Движење за социјална правда

АВТOНОМЕН КУЛТУРНО СОЦИЈАЛЕН ЦЕНТАР СО ОТВОРАЊЕ НА 22 НОЕМВРИ

Слободна, автономна зона, место каде солидарноста, креацијата и активизмот го имаат главниот збор, а каде хиерархијата не постои.

Создаван волонтерски, со огромна енергија и желба за придонес во заедницата. Таков е концептот на новиот Автономен културно социјален центар (АКСЦ) кој уште неотворен, предизвикува голем интерес кај граѓаните. Изминатиов месец група граѓани самите го креираат изгледот на центарот, а во исто време ја конципираат и програмата на настани кои ќе се одржуваат таму. Сега го имаме и датумот на официјалното отворање, 22 ноември. Во екот на завршните подготовки, разговараме со повеќе луѓе од АКСЦ кои се активно вклучени во неговото создавање.


Тие истакнуваат дека сите што се вклучија во создавањето почувствувале „точка на вриење“, момент кога на сите ни е доста од недостиг на „простор за реализација на идеи“, но и недостиг на иницијатива. Така, потребата се претвори во активност. Група граѓани реагираа и отпочнаа со работа.

Ана Тодоровска од АКСЦ вели дека сите кои се вклучија во создавањето на овој концепт почувствувале една општествена клаустрофобија поради недостатокот на вакви места каде што може да се почувствува духот на слободниот говор, критичко размислување, активизам.

– Истовремено, се обидуваме да го вратиме она што му недостига на денешното општество: топлина, солидарност, љубов, хуманост, заемно помагање, еднаквост, зашто во остварувањето на овие потреби лежи единствениот одговор на прашањето како се станува човечко суштество – вели таа.

Тони Димитров е исто така дел од тимот на АКСЦ и тој додава дека идејата за ваквиот Центар не е ништо ново, туку е само потреба, која досега не наоѓала простор во духот на времето и која конечно успеа да из`рти и во ова помалку конфузно поднебје.

Васко Торков раскажува дека во градов има сè помалку места каде човек може слободно да се изразува и да организира било какви настани.

– Ако до пред една година имаше неколку места каде што можеше бесплатно да се организира трибина, филмска проекција, јавна дискусија, промоција на книга, самостојна изложба и слично, денес таквите места речиси и да ги нема. Земајќи го тоа предвид, решивме да се собереме на едно место: активисти, уметници, работници, студенти, сите со слободарски идеи, да формираме еден ваков центар кој ќе се базира на слобода, рамноправност и солидарност и кој ќе биде автономен, самоодржлив и со хоризонтална структура и достапен за сите кои се пронаоѓаат во овие идеи – вели Торков.

aksc2

Како еден вид на генерална проба пред официјалното отворање на АКСЦ, се одржа и изложба на Лука Донини од Италија, како и проекција на неговиот филм „Walking“. Тогаш беше поставена и интерактивна амбиентална инсталација „Персонална утопија“ на Тони Димитров, кој вели дека тој настан послужил како еден вид на тестирање на просторот.

– Тоа беше несомнен показател за насушната потреба и жед на публиката и младите за независни иницијативи и простори од овој тип. Посебен акцент ставам на независни, бидејќи слично искуство се повторувало и со други единечни или краткотрајни независни иницијативи кои се случувале во нашиот град, што не е случај со институционалните иницијативи, барем не до тој степен. Тоа само ја потенцира онаа насушност и жед за вакви концепти и иницијативи за кој зборуваме – вели Димитров.

Тој објаснува и дека сиот овој пристап и солидарност добиваат поголеми димензии кога ќе станеме свесни во каква средина живееме, со колку оскудни услови располагаме како млади луѓе, со колку бедна инфраструктура, воедно и со каква незаинтересираност и исполитизираност се соочуваме од страна на институциите.

– Ситуацијата станува уште поочајна кога знаеме дека нема директна комуникација и соработка, а слободен простор сè помалку. Доколку ги впрегнеме сите наши, заеднички, потенцијали, без разлика дали се тоа идејни, енергетски, материјални или финансиски, во независен контекст, сите инволвирани во процесот добиваат. Токму затоа е значајна и ја повторувам потребата од комуникација и соработка, особено во вакви оскудни услови. Решенија секогаш имало и ќе има. Само треба да набиете доволно ентузијазам, комуникација, да се поврзете во заемна соработка и сè ќе се промени и дојде на свое место – рече Димитров.

aksc3

Искрената идеја и желба да се направи нешто за општо добро, ги поттикнаа луѓето и тие навистина креираа место кое ќе поттикнува позитивни промени, нови иницијативи, а кое воедно ќе биде и простор за разни дебати, проекции, настани. Секој носеше што може – столчиња и друг мебел, бои, разни материјали за реновирање. Самите бојадисуваа и преуредуваа, со сопствени средства и донации. Иницијаторите на АКСЦ објаснуваат дека така и ќе продолжат со сите активности и настани кои ќе функционираат по принципот на донации.

