Движење за социјална правда

Никогаш не можеме да ја повредиме Природата освен ако не делуваме против сопствената добробит

Ти си, о душо, родена од едно посебно стебло. Ти си гранка од тоа стебло. Колку и да е гранката оддалечена од тоа стебло, сепак останува врската и складот меѓу стеблото и гранката. Но, ако нешто се постави меѓу стеблото и гранката, врската и храната се прекинуваат. Тогаш гранката мора да се исуши и да умре. Размисли за тоа, о душо, и во своето битие поверувај дека си предодредена да му се вратиш на твојот Создател. Тој е стеблото од кое растеш. Затоа отфрли ја сета нечистотија и целиот терет на материјалниот свет, за да исчезне се’ што те спречува да се вратиш во својот внатершен возвишен свет, кон своето стебло, кон своето потекло.

Колку добра и колку проклето вистинито-импонирачка размисла на големиот мистик, астролог и алхемичар, Хермес Трисмегистос. Вистинска контемплација за оттргнатоста на човекот од природноста. Има нешто злосреќно придушено во овдешниот и денешниот модерен човек: возгордеаниот капиталист (да звучам понежно „економист“) од една страна, и оној омаен Homo consumens, изманипулираниот потрошувач, од друга. И двајцата како да се одгледани во некаков плакар, висат на закачалката на несвесноста, та не можат да го видат и почувствуваат стеблото, апејронот што борави во секоја негова клетка, во секое животинче и растение. Да, тоа стебло е она „Ex nihilo“, божествената честичка. Тоа стебло е природата во секој од нас. Во нас е, ама при очи слепи сме. При сетила, неосетливи.

Смогот се постави како пречка меѓу стеблото и гранката. Гранката почнува да венее и да се суши. Енормната загаденост во Скопје, во Тетово, Кичево, Битола ја осакатува гранката. Кој е виновен за ПМ честичките – системот ли или самите себеси? Или обете, имајќи предвид дека ние го правиме системот? Односот на модерниот, „цивилизиран“ човек спрема природата постанал длабоко непријателски. Тој ја преобликува природата спрема неговите потреби без да сфати дека победата, сè повеќе и повеќе, постанува еднаква на уништување. Подзамижува пред фактот дека природните ресурси имаат своја граница, дека можат да бидат исцрпени и дека природата ќе се бори против човечката грабливост (Топилницата во Велес и Фукушима катадневно не’ потсетуваат на тоа). Индустриското (капиталистичко – компетитивно) општество гаи презир спрема природата – како и спрема сите работи кои не потекнуваат од парите и машините. Во услови на овој нео – либерален капитализам од индустриите не може да се очекува доброволно да извршат економско убиство, дури и за да би ги спасиле луѓето. Поради нашите гревови злото доби човечки облик, па правејќи обид да го уништиш злото, правиш обид над човекот. Луѓето повеќе ја сакаат идната катастрофа место жртвата (напуштање работно место во фирма загадувач) која би требало одма да ја поднесат. Бизнисмените нема денес да го жртвуваат растот за да ја спасат утре планетата. Грото од луѓето мантраат на парите и материјалното, над механичкото, обземени се со безживотното и – сè повеќе – со деструктивното. И веднаш се навредуваат и избувнуваат кога некој ќе им го чепне тоа мантрачко подрачје, кое сметаат дека одамна го освоиле, притоа заборавајќи на она начелното, суштинското – кога законите на државата или на бизнисот им противречат на законите на човечноста и природноста, вистинскиот човек мора да ги избере вторите!

Модерникот не сфаќа дека сечејќи го дрвото пред Бристол ја сече својата аура. „Цивилизираниот“ не сфаќа дека станал “монструм” на природата. Модерникот не сфаќа дека телото ни вибрира на иста фреквенција со онаа со која вибрира целата природа, дрвјата, животните.. Модерникот не сфаќа колку сме поврзани со природата, колку сме „earthling“. Модерникот не сфаќа дека болестите доаѓаат поради нарушениот природен баланс и дека лекот не се наоѓа во корпоративната фармација (научниците, најчесто под закрила на корпорациите, така grin2вешто ќе ве наговорат дека природата е неуспешна, дека вашето тело е случајна грешка и дека ништо добро не се случува без хемиска интервенција). Не сфаќа дека технологизацијата и неговата свест (со марксовски речник – општеството ја создава свеста, а не обратно) го направиле во голема мера независен од природните услови и физички го дистанцирале, оттуѓиле од сопствената природа.

