Движење за социјална правда

Политичките андроиди од градот Стирополис

Ова е говорот на нашиот другар Андреј Јованчевски изречен по повод еден месец од бруталниот напад на македонската полиција врз студентите од Библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Скопје

 

 

Другари и другарки,

 andrejПомина еден месец од климаксот на граѓанската огорченост. Помина еден месец од кулминацијата на полициската жестокост. Но битно е да се подвлече дека не беа тоа безлични стихии што се судрија на 5 мај. Пред еден месец учествувавме во најинтимната средба насамосвесните граѓани и политичките андроиди. Интимниот простор и интегритетот на личноста се одамна пенетрирани од владиниот политички и полициски арсенал во оваа земја. Но на 5 мај андроидите се приближија кон идеалот на интимноста на нивниот програмер: преку насилство, тие ги помирисаа потта и крвта на нашите тела под окната на нивниот замок.

Се сеќавате како, откако со модри тела и души се обидовме да го нагрдиме тој замок, почнаа да не гонат по улиците на овој Стирополис. На голите раце и торбите со книги се спротиставија со штитови, палки и водени топови. Упаднаа дури и во последното наше засолниште, во домот на книгата, за да видат од каде ја црпеме смелоста да протестираме. Но наместо книги, листаа други ткива: телесните и емотивните ткива на студентите. Преседанот беше сигнал за нова реформа на хоризонтот: консумацијата на знаење – тој токсин за поданичката свест – се прогласува сомнителен, речиси криминален чин. Особено во ноќните часови, кога ензимите на знаењето имаат нагласено корозивен ефект врз тираниската дисциплина. Од библиотеките беа изнесени студенти, беа тепани, а подоцна притворени и неправедно осудени.

Еден месец подоцна се собираме за да се спротивставиме на криминализацијата на автентичниот студентски и граѓански револт. Наместо на карневал, се собираме на протест, за да кажеме дека не ни е до танц, песна и забава. Ние не сме бедуини, знаеме каде ни е домот. И знаејќи дека се готват и од дома да не избркаат, излегуваме пред него за да го одбраниме. Денес сме овде, за да им кажеме на самопрогласените богови дека Стирополис сепак не е Едем и дека библиотеките не се дрвја со забранети плодови, чиешто вкусување се казнува со протерување од рајските градини. Ако некој се плаши од слободната мисла, од свеста што се развива преку читање, тогаш нека не се приближува кон домот на книгата. Јавниот, а особено академскиот простор не трпи униформи и оружје. Таму никој нема право да го малтретира и тиранизира другиот. На 5 мај тоа експлицитно се случи, кога полициските служби упаднаа во градската библиотека “Браќа Миладиновци”. Токму затоа, денешниот протест го завршуваме со посета на тој заеднички дом, којшто е една од последните оази на слободната мисла и ги потсетуваме андроидите дека истиот нема да го запоседнат пред да го помодрат и последното око жедно за знаење. За крај, ајде да ги потсетиме и сите оние што презриво не гледаат и не прогласуваат за сепаратисти дека граѓанинот сам по себе е политички субјект и има право да го одбере начинот на којшто ќе протестира. Да им кажеме дека нашите вистински домови беа и ќе останат училиштата, универзитетите и библиотеките.

 

Добредојдовте дома!

 

05 Јуни 2015

Андреј Јованчевски

ДСП Ленка

 

0
img

Цитати
  • Оној кој не се движи, не ги забележува своите окови. Роза Луксембург
Видео
Неколку прашања до добриот човек: (Бертолд Брехт)

Добар чоек си разбравме,
Но за што ти служи добрината?

Тебе да те купи никој не може
И молњата што дома удира
Не може со пари да се купи.
Разбравме што говориш. Ти кажав нели
Но што тоа кажувш
Прав си, збориш тоа што милиш,
Но што ли мислиш?
Храбар си
Но наспроти кого?
Паметен си
Но кому корист од тоа.

Не би ги превидел твоите бенефити
Пеки бе, тоа што не го привидуваш чиво е?
Нема што да ти се преговори на твоето пријателство,
Пријатели кои ли ти се?

Сега добро сослушајне:
Ти душман си наш
Под некој ѕид ке те истопориме
Но пошто имаш многу добри страни
Пред еден добар ѕид ке те истопориме
Со добри куршуми
Кои молњат од добра пушка ке те стреламе
Потоа ке те погребаме
Со добра лопата
Во добра земја!!!

ПРЕДАВНИК (Назим Хикмет)

„Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.
„Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“
Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум предавник!
Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.
Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!