Движење за социјална правда

ДЕН ПОСЛЕ ПОБЕДАТА НА ЏЕРЕМИ КОРБИН (И што тоа би можело да значи за Европа и Македонија)

 

KorbinЏереми Корбин е нов лидер на Лабуристичката партија во Велика Британија. И тоа со победа во првиот круг и освоени 59,5 проценти, оставајќи ги против-кандидатите со минорна поделба на остатокот гласови. Оваа вест одекна како бомба и уште на денот на објавата ја подели британската и светска јавност на два дела. Едни со голем ентузијазам споделија и со големи надежи гледаат на овој избор. Други го дочекаа на нож, повторувајќи ги старите и излитени напади кои секогаш ги добива левицата која се отргнува, барем за момент, од прегратките на капиталот.

Дали дуваат нови ветрови, ветрови на промена од Запад? Овојпат во обратен правец од тој од крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите? И дали овие ветрови ќе донесат промени и во останатите делови од Европа и пошироко?

 

 

Социјалдемократијата во Западна Европа и земјите во транзиција пред победата на Џереми Корбин

Одбраната на работничките права преку претставничката демократија донесе успеси и придобивки за работничката класа во земјите на Западна Европа. Но, од навидум цврстиот историскиот договор меѓу буржоазијата и пролетеријатот (склучен под влијание на притисоците на социјалдемократијата и синдикатите од внатре, и од “црвената опасност” од надвор) не останаа во важност ни суштествените состојки на договорот, а од “државата на благосостојба” (која се изгради на основите на тој договор) не останаа ни темелите. Впрочем, современите глобални текови укажуваа на се поголемо јакнење на моќта на сопствениците на капиталот, а драматично опаѓање на позициите на сопствениците на трудот. Ако работничките партии и социјалните движења го дигаат гласот против тоа, а немаат некаква реална моќ, тогаш социјалдемократските партии кои имаат реална моќ (како дел од двопартискиот систем) молчеа. Дефинитивно се увиде дека борбата за власт им е поважна од борбата за работничките права. Концепцијата на современата социјалдемократија (уште наречена и “третиот пат”) се адаптира на новите локални и глобални услови кои настанаа од 80-тите години на минатиот век па наваму со издигнувањето на локалното и глобално неолиберално крило на политичка и економска моќ. Во време кога крупниот капитал ги диктира условите и тековите на домашна и глобална сцена, социјалдемократите на Западот се додворуваа на тој капитал за да се извлече негова наклонетост за финансирање на кампањите, а социјалдемократите на земјите во транзиција беа и останаа послушни спроведувачи на политиките на меѓународните организации на глобалниот крупен капитал, за на тој начин, преку наклонетоста на меѓународната заедница, да ја осигураат подобноста на домашното владеење во еден ваков глобализиран свет. Севкупно и едните и другите не се држеа до своето изворно и традиционално гласачко тело – работничката класа. Наместо, како свое најсилно оружје, да ја придобијат еманципираната работничка класа, тие најмија спин- доктори, телевизии и весници. И наместо да ги имаат пред се`, интересите на работничката класа како убедливо најброен дел од гласачкото тело и со тоа да ги разбијат погубните политики на десничарите… социјалдемократите, напротив, им се придружија на своите противиници, преземајќи го нивниот однос кон избирачкото тело, однос на тактизирање, популизам, дневно и ситно политиканство, притоа формирајќи го владејачкиот, во подолг временски период, двопартиски систем кој ја раздвои работничката класа, ја збуни и ја направи лесно подложна на манипулација, не нудејќи и` класна анализа на проблемите, со што истата не може да го увиди својот интерес. Од таквиот прагматичен и опортунистички приод произлезе “третиот пат” на Тони Блер (обликуван под академското перо на Ентони Гиденс) и Герхард Шредер на Запад, и послушната политика на нивните пандани во земјите во транзиција.

