Движење за социјална правда

Македонија – безизлез на либералната демократија

 

Случувањата во Македонија во последните 2 години покажаа дека преговорите на политичките елити немаат капацитет да исплодат вистински одржливи решенија за системските проблеми кои генерираат простор за криминална и авторитарна пракса.

 

По бранот на протести во мај 2015 годинасе случија оставки на високи владини функционери. Тогаш и завршија протестите кои кулминираа со масовен митинг на 17 мај 2015 година организиран од најголемата опозициска партија, а поддржан од помали опозициски субјекти и невладини организации, (види линк на англ. http://www.marxist.com/which-way-forward-for-mass-movement-in-macedonia.htm)  Токму тие што дадоа оставки беа директно инволвирани во криминалните активности кои беа обелоденети од т.н. политички бомби. Атмосферата која се создаде со оставките беше атмосфера на еуфорија и се чувствуваше победата од страна на масовното движење. Сепак, оваа почетна победа не се искористи во правилна насока, т.е. енергичноста кај протестното движење се расеја во карневализација на револтот и кампување пред зградата на Владата, наместо да се продолжи со вистински протести и со други можни методи на борба (окупации, блокади и сл).

Јуни 2015 година за македонската политичка историја ќе биде забележан како месец кога лидерите на четирите најголеми партии (по две политички партии од македонскиот и албанскиот етнички блок) потпишаа договор за излез од кризата со посредство на ЕУ, којшто послужи за одолговлекувањето на правната разрешница на криминалните активности на власта. Договорот го придуши протестното движење — а многумина се осетија изневерени затоа што четирите богати и криминални клики не ги претставуваат нивните интереси.

Намерата на СДСМ уште од старт е определба да седнат на преговарачка маса, па затоа оваа најголема опозициска партија, минатата година, имаше за цел да ја подобри својата преговарачка позиција со власта. Антирежимските граѓански протести со кои се бараше демократија и системска политичка промена СДСМ ги монополизира и ги жртвуваше пред олтарот на тесно-партиските интереси. Нашето мислење и тогаш беше дека  Протестното движење и уличниот револт беа искористени за трговија, со цел опозициската СДСМ да има удел во извршната власт. Притоа, овој договор беше дочекан со доза на триумфализам од страна на СДСМ, дека конечно дошол „спасот за државата“.

Тоа е причината поради која на преговорите со посредство од Европската унија, четирите најголеми партии склучија договор за формирање на нова техничка влада, за формирање на Специјално јавно обвинителство, враќање на опозиционерите во Собранието, како и одржување на предвремени парламентарни избори во месец април 2016.

Ние уште тогаш предупредувавме дека ваквиот начин на решавање на кризата со спонзорство на ЕУ и претводени од елитите е погрешен и нема да доведе до исход кој би бил позитивен за големото непривилегирано мнозинство.

Во јануари, 2016 година, премиерот Никола Груевски поднесе оставка, согласно јунскиот договор и на негово место, во својство на претседател на техничката влада, застана негов партиски послушник. И покрај козметичките интервенции во политичкиот простор, Никола Груевски остана реалната инстанца на моќ меѓу широките народни слоеви. Не настана никаков ребаланс на политичката моќ. Во новата влада, министрите на СДСМ се соочуваа со најдрска саботажа и така нивниот удел беше номинален. Сите одлуки на министрите од СДСМ беа поништувани на ниво на Влада и се соочуваа со отворена непослушност од страна на партизираната структура на институциите со кои де јуре раководеа.

 

 

Сегашната состојба

Според јунскиот договор, како ад хок инструмент за решавање на кризата беше создавањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), паралелна институција уредена со посебен итен Закон, со мандат за процесуирање на обвинувањата за криминалните активности, содржани во прислушкуваните разговори. Специјалното обвинителство кое е формирано во октомври 2015 година, и покрај притисоците, негодувањата и заканите од судските органи, фингирани од ВМРО-ДПМНЕ, работеше со полна пареа и со искрени намери, но на 12 април 2016 година Претседателот на Македонија излезе со широка противправна аболиција и ја уништи целата работа и смислата на постоење на ова јавно обвинителство. Аболицијата на Претседателот предизвика бурна реакција и иницира нов бран на протести кои траеја повеќе од 50 дена.

