Движење за социјална правда

НАТО и противречностите во западниот империјализам

Бен Глиниецки и Хамид Ализадех

22.07.2016

 

Неодамнешниот самит во Варшава беше полн со противречности и напнатост меѓу членките на Пактот. На виделина излегоа кршливоста на моќта на НАТО и нестабилноста на светските односи.

 

(Забелешка: Статијата е напишана пред неодамнешните изјави на Доналд Трамп за НАТО и пред кризата која изби помеѓу НАТО и Турција. Овие настани сепак служат само за да се потврди генералниот процес кој е опишан во статијата.)

NATO_-_Nicolas_Raymond_CC_BY_2.0Водечката одлука донесена на самитот беше стационирањето на четири баталјона на мултинационалните сили во Полска и балтичките земји на ротирачка база. Ова беше договорено пред две години на самитот на НАТО во Велс, но на членките на НАТО им требаа две години за да присоберат 4000 војници, чија главна задача е да се обесхрабри руска агресија во регионот.

Но, идејата дека толку мала сила може да ја обесхрабри силната руска армија е смешна и НАТО веќе призна дека тоа не се сериозни борбени сили. Пред новите распоредувања, Пентагон и корпорацијата РАНД, важен тинк-тенк што води низа воени игри, откриле дека руската армија би можела да ги окупирабалтичките земји за 60 часа. Корпорацијата РАНД предлага распоредување на минимум седум бригади (т.е. помеѓу 30 и 40 илјади војници!) придружени со значајна воздушна и логистичка поддршка за да спречи таква инвазија. Дури и тогаш, пишуваат тие, таа сила „нема да биде доволна за одржлива одбрана на регионот“.

Наместо таква сила, самитот заклучи дека распоредувањето на четири баталјони, секој по 1000 војници, е „знак“ на поддршката на НАТО кон нејзините источноевропски членки и „аларм“ кој, велат, ќе aктивира/иницира НАТО интервенција против Русија од големи размери во случај на „агресија“. Бидејќи НАТО самите признаа дека овие војници сами по себе не можат да пружат голем отпор против било каква руска офанзива, тие во основа се распоредени како топовско месо, за нивната смрт да може легално да ги присили нивните матични земји кон мобилизација на поголема сила.

Се разбира дека воената сила на НАТО и американскиот империјализам е ненадмината во светски рамки. Тие сепак беа ослабени од ефектот на кризата на глобалниот капитализам. Така, во повеќе случаи, тие се неспособни да делуваат, a ослабена е и нивната вистинска способност да ги бранат своите сфери на влијание.

 

Источна Европа

Воената криза на НАТО која се покажа на самитот е производ на домашната слабост на државите членки на пактот. Но, ова е поврзано и со напнатоста и поделбите меѓу самите членки на НАТО.

Украинската криза и руската анексија на Крим беа сурово будење за НАТО. Посебно за источно-европските нации како Полска и балтичките држави, кои се чуствуваат загрозени од Русија. Тие посакуваат да се покаже сила на Путин. Владејачката класа на САД во принцип не е против ова. Распоредувањето на 4000 војници само по себе е агресивен потег. Но, НАТО е претпазлив од одење предалеку. Политичките и економските последици од војните во Авганистан и Ирак сè уште го прогонуваат политичкиот естаблишмент, а САД се загрижени да не провоцираат понатамошен конфликт со Русите во Источна Европа. „Симболичните“ 4000 војници се затоа само обид на САД да им удоволи на источноевропските сојузници, без да ја провоцира Русија.

По украинската криза, Русија зазеде поцврст став кон НАТО. Тоа е одговор на постојаното прикрадување на НАТО и провокациите кон Источна Европа, што беше руска сфера на влијание и што за неа е геополитички „слабата точка“. Русија распореди софистицирана противвоздушна и поморска одбрана, бомбардери и ракети во руската енклава Калининград, што се наоѓа помеѓу Полска и Литванија. Овие А2АД системи се наменети да им „оневозможат пристап“ на непријателските сили во овие региони. Во суштина, ова се сведува на неутрализација на многу од воените опции на НАТО. Понатаму, ракетите Искандер, распоредени во Калининград, имаат капацитет да бидат претворени во тактичко нуклеарно оружје.