 

Работничкото движење во капиталистичките земји на Центарот после победата на Џереми Корбин

Изборот на Џереми Корбин за лидер на Лабуристичката Партија во Велика Британија, имајќи ја предвид неговата долгогодишна кариера на кадар кој бил секогаш против Блеризмот, дава големи гаранции дека Корбин и мнозинството членови и поддржувачи на Лабуристите се одлучни во намерата за освојување на власта, со цел темелни промени во внатрешната и надворашната политика на Велика Британија. Тој потфат не ќе е нималку лесен. Десното крило (Блеристите) во Лабуристичката Партија сеуште постои и ќе ја искористи секоја шанса пак да го зграби кормилото на партијата. Од друга страна, Ториевците (Конзервативците) ќе се служат со сите веќе видени оружја кои им се на располагање во борбата против политиките кои не се во интерес на капиталот. Ширењето страв и параноја започна уште истиот ден кога Лабуристите го обзнанија за свој лидер Џереми Корбин. Прити Пател (член на Кабинетот, Minister of State for Employment) во првото интервју, нетипично за вкоренетиот бон – тон во политичкиот живот на островот, не најде за згодно да го честита изборот на новиот лидер на политичкиот противник, туку повторувајќи по неколку пати иста реченица го нападна изборот на Лабуристите прогласувајќи го како избор кој „ја загрозува националната сигурност, стабилноста на економијата и семејството“. Веќе следниот ден и премиерот Дејвид Камерон на социјалните мрежи истото го повтори. Така што, стравот и паранојата која ја шират и хистеријата на апологетите на крупниот капитал и слободниот пазар т.е противниците на социјалната држава, е охрабрувачки знак дека Лабуристите конечно, по подолго време, избрале претставник кој интересите на трудот ги става пред интересите на капиталот.

Останува да се види дали победата на Џереми Корбин позитивно ќе влијае во битката на Берни Сандерс против Хилари Клинтон за добивање на довербата кај Демократите во САД за неговата кандидатура за престојните претседателски избори во 2016-та. Берни Сандерс, нетипично за закоравената во канџите на крупниот капитал политичка сцена во САД, бележи пораст на полуларноста токму поради фактот што им се обраќа на „99-те проценти“, успешно изложувајќи ја нивната подредена положба и бивањето заложник на политиките на 1-от процент политичари, банкари од Вол Стрит и милјардери. Доколку Берни Сандерс не се соочи со опструкција од внатре, многу поверојатна е неговата кандидатура како кандидат на Демократите, имајќи ја предвид баналната кампања на Хилари Клитон. Уште повеќе, имајќи ја предвид се поголемата нетрпеливост на широките народни маси, дури и во САД, кон статус-квото во политиката, а при веќе јасното намалување на нивната куповна моќ, натрупаноста со кредити, невработеноста, социјалната несигурност и неизвесност, Берни Сандерс е сосема реална закана и за кандидатот на републиканците и нивната пропагандна машинерија заснована искучиво на напади и сеење на страв против секој, па макар и социјалдемократски кандидат. Означувањето на таквиот кандидат како социјалист, веќе не го дразни Американскиот народ онака како што го дразнеше во минатото. Поставени пред бездната на социјалната несигурност, Американците веќе немаат слух за либертаријанско бладање за што помало вклучување на државата во пазарот. Соочени со кредити и невработеност, Американците под водство на Берни Сандерс ќе побараат поголемо одвојување од буџетот за нивни потреби, а помало за воените авантури на Бушовата и Обамина Администрација. Во таква среќна констелација на односите, на крајот од хоризонтот видлива е интернационална солидарност на работничката класа во Центрите на империјализмот, САД и Велика Британија. Дури тогаш може да се надеваме на поинаква надворешната политика, на овие досега најагилни промовирачи на „слободниот пазар“ и корпоративното владеење, кое е воено обезбедено од НАТО Алијансата, дури тогаш може да се надеваме и на избегнување на уште една Голема војна како начин на решавање на противречностите и ќор-сокакот во кој се наоѓа капитализмот.

