Движење за социјална правда

Феноменот на глобализацијата/Глобализацијата на ремонт (целосни одговори на прашањата за весникот Нова Македонија)

Подолу ви ги пренесуваме целосните одговори на нашите членови Хактан Реџеп Исмаил и Зоран Василески на прашањата од дневниот весник Нова Македонија во врска со феноменот на глобализацијата, а коишто  беа  објавени делумно од страна на весникот на следниов линк: http://novamakedonija.com.mk/NewsDetail?title=%D0%93%D0%BB%D0%BE%D0%B1%D0%B0%D0%BB%D0%B8%D0%B7%D0%B0%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D1%80%D0%B5%D0%BC%D0%BE%D0%BD%D1%82&id=08497d5b-380e-4a83-b395-2e2ff4b5283a.

  1. Зошто идејата за глобализација е во криза?

Глобализацијата е доста „шаренолик“ и контроверзен поим за да може децидно да се констатира дека таа е во криза, како што впрочем прејудицира ова прашање; или пак дека не е во криза, земјаќи ги во обзир распалените меѓународни односи и социјални деструкции низ одредени делови од денешниот свет.. Но, ако појдеме од тоа дека глобализацијата е процес на некакви си промени кои што притоа имаат нешто заедничко, а што се случуваат во различните политички заедници низ целиот свет, тогаш ќе воочиме дека, тоа заедничко е капитализмот и ширењето на неолибералните идеи. Капитализмот е мотор на глобализицијата, денес не може да се замисли глобализирање на едно општесво без негова претходна или континуирана нео-либерализација! Капитализмот денес може да се определи како една од главните (ако не и главна и единствена) карактеристика на империјалистичките тежнеења на доминантните држави во светов. Ова е особено забележително после падот на Бретонвудскиот светски монетарен систем кој се засноваше на фиксни девизни курсеви кои што овозможуваа национално економско планирање и контрола на пазарот. Во оваа насока глобализацијата поттикната од меѓународните организации како ММФ, Светска Банка и ОДЦЦТ е само глобализирање на демократијата во неолиберален стил на слободен пазар и слободна трговија. Процес што пак само овозможува инвестициски можности за компании од таканаречениот прв свет проследени преку експлоатирање на ефтината работна сила и природни ресурси како и уништување на природниот хабитат на човекот во сиромашните региони низ целиот свет.

 Coca-Cola-Enjoy-Capitalism_o_30020

Што се однесува до капитализмот, тој дефинитивно е во криза. Според тоа, ако главниот двигател на глобализацијата е во криза тогаш само прашање на време е кога и самиот процес ке влезе во криза. Капитализмот во неговите прогресивни периоди надежно го движеше процесот на глобализацијата ширум светот ветувајќи големи соништа за благосостојбата и слободата. Реалноста е дека сонот ја предизвика кошмарната реалност низ светот: Глобален глад и социјална беда на огромното мнозинство наспроти раскошен благодет на малкумина, загрозена еко состојба на целиот свет и сеопфатна регресија на различните култури од народите ширум светот. Овој систем на производство и економска размена со двојните аршини кои ги инсталира помеѓу граѓаните од прв ред и останатите од светот преку очигледното слободно движење на капиталот но строга и сурова регулација на движењето на работната сила, ја создава својата спротивност која на крај може и да кулминира со уште една голема војна помеѓу народите.

Но на крај, да се надеваме дека убавиот збор надалеку брзо се шири  , па се чини дека, идеите за социјална правда, солидарност и заедништво кои се еднакво важни за егзистирање во здрави социјални заедици на сите народи низ светот нема никогаш да замрат.

  1. Дали генералното забавување на економскиот раст во светот води кон крај на глобализацијата? И што по тоа? Кој систем би ја заменило?

Генералното опаѓање на економскиот раст дефинитивно води, ако не до крај но, секако до состојба на преиспитување па и отпор кон капитализмот. Капиталистичкиот систем по својата природа е конфликтен, тој класната поделба на народите ја доведува до екстреми што во одреден степен оваа класна поделба поприма облик на меѓусебни односни на роб и господар. Истото се случува и со државите заедници како ентитети на глобалниот систем – едни држави се потчинети на други. Ваквата глобализација, под вакви услови и правила не само што не ја смалува конфликтноста во светот, туку во голема мера истата ја зголемува, и тоа на повеќе основи. Денешните општества, под влијание на капитализмот, се ризични општества, општесво со многу тензии и спротивставености. Во вакви услови на економска надмоќ на едни народи над други не може да се создадат никакви вкрстувачки расцепи во заедниците кои би значеле барем мотив за грижата по заедницата во полното значение на овој збор како заедничко добро, добро за сите.