ВМРО ДПМНЕ со блага поддршка на коалиционите партнери ги одложи изборите од април 2016 и распиша избори за 5 јуни 2016 година. СДСМ и другите опозициски партии најавија бојкот на таквите избори, бидејќи сметаа дека не се исполнети условите за одржување на истите. Во планираниот предизборен период, по смислената одлука на Уставниот суд да се укине член од законот со кој се огранучува моќта на претседателот на републиката за амнестија, очекувано се случи прогласувањето на широката аболиција, каде Претседателот ослободи од кривично гонење 56 лица по било каква основа.

Чинот на Претседателот на републиката доведе до масовен револт, прво во главниот град, а потоа и низ целата земја. Популарно овие протести беа наречени „Шарена револуција“, според лајтмотивот на секојдневните протести: боењето на квазиантичките и квазибарокните споменици и градби кои се дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“ (2008-2016), еден од најекспонираните криминални јазли на оваа власт. Листата барања, освен повлекување на аболицијата, вклучува и барање за оставка на Претседателот, оставка на сегашната влада и формирање на преодна влада, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање на специјално одделение при Кривичниот суд, одложување на парламентарните избори, вклучување на цивилниот сектор во преговорите и нивно одржување искучиво во рамки на националната територија.

На 8 јуни 2016, Претседателот Иванов ја повлече својата одлука за широка аболиција, кратко време пред тоа, беше исполнето и барањето за одложување на парламентарните избори. Иако секојдневните протести вршеа постојан притисок за правење на овие отстапки на владејачката клика, тие беа во голема мера условени од меѓународниот притисок, насочен, пред се кон откажување на албанските партии од учество во изборите. Згора на тоа, министрите од редовите на СДСМ повеќе не се дел од владата. Со тоа и официјално пропадна јунскиот договор и се покажа импотентноста на Европската унија да помогне во ефективното расчистување на криминалот на владеачите.

Да резимираме, граѓанските протести во последнава година и пол, не предизвикаа реални отстапки на власта за разрешување на криминалот, коруптивното владеење и ерозија на демократските права. Сите обиди за решавање преку инструментите на Собранието и другите легалистички формално методи се изиграни. Криминогената власт се покажа дека ги почитува и исполнува барањата на империјализмот во врска со бегалската криза.

Од денешна перспектива, СДСМ и опозицијата е практичен губитник на политичката битка, но најголемиот цех го плаќа народот. Десничарското владеење на ВМРО-ДПМНЕ се карактеризира со драстично намалување на работничките и човековите права, со реален пад на платите на работниците, зголемување на профитите на малкуте капиталисти и достигнување на најголема класна раслоеност во Европа и земјите од поранешниот Советски сојуз од земја која пред десетина години беше една од најегалитарните според ЏИНИ индексот (мерка на нееднаквост).

Клиентелизмот и корумпираноста – рак-рана на неспособниот капитализам, се одраз на авторитарниот режим. Еден тесен привилигиран слој на бирократи успева да раководи со стопанството со брутални методи кои совршено ги експлоатират системските недостатоци на либералната демократија. Оваа појава не е заклучена во националните рамки на Македонија, туку е транснационален феномен, кој во различен форма, обем и интензитет, е изразеа во целиот блок на источно-европски земји каде бирократизмот на сталинистичките партии се претвори во бирократизам за репродукција на капитализмот.

Сето ова предизвика зголемување на бројот и интензитетот на несиндикални протести по 2009 г., Протестите  беа реакција а) против новиот урбанистички план на власта каде се трошеа огромни количини на пари, во услови на галопирачки раст на бедата, б) прикривањето на убиство на млад човек од страна на полицијата, в) смртта на болни деца поради мерките на штедење во здраството г) затворање на новинари или политичари кои беа против актуелната власт д) загадувањето на воздухот (Скопје е најзагаден град во Европа во зимските месеци).

Она што е важно за горенаведените  протести е нивниот неуспех да предизвикаат промена или отстапка на власта. Во меѓувреме во декември 2014 студентите успејаа да се организираат, организираа масовни протести и со свои барања ја принудија до тогаш непопусливата власт на отстапки. По овој студентски бран, се јавија учениците и професорите кои исто така добија привремено пауза од постојаните атаци на власта. Успешно завршија и протестите на хонорарците кои рекоа стоп на експериментите на власта со оданочување на еден од најпауперизираните слоеви на висококвалификуваните работници.