Така што, Социјалдемократијата во Западна Европа и се поголемата ориентација кон лево на Демократите во САД, треба преку своето политичко дејствување и барања да се вратат на реално остварување на своите декларативни заложби на социјалдемократијата и преземени обврски исклучиво во интерес на работниците, невработените и социјално угнетените. Во спротивно, социјалдемократијата (доколку не го оправда својот назив и доверба), треба сосема да се разобличи како политичка опција поблиска до естаблишментот и крупниот капитал, и како успешна алатка во оневозможување на работничката класа да ги преземе работите во свои раце. Воскреснувањето на социјалдемократијата во САД и Велика Британија е позитивно за самото политизирање и масовно вклучување на работничката класа во политичкиот живот, нешто што под плаштот на неолиберализмот беше непосакувано и исмеано. Јасно е дека социјалдемократијата сама по себе го нема клучот, го нема решението за актуелната политичко – економска криза. Нејзината лимитираност во желбата за долгорочно остварување на заложбите за социјална држава е веќе позната и однапред видлива. Сепак, лидерството кое го покажува и речникот кој го наметнува Џереми Корбин, дава први надежи дека одредени табу теми, досега стигматизирани како социјалистичка опасност за западниот „успешен брак меѓу парламентарната демократијата и капиталот“, ако не нешто друго, ќе бидат изложени како опции за поинакво обликување на социо – економската стварност во Британија, па оттаму и кон земјите на Европа. Во таквите услови, одењето уште полево од Левиот Центар ќе стане неизбежно! Политички освестената работничка класа ќе стане класно свесна и ќе го побара тоа.

 

Работничкото движење и партиско организирање во „земјите во транзиција“, (со посебен осврт на Р. Македонија) после победата на Џереми Корбин

Директно влијание на победата на Џереми Корбин врз социјалдемокатијата во т.н Земји во транзиција, меѓу кои е и Р.Македонија, е невозможно. Ова, оттаму што социјалдемократските партии во земјите од бившиот социјалистички Блок на СССР и Југославија се формираа на ad hoc основа веднаш после големиот крах на системот околу 1990-тата година. Тие ја немаа традицијата на работа и соработка со синдикатите. Претежно настанаа како наследнички на бившите комунистички партии, притоа радикално прекинувајќи секаква врска со напуштената идеологија, а во изградувањето на новата, социјалдемократската, не вложија никаква интелектуална и теоретска доследност, така што тоа беа партии само со таков назив, или само декларативна социјалдемократска програма, а во пракса беа една страна од истата паричка на дво или тро партискиот систем во гореспоменатите земји. Единствена интелектуална и теоретска доследност им беше додворувањето и послушноста спрема странскиот капитал и политичките национални и наднационални иституции на неолибераниот Запад. Оттука, јасно е зошто, Џереми Корбин во СДСМ не постои, а во самата партија не постојат структури желни за друга кадровска политика и политичка програма. СДСМ ја започна приватизацијата во 90-тите, а подоцна остана економски поставена кон третиот пат во „левицата“ воспоставен од Тони Блер, а политички продожува да биде опортунистичка партија која има некаква социјалдемократска програма само додека е во опозиција.

Оттука, од една страна, јасно е дека изгледи за „ентризам“ и одземање на кормилото во СДСМ од рацете на неолибералното владејачко крило во партијата е невозможно. Од друга страна, јасно е дека, исто битно, ако не и побитно од рушењето на конзервативната, националистичка и единствено во интерес на странскиот капитал власт во Р. Македонија на ВМРО ДПМНЕ, е и тоа каква опозиција ќе го спроведе тоа. Погоре изложената и на голем дел од народот во Македонија, веќе позната природа и улога на СДСМ, не` носи до заклучокот дека само НОВА РАБОТНИЧКА ПАРТИЈА може за прв пат во историјата на Р. Македонија да биде глас на угнетените работници, невработени, спротиставени етникуми кои не сакаат веќе да се конфронтираат на етно-религиска основа, да биде глас на студентите и младите без перспектива. Само НОВА РАБОТНИЧКА ПАРТИЈА може да донесе коренити промени во социо – економскиот живот. Таа нова партија треба да ја следи одважноста и храброста на Џереми Корбин во неговата успешна кампања која му го донесе лидерското место во Лабурстичката Партија. Тој на митинзите, отворено, пред своите сопартијци и партиски симпатизери, без политиканство и калкулирање се огради од десното застранување на партијата во времето на Тони Блер. Тој на провокативните прашања при интервјуа дадени за телевизии весници, отворено, со извадени ракавици, зборуваше за национализација на одредени гранки и за враќње на јавните добра од рацете на приватниот сектор. Тој издржано ги нападна погубните политики на козервативците кои ги наметнуваат врз грбот на социјално најинфериорните, притоа не плашејќи се да ги користи термините „работни луѓе“, „социјализам“ и „социјална правда“.

