Движење за социјална правда

Општеството и безбедноста: Колку слобода би требало да жртвуваме за поголема безбедност?

Пред вас е уште едно дело на Драган Драча, овојпат филозофски текст кој го разгледува прашањето на слободата во едно општество преку повлекување на една историска паралела и поврзување на ова прашање со условите во модерното општество во кое живееме. Драча на доста умешен начин, користејќи дијалектички метод му дава една поинаква димензија на прашањето на слободата, а на тоа го надоврзува и прашањето на безбедноста, поентирајќи дека слободата различно се толкува во различни периоди и истата е во заемна корелација со економските, политичките и социјалните прашања. Овој текст претставува теоретски триумф врз метафизичките и апстрактни поетски жалопојки кои поимот слобода отсекогаш го обременуваат со произволности и нејаснотии. Или уште подобро кажано: слободата е историски факт (категорија), а не метафизичка халуцинација.

– I –

Човекот, како дел од материјалниот свет, како суштество изложено на делувањето на елементарните природни закони, никогаш не може да биде апсолутно слободен – да се биде апсолутно слободен значи да не се постои! Првиот и најопшт закон од кој човекот не може никогаш да се ослободи е законот на дијалектика: неговото тело, составено од истата нежива материја која го опкружува, се наоѓа во меѓусебна интеракција со неа- едно со друго заемно се одредуваат. И на човечкиот организам и на неговото опкружување делуваат идентични, елементарни природни закони по кои тие меѓусебно се поврзуваат. Значи, не само што природните закони одредуваат како ќе се однесуваат предметите во човечкото опкружување, туку и одредуваат како неговиот организам ќе функционира и на кој начин тој ќе трпи и врши повратен притисок на опкружувањето. Како посебен облик на организација на материјата – како жива материја, човекот е изложен и на делувањето на биолошките закони. Тој мора активно да ја продолжува својата егзистенција: мора да се храни, да спие, да се размножува. Делувањето на овие закони човекот не може да го спречи.

Тој може само да ги спознае, да ги изрази како формални правила и да ги стави во служба на своите интереси. Тој може затекнатата состојба на работите со својата свесна активност – труд, да ја трансформира во посакувана состојба на работите преку применување на спознаените природни закони. Човекот може да биде слободен, и е слободен, само онолку колку што му дозволува постоечката, затекнатата состојба на работите и колку што овладеал со природните и биолошките закони. Ваквата, релативна слобода во најчист облик возможно е да се разгледува и анализира во животинското царство каде таа јасно е ограничена со она што се нарекува закони на борбата за опстанок – посебно помеѓу нижите животински видови кои не стигнале до колективистичка организација на свеста. Колку е попримитивен видот, толку е помалку независен од поволните услови неопходни за неговиот опстанок и помалку е способен тие услови да ги создаде. Наспроти тоа, благодарејќи на тоа што со тек на процесот на еволуција човекот успеа да развие способност да ги сфаќа и да ги инструментализира природните закони, тој изби на врвот на ланецот на исхрана и стана доминантен вид.

liberte-egalite-fraternite

Покрај тоа што е физички и биолошки систем, човекот е и општествено битие. Тој својата егзистенција ја отстварува во интеракција со други луѓе, стапува во одредени односи со нив. Целокупноста на односите кои се воспоставуваат помеѓу луѓето го сочинува општеството. За да произведе материјални добра со кои ќе ги задоволи своите потреби, човекот мора затекнатите добра кои ги наоѓа во природата со својот труд да ги трансформира во облик погоден за конзумирање. Тој во процесот на производство стапува во односи со други луѓе и заедно со нив со посредство на трудот стапува во однос кон природата кој е повторно одреден од делувањето на елементарните природни и биолошки закони. Со тоа нужно и односите помеѓу луѓето во процесот на производство примаат карактер од објективните закони, независен од човековата волја. Овие закони не се вечни и непроменливи, туку се менуваат со промена на материјалните средства со кои општеството располага и нивната промена претставува историски развој на општеството. Секоја генерација на луѓе затекнува некоја веќе постоечка општествена поделба на трудот која понатаму ја продлабочува и променува во склад со промените во материјалните средства и продуктивноста на трудот.