Засега отпорот кон капитализмот најчесто е само дел од отпорот кон ефектите и последиците од глобализацијата, која нео-либерализмот ја прави сурова и агресивно наметлива како закана за достоинството на народите во светската заедницата. Но, она друго што го предизвикува глобализацијата е и хибридизација на културите, односно нивно мешање и соединување во едно. Ова би можело да доведе до тоа, луѓето од целиот свет да станат свесни за нивните разлики, коишто апсолутно не значат и различни потреби. Оваа свест на заедничкото, којашто се создава низ процесот на глобализацијата би можела да го смени нејзиниот тек, да дојде до создавање на светски систем, којшто пак тој тек ќе го насочува во правец на создавање на глобално добро, добро за сите, а не за малкумина како досега. Таков систем би бил заедништво на социјалистички унии низ светот, затоа што денес, со сите проблеми што ги создава капитализмот во една политичка заедница, секој ден се порелевантна станува социјалистичката максима „социјализам или варварство“, како крик против варварство, коешто капитализмот го создава и допрва ќе го создава ако не биде заменет, како на локално, така и на глобално ниво.

imper

 

  1. Трамп во неколку свои излагања спомнува Национален капитализам… како би го дефинирале и дали е можен како решение за државите ?

Иако започна со иницијативи за реформи и со издавање декрети, допрва ќе видиме што конкретно мисли Трамп под поимот Национален капитализам. Теоретски, веројатно алудира на потребата од заштита на домашното производство и домашните претпријатија чиишто капацитети се на американско тло, со што би се зголемила вработеноста на американските државјани… нешто што е многу блиску до концептот „економски протекционизам“. Овој концепт не е нов.  Имено, економскиот протекционизам беше главна карактеристика на меѓународната економија во периодот меѓу двете светски војни. Но, сепак капитализмот, низ своите циклични фази, неминовно влегува во кризи, од кои се извлекува со ново ширење или војна. Ширење на западниот империјализам (ширење кое е неопходно за самиот капитализам) веќе не е можно без војни или дестабилизиација на цели региони. Пред една таква криза, западниот империјализам преку ширење се спаси, и воедно зајакне со Падот на берлинскиот ѕид и новите пространства, кои пред него се отворија, полни со ресурси, со ефтина работна сила, со пазари и со потрошувачи на државите од бившиот социјалистички блок. Но, за две децении капитализмот западна во нова криза. Имајќи ги предвид моменталните активни воени жаришта во светот, и имајќи ги предвид најавите за отворање нови жаришта,  бројот и распореденоста низ светот на НАТО воените бази, за очекување е дека „Националниот капитализам“ на Трамп воопшто не значи свртување на САД кон внатре, туку напротив, истиот се’ повеќе значи нов, воен интервенционализам, подеднакво груб како и досегашниот, и секогаш спремен за кршење на меѓународното право.

Сепак, Трамповиот „економски протекционизам“ не е  во целост оној стариот, од периодот меѓу двете светски војни. Тој сега е хибриден, неолиберален, што е и за очекување, ако се земе предвид од кој слој на која класа дојде Трамп на најмоќниот претседателски престол. Имено, „националниот капитализам“ на Трамп, засега, неговиот Кабиент не се ни обидува да го претстави како доктрина:  државата да зазема поголема улога во алокација и релокација на производите преку строго регулирање на пазарот. „Националниот капитализам“ на Трамп ни на сон нема намера државата да ја стави како главен конкурент на приватните копании па дури и со сопственички удел во истите, а што би значело проширување на лепезата на јавни добра која државата ги обезбедува. За потсетување, планот за реформа на Obamacare е ретрограден. И доколку излезот на САД од Транспацифичкото партнерство (договор за слободна трговија на САД со уште 10 азиски земји) значеше во прв момент гест на олабавување на американската надворешна политика, сепак во истиот тој регион САД ги имаат ставено под своја комплетна контрола воените сили и територијата на Јужна Кореја. Што значи, засега одредени различни процеси во маневрите на надворешната политика на САД не може да стане збор. Додека маневрите исклучиво на економски план ќе бидат вредни за нотирање, но, не и вредни за спас на капитализмот. ,Државниот капитализам не е долгорочно решение за економските кризи во кои неминовно влегува капитализмот кој повеќе од век е во својата последна фаза – империјализмот. Но, за одложување на крајот, секогаш, војните се решение. Оттаму, веројатно националниот капитализам на Трамп значи зголемувањето на воениот буџет на САД, оттаму и на НАТО. Тоа секако не е решение за глобалното добро.

