа, самиот си дава одговор на своето неискрено прашање (1985): „Општата неповратност на технолошките иновации ја надминува неодлучноста на индивидуалните точки на раздвојување и ги носи процесите на историјата во единствената и очигледна насока од примитивни племиња до модерни техноиндустриски држави“. Колку „научно“! На ова пренесување „на природните закони “ во општествениот свет не му треба дополнително усовршување како опис за тоа како времето, поделба на трудот и мегамашината ја уништуваат автономијата или „повратноста“ на човечките одлуки. Еве како Леџет (Legget, 1987) совршено го опиша тоа: „Од тоа произлегува дека насоката на на времето, која се појавува во наизглед безличните субјекти на термодинамиката, е непосредно поврзана со она што ние, како луѓе, можеме или не можеме да го правиме“.

end-of-time

Ослободување од „хаосот“ е она што Пригожин и останатите му го ветуваат на владејачкиот систем, користејќи го моделот на неповратното време. Капиталот секогаш царувал во страв од ентропија или неред. Спротиставувањето, особено спротиставувањето на работата, е вистинската ентропија, која времето, историјата и прогресот постојано се трудат да го искоренат. Пригожин и Стенџер (1984) пишуваат: „Неповратноста е или вистинита на сите нивоа или на ниту едно“. Сè или ништо, секогаш крајните влогови на играта.

Откако цивилизацијата го потчини човештвото, луѓето беа принудени да живеат со меланхоличната идеја дека највисоки човечки аспирации се можеби недостижни во свет во кој толку непоколебливо владее времето. Колку повеќе уживањето и разбирањето се измолкнуваат од дофатот на човекот – а тоа е суштината на цивилизацијата – толку времето станува поопипливо. Носталгијата за минатото, фасцинираноста од идејата за патување низ времето и опседнатоста продолжување на животниот век се некои од симптомите на болест на времето, за која по сè изгледа сè уште не постои лек. „Она што не одминува со времето е самото време“, вели Мерло-Понти (1945).

imagesПокрај општата и распространета антипатија, сепак можат да се истакнат и некои конкретни карактеристики на спротиставување на концептот на времето. Во 1990 беше основано Друштвото за запирање на времето (Society for the Retardation of Time), кое има неколку стотици членови во четири европски земји. Помалку ексцентрично отколку што можеби звучи, неговите членови се посветени на укинување на современото забрзување на времето во секојдневниот живот, со цел да постои можност за поквалитетен живот. Негативната теологија на времето на Тојнисен (Michael Theunissen), објавена 1991, отворено се спротиставува на времето кое авторот го смета за најголем непријател на човекот. Заради своето негативно поимање на времето, ова дело предизвика многу жива дебата во филозофските кругови (Пента, 1993).

„Времето е единствената идеја доследна на себе во секој свој дел“, пишува Мерло-Понти (1962). Во тоа ја гледаме потполноста на отуѓувањето во одвоениот свет на капиталот. Времето се прифаќа без да се сфатат неговите делови; а тоа го разоткрива тоталитетот. Кризата на времето е криза на целината. Неговиот триумф, наизглед добро втемелен, всушност никогаш не бил целосен сè додека постоеле луѓе кои ги доведувале во прашање основните премиси на неговото постоење.

Над езерото Силвиплана, Ниче ја пронајде својата инспирација за „Така говореше Заратустра“. „Две илјади метри над луѓето и времето…“, пишува во својот дневник. Но времето не може да биде трансцендирано со помош на надмен презир кон човештвото, бидејќи надминувањето на отуѓувањето кое тоа го причинува не е самотен проект. Во оваа смисла ја претпочитам формулацијата на Рексрот (Rexroth, 1968): „единствениот апсолут е заедницата на љубов во која времето исчезнува“.

Можеме ли да му ставиме крај на времето? Неговото движење може да се сфати како господар и мерка на општественото постоење, кое станува сè попразно и технизирано. Спротивно на сè што е спонтано и непосредно, времето сè повеќе и повеќе јасно ја открива својата врска со отуѓувањето. Оттаму, нашиот проект на обнова мора да ја опфати севкупната ширина на оваа здружена доминација. Поделениот живот ќе биде заменет со можноста за целосно и исполнето живеење – безвремено – единствено тогаш кога ќе ги избришеме примарните причини на таа поделба.

Одевме дотаму со докажувањето на времето за сега тоа да се чини како природен факт, моќ која постои сама по себе. Растежот на чувство за време – прифаќањето на времето – е процес на адаптација кон уште поматеријализиран свет. Тоа е конструирана димензија, најелементарниот аспект на културата. Безмилосната природа на времето го наметнува како врвен модел на владеење.

killing-timeСекој ритуал е обид, преку симболизам, за враќање во безвременската состојба. Ритуалот е гест на апстракција од таа состојба, меѓутоа и погрешен чекор кој уште повеќе оддалечува од саканата цел. „Безвременоста“ на бројот е дел од оваа траекторија и придонесува многу за времето како фиксен концепт. Со помош на ѕвездите, годината и нејзините поделби се наметнуваат како инструменти на организацискиот авторитет (Лич, 1954). Создавањето на календар е основа за создавањето на цивилизација. Календарот е првиот симболички артефакт кој го контролирал општественото однесување преку мерење на времето. Меѓутоа, овде не се работи за контрола на времето, туку за спротивното: заробување од страна на времето во свет на реална отуѓеност.

Во свет на отуѓеност ниту еден возрасен поединец не може ја постигне или одреди слободата од времето којашто детето природно ја ужива – и која мора да ја загуби. Привикнувањето на времето, суштината на школувањето, е од клучно значење за општеството. Како што Фрејзер (1984) многу убедливо истакна, тоа привикнување „речиси парадигматски ги содржи карактеристиките на процесот на цивилизирање“.

Извор: John Zerzan, Running on Emptiness: The Pathology of Civilization, Feral House, 2005.

Преземено од Анархистичка библиотека

0
img

Цитати
  • Ти го имаш твојот начин. Јас го имам мојот. Што се однесува на правилниот начин, точниот начин, единствениот начин, тој не постои. Фридрих Ниче
Видео
Неколку прашања до добриот човек: (Бертолд Брехт)

Добар чоек си разбравме,
Но за што ти служи добрината?

Тебе да те купи никој не може
И молњата што дома удира
Не може со пари да се купи.
Разбравме што говориш. Ти кажав нели
Но што тоа кажувш
Прав си, збориш тоа што милиш,
Но што ли мислиш?
Храбар си
Но наспроти кого?
Паметен си
Но кому корист од тоа.

Не би ги превидел твоите бенефити
Пеки бе, тоа што не го привидуваш чиво е?
Нема што да ти се преговори на твоето пријателство,
Пријатели кои ли ти се?

Сега добро сослушајне:
Ти душман си наш
Под некој ѕид ке те истопориме
Но пошто имаш многу добри страни
Пред еден добар ѕид ке те истопориме
Со добри куршуми
Кои молњат од добра пушка ке те стреламе
Потоа ке те погребаме
Со добра лопата
Во добра земја!!!

ПРЕДАВНИК (Назим Хикмет)

„Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.
„Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“
Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум предавник!
Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.
Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!