Односите на луѓето во производството се основа на која се воспоставуваат сите останати односи помеѓу луѓето – политика, право, религија и т.н. Иако нивната врска со материјалниот свет е индиректна, посредувана од производните односи, и овие останати општествени односи се условени од објективните законитости на историскиот развој на општеството. Нормално, тоа не значи дека тие се од нив апсолутно детерминирани, туку просто дека човековата свест и нејзините творби не можат да излезат од рамките на својата историска епоха.

Значи, не само што директните активности на другите луѓе ја ограничуваат слободата на поединецот во општеството, туку тоа го прават и материјалните добра над кои постојат односи на приватна и колективна сопственост, како и законски прописи, морални норми… Робот во античка Грција бил најнеслободно од сите суштества – тој своето тело морал да го потчинува на волјата на господарот; кметот во феудална Франција бил слободен само додека плаќал натурални, парични и работни ренти на својот господар и во рамки на поседот кој не смеел да го напушти. Во таквите општества само мала група на луѓе била слободна – слободата на робовладетелите во античка Грција е ограничувана само од рамноправноста на другите “слободни граѓани” (исто така, робовладетели) во полисот – малку повеќе ако полисот бил уреден монархистички, а помалку ако бил демократски; слободата на феудалецот од власта на монархот и аристократијата со повисок ранг од неговиот. Уште повеќе, тие беа “послободни” од луѓето во денешното општество бидејќи располагаа со животите на потчинетите општествени класи.

Денес сите граѓани во западните капиталистички земји се формално еднакви пред законот – сите можат да располагаат со своето тело по своја сопствена волја и на сите им се гарантира право на приватна сопственост – право на стекнување и отуѓување на материјални предмети на одреден начин. Но, суштински не се сите еднакво слободни. Во денешното општество човек е онолку слободен колку што има предмети во приватна сопственост, односно пари како општ супститут, противвредност на сите материјални добра кои може да се поседуваат. Што ви вреди ако имате право да купите автомобил, ако немате пари да го платите и така својата формална слобода да ја претворите во вистинска? Иако денес гладниот или болниот човек без пари ништо не го спречува(во материјална смисла) да земи леб или лек од полиците на продавницата, тој тоа не може да го направи поради законот за заштита на приватната сопственост, етичките сфаќања според кои е неморално да се краде. Нормално, празните законски формули и моралните постулати нема да го спречат или одвратат очајниот човек тоа да го направи, туку реалните материјални санкции и државниот апарат за принуда кој стои позади нив.

Во денешниот општествен систем човекот со раѓањето наследува определен општествен статус, семејно богатство и углед, место во процесот на општествено производство…. а со тоа и помала или поголема реална можност да ја експлоатира својата општествено доделена формална “слобода”. Од тоа колку наследил и каде се родил зависи дали ќе може да си дозволи образование на некој елитен универзитет или ќе мора да го напушти средното училиште како би заработил за облека и храна, со што де факто се одредува неговото идно место во општествената поделба на трудот – дали ќе биде физички работник или инжиниер, менаџер, или ќе може сите свои потреби да ги финансира од дивидендите од наследениот капитал. Нормално, има примери на радикална промена, но тие се сепак исклучоци кои го потврдуваат правилото. Така поделбата на општествени класи, се репродуцира од генерација во генерација, пратејќи ги општите, објективни законитости на општествениот развој, условени со развојот на материјалните основи на општеството.