„Кај работникот, дури и потребата за слободен воздух престанува да биде потреба; човекот се враќа во пештерата, но таа е затруена со смрдливиот здив на цивилизацијата и во која тој се вселува како во туѓа, привремена и несигурна, која може секој ден да му се измолкне, од која секој ден може да биде исфрлен ако не плаќа. Таа куќа на смртта тој мора да ја плати. Светлината, воздухот итн., наједноставната животинска чистота, престанува да биде потреба на човекот. Животен елемент станува нечистотијата, тоа пропаѓање, гниење на човекот, клоака на цивилизацијата.“

Карл Маркс, „Економско – филозофски ракописи“

Се поставува прашањето зошто грото од луѓето (модерниците) продолжуваат да бидат несвесни за сè? Зошто не сфаќаат дека трпејќи го злото (загадувањето) придонесуваат за неговото извршување? Можеби затоа што така им е пријатно, удобно, безгрижно. Слободата налага една огромна одговорност, а да се живее еден мртов, медиокритетен живот навистина е убаво; симпатично е да се движиш како неосетлив леш, бидејќи ништо не те допира – што и да се случува – тоа не е твоја грижа. Сомнабулизам! Психолозите велат дека секое тежнеење за рамнотежа и спокој е потсетување на состојбата внатре во материцата – детето во материцата напросто е како во рајот. Човекот и сега е во материцата – во материцата на несвесноста! Во маркетинг холокаустирана материца која налага паразитност и пасивност! А да ја напуштиш материцата на несвесноста значи по втор пат да се родиш! Излегувајќи од неа повторно се конектираш со Бога, со Тоа, со Природата!

Бидувајќи разминат од автомобил кој зад себе испушташе неподниливо токсична гасовидна супстанца, се запрашав – „А да почнам да им ги дупам гумиве на ова автомобиливе!?“ Подразмислив – Клименте, та тоа ќе биде сметано за злостор! Ти ќе скапаш во апсана. А она другото, тоа што токму тие автомобили ги дупат моите бели дробови, та тоа зошто не бидува сметано за злостор?- се побуни пак нешто во мене. Зошто уметникот скапува в затвор затоа што решил себеси да се „труе“ со божја тревичка, а оној, големецот фабрикант кој половина Скопје го труе (може да биде било кој друг град во кој вишнее некоја фабрика загадувач), фотељува и пирува? Чудни времиња! Чуден систем! Со чудни луѓе и испревртени вредности! Бензинот поскапел и сите тагуваат! Јас пак, нопак, се веселам! Во име на воздухов! Крикнувам – Човеку, па ти си заборавил дека имаш нозе! Раздвижи се малку!

grin3

Битола, „цивилизиран“ град

Апропо енормната загаденост, медицинската фела излезе со следниот „спасоносен“ совет: „На хронично болните и постарите граѓани кои имаат респираторни проблеми им се препорачува да не излегуваат од своите домови“. Си викам од кога тоа нашите домови се кислородно облагородени? Замисли, надвор Чернобил состојба, а твојот дом си нема гајле. Произведува кислород преку TV зрачењето, преку емитирањето турски серии, антиквизациски и парламентарни глупости на политичкиве квази интелектуалци, како и преку конзумеристичко-поттикнувачките рекламчиња. А и доколу подолго се разговара на мобилен седејќи на двоседот, така и телото можеби ќе се енергизира повеќе (да не беше трагично можеби и ќе се насмеев троа). А некогаш не’ учеле дека колку повеќе си надвор, во природа и зеленило (градовите се’ помалку го имаат), толку подобро здравје ќе имаш. Колку повеќе се движиш, толку подобро!

Види го оштествово, труло е до срж! – воскликнав по којзнае кој пат. Освен загаденоста која е во причинско-последичен однос со конзумеризмот, види како од ден на ден сè повеќе хемиски отрови се уфрлаат во нашата храна и вода, како неселението се изложува на задолжителни вакцини и слободна конзумација на фармацевтски производи. Зарем со тоа додатно не се менува природната структура и однесувањето на човекот? grin4Не се менува ли Земјата (тераформинг) во насока на полошо? Медиумите и науката нè наговараат да ги ‘прегрнеме’ новите, експоненцијално сè побројни технолошки промени и на крајот можеби доследно ќе ги прифатиме чиповите во сопствените тела, чија вистинска цел е општествена и економска контрола. Да, Орвеловиот Велики брат е надвиснат над нас и си меле во склад со својот новоговор!