– Ќе дава кој колку може, кој колку има и кој колку сака. Сакаме да ја поттикнеме идејата за самоодржливост, самофинансирање и независност, да покажеме дека нема потреба да бараме спонзорства, да рекламираме некоја фирма, или да правиме компромиси за да го одржиме Центарот во живот. Има и поинаков начин, начин кој веќе функционира на многу други места низ светот, па зошто да не профункционира и кај нас- вели Торков.

Тодоровска пак вели дека Центарот се наоѓа во финалната фаза на својата физичка подготовка, но е на самиот почеток во креирањето на својата суштина.

– Ова е навистина голем предизвик. Во срцето на потрошувачкото општество кое промовира компетиција, егоизам и манипулација, изникнува револуционерната идеја која вели дека самоорганизирањето, соработката и солидарноста се патот кон похумано и послободно општество. Сакаме да се заблагодариме на сите оние кои на било каков начин помогнаа во реализирањето на ваквата идеја – објаснува Тодоровска.

Елена Станковска додава дека идејата за создавање на АКСЦ е по терк на веќе постоечки вакви центри во Европа со цел за социјализација и дружба која недостасува кај нас.

– Подготовките се при крај. Секој зема учество на посебен начин па затоа и местото ќе биде посебно, секој волонтер има замешано прсти и оставено по некоја емоција. АКСЦ ќе зрачи со позитивна енергија – вели Станковска.

Одговорноста и моќта лежат кај сите нас

aksc4

Токму поради тоа што АКСЦ е базиран на хоризонтален принцип, не постојат авторитети или водачи, Тодоровска вели дека одговорноста и моќта лежат подеднакво во секој од нас.

– Ќе се работи без профит, волонтерски и од срце. Ќе има секакви активности во кои секој може да се пронајде и да се вклучи. Сите оние кои ја поддржуваат идејата, можат слободно да се приклучат со сите свои таленти, замисли, потреби, сништа, или едноставно да дојдат да си помуабетиме со шолја топол чај – вели таа.

Во овој контекст, Станковска додава дека АКСЦ ќе се стреми кон изменување на општествените производствени односи.

– Таа определена целина ја сочинуваат сите волонтери, активисти од центарот чија иницијатива е преку организација на работилници, обуки, дружби да ја поттикнат граѓанската свест за социјализација и да дадат до знаење од какво знаечење е таа за човештвото.

 

Фотографии: Лилика Стрезоска и Доријан Миловановиќ

Преземено од: licevlice.mk

0
img

Цитати
  • Револуцијата испарува и го остава зад себе само шлајмот на новата бирократија. Синџирите на измаченото човештво се направени од црвена лента. Франц Кафка
Видео
Неколку прашања до добриот човек: (Бертолд Брехт)

Добар чоек си разбравме,
Но за што ти служи добрината?

Тебе да те купи никој не може
И молњата што дома удира
Не може со пари да се купи.
Разбравме што говориш. Ти кажав нели
Но што тоа кажувш
Прав си, збориш тоа што милиш,
Но што ли мислиш?
Храбар си
Но наспроти кого?
Паметен си
Но кому корист од тоа.

Не би ги превидел твоите бенефити
Пеки бе, тоа што не го привидуваш чиво е?
Нема што да ти се преговори на твоето пријателство,
Пријатели кои ли ти се?

Сега добро сослушајне:
Ти душман си наш
Под некој ѕид ке те истопориме
Но пошто имаш многу добри страни
Пред еден добар ѕид ке те истопориме
Со добри куршуми
Кои молњат од добра пушка ке те стреламе
Потоа ке те погребаме
Со добра лопата
Во добра земја!!!

ПРЕДАВНИК (Назим Хикмет)

„Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“
Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара, покрај сликата на адмиралот Вилијамсон
се смешка на 66 сантиметри квадратни, устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.
„Половична колонија сме на американскиот империјализам, рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“
Да, јас сум предавник, ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум предавник!
Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,
ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.
Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!