Движење за социјална правда

ДОСИЕ „ЛОЗАР“

Во прилог го објавуваме оригиналниот текст на писмото коешто ДСП „ЛЕНКА“, заедно со стечајните велешки работници од АДАК „ЛОЗАР“ – Велес, уште во декември 2010 година го испрати до сите надлежни државни институции – барајќи овие луѓе да бидат опфатени во поранешниот „Закон за стечајци“ (2008). Иако со него се докажува целосната правна оправданост на барањата на стечајците, сепак, тие не добија ниту денар од предвидените средства. Со оглед на тоа што постојат шпекулации дека велешките „лозарци“ повторно нема да бидат опфатени и со новиот закон кој што се подготвува – ДСП „ЛЕНКА“ сака да ја актуелизира голготата на овие вистински жртви на транзицијата и да обзнани дека ќе ги искористи сите правни и вонправни методи на борба за овие луѓе конечно да го добијат она што природно им следува!

* * *

Д О : ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА1

бул. „Илинден“ бб.; 1000 – Скопје, Р. Македонија
www.vlada.mk / тел. 389 (0)2 3118-022

* Претседател на Владата на РМ: г. Никола Груевски (лично)

* Заменик на претседателот иМинистер за финансии: Зоран Ставрески

* Заменик претседател задолжен за економски прашања: Владимир Пешевски

* Генерален секретар: Кирил Божиновски

 

И С П Р А Ќ А :

– ДВИЖЕЊЕ ЗА СОЦИЈАЛНА ПРАВДА „ЛЕНКА“ – Скопје

– ЗДРУЖЕНИЕ НА НЕВРАБОТЕНИ ЛИЦА ОСТАНАТИ БЕЗ РАБОТА

ПО БИЛО КОЈ ОСНОВ НАД 50 ГОДИНИ СТАРОСТ – „СТРАВ“ – Велес

– АСОЦИЈАЦИЈА „МАГНА КАРТА“ – Велес

 

П Р Е Д М Е Т: ДОСИЕ „ЛОЗАР“ Велес – АДАК во стечај

(ОБРАЗЛОЖЕНА ПРАВНА АРГУМЕНТАЦИЈА ВО ПРИЛОГ

НА СТЕЧАЈНИТЕ РАБОТНИЦИ ОД ОВА ПРЕТПРИЈАТИЕ)

 

Почитувани,

се обраќаме до Вас како државна институција директно инволвирана во овој „случај“, со цел добронамерно и без никакви дневно-политички и партиски позадини, да Ви укажеме на некои правни аспекти кои се во несомнена корист на поранешните 150 стечајни работници од некогашниот гигант АДАК „Лозар“ – Велес.

*

За почеток, би сакале да Ве информираме дека во полугодишниот период од месец декември 2009 до месец јуни 2010 година, Движењето за социјална правда „Ленка“ (Скопје) спроведе, досега единствена, сериозна научно-истражувачка студија од областа на трудовото право и законодавство,којашто се занимава со проблематиката на работничките права во РМ од нејзинот осамостојување до денес– насловена како: „Обезвреднување на трудот – Анализа на трудовоправната легислатива во периодот на транзицијата“.2 Во неа учество земаа неколку доктори на науки и магистри од различни универзитети од РМ, како и дипломирани правници, економисти и политиколози – а беше помогната од меѓународната фондација „Роза Луксембург“, со седиште во Берлин (Германија).

При спроведувањето на оваа опсежно јуристичко истражување, прво од ваков вид во нашата држава и во Југоисточна Европа, ангажираните правни тимови, открија неколку „пункта“ на противуставни одредби – и решија да поведат над десетина постапки пред Уставниот суд за разни закони од оваа проблематична сфера – носени во различен период од страна на различни политички коалиции – од коишто една е и за Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година (Сл. весник на РМ, 87/08).

*

При нашата неодамнешна промоција на оваа студија во Велес (10.XI.2010), остваривме контакт со членовите на Здружението на стечајни работници од овој град – „Страв“, кадешто ни беа дадени значителен број правновалидни документи кои одат во прилог на тезата дека поранешните вработени од Агрокомбинатот „Лозар“ АД во стечај – Велес сосем неоправдано и без никакво правно издржано образложение не се земени во предвид при опфатот на лицата кои остваруваат право на паричен надоместок, согласно актуелно-важечкиот и популарно наречен „Закон за стечајците“ (2008) – и покрај тоа што оваа мала група од 150 лица несомнено ги исполнуваат сите таксативно наведни законски услови (по принципот numerus clausus)!

