Движење за социјална правда

Каде започнува револуцијата-очајно потребна?

Некогаш, кога жолтите луѓе биле од друга планета, светот бил поделен на бели и црни луѓе. Белите биле поделени на класи, а сите тие биле поделени на мажи и жени. И тогаш, при крајот на 19 век, белите жени од средната класа решиле да пушат цигари на улиците. Решиле да работат за машка плата. Решиле да се решат од сексизмот. Ги стиснале тупаниците и решиле да се борат за своите женски права. Да се омажат за кого сакаат, да раѓаат ако сакаат и колку сакаат. Да спијат до пладне, да носат машки чевли, да купуваат и купуваат, да и’ се одмаздат на инквизицијата со тоа што ќе пцујат и проколнуваат и ќе пијат и спијат со кого и кога сакаат. Да добиваат од ружи до машини за перење со сигурност бар еден ден од годината. Да бидат рамноправни со мажите, а сепак, како што еднаш рече Мерлин Монро, да можат да бидат жени во овој машки свет.

Кога бев основче и не знаев што значат поимите како патријархат, експлоатација, доминација, некаква си родова компликација, мојот сунѓерест мозок го прими феминизмот како лицемерие, патетика и болест на очајните жени. Борејќи се против секакви автеритети, од денешен аспект, феминизмот во сите негови форми заслужува внимание, како некогаш марксизмот, како сега антикапитализмот, антимилитаризмот или антинацинализмот.

FeminismSS-Post
Борбата за еднаквост помеѓу луѓето не застанува на класна, национална или верска. (Потребата од социјалистички феминизам?)
Сметките, дечкото/мажот, децата, целулитот, штиклите, ручекот, косата, депилација, прекувремено работно време, оговарање, серии, кафе, главоболка, секс, немање секс, пеглање, прашина… Ако ти, како жена, ги градиш своите прашалници од вакви зборчиња, ако ја стискаш тупаницата кога очигледно е дека некој те гледа, а не те слуша додека зборуваш, ако сакаш да го промениш тоа и воопшто врските со светот, можеби зборуваме за социјалистички феминизам.

Порано или подоцна сите се соочуваме со овие прашања. Но дали овој “изам” ги дава сите одговори на прашањето за жената?

Еден од поголемите проблеми на жената е сексизмот, а социјалистките феминистки го нудат својот “изам” како крајно решение за сексизмот. Градат револуционерни теории на кои може да се укаже и без да се чита не знам каква стручна литература. Нудат грижа за работниците и ветуваат крај на економската нееднаквост за жената.

Јасно е дека феминизмот само како таков е преограничен за сите нееднаквости. Борејќи се против класната, социјализмот го дава потребното проширување. Овие жени делуваат и разумно и радикално, искажувајќи силна антипатија спрема реформистичките и солипсистичките замки во кои запаѓаат голем број жени, што во секој случај е една силно добра страна на “измов”.

Керол Елрич беше дала многу соодветен пример за една таква замка: во април, 1976 година во Бостон, 1400 жени присуствувале на женска конференција за спиритуалност. Енергијата и сите можности за конкретно политичко делување можеле да се искористат поразумно, отколку за баење, размена на најнови пагански идеи и курсеви по стомачни танци и ху-ха ритуали. Или кога завршила Сузан Сакс во затвор, група феми-вештици се собрале на бдеење за да ја извлечат од зандани како таа би левитирала. Ако се согласувате со мене, ќе се согласите дека жените се мрднале од мозокот. И можеби ќе се согласите дека групното гледање на кафе денес е исто толку бизарно трошење време, кога на крајот од денот, наместо да работиме на проблемите, маваме желби за да се средат самите од себе.