Власта имаше стратегија за придобивање на синдикалното раководство на сите синдикати и за овие 10 години притисоците доведоа до тотално ослабување и одземање на моќта на најбројните синдикални федерации. Неформалното сојузништво на синдикалните бирократи со владеачката елите се манифестира со примена на екстремни бирократски методи врз синдикалното движење. Не се ретки ни примерите на нелегално назначување на раководство, на насилни синдикални состаноци, на заплашувања, на грубо исфрлање на членови на синдикат или старото непослушно раководство итн. Како пркос на диктаторската политика со синдикалното движење, останаа неколку грански синдикални организации. Во моментов на пишување еден од нив има штрајк веќе две седмици. Сидникатите во Македонија драстично го намалија својот број на членови. Тоа е последица на неспособноста на раковидството на синдикатите да застанат на патот на рушењето на работничките права.

Друга манифестација, покрај синдикатите, на класната свест се растот и силата на работничките партии. Таква масовна работничка партија нема. Главната опозициска СДСМ за овие 25 години беше и остана партија која промовира либерални идеи, која помогна при реставрацијата на капитализмот и при тоа учествуваше во криминалното обезвреднување на општествениот и државен имот, и создаде екстремно богат слој на капиталисти. СДСМ е партија за зголемување на граѓанско-либералната политичка агенда, а никогаш не била ни социјал-демократска партија во суштина. Таа постојано го губи членството, но и гласачите. Покрај изборните измами на владеачката ВМРО-ДПМНЕ што има голем удел во нивните изборни победи во последните 10 години, останува и констатацијата дека СДСМ не нуди алтернатива на власта.

Крај на ова владеење на коруптивни политичари, длабоко заплеткани во криминални зделки, не може да се понуди на основа на моралот и етиката. Проблемот е капитализмот инсталиран во оваа земја на периферијата. Во таа смисла, група на антивладини активисти, учесници во протестите, кои покажаа резерва и критика на политиката на опозицијата, а кои се дел од неколку левичарски и комунистички организации создадоа политичка партија Левица. Кон партијата набрзо се приклучија неколку синдикалци, како и други антинационалисти и антикапиталисти.

Левица е прв значаен поголем обид за создавање на масовна работничка партија, која по многу карактеристики излегува од поимот на партија на македонскта политичка сцена – единствени против капитализмот, за социјализам, против НАТО пактот, за работнички права, за радикална смена на даночниот систем итн., а сево ова без вообичаената финансиска поддршка од богаташите, како што имаат сите други.

Левица очекува дека на претстојните избори ќе успее да влезе во Собранието и отворено за прв пат во поновата историја работничката класа да има свој автентичен претставник. Задача на марксистите во Македонија е да се погрижат новата партија да развие вистинска револуционерна алтернатива на сегашниот систем.

 

ДСП Ленка
Јуни, 2016
(А.Атевиќ, Д. Лутовски, А. Јованчевски)

 

Текстот беше објавен на веб страната на Интернационалната Марксистичка Тенденција „In Defence of Marxism“ на англиски јазик:

http://www.marxist.com/macedonia-dead-end-of-liberal-democracy.htm

0
img

Цитати
  • Ние ни сега не сме, ни тогаш не бевме феминистки. Не се боревме против мажите. Не сакавме машката хиерархија да ја замениме со женска. За да постигнеме социјална револуција, неопходно е да работиме и да се бориме заедно. Но потребна ни беше наша сопствена организација за да се бориме за себе. Mujeres Libres
Видео
Неколку прашања до добриот човек: (Бертолд Брехт)

Добар чоек си разбравме,
Но за што ти служи добрината?

Тебе да те купи никој не може
И молњата што дома удира
Не може со пари да се купи.
Разбравме што говориш. Ти кажав нели
Но што тоа кажувш
Прав си, збориш тоа што милиш,
Но што ли мислиш?
Храбар си
Но наспроти кого?
Паметен си
Но кому корист од тоа.

Не би ги превидел твоите бенефити
Пеки бе, тоа што не го привидуваш чиво е?
Нема што да ти се преговори на твоето пријателство,
Пријатели кои ли ти се?

Сега добро сослушајне:
Ти душман си наш
Под некој ѕид ке те истопориме
Но пошто имаш многу добри страни
Пред еден добар ѕид ке те истопориме
Со добри куршуми
Кои молњат од добра пушка ке те стреламе
Потоа ке те погребаме
Со добра лопата
Во добра земја!!!

ПРЕДАВНИК (Назим Хикмет)

„Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.
„Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“
Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум предавник!
Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.
Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!