Движење за социјална правда

Бегалската Криза е Криза На Системот

aylan_KurdiДеновиве низ социјалните мрежи и медиумите кружи морничавата фотографија на безживотното тело на тригодишното дете Ајлан Курди, кое пред неколку дена беше исфрлено од морските води на брегот на Бодрум во Турција, како резултат на несреќата која ја доживеа семејството при превртување на нивниот напукнат чамец, кое бегајќи од Кобане (Сирија), преку Турција и Европа сакаше да се засолни во Канада. Светските медиуми ја опишуваат како симбол на бегалската криза која се интензивизира периодов, најголеми критики одат кон Европа, која не може(!?) да се справи со оваа криза, вклучувајќи го и претседателот на Турција, кој не барајќи ниту трошка вина во себе, веднаш го впери прстот кон Европа. Но, фотографијата на ова мртво дете не е симбол на бегалската криза, туку е симбол на причината за ова масовно иселување, тоа е капитализмот, системот кој насилно се воспоставува од страна на империјалистичките сили, во кој една класа на луѓе, властодржците и богатите живеат привилегирано и управуваат со животите на „Ајланите“, кои најчесто завршуваат несреќно. Едно е јасно: ние немаме проблем со мигрантите, ние имаме проблем со капитализмот. Тригодишниот Ајлан Курди е жртва на овој систем.

 

 

Пред дваесет години беше основана Европската Унија, која денес брои 28 држави членки од кои 26 му припаѓаат на шенгенскиот визен режим со кој се овозможува слободно движење низ унијата, а притоа унијата изгради ѕид околу себе и ги затвори вратите за „неподобните“ заштитувајќи се од надвор, сега се соочува со милиони луѓе од сиромашните земји, кои ги принудуваат нејзините врати. Денес сиромашните од Блискиот исток, Северна Африка, Централна Азија сакаат да влезат во оваа тврдина, па настана ситуација во која, од една страна има бегалци кои, сакаат да се спасат себе си и фамилиите, а од друга страна алчни трговци и Европа која сака да ги отфрли овие „странци“ кои доаѓаат. Резултатот од оваа драма е „морски гробишта“. Според УНХЦР, ова лето во средоземното море се удавиле над 20.000 бегалци.

Патот на бегалците е макотрпен и морничав. Се соочуваат со полициско насилство, грабежи, глад, жед и што ли уште не за да стигнат до крајната дестинација, која најчесто е западна Европа. Сведоци сме на „заштитните мерки“ кои ги превземаа Бугарија и Унгарија, кои иако се европски членки, немаат капацитет да се справат со напливот на бегалци. Деновиве Унгарија расправа за донесување на закон со кој ќе ги криминализира бегалците, односно досегашното третирање како прекршок на илегалното поминување на границата ќе се смета за криминал. Додека Германија и Франција лицемерно изјавуваат дека треба да им се помогне на бегалците, веќе неколку месеци немаат превземено ништо конкретно. Европа почна да стравува од пробивање на економски мигранти заедно со политичките (оние кои бегаат од војна и диктатура), небаре има разлика.

Бегалците не одат кон најбогатите земји во светот како што се Саудиска Арабија, Катар, Кувајт и Емиратите, затоа што Саудиска Арабија одамна изгради 950 километарски ѕид.

Но, таканаречената „криза со бегалците“ не е само на овие простори. Имено, на американскиот континент мигрираат голем број луѓе претежно од Централна и Јужна Америка. На границата САД – Мексико, преку копно или океан секојдневно мигрираат луѓе кон САД. Работници, претежно жени од сиромашните земји на Југоисточна Азија, од Филипините, Индонезија, Шри Ланка и други секојдневно заминуваат кон персискиот залив, кон имотите на шејховите – окупаторите на овие земји, да им бидат слуги.
Работници од најсиромашните делови на Африка се иселуваат за да работат на места каде што е „малку подобро“ одколку кај нив, како на пример Јужна Африка, каде повеќето од населението живее во буквална беда. А да не заборавиме дека и во Африка има војна. Луѓето во Уганда (како и во Палестина) веќе 40-50 години живеат во кампови за бегалци од „помошта“ на Обединетите Нации. Дури и сиромашни луѓе од поранешните Советски земји се селат кон полу-развиените држави, како што е Турција, за да заработат за преживување.