Друга опасност со која се соочува феминизмот низ историјата е реформизмот, кој може да е поголема опасност и од бизарните психички игри. Иако некои феминистки тврдат дека упорниот и стратешки добро разработениот реформизам може да донесе до промени баш од центарот на експлоаторството, најчесто резултатот е само залудно потрошена енергија. Анархистките најдобро знаат зошто: никој не може да се ослободи од неслободата само ако седне на престолот на доминацијата. Изборната политика е меч со две острици. Претставниците, макар и хард кор жени кои тргнале со чиста и чесна идеја за промени и револуција, влегувајќи во хиерархиската стапица често и несвесно се корумпираат. На крај, наместо тие да управуваат со институциите, институциите управуваат со нив. Реформизмот е уште поопасен во вакви капиталистички услови. “Феминистичката економска мрежа” што покренуваше акции за борба против капитализмот одвнатре системот и акции за подигнување на економската моќ на жената, во Детроит во април 1976 година, започна со својот прв проект. За членарина од сто долари, сите привилегирани жени пливале во приватен базен, пиеле во приватен бар, добивале разни попусти во бутици, а жените што се вработувале таму и им нуделе услуги на жените-гостинки, добивале плата од два и пол долари по сат. Ова било најавено како почеток на феминистичка економска револуција.

Изборната политика и модниот капитализам се револуција?

Ако да, успешна е. За жал. Но едни други жени што не сакаат да бидат гледачки на кафе, политичарки, ситни капиталистки, што не сакаат да го победат сексизмот со дрско носење бела кошула над црните градници, можеби навистина знаат подобро. Можеби тие жени не слушнале за анархо-феминизмот бидејќи навистина малку се пишува за него (или пак се пишува само во лош контекст), но можеби и знаат дека тој нуди и подобро смислени теории и решенија за проблемите што ги имаа жените пред стотина години, а ги има и жената денес. Малку понашминкани, но истите проблеми.

Денес не е важно дали претставниците се жени или мажи. Не е важно колку се големи попустите во бутиците за нас. Не е важно колку слободно време добивме со три пати по осум.

Ние ја немаме моќта. Моќта ја има некој друг. А жената што некогаш сакала да го победи мажот, само го презела неговото место и денес не е ништо подобра од него. Како што не беше ни тој многу подобар од неа кога некогаш беше едиствената алатка на капитализмот.

 

Анархо-феминизам како револуција во секојдневниот живот

Денес за анархизмот како убедување или воопшто не се пишува или се пишува лошо.
Додека многу прашања за жената се’ уште висат под прашалници, радикалните и социјал-анархистичките феминистки се трудат да дојдат до одговори и решенија. Дали имаме целосна контрола врз нашите тела? Која е алтернативата за “нуклеарно семејство”? Што со хетеро и хомосексуалноста? А, абортус? Економска и социјална самостојност, ослободување од емотивната зависност, ослободување од сексизмот? Што е со развивањето позитивен став за себе си и борбата против машките авторитети врз тебе како жена?


Дали е возможна револуција во секојдневниот живот, нешто повеќе од обичен бунт и спектакл што го намамува духот на пасивизација после борбата или се смирува после договорената политичка трампа?
Она кон што целат анархофеминистките не е само одговор на вообичаените прашања на феминизмот, туку поставување на големото прашање на слободата да се биде човек.

Низ историјата, жените ги барале правата за живот рамноправен на мажите. Но не секоја жена има иста боја на кожа, иста вера, култура и убедувања. Да не се заборави дека луѓето се поделени не само по пол. Она што анархистките не забораваат да го испуштат борејќи се за еднаквост, се баш расните и класните разлики не само помеѓу сите жени, туку помеѓу луѓето воопшто. Сите социјални разлики се производ на моќта. Во случајот со половата нееднаквост, мажите отсекогаш се тие со повеќе привилегии и повеќе вредност. Така се развива и тоа самата го развива – културата на патријархатот. Но машкоста не секогаш подразбира доминација толку колку што самата доминација е претставена како машка вредност. Патријархатот, особено во капиталистичко општество, ги тренира мажите како машина за пари и моќ и сам им ја дозволува моќта за контрола врз нештата. Но сепак ги поставува погоре или подолу на скалата на хиерархијата.