Ова е многу загрижувачко за владејачките класи во Источна Европа.  Еден аналитичар од Европскиот совет за надворешни работи ја објасни загриженоста на источноевропските земји: „Тие велат дека ’не можат да сметаат ниту на Вашингтон, ниту на Берлин‘ и тоа ги прави двојно нервозни.“ Еден дипломат од Источна Европа анонимно изјави: „Ние сме ранливи на срањето што би можело да започне неволја, повеќе сум нервозен за Русија отколку за исламистичката информатичка војна.“

Распоредувањето на 4000 војници на НАТО нема да ги задоволи овие земји. Гледајќи го (немањето) одговорот на НАТО и американскиот империјализам кон анексијата на Крим и млитавиот резултат од самитот, којшто требаше да спречи слични понатамошни инциденти, лидерите од Источна Европа се загрижени за иднината. Тие не можеа, а да не ја доловат патетичноста на статусот на украинскиот претседател Петро Порошенко, кој кружеше наоколу потсетувајќи ги присутните за ургентноста на преземањето чекори против Русија во Крим. Освен напнатите насмевки и „тапкањето по рамена“, тие сепак не презедоа акција за смирување на Украинците. Полска и другите источноевропски земји исто така хистерично повикуваа на силен одговор на НАТО кон Русија, но без резултат.

Како што се позиционира Русија во регионот, самите внатрешните поделби и колебањето на НАТО се доволни за пораст на руското влијание во Источна Европа, при што владејачките класи сфаќаат дека им треба добрата волја на Русија. Земјите во регионот сè повеќе ќе  инклинираат кон усвојување ставови независни од интересите на американскиот империјализам. Ова во иднина ќе води кон сè поголема нестабилност.

 

ЕУ и НАТО

Главната цел на самитот, од гледна точка на американскиот империјализам, беше да се осигури и одбрани сферата на влијание во Источна Европа, дополнително да се изолира Русија и, најважно, да се притисне ЕУ – особно Германија и Франција – да преземат поголема улога во овие мерки. За таа цел бепе потпишана декларација ЕУ-НАТО за поголемо интегрирање на ЕУ во Пактот. Но, и покрај учтивоста и формалностите, на самитот постоеше голема празнина помеѓу владејачките класи на САД и европските земји.

Владите на Западна Европа се колебаат во нивното поставување против Русија. Премиерот на Италија неодамна учествуваше на форумот во Санкт Петербург, конференција слична на Давос, при што домаќин беше Путин, која беше игнорирана од повеќето европски лидери. Всушност, непосредно пред самиот НАТО самит, Оланд и Меркел остварија онлајн средба со Путин за дискусија на работите од самитот.

 

За време на самитот, Оланд ја зацементира својата позиција велејќи дека „НАТО нема никаков удел во одредувањето какви треба да бидат односите на Европа со Русија; за Франција, Русија не е непријател, ниту закана.“ Подоцна тој ја дообјасни изјавата, но позицијата беше јасна: Франција сака да ги подобри врските со Русија.

Пред самитот се организираше голема воена вежба во Полска, операцијата Анаконда, со учество на 30 илјади војници од 24 различни држави. Ова беше најголема Западна воена вежба во источна Европа било кога и беше со цел да ù се покаже на Русија силата и единството на НАТО. И покрај големиот притисок на Полска и САД, таа не се материјализираше како официјална вежба на НАТО поради отпорот на ЕУ, а посебно на Германија.

Германскиот министер за надворешни работи, Франк-Валтер Штајнмаер, ја нападна вежбата како „гласно ѕвечкање и воени врисоци“ и тврдеше дека НАТО не треба „да нуди поводи за обнова на старата конфронтација.“

Статијата во Њујорк Тајмс,  Дали НАТО сè уште постои?, го објаснува значењето: „Да, тоа беше само вежба. Но кога Полска ги повика своите сојузници од НАТО минатиот месец да помогнат во одбивањето на хипотетички освојувачи кои се истурија на земјата од исток, Германија беше иритирана. Вежбата, наречена Анаконда – со 25 илјади војници од повеќе од 20 земји, најголемата по крајот на Студената војна – беше со намера да се прати порака до Москва, приказ на сила пред самитот на Пактот оваа седмица во Варшава. Берлин упати своја порака до Полска, придонесувајќи со 400 војника, од кои ниту еден не беше за борба.“

Она што требаше да претставува став против Русија и зацврстување на Полска и балтичките држави само ја изложи слабоста на НАТО и внатрешните поделби во ЕУ.