Имено овие лица, кои поради нивната специфична возрасна и квалификациона структура е „ѓаволски“ тешко повторно да се вклучат на компетитивниот пазар на труд – па според тоа се и вистинските „жртви на транзицијата“ во правата смисла на зборот – работеа во поранешното големо земјоделско претпријатие АДАК „ЛОЗАР“ коешто, како своевидна мајка-фирма, подоцна се раздели на 19 самостојни правни субјекти.

ДОКАЗ 1 (во прилог): Договор за консалтинг услуги со „Б & Љ“ ДОО – Скопје за изработка на Програма за начинот на остварување на трансформацијата на Агрокомбинатот „Лозар“ АД Титов Велес – под бр. 02-1342 (од 27.X.1995).

Впрочем, ноторен и општопознат факт (facta notoria) е тоа што друштвото во кое работеa овие 150-на „стечајци“ – „ЛОЗАР“АД со Ц.О. во стечај од Велес, а за кое сè уште се води стечајна постапка пред Основниот суд Велес (под Ст. бр. 53-70/2004), како поранешно „општествено претпријатие“, не беше и сè уште до овој момент не е целосно приватизирано, туку in ultima linea само e започнато со трансформација и преструктуирање по модел на „преземање на управување“ (што, според нашето позитивно трговско и деловно право – како дел од корпусот на Ius privatum – е сосем различно) – бидејќи стечајната постапка е во тек и уште не е завршена, односно беше извршена само статусна промена (oд типот „поделба на АД“), а не и промена во сопственичката структура на капиталот, согласно со општите одредби на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (Сл. весник на РМ – 38/93, 21/98, 25/99, 39/99, 81/99 и 49/00) и другите закони кои ја регулираат оваа сензитивна и мошне комплицирана правна област.3 Тоа беше направено со единствена цел усогласување со подоцна донесениот, а тогаш новиотЗакон за трговски друштва(Сл. весник на РМ – 28/96, 7/97, 21/98, 37/98, 63/98, 31/99, 81/99, 37/00, 31/01, 50/01) – денес вон сила!

ДОКАЗ 2: Спогодба за делбен биланс по однос на права и обврски кои произлегуваат од Агрокомбинатот „Лозар“ АД со Ц.О. – Велес(8.V.2002).

Во меѓувреме, подлабоко и интензивно истражувајќи го случајов in concreto, нашите правни тимови дојдоа до следниве сознанија кои сакаме да Ви ги предочиме, со цел да ги земе предвид при планирањето на Вашите следни дејствија во насока на изнаоѓање конечно, се надеваме позитивно, решение за овој не толку голем број лица – и со тоа взаемно да помогнеме во ставање крај на нивната две и пол годишна голгота во која се втурнатаи без нивна волја и, што е уште позначајно, без никаква нивна вина:

а) нивното претпријатие, кое првенствено се занимаваше со вршење земјоделска дејност, е започнато да се трансформира согласно lex specialis – а тоа е Законот за трансформација на претпријатијата и задругите со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделско земјиште(Сл. весник на РМ – 19/96, 25/99, 81/99; чиј пречистен текст излезе во бр. 48/00 – во понатамошниот текст скратено: ЗТПЗОКСЗЗ) – а не според lex generalis-от Закон за трансформација на претпријатијата со општествен капитал(1993 – скр. ЗТПОК). Со други зборови, од страна на службите на АВРМ, тука е извршена еклатантна errorеs iuris т.е. „погрешна примена на материјалното право“ бидејќи, и покрај обврската на органите кои постапувале во овие случаи, воопшто не е применет императивниот чл. 3, ст.1, т.б од ЗТПОК/93 во кој, изречно, се вели дека: „трансформацијата, според овој Закон, не се врши на претпријатија, и други правни лица кои стопанисуваат со водите, шумите, земјиштето и другите јавни добра…“.

ДОКАЗ 3: Примерок од ЗТПЗОКСЗЗ (1996) – Пречистен текст.

б) Argumentum a fortiori, свесно или не, не е применет ниту задолжителниот чл. 21, ст.2-3 од наведениот посебен ЗТПЗОКСЗЗ/96, според кој: „Ако со контролата се оцени дека е оштетен општествениот капитал, јавниот правобранител покренува соодветна постапка за поништување или за утврдување на неважност на одделни акти или договори, склучени на штета на општествениот капитал. До завршувањето на постапката од ст. 2 на овој член не може да се започне или продолжи со трансформацијата согласно овој закон (!).

