Движење за социјална правда

Класните димензии на борбата за слободно високо образование

 

 

slika

„Таа го чека само својот час —
Да биде глуво и спокојно и темно кога ќе рикне,
Ќе се оттиши,
Ќе гргне, да поклопи, да подави, да повлече,
Да се успокои во ширината. “

Блаже Конески: Стерна

 

 

Искуството на студентските движења во Македонија ја расчисти недоумицата во однос на прашањето како да се определи идејниот курс што секоја прогресивна и еманципаторна студетска иницијатива или организација треба да го заземе. Тоа емпириски ни покажа дека борбата за слободно и универзално достапно образование подразбира артикулација на КЛАСЕН ИНТЕРЕС. Во отсуство на загарантиран удел[1] на широките студентски маси во процесот на градење на образовните политики, кои имаат директни импликации врз нивната материјална состојба и општествена улога, студентите се во позиција на потчинета класа која е социјално ограничена и економски зависна од семејството, приватниот капитал (т.е. работодавците) и државните институции (кои се бирократизирани и окупирани од економските и политичките елити). Придонес кон таквата позиција на студентот имаат и неодговорната распределба на јавните средства предвидени за академскиот организам и реалните финансиски ограничувања за стекнување на статусот студент и користење на можностите што тој статус ги подразбира. Стана сосема јасно дека не може да имаме здрави механизми за застапување на студентскиот интерес ако немаме слободно образование, а не може да имаме слободно образование ако немаме слободен ПРИСТАП до универзитетите.

За некој колективен потфат да биде целисходен, неизбежно е да го почитува правилото дека стратешките заложби треба да ја детерминираат организациската структура и методологија, а не обратно. Занемарувањето на овој организациски аксиом генерираше сериозни пропусти во досегашните студентски иницјативи. Секое ново студентско движење треба да ги процени тие пропусти и да си зададе јасни принципи, долгорочни цели и автохтона дисциплина пред воопшто да размислува за организациската структура. За да не се повторат грешките,[2] процесот на оформување на јадрените програмски принципи на едно авангардно студентско движење мора да почне од анализа на материјалниот контекст што одредува кој реално може, а кој не може да биде студент и колкав простор за изградба и бранење на сопствените ставови им дозволуваат материјалните услови на студентите со различна економска ситуираност.

Ако го оставиме на страна прашањето за тоа дали идеите или материјалната подлога ги одредуваат моралните и политичките убедувања на поединците, сепак мора да прифатиме дека вредностите и барањата на која било група не можат да бидат огласени во отсуство на елементарни материјални услови. Тие првично ќе бидат предмет на субалтернација од материјалниот контекст, а дури потоа ќе се соочат со опозитните вредносни и идејни системи што ги застапуваат воспоставените центри на моќ. Во таа смисла, лицемерно би било студентското движење да се залага за еманципација од механизмите на идејна репресија, игнорирајќи ја потребата од еманципација на потенцијалните студенти од механизмите на материјална репресија. Со други зборови, пред да почнеме со прегледот на идеи и предлози како да се изгради автономен и квалитетен систем на високо образование, ние мора да сфатиме дека секој модел што таа анализа ќе го исплоди ќе биде ексклузивен и инхерентно антагонистички без гаранцијата на правото на секој човек на БЕСПЛАТНО високо образование и отворено да го артикулираме тоа како заеднички став.

Јасно како ден е дека борбата за бесплатно, т.е. целосно јавно финансирано високо образование ќе повлече соочување со интересите на капиталот вложен во приватните универзитети. Нивното постоење е примарно условено од одржливоста, односно растот на профитот, а образовните „услуги“ што ги нудат се пазарно покритие на финансискиот интерес што го остваруваат. Но не само што постоењето на приватните универзитети е условено од непредвидливите пазарни флуктуации, туку постои и органска врска меѓу интересот на капиталот и идејните тенденции на приватните универзитети. Понекогаш имплицитно, но често и експлицитно приватниот универзитет го покажува својот капиталистички идеолошки предзнак преку пазарно прилагодениот пристап кон креирањето на образовните програми. Сепак, структурната критика на пазарната логика во образованието мора да се врзе со афирмацијата на идејата дека слободното образование е еден од супстанцијалните предуслови за достоинствен живот. Ако загрозувањето на профитот на приватните универзитети значи придобивка за целото општество и ако ги укинува класните односи во сферата на образованието, тогаш здравиот разум и совеста не се воопшто соочени со избор, туку им претстои единствено исправно решение: овозможување бесплатно високо образование за сите млади луѓе.