Колку САД и Полска да сакаат Франција и Германија да се спротивстават на Русија, постои мала волја кај Германија, каде големите бизниси се нестрпливи да се тргнат санкциите против Русија. „Русија во моментов не е посебно заинтересирана за дијалог и треба да ја опсипаме со понуди,“ – Волфганг Ишингер, шеф на Минхенската конференција за безбедност и поранешен амбасадор на Германија во Вашингтон, напиша во колумната до редакцијата на Шпигел Онлајн.

Многу врвни германски компании инвестираа големи пари во Русија и сакаат да го расчистат патот за експлоатација на тие инвестиции. Западна Европа, исто така,  во голема мера е зависна од рускиот природен гас. Далеку од намалување на оваа зависност, Берлин приготвува план за изградба на втор гасовод под Балтичкото Море за поврзување на Русија со Германија. Овој гасовод ќе ги заобиколи центролно-европските земји, кои заработуваат милијарди од транзитот на рускиот гас што се упатува кон западна Европа. Со овој гасовод Западна Европа ќе остане недопрена од евентуалниот прекин на снабдувањето од Русија, доколку се случи конфликт сличен на оној со Украина.

Згора на тоа, германската јавност силно се противи на дуел со Русија. Околу 81% од Германците се за поблиски врски со Русија, веднаш по Франција, според априлската анкета на Фондацијата Кербер. Самиот Штајнмаер, кој е социјалдемократ и помек кон Русија од Меркел, е најпопуларниот политичар во Германија – а неговата позиција кон Русија е еден од факторите на таа популарност.

 

Ефектите од Брегзит

Британија, традиционално е гласноговорник на САД во ЕУ и противтежа на Франција и Германија, кои се понезависни од американската политика. Британија беше, на пример, инструмент на поттикнување и задржување на санкциите против Русија.

 

Иако Британија ќе остане да биде членка на НАТО, нејзиниот излез од ЕУ ќе има ефект врз притисокот во спротивен правец во самата Европска унија. Германија, Франција и Италија се залагаат за повторно ангажирање со Русија по тврдиот став што го заземаа по руската анексија на Крим. Со ослабнетата Британија тие ќе се соочат со помал отпор. По сè изгледа дека ќе омекнат односите помеѓу ЕУ и Русија во претстојниот период.

Американскиот империјализам ја турка Европа да преземе поголема улога, поради релативниот пад на своите моќи, но бидејќи ги посведочија и искусија катастрофалните војни во Ирак и Авганистан, европјаните, кои имаат доста свои проблеми, немаат намера да се впуштат во нова економски и политички скапа авантура. Далеку од сонот за моќна европска воена сила, ЕУ е обземена од длабока криза и нема намера дополнително да ја продлабочи со влегување во нов конфликт.

Популистичките и националистичките трендови што напредуваат во држави како Германија, Франција, Бенелукс и скандинавските земји, не ставаат само знак прашалник на иднината на ЕУ, туки исто така водат кон зголемена изолациска надворешна политика. Со помал апетит за конфронтација меѓу владејачките класи  од западна Европа и нивната отворена противтежа кон источноевропските соседи, кои се чуствуваат изложени, односите помеѓу ЕУ и Русија можат да станат дополнителен извор на конфликт и криза во рамките на ЕУ. Тоа е нешто што, и без да кажеме, Путин е способен добро да го искористи за свој бенефит.

 

Соединетите Американски Држави

Најголемиот фактор за падот на НАТО е кризата на американскиот империјализам. Војните во Ирак и Авганистан ги покажаа границите на империјализмот на САД. На самитот, по средбата, Ангела Меркел објасни дека преговорите со Талибанците мора да бидат дел од решението на проблемите во регионот. Тоа е далеку различен став од оној на САД пред една деценија, самоуверен за целосното збришување на Талибанците. Гледајќи дека не се способни да ги поразат овие примитивни борци, тие се присилени да направат компромис со дел од нив. Во Ирак, состојбата не е баш подобра, затоа што Американците се повикаа на Ирански трупи и посредници во борбата против Исламската Држава.

Империјализмот на САД, од тогаш, влезе во социјална, економска и политичка криза, којашто го спречува воено да интервенира во светски рамки. Путин ја искористи слабоста кога Русија го анектираше Крим, во време кога САД не можеа ништо друго на направат освен да се дерат и пиштат.