 – II –

Импликациите на ваквиот однос на природните, биолошките и општествените законитости кон слободата на поединецот, чиј составен елемент и предуслов е безбедноста, се повеќекратни. Пред се’, дури и безбедноста сфатена во најтесна смисла – како суштински физички интегритет на поединецот, истовремено е и многу повеќе од проста заштита од рушечките сили на природата бидејќи и бројни негативни општествени појави се манифестираат со посредство на материјални средства. За разлика од заштитата од рушечкото дејство на природата(како поплави, пожари и земјотреси) која човечката заедница ја развивала од самите почетоци на цивилизацијата, бидејќи тие појави им нанесуваа штета на сите слоеви и класи и го загрозуваа самиот општествен опстанок и развиток, човечките животи не само што не беа заштитени од загрозувачките фактори внатре во општеството, туку, напротив, најчесто беа најефтина роба во отстварување на туѓите интереси.

Војните се веројатно најрадикален и најчист облик на загрозување на човечката безбедност внатре во општеството. Тие се последно средство на општеството да ги реши натрупаните противречности помеѓу различните општествени групи. Во војната непријателот се уништува со гола физичка сила или се принудува на покорност. Историски разгледувано, облиците и начинот на водење војни, оружје и орудие, паролите и поводите се менуваат, но она што е константно е материјалната принуда, укинувањето на човечката безбедност заради отстварување на некој материјален интерес. Идејата дека сите војни би престанале кога луѓето би престанале да носат и произведуваат оружје е наивно и идеалистичко занесување и сонување. Оружјето не е ни предмет сам по себе, оружјето може да биде било кој материјален предмет ставен во функција на уништување на друго битие. И самото човечко тело е – како што покажуваат праисторијата на општеството и целото животинско царство – многу убиствено оружје. Малку пореалистични, но се’ уште безнадежно наивни се оние кои увидуваат дека државата не може да егзистира и да ја врши својата функција на помирување на спротивставените општествени класи и зачувување на дадениот поредок, па предлагаат само државата да поседува оружје. Нивните предлози се излишни, бидејќи државата по самата дефиниција е монопол на сила, државата е посебен слој на луѓе кои веќе имаат монопол врз материјалните средства за принуда(со други зборови: оружјето). Заради тоа војните денес најчесто се јавуваат како судир на држави.

Државата е општествена појава која настанала на одреден степен на развиток на цивилизацијата, поточно со развивање на поделбата на првобитната заедница на општествени класи и слоеви со продлабочувањето на поделбата на трудот. Конфликтите помеѓу слоевите и класите се редовна закана и кочница за развој на општеството и производните сили со кои тоа располага, бидејќи резултираат со големи материјални разорувања и човечки губитоци. Задача на државата е со закана и со примена на сила да ги спречи конфликтите. Но, државниот апарат не може да стои надвор од општеството – тој е негов составен дел; затоа тој најчесто настапува како заштитник на економската владеачка класа која доминира во постоечките економски односи а со тоа и во сферата на идеите, политиката и правото. Уште повеќе, државниот апарат најчесто се регрутира од владеачката класа. Сепак, понекогаш, државниот апарат настапува и самостојно, како заштитник на сопствените материјални интереси. Личниот интерес се прогласува за општ, се злоупотребува довербата на општеството. Тоа е она што во современите либералистички жалопојки се нарекува терор на државата над поединецот. Како што војните не можат да се укинат со закони и конвенции за оружје, туку само со отстранување на причината за судир на интереси, така ни државниот терор не може поинаку да се укине, освен со укинување на државите.