ДОКАЗ 4: Извештај за извршена контрола и констатирани неправилности бр. 03031-000007 (17.III.2003) од УЈП – Регионална дирекција Прилеп – Министерство за финансии на РМ.

При нашето макотрпно теренско и архивско истражување низ бирократските затворени лавиринти на државната и судска администрација, преку нашите членови и активисти, откривме дека – по извршената контрола од страна на УЈП во која се откриени бројни неправилности – Јавното правобранителство на РМ, сосем коректно и исправно – на 30 мај 2003 година – со Тужбабр. 567103, потпишана од страна на тогашниот Заменик јавен правобранител за подрачјето на Велес – г. Никола Димовски (сегашен адвокат), а поднесена до Основниот суд Скопје I, побарала поништување на уписот т.е. бришењето на Агрокомбинат „Лозар“ АД со Ц.О. – Велес (како своевидна „мајка-фирма“).

ДОКАЗ 5: Тужба бр. 567103, од 30.V.2003 година, поднесена од страна на Јавното правобранителство на РМ.

А бидејќи оваа постапка сè уште, барем во правнорелевантниот период кој го опфаќа т.н. „Закон за стечајците“ (од 2000 до 2004 год.) не беше завршена и предметот беше активен т.е. не беше ставен ad acta – согласно погорецитираната законска одредба, која има директна применливост in concreto – трансформацијата се запира ex lege, затоа што на Tужбата поднесена од страна на правобранителот, како државен орган кој го штити државниот имотен интерес на РМ, и се признава суспензивно дејство по сила на закон и нема никаков простор за поинакво правно толкување (interpretatio iuris) или постапување!

А ова секако дека оди во прилог на нашата вистинита и, врз основа на овој нов факт, веќе докажана теза дека претпријатието во кое работеа овие луѓе, во критичниот момент на одење под стечај, беше со доминантна државна сопственост бидејќи неговата наводна „приватизација“ не можела да се спроведе истовремено и паралелно додека траела и постапката за поништување на оваа операција – по што станува кристално јасно дека Решенијата на Министерот за труд со кои не им се признава право на остварување паричен надоместок се противзаконити par excellence и може да се побиваат со вонредни правни средства за заштита на правата (extraordinaria auxilii) т.е. да се изнајде некое заедничко решение за нив како „група“.

Исто така, на наше огромно задоволство, известени сме дека од претставниците на поранешните вработени во АК „Лозар“ – Велес, веќе сенаправени обиди за успешна комуникација со Канцеларијата на претседателот на Владата – кадешто во Одговорот на претставката се вели дека: „дополнително доставените податоци за доминантна државна сопственост ќе имаат влијание кај оние поднесени барања каде барателите не го оствариле правото само поради неисполнувањето на овој законски услов“ (зат. цит.)

ДОКАЗ 6: Одговор од Канцеларијата на претседателот на Владата на РМ на претставка Бр. 07-997/2 (26.IV.2010).

In finito, сакаме да наведеме дека фактот што велешки „Лозар“ во критичниот момент на одење во стечај (кон крајот на 2004) беше во државна сопственост е општопознат во овој град, односно има третман на т.н. ноторен факт којшто, пак, согласно чл. 140, ст. 2 од ЗОУП не подлежи на докажување, и тоа поради следново:

  • Прво, АД „Лозар“ беше во групата на фирми-загубари коишто кон крајот на 90-те години влезе под добропознатиот т.н. FESAL II аранжман со ММФ потпишан од страна на Владата на РМ (Зошто би го склучила Владата ако таа фирма не била државна!?). Но, за жал, никој од тогашните вработени, а сега стечајци, никогаш не зема пари кои за нив беа предвидени и одобрени!? Подоцна, со ова друштво се подели на 19 самостојни трговски друштва кои беа негови правни сукцесори и солидарни должници и тој е бришан од судскиот регистар со Решение Срег. бр. 89/2002 поради статусна промена.

ДОКАЗ 7:

a) Преглед на тековниот статус на претпријатијата кои треба да се решат под ФЕСАЛ – 2;

б). Проценета вредност и структура на капиталот на деловите на А.К. „ЛОЗАР“ – Велес (преглед) изготвено од консалтинг фирма „Боро&Љупчо“ по претходно склучен Договор;

в) Сл. весник на РМ бр. 34 од 24.V.2002.

  • Второ, на АД „Лозар“ му беше поставен т.н. „владин повереник“ за заштита на државниот капитал во него! (Зошто би бил поставен ако друштвото не било државно!?).