Веројатноста дека ќе настане промена при овие околности е мала. Класната и политичката поларизација на САД води кон издигнување на лидери како Доналд Трамп и Берни Сандерс, при што обајцата имаат изолациска надворешна политика. Доналд Трамп, кој може да стане Претседател на САД, го нарече НАТО „застарен“, а европските земји „гребатори“ и се закани со повлекување на американските војници ако ЕУ не плати повеќе на Пактот. Изолационизмот како политички тренд се проширува во естаблишментот на САД, па дури и Обама даде изјави слични на тие на Трамп. Ако дојде до тоа, европските лидери нема да имаат избор освен да го откријат блефот на Трамп, бидејќи европските државни резерви се празни.

Дури и во Европа, САД наидуваат на слабо ехо на нивните гласови. САД се сложуваат со распоредување на неколку илјади војници, но сакаат претежно Европа да ги снаби со неопходните трупи против Русија. Франција и Германија, пак, не се заинтересирани. Тие дури се и подналутени на пат-позицијата со Русија, што ја сметаат за политичка и економска напаст.

 

Русија

По колапсот на Советскиот Сојуз, империјализмот на САД се појави како единствена суперсила во светот. Иако во повеќе пригоди им ветија на руските лидери дека нема да се наметнуваат во руските традиционални сфери на влијание, тешко беше да се одолее на лесниот плен. НАТО се прошири длабоко во традиционално руските области, во основа опколувајќи ја Русија со НАТО бази. Всушност, работната вечера на самитот беше арогантно организирана во претседателската палата во Варшава, каде што во 1955 година беше потпишан Варшавскиот договор.

thumb_NATO_and_the_Warsaw_Pact_1973_-_Alphathon_CC_BY-SA_3.0

НАТО и државите од Варшавскиот Пакт во 1973

thumb_Map_of_NATO_countries_-_Donarreiskoffer_CC_BY-SA_3.0

НАТО денес

НАТО, исто така, изложи план за ракетен штит против Русија и интервенираше во Југославија, распарчувајќи ја државата, и постави постојани бази на НАТО.

За Русија, тоа се агресивни провокации со која таа воено се изложи на можни удари. По колапсот на СССР, беше премногу слаба, па не можеше да направи многу освен да го набљудува агресивното прикрадување на НАТО кон своите граници.

Пресвртницата беше Грузија 2008 година, каде руската војска го оневозможи обидот помогнат од ЦИА за привлекување на земјата во НАТО. Четири години подоцна, Русија реагираше и на друга провокација поддржана од ЦИА во Украина преку анексијата на полуостровот Крим. Во двата случаја, западниот империјализам остана понижен и онеспособен.

 

Сирија

Во Сирија, исто така, САД со своите турски и саудиски сојузници направија агресивен потег против руски сојузник, којшто има важна руска поморска база. Интервенцијата на Русија во Сирија потполно ја смени рамнотежата на силите во граѓанската војна, препуштајќи ја судбината на завојуваните страни во рацете на Путин. Со интервенцијата се открија границите на империјализмот на САД.

Турција се противеше на руската интервенција, но Западот, а посебно САД, не беа заинтересирани за агендата на Турција. Турција се обиде да го повика НАТО да влезе и да ја спаси нивната империјалистичка интервенција – во која на почетокот тие се впуштија заедно со САД и Саудиска Арабија. Тоа беше причината за соборувањето на рускиот млазен авион во октомври минатата година. Всушност, Турција се повика на членот 4 од НАТО пактот два пати од почетокот на сириската граѓанска војна, а се закани и за трет во јули 2015 по масакрот во Суруч. Ердоган се обидува да ја вовлече целата сила на НАТО во војна, но првичните планови на западните владејачки класи не поминаа дури ни во нивните парламенти. Во пактот немаше апетит да се влезе во војна по приклучувањето на Русија.

Ова беше повик за будење за сите оние кои мислеа дека влегувањето на Путин во сириската граѓанска војна ќе води до крај на групите поддржани од САД, Саудиска Арабија и Турција.

Со минимални ресурси Русија успеа не само да го спаси животот на режимот на Асад, но и империјализмот на САД кој се соочи со сериозни проблеми. Руската деескалација во март годинава беше осмислена со цел да се одржи рамнотежата на силите на врвот на острицата на ножот, овозможувајќи му на Путин моќ против сите страни.