Оттаму, победата на Џереми Корбин за новата левицата во Македонија треба да значи и охрабрување дека јасното и гласно штитење на работничките права и јасното изложување на политиките кои се во интерес на работничката класа, па дури и тие да се стигматизирани од страна на владејачката идеологија, не треба да ги поколеба, затоа што таквата идеологија е наметната и во Велика Британија каде Џереми Корбин беше изгласан за лидер на Лабуристите токму врз основа на таквиот јасен приод.

Мнозиноство гласови за неговата победа не ќе беше добиено ако и тој се придружеше на граѓанскиот, наводно „прогресивен“ и калкулантски вокабулар на неговите конкуренти. Во тој случај поделбата на гласовите процентуално ќе беше многу блиска, а веројатно и голем дел од тие што излегоа да гласаат за Корбин, ако не беше неговиот нов приод и храбар вокабулар – немаше да излезат. Новата левица во Македонија треба да има нов речник, различен од тој на левиот центар и центарот кои ги имаат само декларативните заложби за демократија и човекови права и “враќање на средната класа“ чиј процес на уништување самите го започнаа. Спротивно на горкото искуство во транзицијата, социјализмот на овие простори сеуште е дел од колективната меморија како систем кој бил далеку подобар и поправеден од овој сегашниот. Новата левица социјалните придобивки од тој систем треба да ги претстави како нови, затоа што повторно треба да се извојуваат, оти се одземени. Новата левица мора да понуди сосема поинаква визија од онаа на левиот центар и центарот, зошто само таква визија ќе ги разбранува срцата на угнетените и обесправените и ќе ги извади од апатијата во која се наоѓаат. Новата левица ја има таа визија, само не треба да се стеснува истата да ја изложи, јасно, гласно и недвосмислено.

Зоран Василески

ДСП Ленка

Септември, 2015 година

 

 

1
img

Еден коментар на “ДЕН ПОСЛЕ ПОБЕДАТА НА ЏЕРЕМИ КОРБИН (И што тоа би можело да значи за Европа и Македонија)”

  • Ilija на 15.09.2015 во 13:20ч. напиша:

    Секоја чест за колумнава на Зоран Василески. Просто ме остави без зборови. Потполно се служувам со напишаното и изразувам безрезервна поддршка во идното, повеќе од потребно, раѓање на Новата Левица во Македонија.
    Илија Ристески

Цитати
  • Ти го имаш твојот начин. Јас го имам мојот. Што се однесува на правилниот начин, точниот начин, единствениот начин, тој не постои. Фридрих Ниче
Видео
Неколку прашања до добриот човек: (Бертолд Брехт)

Добар чоек си разбравме,
Но за што ти служи добрината?

Тебе да те купи никој не може
И молњата што дома удира
Не може со пари да се купи.
Разбравме што говориш. Ти кажав нели
Но што тоа кажувш
Прав си, збориш тоа што милиш,
Но што ли мислиш?
Храбар си
Но наспроти кого?
Паметен си
Но кому корист од тоа.

Не би ги превидел твоите бенефити
Пеки бе, тоа што не го привидуваш чиво е?
Нема што да ти се преговори на твоето пријателство,
Пријатели кои ли ти се?

Сега добро сослушајне:
Ти душман си наш
Под некој ѕид ке те истопориме
Но пошто имаш многу добри страни
Пред еден добар ѕид ке те истопориме
Со добри куршуми
Кои молњат од добра пушка ке те стреламе
Потоа ке те погребаме
Со добра лопата
Во добра земја!!!

ПРЕДАВНИК (Назим Хикмет)

„Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.
„Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“
Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум предавник!
Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.
Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!