Класните разлики, расизмот и капитализмот во минатото јасно ги издиференцирале мажите по боја и статус пониско или повисоко на хиерархиската скала. Сиромашните фамилии, обоените луѓе, “нееманципираните”, повеќе го чувствуваат теретот на патријархизмот, чувствувајќи обврска да бидат поуспешни, поспособни, подобри мажи, немоќни во тоа додека капитализмот не дозволува да се уништи балансот на елитата. Тоа, јасно, раѓа фрустрации кај овие мажи, а ударите на општеството што ги чувствуваат самите, ги пренесуваат со сета сила кон жените во своите фамилии.

Тие мажи не можат да се одбранат од класните разлики што ги болат, па ја бараат моќта преку контролата врз жената. Системот е таков и е поврзано се’, па овие мажи имаат потреба од моќ и најлесна е моќта врз жената, која што по законите на патријархатот, треба да биде трпелива, нежна, пожртвувата, целосно посветена на фамилијата и на потребите на мажот, најмалку на себе си.

smash-patriarchy

Поради мрежата на разните видови доминација, анархистките не се задржуваат само на прашањата на немоќта на жената. Нивната основна идеја е да се укинат сите видови на доминација и моќ. Сите видови на репресија. Сите можни општествени ситуации во кои што луѓето можат да се угнетуваат едни со други. Не веруваат дека ако моќта е во рацете на жената, конечно ќе имаме ненасилно општество. Ниту пак ако каква било револуција е водена од елитата или каков било авторитет.

Она кон што целат овие жени е идејата луѓето да работат заедно, а не како изолирани индивидуи. Секое хиерархиско уредено општество (водено дури и од работничката класа) на крајот резултира со нови облици на доминација. Некои луѓе пак нема да бидат слободни.

За некои, текстот уште од почетокот можеби звучи премногу уназадено и историски. Ќе рече дека светот се менувал и се’ уште се менува, па така и статусот на жената во општеството. И најверојатно ова ќе го кажат луѓето што се чувтвуваат како слободни. Но што значи слободата? Слободни сме ако преживуваме или уживаме некаков економски комфор? Шопинг, ресторани, одмори, забава?

Луѓето се слободни само кога уживаат комплетна слобода врз сопственото тело. Но и денес, како и пред многу години, таквата слобода најмалку ја чувствуваат жените.

Сите прашања на феминизмот ќе бидат одговорени со неважни решенија ако се заборави прашањето што го поставува анархизмот.

Затоа анархо-феминистките плукаат по секаква доминација во потрошувачкото општество и револуции преку спектакли. Додека сме само актери или публика на сопствената судбина, ќе бидеме и само објекти. Никогаш субјекти. Вистинската револуција не се случува на улиците. Таа започнува во нашата глава, се шири како вирус по телото, во домот, па го дури тогаш излегува надвор за да го промени светот.

 

Авторка:
Радмила Ванкоска

0
img

Цитати
  • Единствен начин да се излезе од магичниот круг на нееднаквост е да се промени целиот систем. Alieen O Caroll
Видео
Неколку прашања до добриот човек: (Бертолд Брехт)

Добар чоек си разбравме,
Но за што ти служи добрината?

Тебе да те купи никој не може
И молњата што дома удира
Не може со пари да се купи.
Разбравме што говориш. Ти кажав нели
Но што тоа кажувш
Прав си, збориш тоа што милиш,
Но што ли мислиш?
Храбар си
Но наспроти кого?
Паметен си
Но кому корист од тоа.

Не би ги превидел твоите бенефити
Пеки бе, тоа што не го привидуваш чиво е?
Нема што да ти се преговори на твоето пријателство,
Пријатели кои ли ти се?

Сега добро сослушајне:
Ти душман си наш
Под некој ѕид ке те истопориме
Но пошто имаш многу добри страни
Пред еден добар ѕид ке те истопориме
Со добри куршуми
Кои молњат од добра пушка ке те стреламе
Потоа ке те погребаме
Со добра лопата
Во добра земја!!!

ПРЕДАВНИК (Назим Хикмет)

„Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.
„Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“
Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум предавник!
Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.
Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!