На крајот, добивајќи минимална поддршка од НАТО и земјите на ЕУ, а чувствувајќи ги ефектите на наметнатите санкции од Русија, како и заканите за прекин на снабдувањето со природен гас и зголемениот притисок на турските послушнички сили во Сирија, Ердоган мораше да отстапи. Ова е причината зад неговиот брз пресврт, при што неговата влада повика на нормализација на врските со режимот на Асад и Русија, на која „ù се извини“ за рушењето на млазниот авион минатиот октомври. Како одговор на тоа, се чини дека Русија и режимот на Асад сигнализираат подготвеност за обединување со Турција за рушење на курдската енклава Рожава во подоцнежните стадиуми.

Далеку од почетната врева за руската интервенција, САД, гледајќи ја комплетната пропаст на  нивниот план во Сирија, се согласија на блиска соработка со Русија за да се заврши војната. Нивото на понижување за Ердоган и Обама во Сирија е исклучиво во рацете на Владимир Путин. Несомнено се потсетија на ова кога ги читаа вестите за опсадата на Алепо за време на самитот на НАТО.

Со создавање на де факто замрзнат конфликт во кој се вклучени сите блискоисточни сили, Путин се издигна како главна сила вo целиот регион. Во последната година имаше поток од министри за надоврешни работи од Блискиот Исток во Москва кои се натпреваруваа за наклоноста на Путин. Односите на Путин со Нетанјаху изгледа дека се потопли отколку на Нетанјаху со Обама.

Соочени со кризата на империјализмот на САД, Русија се вклучува таму каде што се создаде вакуум и каде што земјата имаше некаква претходна инфраструктура. Во Либија, на пример, Путин се договара со генералот Хифтер, кој го предводи најсилното движење во земјата, кое им е очајно потребно на другите (исламистички) движења поддржани од Западот за создавање обединета влада. Иако Русија нема поголеми интереси во Либија, Путин знае дека Западот, а посебно ЕУ, со нетрпение сакаат да се смират конфликтите таму. Со тоа Путин добива предност.

Во Европа постои страв од руското мешање. Гледајќи го расцепот на Европската унија, Путин може да добие влијание во источноевропските земји и со тоа да добие предност во ЕУ како целина. Самата закана од можноста за вакво сценарио е доволна да влијае на одлуките на Франција и Германија денес. Русија, која сè уште е економски слаба, ја користи воената сила, делумно остаток од советското време, за да стане глобална сила која западните сили мора да ја имаат предвид во своите одлуки.

 

НАТО и кризата на капитализмот

НАТО е основан во 1949 година. Влијанието на Студената војна и повоениот економски бум создадоа услови за конвергенција на интересите. Напнатоста помеѓу Западот и Советскиот блок беше екстремно голема, додека самиот бум ги смири внатрешните натпреварувања меѓу членките на НАТО. Тоа беше основата за обединување на нациите членки, која е подлога на НАТО, формализирана во членот 5 на Пактот,  „заклетвата на мускетарите“.

Денес, пак, кризата на капитализмот и нејзините ефекти на светски план драстично го променија контекстот. САД има историски висок јавен долг, социјална криза и класна поларизација во пораст – сето тоа водејќи ја кон длабока политичка криза. Со тоа се ограничува способноста за интервенција во светски размери, како што можеа порано. Не е подобра ни Европа. Европската унија пука, а британскиот глас за Брегзит имаше домино ефект за кризите кои се подготвуваа изминатиот период.

Италијанската банкарска криза е само една од нив, но сепак е огромна и влијае на германскиот финансиски систем, кој е срцето на европскиот капитализам. Сето ова се одразува назад врз глобалната криза. Овој самит покажа дека силата на НАТО е намалена, поради истата причина од која страдаат другите нивоа на општеството.

И покрај обидите да се глуми дека ништо не се случило Гардијан известува за различното расположение зад сцената: „Сепак, службеник на НАТО кажа дека темата поттикна нервозни разговори зад сцената, пред одржувањето на самитот. Како да не влијае на западната кохезија? Како може милијарди збришани од пазарна вредност да немаат влијание врз перцепцијата за западната сила?“

Друг коментатор, Кшиштоф Блуш, кажа: „Без оглед на тоа како и кога ќе се случи Брегзит, ќе се создаде ситуација каде земјите членки на НАТО ќе бидат повеќе свртени навнатре, повеќе преокупирани со нивните национални тенденции. Веќе постои импулсот, но ова дополнително ќе го одвлече вниманието, а Кремљ нема да ја пропушти шансата да ја искористи ситуацијата.“

Како што ги настрвува меѓусебно националните капиталистички класи, економската криза исто така го поплочува патот за пораст на класната борба, а со тоа и политичките превирања на Западот. Политичката стабилност што беше изградена врз основа на повоениот економски бум е на својот крај. Од една европска земја до друга, етаблираните политички партии на владејачката класа губат легитимитет и се здобиваат со влијание нови левичарски и десничарски партии. Ставот кон воените интервенции е исклучително критичен и партиите имаат сè послеба волја да ја ризикуваат политичката иднина во империјалистички авантури со мали шанси за успех.