Останатите облици на директно физичко загрозување на животот на луѓето, како тероризмот, масовните и поединечни убиства, физичките осакатувања, тепашњето или менталното насилство, иако се помали по обем и по бројот на субјекти кои во нив учествуваат, имаат идентично потекло – различната положба на луѓето во општеството и материјалниот интерес кој од него произлегува. Она што е специфично е дека општеството организирано се бори против ваквите појави само доколку ги доживува како закана за постоечкиот поредок и на различни историски нивоа на развој и економски основи, овие појави или различно се санкционираат или воопшто не се санкционираат. Така денес е незамисливо камшикувањето на луѓе, а во античките робовладетелски држави било сосема прифатливо доколку камшикувачот бил робовладетел, а камшикуваниот бил роб. Уште повеќе, тоа било пожелно доколку било во функција на потчинување на волјата на робот, бидејќи го овозможувало опстојувањето на дадениот поредок. Но, ако робот и робовладетелот ги заменеа улогите, тогаш тоа било побуна, рушење на поредокот! Походот на градовите и ограбувањето и убивањето на жителите во непријателската држава до пред неколку стотини години беа сосема прифатливи, а во сопствената држава – беа тероризам. Истото е и денес – насилството кое е во функција на одржување на монополот на приватната сопственост е прифатливо бидејќи го овозможува одржувањето на капиталистичкиот систем, а идентичното насилство вперено против него е неприфатливо и против ова насилство државниот апарат организирано се бори. Од ова произлегува дека вистинската рамноправност помеѓу сите луѓе може да се постигне единствено со ставање на сите луѓе во еднаква положба кон материјалниот свет – со укинување на монополот на приватната сопственост. Ова е веројатно концепт кој на денешниот човек му е најтешко да го разбере, бидејќи тој е дел од општество чија основа е приватната сопственост и тој не знае за можноста за постоење на нешто поинакво. Укинувањето на приватната сопственост за него значи укинување на сиот постоечки свет.

 – III –

Одрекувањето и од онаа малку слобода која човекот денес ја поседува во еден вака економски, социјално и политички поделен свет заради поголема безбедност не е возможно. Напротив, да се бориш за слобода значи да се бориш и за безбедност. Колку повеќе човекот владее со објективната природа, биолошките и општествените закони, толку е помалку од нив зависен, а со тоа и побезбеден. Луѓето, ќе станат слободни кога ќе ги спознаат објективните закони на општествениот развој, кога ќе надвладеат со невидливите сили кои со посредство на материјалните предмети ги уништуваат човечките животи. Свеста за објективната општествена положба на поединецот е претпоставка за неговото ослободување, прв чекор за највисоката можна слобода – вистинска демократија. Тоа е борбата чиј исход е укинување на монополот на приватната сопственост, борба за ставање на сите луѓе во еднаква положба кон материјалниот свет. Дури тогаш сите луѓе ќе бидат навистина безбедни, бидејќи материјалните ресурси на општеството ќе им бидат на располагање на сите под еднакви услови, а интересот преку туѓи животи да се дојде до поседување на нешто ќе биде заменет со интересот за општо добро.

Извор: crvenakritika.org
Превод и краток вовед: ДСП Ленка

0
img

Цитати
  • Единствен начин да се излезе од магичниот круг на нееднаквост е да се промени целиот систем. Alieen O Caroll
Видео
Неколку прашања до добриот човек: (Бертолд Брехт)

Добар чоек си разбравме,
Но за што ти служи добрината?

Тебе да те купи никој не може
И молњата што дома удира
Не може со пари да се купи.
Разбравме што говориш. Ти кажав нели
Но што тоа кажувш
Прав си, збориш тоа што милиш,
Но што ли мислиш?
Храбар си
Но наспроти кого?
Паметен си
Но кому корист од тоа.

Не би ги превидел твоите бенефити
Пеки бе, тоа што не го привидуваш чиво е?
Нема што да ти се преговори на твоето пријателство,
Пријатели кои ли ти се?

Сега добро сослушајне:
Ти душман си наш
Под некој ѕид ке те истопориме
Но пошто имаш многу добри страни
Пред еден добар ѕид ке те истопориме
Со добри куршуми
Кои молњат од добра пушка ке те стреламе
Потоа ке те погребаме
Со добра лопата
Во добра земја!!!

ПРЕДАВНИК (Назим Хикмет)

„Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.
„Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“
Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум предавник!
Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.
Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!