ДОКАЗ 8: Одлука за именување на претставник на акции издадени на Агенција на РМ за приватизација во АД „Лозар“ – Велес, издадена од УО на Агенција за приватизација, под бр. 02-1634/1 до 02-1642/1 од 18.IV.2003 год.;

  • Трето, поранешната Агенција на РМ за приватизација не дозволи котирање на Берзата на повеќе од 35% од акциите, токму со цел да се зачува доминантната државна сопственост/капитал во АД „Лозар“!

ДОКАЗ 9: Одлука за продажба на државен капитал на друштвата произлезени од екс А.К. „ЛОЗАР“ А.Д. – Велес, издадена од Комисија за приватизација на Владата на РМ (1.VII.2002).

Симптоматично е тоа што, поради неразбирлива затвореност на институциите, пропаднаа сите наши обиди да дојдеме до било каква релевантна јавна исправа од Централниот регистар на РМ и од Основниот суд Велес со која се докажува сопственичката структура на друштвото во кое беа вработени овие лица!?

ДОКАЗ 10: Барања за увид во регистерска влошка.

***

НАПОМЕНА:

Согласно чл. 8 од „Законот за стечајците“: Владата на РМ, преку надлежните институции ќе обезбеди список со податоци за претпријатијата во кои Република Македонија се јавува како доминантен сопственик на капиталот и истиот ќе го достави до Агенцијата за вработување, во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Симптоматичен е податокот дека АВРМ ја испитувала структурата на вкупно 1.080 претпријатија – и, од сите нив, само во 167 (што е нешто околу 15%) се утврдила доминантна државна сопственост (!?) – што укажува на фактот за комплексноста на оваа материја.

ДОКАЗ 11: Известување бр. 03 – 171 по повод поднесено Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер од страна на Асоцијацијата „Магна Карта“ (12.III.2010)

Имено, цениме дека тука треба да се постави клучната дилема за поранешната „општествена сопственост“ – т.е.кој управуваше „од името на општеството“, кое нели беше „сечие и ничие“ и кој би бил формален титулар, односно дали она што беше т.н. неспоственички концепт на поранешната општествена сопственост од бившата СФРЈ е поблизок до денешната приватна или, пак, до денешната државна (републичка) сопственост? Ова, аrgumentum a maiore ad minus, може да се одговори на два начина:

а) експлицитнен начин (expresis verbis): контролата, согласно Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (1993) и сите негови подоцнежни измени и дополнувања, беше резервирана исклучиво за Владата на РМ – преку Комисијата за трансформација, подоцна преименувана во Комисија за приватизација (како државен орган кој штити државна, а не „општествена“ сопственост), а не за управните органи – бидејќи, повеќе од очигледно, е дека стануваше збор за заштита на јавен/државен интерес (utilitas publica) и тоа по службена должност (ex officio);

б) имплицитен начин (concludentio tacita): согласно чл. 2 од тогаш важечкиот Закон за јавното правобранителство (Сл. весник на РМ, 47/97) тоа се основа како служба на Владата на РМ која презема со закон определени мерки и правни средства заради правна заштита на имотните права и интереси на Република Македонија и врши и други работи утврдени со закон“ (слична одредба е и чл. 2 од актуелниот Закон за државното правобранителство – Сл. весник на РМ, 87/07). А токму овој, сега веќе самостоен државен орган, беше изречно задолжен за контрола и надзор над процесот на „приватизација“ во периодот на транзицијата – по што би следувал единствениот можен заклучок дека поранешната „општествена“ е најблиска со денешната „државна“ сопственост, бидејќи токму овој републички орган се грижел за нејзина заштита. Впрочем, зошто тој воопшто би се грижал за тоа ако оваа сопственост не била есенцијално поврзана со државата и нејзиниот интерес!?

А токму поради обемноста, деликатноста и комплицираноста на случајов, а особено во поглед на сопственичката структура на поранешните општествени претпријатија – да потсетиме дека сèуште, во научната јавност, се водат отворени академски (теоретски и практични) расправи од страна на нашите правни авторитети од оваа стопанска област и реномирани професори на Правните факултети (пр. д-р Стрезовски, д-р Зеленков, д-р Недков, д-р Беличанец, д-р Градишки, д-р Гелев и др.)