И тешко на онаа земја во која политичари (корумпирани и мево-грижници) решаваат за еколошките прашања и кои навидум глумат загриженост префрлајќи го проблемот на опонентот (она клиширано „за ситни партиски поени“). Тешко на онаа земја во која еколошките НГО-а не се слушаат (а и онака голем дел од нив и не сакаат да бидат слушнати, туку нивните видни членови само конференцираат нешто) и немаат простор да го искажат својот став. Тешко мене како гледам маглини и чувствувам дека го снемува воздухов возејќи со точачено, а останатите само итаат некаде незнаејќи каде, ама намирисувајќи ја парата и не размислуваат за начините како побрзо да стигнат до неа.

Природата се’ уште трпенува спрема човекот. А до кога, зависи од самите нас. Неопходни се економски промени кои се можни единствено ако дојде до темелни промени во вредностите и однесувањето на човекот, како што се нова етика и нов однос спрема природата базиран повеќе на хармонија отколку на освојување (еко заедниците се мојата утопија и најголемата револуција!). Неопходна е една нова етика во користењето на материјалните ресурси и чувство за идентификација со идните генерации. Прв пат во човечкиот живот на Земјата, од човекот се бара да се откаже од она што може да го прави; од него се бара да запре со својот економски и технолошки напредок или барем да го насочи подруго отколку порано (биомиметика). На сцена се јавува еден мејнстрим, т.н. „зелен“ капитализам, кој и не е којзнае колку добра замена (сепак се работи за капитализам, а максимизирањето на профитот е железното правило на капитализмот), но релативно е подобар отколку овој „кафеав“ капитализам. Не постои учтив начин да се каже дека бизнисот го уништува светот! Цената на уништувањето на Земјата е во голема мера отсутна од цените поставени на пазарот. Од човекот сега се бара да се концентрира на органски раст на целиот светски систем. Без овие темелни промени, Homo sapiens самиот себеси ќе се осуди на пропаст.

grin5

Протести против загадувањето, Скопје

 

ПС – Охрид бил мртов град, немало ниедна фабрика – ќе се пожалат моите сограѓани. Уф, дај боже да остане мртов ако фабрико – отсуството го прави тоа мртвило. Кога би ги снемало и автомобиливе ќе има поголемо мртвило можеби. Ама сите дечиња ќе имаат црвени обравчиња! И јаболчиња здрави ќе си грицкаат! И пивка вода ќе имаат! Толку сме скршнале што се’ почнавме да проценуваме низ призма на капитализмот, конзумеризмот и диктатот на парите! Па дури и здравјето на нашите дечиња го ставаме во заден план!

Климент Арнаудов, активист на „Ленка“

0
img

Цитати
  • Слободата без социјализам е привилегија, неправда; социјализам без слобода е ропство. Михаил Бакунин
    Федерализам, социјализам и антитеологизам
Видео
Неколку прашања до добриот човек: (Бертолд Брехт)

Добар чоек си разбравме,
Но за што ти служи добрината?

Тебе да те купи никој не може
И молњата што дома удира
Не може со пари да се купи.
Разбравме што говориш. Ти кажав нели
Но што тоа кажувш
Прав си, збориш тоа што милиш,
Но што ли мислиш?
Храбар си
Но наспроти кого?
Паметен си
Но кому корист од тоа.

Не би ги превидел твоите бенефити
Пеки бе, тоа што не го привидуваш чиво е?
Нема што да ти се преговори на твоето пријателство,
Пријатели кои ли ти се?

Сега добро сослушајне:
Ти душман си наш
Под некој ѕид ке те истопориме
Но пошто имаш многу добри страни
Пред еден добар ѕид ке те истопориме
Со добри куршуми
Кои молњат од добра пушка ке те стреламе
Потоа ке те погребаме
Со добра лопата
Во добра земја!!!

ПРЕДАВНИК (Назим Хикмет)

„Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.
„Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“
Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум предавник!
Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.
Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!