Се разбира дека НАТО е сè уште важна алатка на западните владејачки класи за потчинување и експлоатација на нациите ширум светот. Но, едно е јасно – не постојат условите што го создадоа НАТО. Всушност, како што тоа беше срочено во една неодамнешна статија во Њујорк Тајмс: „Тешко е да се замисли дека Европа и САД, ако имаат прилика во 2016 година, воопшто би напишале друг Член 5.“

Резултатот е влегување на НАТО во период на кризи, што избувнуваат од противречностите помеѓу сегашните објективни околности и пактот од минатото. Најинтелигентната буржоазија го согледува ова и се загрижени за реперкусиите од голем инцидент на кохезивноста на НАТО: „Лесно е да замислиме како би се одиграло сценариото: Полска и балтичките земји ќе повикаат на силен одговор за претходно да спречат анексија слична на Крим. Германците и Французите ќе одговорат со повик за преговори со Москва, сомневајќи се дека ќе се повика Членот 5. Грците, Италијанците и Шпанците ќе кажат јасно дека нивните економии веќе страдаа доволно од санкциите кон Русија по анексијата на Крим. А голем дел од јавноста во Европа, манипулиран од руската пропаганда, ќе се запраша да не се некако Русите во право што им даваат поддршка на своите сонародници во балтичките земји. Не беше ли сето ова го наместено од империјалната САД, некои други ќе речат, исто како што агентите на Вашингтон беа зад државниот удар во Киев?“ – Дали сè уште постои НАТО?

Во овој контекст, Русија може да одигра клучна улога на глобално ниво со искористување на кризата на западниот империјализам. Владејачките класи на западна Европа се будно претпазливи да не испровоцираата мешање на Русија во случувањата во ЕУ, а оние од Источна Европа се плашат од Руска воена и политичка интервенција во нивните. Овој страв сам по себе е доволен за да се зацврсти влијанието на Русија во регионот.

Кризата и падот на западниот империјализам – најреакционерната сила на планетата – е дел од општата криза на капитализмот. Во следниот период ќе се зголеми нестабилноста и напнатоста меѓу нациите, но ќе има и импулс за поостра класна борба. Единствената алтернатива на варварството кое го носи империјализмот е меѓународно револуционерно работничко движење. Како што ќе излегуваат противречностите на виделина и ќе се разоткрива кратковидата корумпирана природа на владејачките класи, основата за изградба на такво движење исто така ќе јакне.

Оригиналниот текст е достапен тука: NATO and the contradictions within western Imperialism

Превод од англиски јазик: Алек Атевиќ

ДСП Ленка

0
img

Цитати
  • Ти го имаш твојот начин. Јас го имам мојот. Што се однесува на правилниот начин, точниот начин, единствениот начин, тој не постои. Фридрих Ниче
Видео
Неколку прашања до добриот човек: (Бертолд Брехт)

Добар чоек си разбравме,
Но за што ти служи добрината?

Тебе да те купи никој не може
И молњата што дома удира
Не може со пари да се купи.
Разбравме што говориш. Ти кажав нели
Но што тоа кажувш
Прав си, збориш тоа што милиш,
Но што ли мислиш?
Храбар си
Но наспроти кого?
Паметен си
Но кому корист од тоа.

Не би ги превидел твоите бенефити
Пеки бе, тоа што не го привидуваш чиво е?
Нема што да ти се преговори на твоето пријателство,
Пријатели кои ли ти се?

Сега добро сослушајне:
Ти душман си наш
Под некој ѕид ке те истопориме
Но пошто имаш многу добри страни
Пред еден добар ѕид ке те истопориме
Со добри куршуми
Кои молњат од добра пушка ке те стреламе
Потоа ке те погребаме
Со добра лопата
Во добра земја!!!

ПРЕДАВНИК (Назим Хикмет)

„Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.
„Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“
Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум предавник!
Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.
Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!