А, пак, а propo овој фамозен „владин список“, во најмала рака е чудно тоа што тој, од самата Влада, како доносител, од АВРМ и од МТСП како надлежни државни органи на управата, по принцип на „пинг понг“, непотребно се чува како класифицирана информација т.е. de facto, од непознати причини, има повластен третман, небаре станува збор „државна тајна“ и скоро никој го нема видено – иако екплицитно и од самиот законски текст се подразбира дека треба да се третира како „информација од јавен карактер“ и да се овозможи транспарентен и непречен пристап до истиот.

Во овој контекст, за крај, би го нотирале и фактот дека, во изминативе 10 месеципропаднаа сите наши правни обиди (вкупно петнаесет!!!) да стигнеме до него – согласно чл. 2, ст.2, чл. 4, ст.1 и чл. 10, ст.2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Сл. весник на РМ, 13/06) што оправдано нѐ ја отвора дилемата за неговото вистинско постоење како документ?

ДОКАЗ 12:

а) Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до АВРМ (Бр. 03-171) + Ургенција по повод непостапување по барањето + Повторена ургенција + Предлог за административно извршување (спроведување на непарично побарување врз основа на извршно решение) + Барање за спроведување дисциплинска постапка против службени лица (по кое не е постапено);

б) Барање за слободен пристап до информации до Влада на РМ + Ургенција + Жалба (Генерален секретаријат – под. Бр. сл. 14-2251/4);

в) Жалба до Комисија за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер (Бр. 07-84);

г) Барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот управен инспекторат при Министерството за правда (Уп1. Бр. 07-546);

д) Предлог за заштита поради незаконито дејствие на службено лице до Управниот суд на РМ (Успи.бр.3/2010) + Жалба против решение до Врховниот суд на РМ + Барање за остварување увид во списи на предметот;

ѓ) Претставка/поплака до Народна канцеларија при Кабинетот на Претседателот на РМ (Бр. 12-283/10) .

FIAT IUSTITIA PEREAT MUNDUS

*Правната анализа ја изработи м-р Димитар Апасиев.

Со искрена почит

и надеж за разбирање, помош и соработка

 

1 Примероци од ова Досие паралелно се испратени и до: Министерство за труд и социјална политика; Агенција за вработување на РМ; АВРМ – Центар за вработување Велес; Општина Велес и средствата за јавно информирање (пишани и електронски медиуми).

2 Автори: д-р Здравко Савески; м-р Димитар Апасиев, Александар Ковачевски и Кире Василев. Целата студија можете да ја најдете на интернет страницата: http://www.lenka.mk/mk/pamfleti-i-letoci/20—/download.html. Исто така, студијата е дистрибуирана во повеќе библиотеки ширум Македонија.

3 Законот за промет и располагање со општествениот капитал (Сл. лист на СФРЈ – 84/89, 46/90); Законот за трансформација на претпријатијата и задругите со општествен капшитал кои стопанисуваат со земјоделско земјиште(Сл. весник на РМ – 19/96, 25/99, 81/99 – пречистен текст бр. 48/00); Закон за приватизација на државниот капитал во претпријатијата (Сл. весник на РМ – 37/96, 25/99, 81/99, 6/02, 74/05); Закон за отстапување на деловни средства од страна на претпријатијата во коишто република Македонија и Агенцијата на РМ за трансформација на претпријатијата со општествен капитал имаат акции, односно удели (Сл. весник на РМ – 49/97, 30/02) и др.

Клучни зборови: , ,
0
img

Цитати
  • Револуцијата испарува и го остава зад себе само шлајмот на новата бирократија. Синџирите на измаченото човештво се направени од црвена лента. Франц Кафка
Видео
Неколку прашања до добриот човек: (Бертолд Брехт)

Добар чоек си разбравме,
Но за што ти служи добрината?

Тебе да те купи никој не може
И молњата што дома удира
Не може со пари да се купи.
Разбравме што говориш. Ти кажав нели
Но што тоа кажувш
Прав си, збориш тоа што милиш,
Но што ли мислиш?
Храбар си
Но наспроти кого?
Паметен си
Но кому корист од тоа.

Не би ги превидел твоите бенефити
Пеки бе, тоа што не го привидуваш чиво е?
Нема што да ти се преговори на твоето пријателство,
Пријатели кои ли ти се?

Сега добро сослушајне:
Ти душман си наш
Под некој ѕид ке те истопориме
Но пошто имаш многу добри страни
Пред еден добар ѕид ке те истопориме
Со добри куршуми
Кои молњат од добра пушка ке те стреламе
Потоа ке те погребаме
Со добра лопата
Во добра земја!!!

ПРЕДАВНИК (Назим Хикмет)

„Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.
„Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“
Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум предавник!
Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.
Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!