Сепак, најмасовни иселувања се забележуваат од Сирија. Од 2011 година, односно од почетокот на т.н Арапска пролет досега околу 5 милиони Сиријци се имаат иселено во Турција, Либан, Јордан и други држави. Денес, најголем број од овие бегалци живеат бедно во местата каде што се населени. Турција е прв пример за оваа бегалска драма. Тогашниот премиер на Турција и некогашен близок ко „брат“ пријател на Башар Ел Асад со кој дури поминувал семејни одмори, пролетта 2011 поддржувајќи секташки групи од секаков вид во Сирија заедно со арапските шејхови одлучи да се сврти против Асад и вака се впиша во историјата како виновник, една од причините за граѓанската војна во Сирија. Од тогаш околу 2 милиони од овие бегалци се иселија во Турција. Тогашните медиумски изјави на Ердоган, кој патем критикувајќи го Асад, беа дека сиријските бегалци се добредојдени „гости“ во Турција и сите ќе бидат спасени од војната. Денес само околу 250 илјади од нив се згрижени во кампови за бегалци и се обезбедени со минимални средства за егзистенција. Над 1,5 милион луѓе немаат ниту покрив над глава, ниту училишта за децата, ниту болници за болните, па дури и тешко доаѓаат до леб за да се прехранат. Турските закони за азил се со расистички контекст, дури слични на оние од апартхејд системот. Турција не признава бегалци, освен оние дојдени од Европа. Ердоган и неговата гарнитура фразата „браќа по вера“ за бегалците од муслиманските земји ја користат само како медиумска пропаганда. Во суштина тие немаат никакви права во државата. Сега нивниот статус „гости“ премина во статус: „привремено заштитени“.

Но, секако овде не доаѓаат само оние кои се сиромашни и бегаат од војна. Доаѓаат и олигарси кои плашејќи се од континуитетот на војната, својот капитал го прераспределуваат на овие простори. Вака бегалската криза добива класна димензија. Се појавуваат класни разлики меѓу бегалците во Турција. За богатите и привилегирани бегалци се отвораат и приватни школи за нивните деца да го продолжат своето образование, додека останатите, сиромашните едвај сврзуваат крај со крај, работејќи по градежни објекти, земјоделие, текстил, сезонска работа, каде се третирани како евтина работна сила. За овој слој на луѓе и да се отворат школи нема фајде, затоа што тие се приморани да работат од младо до старо, бидејќи нивниот труд не им е платен и едвај преживуваат со заработеното. Капиталистичката класа ги „засака“ бегалците од Сирија во Турција, се створи уште една група слуги на Ердоган.

Истиот тој Ердоган деновиве по објавувањето на морничавата фотографија од удавеното дете го впери прстот кон Европа. Најголемиот дел од светската јавност е свртена кон Европа, како таа да го има клучот за решавање на овој проблем. Да, секако дека привремени решенија за бегалците може да се најдат, но не и перманентни. Перманентното решение лежи во промена на системот. Имеријалистичкиот капиталистички систем ги осиромашува земјоделците, ја уништува природата и природните ресурси, ги уништува семејствата, ги преселува селаните во градот, каде не им нуди работа, или ги експлоатира, каде ги присилува да просат, каде создава гладни и бедни луѓе далеку од своите домови. Ги тера овие луѓе по секоја цена да се селат во побогатите држави, дури превземајќи го ризикот од смрт по тој пат. Ете, тој ризик го презема и семејството Курди, кое сакаше преку Турција, низ Европа да стигне до Канада, каде би имале подобар живот. Но, од цело семејство на тој пат преживеа само таткото. Фотографијата од мртвото тело на најмладиот член, тригодишниот Ајлан Курди го обиколи светот, како симбол на овој нехуман систем, слика која покажува дека не е доволно да го жалиме несреќното дете, туку да се бориме против идни „Ајлани“, жртви на капитализмот.

ДСП „Ленка“
Септември, 2015

0
img

Цитати
  • Ти го имаш твојот начин. Јас го имам мојот. Што се однесува на правилниот начин, точниот начин, единствениот начин, тој не постои. Фридрих Ниче
Видео
Неколку прашања до добриот човек: (Бертолд Брехт)

Добар чоек си разбравме,
Но за што ти служи добрината?

Тебе да те купи никој не може
И молњата што дома удира
Не може со пари да се купи.
Разбравме што говориш. Ти кажав нели
Но што тоа кажувш
Прав си, збориш тоа што милиш,
Но што ли мислиш?
Храбар си
Но наспроти кого?
Паметен си
Но кому корист од тоа.

Не би ги превидел твоите бенефити
Пеки бе, тоа што не го привидуваш чиво е?
Нема што да ти се преговори на твоето пријателство,
Пријатели кои ли ти се?

Сега добро сослушајне:
Ти душман си наш
Под некој ѕид ке те истопориме
Но пошто имаш многу добри страни
Пред еден добар ѕид ке те истопориме
Со добри куршуми
Кои молњат од добра пушка ке те стреламе
Потоа ке те погребаме
Со добра лопата
Во добра земја!!!

ПРЕДАВНИК (Назим Хикмет)

„Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.
„Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“
Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум предавник!
Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.
Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!