Понекогаш идејата за бесплатно високо образование се релативизира од страна на самите студенти, но тоа речиси секогаш се прави со небулозно противење на идејната монолитност на студентите по кое било прашање, наместо со структурна критика на аргументацијата во прилог на идејата. Културата на неолибералниот капитализам догматски ја брани и ја дисеминира заблудата дека различното мислење е апсолутна вредност, дури и по цена на отсуство на аргументација. Таа ја подрива обединетоста на студентите во име на „шаренилото“ на мислења, но јасно е дека разединетоста нејзе ѝ е потребна, првостепено, за да се одбрани интересот на крупниот приватен капитал и, второстепено, за да се разедини класниот непријател и да се перпетуира конкурентскиот пристап кон Другиот што лежи во основата на капиталистичката етика. Од друга страна, хомогеноста на прогресивното студентско движење во борбата за бесплатно високо образование произлегува од природата на барањето, кое е универзален принцип на слободното и егалитарно општество.

Универзитетот го оправдува својот статус само ако има сеопфатен и непристрасен пристап кон историјата и потенцијалите на научната мисла и искуство и ако е универзално достапен до сите поединци кои сакаат да го обогатат акумулираното знаење и да го стават во функција на општото добро.[3] Универзитетот по дефиниција е инкубатор на визијата за свет во кој можноста за слободен и еднаков развој на секој поединец е услов за колективниот развој. Знаењето, пак, е неотуѓиво јавно добро и никој не смее да го омеѓи од човекот што кон него пристапува. Оние што градат ѕидови за сиромашните и угнетените околу универзитетите, нека знаат дека ширината на знаењето е преголема за да се омеѓи. Порано или подоцна ќе се обединат силите на отфрлените и угнетените студенти и ќе ги потопат меѓите засекогаш!

Андреј Јованчевски
ДСП „Ленка“
Октомври, 2015

[1] Речиси никој веќе ја нема илузијата дека студентските парламенти го обезбедуваат тој удел и дека се автентични репрезантативни тела кои го бранат материјалниот, академскиот и политичкиот интерес на студентите.

[2] Како и во секој долгорочен потфат, потенцијалниот успех на студентското движење – кое својата борба за слободно образование ќе ја гради врз идејата за слободен пристап кон високото образование – дијалектички ќе ги оправда сите неуспеси на претходните движења во борбата за таа придобивка.

[3] Образовните колонии на крупниот капитал под чија сила атрофира грижата за општиот интерес и кои единствено инсталираат вештини за остварување на личниот интерес не заслужуваат да се наречат универзитети.

Цитати
  • Не вреднувам авторитети. Не вреднувам системи. Не ја вреднувам патријархалната религија. Не го вреднувам она кое те обезвреднува кога ја кажуваш вистината. Па не сум исплашена од крајниот исход и тоа е најголемото “средство” со кое располагам Susan Powter
Видео
Неколку прашања до добриот човек: (Бертолд Брехт)

Добар чоек си разбравме,
Но за што ти служи добрината?

Тебе да те купи никој не може
И молњата што дома удира
Не може со пари да се купи.
Разбравме што говориш. Ти кажав нели
Но што тоа кажувш
Прав си, збориш тоа што милиш,
Но што ли мислиш?
Храбар си
Но наспроти кого?
Паметен си
Но кому корист од тоа.

Не би ги превидел твоите бенефити
Пеки бе, тоа што не го привидуваш чиво е?
Нема што да ти се преговори на твоето пријателство,
Пријатели кои ли ти се?

Сега добро сослушајне:
Ти душман си наш
Под некој ѕид ке те истопориме
Но пошто имаш многу добри страни
Пред еден добар ѕид ке те истопориме
Со добри куршуми
Кои молњат од добра пушка ке те стреламе
Потоа ке те погребаме
Со добра лопата
Во добра земја!!!

ПРЕДАВНИК (Назим Хикмет)

„Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.
„Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“
Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум предавник!
Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.
Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!