  1. Како да се заштити националната индустрија, работните места, кога глобализмот замира?

Не постои некое инстант трајно решение за проблемот со ерозија на националните индустрии и капацитети, вградената системска невработеност и бесперспектива за младите особено кај малите и потчинети држави, ако не се отиде чекор подалеку од сето она што го слушаме од страна на владите и економските експерти во последните 25 години. Предизборни ветувања на социјалдемократските партии ширум светот, се обична поезија, кога тие ветувања не се проследени со јасно и доста прогресивно оданочување и развојно планирање на економијата наместо популизам со некакви некоординирани проекти за пред камери. Преку поголема улога на државата во организацијата на животот на своите граѓани, односно преку интервенционизам во економијата може да се ублажат економските рани на заедницата. Државно регулираниот капитализам е само можност за ублажување на последиците на самиот капитализам. На крај, сепак фамозните странски инвестиции се на територија над која државата има суверенитет и територијален интегритет. Истите странски инвестиции во исто време се рај за нивните сопственици и борд директори, а и пекол за работниците и животите на нивните блиски. И во ваква состојба државата во улога на капиталист може да ги ублажува ефектите од економско-социјалната светска криза, дури и единствено водејќи се од програмските одредби на Уставот кои зборуваат за еднакви можности, солидарност и социјална правда.

Неодложно создавање на единствена Балканска царинска унија е неопходно за регионот во кој државите се соочуваат речиси со исти проблеми, кои логично, произлегуваат од нивниот статус на држави во периферијата на Европската унија. Оваа унија, ќе ги натера владите да преговараат, да соработуваат, што ќе ја зацврсти безбедноста на регионот, без потреба од користење на „услугите“ на хушкашките влади на САД и Русија, кои, во различен опсег, се претставени како чувари на балканските народи.

Сепак, за посериозна трајна санација, потребно е национализација на сите енергетски капацитети, природните богатства и сообраќајот, како и национализација на банките и на крупните производствени капацитети. Централно управување изградено врз база на мислења и задолжителните препораки на месните работнички совети во производствените и дистрибутивните капацитети е неопходно за заштита на националната индустрија и работните места. Едноставно, не може да даде никаква сигурност ропскиот однос кој ќе продолжиме да го имаме засновано спроти странските инвеститори и нивните инвестиции, дури и во ситуација на повисоки даноци, нема сила што може да им наложи да ги зголемат и платите. Нивниот мотив е само голиот профит! Тие во секој момент можат да најдат подобар даночен рај и поефина работна сила. Едноставно, пазарот на трудот во секој момент држи на страна од работниот процес, резервна армија на трудот (невработеноста се движи околу оската од 30%). А тоа значи подхранување на волунтаризмот на домашните и странски газди, да не ги покачат платите, или да се закануваат слободно со отпуштање на работникот, кога во секој момент на вратата за интервју чекаат уште најмалку петмина други. А платите најчесто служат само за задоволување на основните физиолошки потреби. Човекот е сестрано битие, а нема средства за сестран развој. Едноставно капитализмот, во ниту еден облик не е решение. Реформа на капиталистичкиот систем е решение на краток рок. Социјализмот е конечно решение на долг рок за светскиот економски систем конечно да биде подреден на потребите на човекот, а не на капиталот.

0
img

Цитати
  • Најнасилниот елемент во општеството е незнаењето. Ема Голдман
Видео
Неколку прашања до добриот човек: (Бертолд Брехт)

Добар чоек си разбравме,
Но за што ти служи добрината?

Тебе да те купи никој не може
И молњата што дома удира
Не може со пари да се купи.
Разбравме што говориш. Ти кажав нели
Но што тоа кажувш
Прав си, збориш тоа што милиш,
Но што ли мислиш?
Храбар си
Но наспроти кого?
Паметен си
Но кому корист од тоа.

Не би ги превидел твоите бенефити
Пеки бе, тоа што не го привидуваш чиво е?
Нема што да ти се преговори на твоето пријателство,
Пријатели кои ли ти се?

Сега добро сослушајне:
Ти душман си наш
Под некој ѕид ке те истопориме
Но пошто имаш многу добри страни
Пред еден добар ѕид ке те истопориме
Со добри куршуми
Кои молњат од добра пушка ке те стреламе
Потоа ке те погребаме
Со добра лопата
Во добра земја!!!

ПРЕДАВНИК (Назим Хикмет)

„Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.
„Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“
Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум предавник!
Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.
Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!